Дали Библијата премногу нѐ ограничува?
Дали Библијата премногу нѐ ограничува?
„КОГА бев дете, никој не ме поучи за библиските мерила. Не се ни спомнуваше Бог“, вели еден млад човек од Финска. Денес не е ништо невообичаено некој да биде воспитуван на таков начин. Многу луѓе, особено младите, сметаат дека Библијата е премногу старомодна и дека нејзините совети премногу нѐ ограничуваат. Ако некој сака да ја следи Библијата, луѓето го сметаат за беден човек, чиј живот е исполнет со забрани и заповеди. Затоа мнозина си мислат дека е подобро да ја остават Библијата да си стои на полиците за книги и да бараат совети на некое друго место.
Таквото гледиште за Библијата во голема мерка се должи на долгата историја на угнетување од страна на црквите на христијанскиот свет. На пример, во периодот што некои историчари го нарекуваат Мрачен век, католичката црква во Европа управувала речиси со секој аспект од животот на луѓето. Секој што ќе се осмелел да не се согласи со црквата, ризикувал да биде жртва на тортура, па дури и да биде погубен. И протестантските цркви, кои се појавиле подоцна, ја ограничувале личната слобода. Денес, зборовите како што се „калвинист“ или „пуританец“ нѐ потсетуваат не само на следбениците на извесни верувања туку и на строгите казни поврзани со таквите групи. Така, бидејќи црквите биле престроги, луѓето дошле до погрешниот заклучок дека и библиските учења сигурно се престроги.
Во последниве векови, црквите изгубиле многу од своето влијание врз животот на луѓето, барем во некои земји. Откако изумреа традиционалните религиозни верувања, многу луѓе почнаа да мислат дека имаат право сами да одлучуваат што е добро а што е лошо. До што довело тоа? Ахти Лајтинен, професор по криминологија и судска социологија, објаснува: „Почитта кон авторитетот се намалува, а на луѓето им е сѐ понејасно што е исправно а што неисправно“. Иронично е што дури и црковните водачи потпаднале на ваквото размислување. Еден угледен лутерански бискуп изјавил: „Почнувам да го избегнувам гледиштето дека моралните прашања треба да се решат со помош на Библијата или со помош на некој друг верски авторитет“.
Дали е пожелна неограничената слобода?
Идејата за неограничена слобода можеби звучи привлечно, особено за младите. Ретко кој би сакал да биде подреден или да мора да живее според список од забранети и дозволени работи. Меѓутоа, дали секој треба да има слобода да прави што сака? За да одговориме на ова прашање, да разгледаме еден пример. Замисли си еден град во кој нема никакви сообраќајни правила. Никој не треба да има возачка дозвола ниту да полага возачки испит.
Луѓето можат да возат каде сакаат, дури и во пијана состојба, и не треба да мислат на ограничувањата на брзината, на сообраќајните знаци за запирање, на семафорите, на еднонасочните улици или на пешачките премини. Дали би било пожелно да има една таква „слобода“? Секако дека не! Тоа би водело до хаос, неред и катастрофа. Иако сообраќајните правила и прописи ја ограничуваат слободата на луѓето, јасно ни е дека тие служат за заштита и на возачите и на пешаците.Слично на тоа, Јехова ни дава водство за тоа како да живееме. Тоа е за наша корист. Без такво водство, ќе мораме да извлекуваме поуки од лично искуство, но при тоа би си наштетувале и себеси и на другите. Таквата атмосфера на морална анархија би била исто толку непожелна и опасна како да се вози во град без сообраќајни прописи. Значи, факт е дека ни требаат некакви закони и правила — а повеќето луѓе би се согласиле со тоа.
„Мојот товар е лесен“
Сообраќајните прописи можеби содржат долг и детален список на правила — на некои места е огромен дури и само бројот на прописи за паркирање. За разлика од тоа, Библијата не содржи некаков долг список на правила. Наместо тоа, таа ни ги кажува основните начела, а тие не се тешки ниту престроги. Исус Христос им го упатил овој љубезен повик на луѓето во тоа време: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам. Зашто, мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:28, 30). Во едно писмо што апостол Павле им го напишал на христијаните во собранието во Коринт, тој им рекол: „Каде што е Јеховиниот дух, таму е слободата“ (2. Коринќаните 3:17).
Меѓутоа, таа слобода не е неограничена. Исус јасно кажал дека Божјите барања вклучуваат некои едноставни заповеди. На пример, Исус им рекол на своите ученици: „Ова е мојата заповед: сакајте се еден со друг како што јас ве сакав вас!“ (Јован 15:12). Замисли си каков би бил животот ако секој ја слуша оваа заповед! Значи, слободата што ја имаат христијаните не е без ограничувања. Апостол Петар напишал: „Живејте како слободни луѓе, но не како оние на кои слободата им е како покривка за злобата, туку како Божји робови“ (1. Петрово 2:16).
Значи, иако христијаните не се обврзани да се држат за некаков подробен список од закони, тие не постапуваат врз основа на своите сопствени сфаќања за тоа што е исправно а што е погрешно. На луѓето им е потребно водство што може да им го даде само Бог. Библијата јасно вели: „Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23). Ако го следиме Божјето водство, ќе извлечеме огромна корист (Псалм 19:11).
Една добра работа е тоа што ќе бидеме среќни. На пример, младиот човек што го спомнавме во почетокот бил крадец и лажел. Исто така, водел и неморален живот. Кога дознал кои се библиските високи мерила, се променил за да ги задоволи. „Иако
не можев веднаш да ги достигнам сите библиски мерила“, рекол тој, „сфатив колку се важни. Со мојот поранешен начин на живот не бев толку среќен како сега. Кога живееш според библиските мерила, животот ти е поедноставен. Имаш правец во животот и знаеш што е исправно, а што не.“Милиони луѓе можат да го кажат истото. Меѓу другото, советите од Библијата им помогнале да имаат подобри меѓучовечки односи, да имаат урамнотежено гледиште за работата, да не стекнуваат лоши навики и да бидат посреќни. Маркус, * еден млад човек што живеел и без библиските мерила и според нив, го вели следново за својот живот: „Откако живеам според Библијата, ми се зголеми самопочитта“. *
Што ќе избереш ти?
Значи, дали Библијата нѐ ограничува? Одговорот е ‚да‘ — за наша корист. Но, дали Библијата премногу нѐ ограничува? Одговорот е ‚не‘. Неограничената слобода води само до проблеми. Библиските мерила се разумни, и тие придонесуваат да ни биде добро и да бидеме среќни. Маркус вели: „Времето покажа колку беше мудро што ја применив Божјата реч во својот живот. Иако во многу работи мојот живот е поинаков од животот на другите луѓе, ни за момент не помислувам дека сум пропуштил нешто вредно“.
Кога ќе почувствуваш колку е убаво да се живее според библиските мерила, ќе се зголеми твоето ценење за Божјата реч. Тоа ќе води до еден уште поголем благослов — ќе го засакаш нејзиниот Извор, Јехова Бог. „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3).
Јехова е и наш Творец и наш небесен Татко. Знае што е најдобро за нас. Наместо да нѐ ограничува, со љубов нѐ води за наше добро. Со поетски зборови, Јехова нѐ поттикнува: „О, да внимаваше на моите заповеди! Твојот мир ќе беше како река и твојата праведност како морски бранови“ (Исаија 48:18).
[Фусноти]
^ пас. 13 Името е променето.
^ пас. 13 Нешто повеќе во врска со начинот на живот што е изнесен во Библијата можеш да прочиташ во 12. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 9]
Исус рекол дека Божјите барања ќе нѐ закрепнат
[Слика на страница 10]
Кога го следиме Божјето водство, среќни сме и имаме поголема самопочит