Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова богато ја награди мојата желба да бидам Мисионер

Јехова богато ја награди мојата желба да бидам Мисионер

Животна приказна

Јехова богато ја награди мојата желба да бидам Мисионер

РАСКАЖАЛА ШИЛА ВИНФИЛД ДА КОНСАСАО

Еднаш, една мисионерка дојдена од Африка ни кажа дека таму секој ја кани внатре и е заинтересиран да ја чуе добрата вест за Божјето Царство. ‚Колку би сакала јас да го доживеам истото!‘ — си помислив. Тој разговор во мене, тогаш 13-годишно девојче, разгори желба да бидам мисионер.

МОЕТО семејство го запознало Јехова долго пред тоа. Едно утро во 1939 година, на нашата врата во Хемел Хемпстед, населба надвор од Лондон (Англија), тропнале двајца уредно облечени мажи. Биле Јеховини сведоци. Јас сум се родила само една година пред тоа, па затоа не се сеќавам на ништо. За да се ослободи од нив, мајка ми им рекла дека, ако бил татко ми дома, можеби би поразговарал со нив, ама не бил, и немало да се врати пред 9 часот навечер. Колку се изненадила кога повторно ги видела на вратата вечерта! Откако се осигурал дека не се дојдени за некакви политички или националистички цели, татко ми, Хенри Винфилд, ги поканил да влезат и прифатил да ја проучува Библијата. Брзо напредувал и се крстил. По неколку години и мајка ми, Катлин, почна да ја проучува Библијата. Таа се крсти во 1946 година.

Во 1948 година, почнав редовно да ја проповедам добрата вест за Божјето Царство. Сметав дека ќе ми треба рачен часовник за да можам точно да го известувам времето што го поминував во служба. Ако бевме послушни, секоја недела ние, децата, добивавме по една железна паричка од шест пени за џепарлак. Речиси две години ги собирав моите парички за да можам да го купам најевтиниот рачен часовник во тоа време. Реј, пак, помалиот од моите двајца браќа, секогаш бараше од татко ми две парички од по три пени, а не една од шест. Еден ден толку инсистираше тато да му даде две парички наместо една, што го налути. Реј се расплака и му рече дека двете парички му требаат заради една тајна меѓу него и Јехова. На крајот мораше да ја открие својата тајна: „Едната паричка ми е за доброволен прилог, а другата за мене“. Мама се расплака од радост, тато брзо најде две парички, а јас сфатив колку е важно и финансиски да се помага делото за Царството.

Некаде во тоа време татко ми реши да се преселиме во друго место, каде што имаше поголема потреба од објавители на Царството. Во 1949 година тој ги продаде нивите и дупката од која вадеше и продаваше песок и чакал и стана пионер, односно полновремен проповедник на Јеховините сведоци. Јас се крстив на 24 септември 1950 година, како знак на тоа дека сум му се заветувала на Јехова. Оттогаш натаму, секој летен распуст бев помошен пионер, поминувајќи по 100 часови месечно во службата на проповедање. Но, тоа беше само почеток. Наскоро ми се роди силна желба да правам уште повеќе за да се шири вистинската религија.

Желбата да бидам мисионер

Во 1951 година, татко ми беше испратен да служи во Бидфорд (Северен Девон). Кратко откако се преселивме таму, во собранието дојде како гостинка мисионерката од Африка што ја спомнав во почетокот. По таа посета, веќе секоја моја одлука беше поврзана со желбата да станам мисионер. Наставниците знаеја каква цел имам и направија сѐ што можеа за да ме одвратат од неа, надевајќи се дека ќе тргнам по световна кариера. Сепак, на последниот школски ден, кога појдов во наставничката канцеларија за да им се заблагодарам и да се поздравам со наставниците, еден од нив ми рече: „Браво! Ти си единствениот ученик кој вистински знае што сака од животот. Се надеваме дека ќе успееш да го оствариш тоа“.

Веднаш најдов работа со скратено работно време, и на 1  декември 1955 година станав општ пионер. Подоцна и мајка ми и браќата станаа пионери. Така, неколку години сите во семејството бевме пионери.

Во Ирска

По една година, ме повикаа да служам во Ирска. Тоа значеше чекор поблизу до остварувањето на мојата цел да станам мисионер. Во февруари 1957 година, заедно со уште две други млади пионерки, Џун Нејпиер и Берил Баркер, пристигнав во Корк, јужна Ирска.

Проповедањето во Ирска не беше лесно. Наидовме на големо противење од страна на Римокатоличката црква. Увидовме дека е паметно, додека сме во некој блок со згради или во населба со куќи, прво да се осигураме дека има од каде брзо да побегнеме во случај да нѐ нападнат. Велосипедите обично ги криевме малку подалеку, но често се случуваше некој да ги најде и да им ги исече или да им ги издиши гумите.

Еднаш, додека со Берил одевме од куќа до куќа во една голема населба, една група деца почнаа гласно да нѐ навредуваат и да фрлаат камења по нас. Затоа влеговме во еден дуќан за млеко, кој беше дел од една куќа. Надвор почна да се собира толпа. Берил сакаше млеко, па си нарача и испи две-три чаши пополека, надевајќи се дека за тоа време толпата ќе се разотиде. Но, никако не си заминуваа. Потоа во дуќанот влезе еден млад свештеник. Си помисли дека сме туристи, па се понуди да ни помогне да ја разгледаме околината. Но, прво нѐ викна со него во една друга соба во куќата и, додека ние молчешкум седевме, тој му изврши миропомазание на стариот човек што беше на умирање. Потоа излеговме од куќата заедно со него. Кога толпата виде дека тој разговара со нас, се разотиде.

Во Гилеад

Во 1958 година, во Њујорк требаше да се одржи меѓународниот конгрес „Божествена волја“. Ќе одеше татко ми, а сакав и јас, но немав пари. Потоа неочекувано умре баба ми и ми остави 100 фунти. Цената за одење и враќање до конгресот беше 96 фунти, па веднаш резервирав авионски билет.

По кратко време, дојде претставник од британскиот Бетел и ни предложи на сите специјални пионери да поднесеме молба за мисионерска обука во Гилеад. Не можев да им поверувам на своите уши! Но, тој им даде молби на сите освен на мене, затоа што бев премлада. Замолив да ме вклучат и мене, и објаснив дека и онака веќе не живеам во својата земја и, практично, веќе служам како мисионер. Кога виде колку цврсто сум решена, ми даде молба и мене. Колку сум се молела да ме примат! Одговорот дојде брзо, и јас бев меѓу примените.

На моја голема радост, бев дел од 33. клас на Гилеад, во кој имаше вкупно 82 пионери од 14 земји. Петте месеци на Школата просто летнаа. При крајот, брат Натан Х. Нор одржа мотивирачки четиричасовен говор. Им препорача на сите што можат, да останат самци (1. Коринќаните 7:37, 38). Но, нам што сакавме брак некогаш во иднина, ни предложи да си направиме свој список со барања што треба да ги исполнува оној што би ни одговарал за сопружник. Потоа, кога ќе се појави некој можен кандидат, треба да го преиспитаме во поглед на тие свои барања.

Списокот на барања што јас лично очекував да ги исполни оној што би ми бил сопруг ги вклучуваше следниве работи: и тој да биде мисионер и да го сака Јехова, да ја познава библиската вистина подобро од мене, да не планира да имаме деца пред Армагедон со цел да продолжиме со полновремената служба, добро да зборува англиски и да биде постар од мене. Овој список беше голема помош за една 20-годишна девојка како мене, која се спремаше за служба во далечна земја.

Во Бразил

Во недела, на 2 август 1959 година, дипломиравме и ни кажаа каде ќе служиме. Винуш Јазедџиан, Сера Греко, Реј и Ингер Хетфилд, Соња Спрингејт, Дорин Хајнс и јас бевме доделени во Бразил. Бевме воодушевени. Си замислував шуми, змии, каучуково дрво и домородни Индијанци. Но, кога пристигнав таму, ме чекаше изненадување! Наместо во амазонските прашуми, се наоѓав во Рио де Жанеиро, сончев и модерен град, во тоа време и главен град на земјата.

Веднаш се зафативме со учење на португалскиот јазик. Првиот месец учевме по 11 часови дневно. Откако почнавме со проповедањето во Рио и кратко живеевме во Бетел, ме испратија во мисионерскиот дом во Пирасикаба (Сао Пауло), а потоа во мисионерскиот дом во Порто Алегре, во државата Рио Гранде до Сул.

Потоа, во почетокот на 1963 година, ме повикаа да работам во преведувачкото одделение во Бетел. Флориано Ињез да Консасао, кој нѐ учеше португалски јазик кога за првпат пристигнавме, беше надгледник на одделението. Тој ја дознал вистината во 1944 година, кога во Бразил имало само околу 300 Сведоци, и бил во 22. клас на Гилеад. Еден ден, по неколку месеци, брат Консасао ме замоли да останам по работа претпладнето, зашто сакаше да поразговара со мене. Прво, се загрижив. Да не сум направила нешто што не треба? Кога конечно се чу ѕвончето за ручек, го прашав за што сакаше да разговараме. Тој ми одговори: „Сакаш ли да се омажиш за мене?“ Прашањето ме занеме. Го замолив да ми даде време за да размислам, и отрчав на ручек.

Флориано не беше првиот што ми изрази симпатии. Но, ниеден дотогаш не ги исполни барањата за брачен другар што си ги имав зацртано. Уверена сум дека тој список ми помогна да избегнам да донесам погрешна одлука. Но, овојпат работите беа поинакви. Флориано ги исполнуваше сите мои услови! Така, на 15 мај 1965 година, се венчавме.

Здравствени тешкотии

Многу ни беше убаво во брак, и покрај тешкотиите што нѐ снајдоа. Во една од нив се работеше за здравјето на Флориано, кое се наруши кратко пред да се венчаме. Левото белодробно крило не му работеше веќе со години, а последиците од тоа сега почнаа да му причинуваат многу тешкотии. Поради тоа си заминавме од Бетел и почнавме да служиме како специјални пионери во градот Тересополис, во планинскиот дел на државата Рио де Жанеиро. Се надевавме дека климата таму ќе му помогне да закрепне.

Освен тоа, во декември 1965 година, добив вест дека мајка ми има рак ѝ е во многу лоша состојба. Со неа редовно се допишувавме, но ја немав видено седум години. Таа ни го плати патот до Англија за да се видиме. Лекарите ја оперирале, но не можеле да го отстранат ракот. Иако беше врзана за постела и многу болна, уште имаше желба да проповеда. Во својата соба имаше машина за пишување за да може некому да му диктира писма. Исто така, накратко им сведочеше на оние што ја посетуваа. Умре на 27 ноември 1966 година. Тој месец извести 10 часови служба! Тато продолжи верно да служи сѐ до својата смрт, во 1979 година.

По смртта на мама, со Флориано се вративме во Бразил, во државата Рио де Жанеиро, каде што служиме до ден-денес. Најпрво бевме во покраинска служба во главниот град, но радоста ни траеше кратко зашто Флориано повторно многу се разболе. Потоа се вративме во Тересополис како специјални пионери.

Во 1974 година, по многу години болни третмани, лекарите конечно му го отстранија левото белодробно крило на Флориано. Затоа тогаш не можеше да служи ниту како претседавачки надгледник ниту како специјален пионер, но кога му доаѓаа на посета во болница, можеше да ја проучува Библијата со своите интересенти — со еден од нив, пензиониран Американец по име Боб, дури и на англиски. Боб ја прифати вистината и подоцна се крсти. Полека, Флориано закрепна, и оттогаш служи како општ пионер.

Јехова ја благослови мојата служба

Јас цело време продолжив да служам како специјален пионер, и Јехова ја благослови мојата служба. Во Тересополис ја доживеав убавата чест да им помогнам на повеќе од 60 луѓе да одлучат да му се заветуваат на Јехова. Една од нив беше Жупира, која требаше да ја научам и да чита. Низ годините што следеа проучував со осум од нејзините возрасни деца. Како резултат на тоа, Жупира и уште 20 други членови на нејзиното семејство денес верно му служат на Јехова. Еден од нив е старешина, тројца се слуги помошници, а двајца се пионери.

Нешто што сфатив е дека секогаш треба да сме позитивни околу способностите на луѓето што учат за вистината. На пример, еднаш ја проучував Библијата со една млада жена, Алземира, кога маж ѝ, Антоњу, ми се закани дека ќе ми ги пушти двете огромни кучиња ако под итно не си заминам од кај нив. Оттогаш, со Алземира се гледав само повремено цели седум години, кога некако успеав да добијам дозвола од Антоњу повторно да проучувам со неа. Но, ми забрани да зборувам за Библијата со него. Сепак, еден дождлив ден, го повикав да ни се придружи и тој. Тогаш сфатив дека проблемот лежи во тоа што е неписмен. Оттогаш со него почнаа да проучуваат Флориано и други браќа, кои го научија и да чита. Денеска, и Алземира и Антоњу се крстени. Тој е од голема помош во собранието, зашто често оди со многу од младите во служба.

Ова се само неколку од искуствата што ги имавме низ 20-те години служба во Тересополис. Во почетокот на 1988 година добивме нова задача — да служиме во градот Нитерој, каде што останавме пет години пред да се преселиме во Санто Алеишо. Потоа бевме префрлени во собранието Жапуиба во центарот на земјата, каде што ја имавме можноста да го оформиме новото собрание Рибеира.

Едноставен, но исполнет живот

Низ годините што изминаа, со Флориано бевме во можност да им помогнеме на повеќе од 300 луѓе да му се заветуваат на Јехова. Моментално, некои од нив служат во Бетел, а некои се пионери, старешини и слуги-помошници. Колку сум благодарна што Бог, преку својот свет дух, нѐ искористи за да им помогнеме на толку многу луѓе! (Марко 10:29, 30).

Вистина, Флориано често мораше да се бори со сериозни здравствени тешкотии. Но, и покрај таквата состојба, тој сѐ уште е цврст, радосен и полн со доверба во Јехова. Често вели: „Денеска, не барај ја среќата во живот без проблеми. Среќата лежи во тоа да ги пребродиш проблемите со помошта од Јехова“ (Псалм 34:19).

Во 2003 година ми открија рак во левото око. Бев на операција и ми ставија вештачко око, кое треба да го чистам повеќе пати дневно. И покрај тоа, Јехова ми дава сила и понатаму да продолжам да му служам како специјален пионер.

Што се однесува до материјалните работи, поминав многу едноставен живот. Затоа, пак, Јехова ја благослови мојата задача и ми даде големо духовно богатство. Истото што го кажа сестрата од Африка што ја спомнав во почетокот може да се каже и за нашата служба во Бразил. Навистина, Јехова богато ја награди мојата желба да бидам мисионер!

[Слика на страница 9]

Со моето семејство, 1953

[Слика на страница 9]

Сведочам во Ирска, 1957

[Слика на страница 10]

Во Бразил, 1959 г., со другите мисионери. Од лево кон десно: Јас, Ингер Хетфилд, Дорин Хајнс и Соња Спрингејт

[Слика на страница 10]

Мојот сопруг и јас