Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали го имаш Јеховиното гледиште за она што е свето?

Дали го имаш Јеховиното гледиште за она што е свето?

Дали го имаш Јеховиното гледиште за она што е свето?

„Гледајте... да не стане некој блудник или човек кој не го цени она што е свето“ (ЕВРЕИТЕ 12:15, 16).

1. Кој став што моментално преовладува не го прифаќаат Јеховините слуги?

 СВЕТОТ во целина им обрнува сѐ помало внимание на светите работи. Францускиот социолог Едгар Морин навел: „Сите основи врз кои се темели моралот — Бог, природата, татковината, историјата, разумот — сега се оспорувани... Луѓето сами одредуваат и избираат какви ќе бидат нивните вредности“. Ваквиот став го одразува „духот на светот“, односно „духот кој сега дејствува во непослушните синови“ (1. Коринќаните 2:12; Ефешаните 2:2). Оние кои му се заветувале на Јехова и кои спремно се подложуваат на неговата власт, не го прифаќаат тој безбожнички дух (Римјаните 12:1, 2). Напротив, Божјите слуги сфаќаат колку важно место зазема светоста во нивната служба за Јехова. Кои работи во животот треба да ни бидат свети? Во оваа статија ќе бидат разгледани пет работи што им се свети на Божјите слуги. Во следната статија ќе ја разгледаме светоста на нашите христијански состаноци. Но што, всушност, значи зборот „свет“?

2, 3. а) Како Библијата ја нагласува светоста на Јехова? б) Како покажуваме дека за нас Јеховиното име е свето?

2 На хебрејскиот јазик на кој била пишувана Библијата, зборот „свет“ ја пренесува мислата на одвоеност. Во обожавањето, овој збор се однесува на она што е одвоено од вообичаената употреба, или што се смета за свето. Јехова е свет во апсолутна смисла. Тој е наречен „Најсветиот“ (Изреки 9:10; 30:3). Во древниот Израел, првосвештеникот на својот турбан имал прицврстено една златна плочка на која биле врежани зборовите „Јехова е свет“ (2. Мојсеева 28:36, 37). За небесните херувими и серафими кои се наоѓаат околу Јеховиниот престол, во Библијата се вели дека објавуваат: „Свет, свет, свет е Јехова“ (Исаија 6:2, 3; Откровение 4:6-8). Со тоа што зборот „свет“ се повторува трипати се нагласува дека Јехова е свет, чист и неизвалкан во најголема можна мера. Тој е, всушност, Изворот на сета светост.

3 Јеховиното име е свето. Псалмистот извикал: „Нека го фалат твоето име! Големо е и влева страв, свето е“ (Псалм 99:3). Исус нѐ поучил да се молиме: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“ (Матеј 6:9). Мајка му на Исус, Марија, изјавила: „Мојата душа го велича Јехова... Силниот направи големи дела за мене, и свето е неговото име“ (Лука 1:46, 49). За нас, како слуги на Јехова, неговото име е свето и затоа избегнуваме да правиме нешто што би можело да му нанесе срам на тоа свето име. Освен тоа, ние го имаме Јеховиното гледиште за светоста, што значи дека го сметаме за свето она што тој го смета за свето (Амос 5:14, 15).

Зошто длабоко го почитуваме Исус

4. Зошто во Библијата се вели дека Исус е „Светец“?

4 Како „единороден“ Син на светиот Бог, Јехова, Исус бил создаден свет (Јован 1:14; Колошаните 1:15; Евреите 1:1-3). Затоа е наречен „Божјиот Светец“ (Јован 6:69). Тој ја зачувал својата светост кога неговиот живот бил пренесен од небото на Земјата, бидејќи Јехова го употребил својот свет дух за да може Марија да го роди Исус. Еден ангел ѝ рекол: „Светиот дух ќе дојде врз тебе... детето што ќе го родиш ќе биде свето, Син Божји“ (Лука 1:35). Кога му се молеле на Јехова, христијаните во Ерусалим двапати се осврнале на Божјиот Син како на „твојот свет слуга Исус“ (Дела 4:27, 30).

5. Која света задача ја исполнил Исус на Земјата, и зошто неговата крв е драгоцена?

5 Исус требало да исполни една света задача додека бил на Земјата. На своето крштавање во 29 година од н.е., Исус бил помазан за Првосвештеник во Јеховиниот голем духовен храм (Лука 3:21, 22; Евреите 7:26; 8:1, 2). Освен тоа, тој требало да умре со жртвена смрт. Со неговата пролеана крв била обезбедена откупнината преку која грешните луѓе можат да бидат спасени (Матеј 20:28; Евреите 9:14). Затоа, за нас крвта на Исус е света, ‚драгоцена‘ (1. Петрово 1:19).

6. Каков став имаме кон Христос Исус, и зошто?

6 Апостол Павле покажал дека длабоко го почитуваме нашиот Цар и Првосвештеник, Христос Исус, велејќи: „Бог го возвиши [својот Син] и му подари име кое е над секое друго име, за во Исусово име да се свитка секое колено на оние што се на небото и на оние што се на земјата и на оние што се под земјата, и секој јазик јавно да го признае Исус Христос за Господар, на слава на Бог, Таткото“ (Филипјаните 2:9-11). Ние покажуваме дека го имаме Јеховиното гледиште за она што е свето со тоа што радосно му се подложуваме на нашиот Водач и владејачки Цар, Христос Исус, Главата на христијанското собрание (Матеј 23:10; Колошаните 1:18).

7. Како покажуваме дека сме му подложни на Христос?

7 Ние сме му подложни на Христос и со тоа што покажуваме исправна почит кон луѓето што ги користи за да предводат во делото со кое сега управува тој. Она што го вршат браќата од Водечкото тело, помазани со дух, и надгледниците што тие ги именуваат во подружниците, областите, покраините и собранијата треба да го сметаме за света одговорност. Сето ова ја заслужува нашата длабока почит и нашата подложност (Евреите 13:7, 17).

Свет народ

8, 9. а) Во кој поглед Израелците биле свет народ? б) Како Јехова го врежал начелото за светост во Израелците?

8 Јехова склучил сојуз со Израел. Благодарение на тој сојуз, припадниците на овој нов народ стекнале една посебна положба. Тие биле посветени, односно одвоени. Лично Јехова им рекол: „Бидете свети за мене, зашто јас, Јехова, сум свет. И јас ве одвојувам од другите народи за да бидете мои“ (3. Мојсеева 19:2; 20:26).

9 Уште од самото основање на израелскиот народ, Јехова го врежал во Израелците начелото за светост. Под закана со смрт, тие не смееле ни да се допрат до планината каде што биле дадени Десетте заповеди. Во извесна смисла, планината Синај тогаш се сметала за света (2. Мојсеева 19:12, 23). Исто така, и свештенството, светиот шатор и неговата опрема требало да се сметаат за свети (2. Мојсеева 30:26-30). Каква е состојбата во христијанското собрание?

10, 11. Зошто може да се каже дека христијанското собрание од помазаници е свето, и што значи ова за ‚другите овци‘?

10 Христијанското собрание од помазаници е свето во Јеховини очи (1. Коринќаните 1:2). Всушност, целата група од помазани христијани на Земјата, во кое и да е време, е споредена со свет храм, иако тие не го сочинуваат Јеховиниот голем духовен храм. Јехова престојува во тој свет храм со својот свет дух. Апостол Павле напишал: „Во единство со [Христос Исус], целата градба е складно поврзана и расте во свет храм на Јехова. Во единство со Христос, и вие се вградувате во градбата во која Бог престојува со духот“ (Ефешаните 2:21, 22; 1. Петрово 2:5, 9).

11 Понатаму, Павле им го напишал следново на помазаните христијани: „Не знаете ли дека вие сте Божји храм и дека Божјиот дух престојува во вас?.. Божјиот храм е свет, а тој храм сте вие“ (1. Коринќаните 3:16, 17). Со својот дух, Јехова ‚престојува‘ меѓу помазаниците и тој ‚е меѓу нив‘ (2. Коринќаните 6:16). Бог постојано го води својот верен „роб“ (Матеј 24:45-47). За ‚другите овци‘ е голема чест што можат да соработуваат со помазаниците (Јован 10:16; Матеј 25:37-40).

Што е свето во нашиот христијански живот

12. Кои работи се свети во нашиот живот, и зошто?

12 Не изненадува тоа што многу работи во животот на помазаните членови на христијанското собрание и нивните придружници се сметаат за свети. Нашето пријателство со Јехова е нешто свето (1. Летописи 28:9; Псалм 36:7). Толку ни е скапоцено што не дозволуваме ништо и никој да се испречи меѓу нас и нашиот Бог, Јехова (2. Летописи 15:2; Јаков 4:7, 8). Молитвата игра важна улога за да го задржиме нашето блиско пријателство со Јехова. За пророкот Даниел, молитвата била толку света, што верно продолжил со својата навика да му се моли на Јехова дури и по цена на својот живот (Даниел 6:7-11). „Молитвите на светите“, или на помазаните христијани, се споредени со темјанот што се користел при службата во храмот (Откровение 5:8; 8:3, 4; 3. Мојсеева 16:12, 13). Оваа симболика ја нагласува светоста на молитвата. Каква огромна чест е тоа што можеме да разговараме со Севишниот Господар на вселената! Не е чудо што молитвата е нешто свето во нашиот живот!

13. Која сила е света, и како треба да дозволиме таа да дејствува во нашиот живот?

13 Постои една сила во животот на помазаните христијани и на нивните придружници што тие без никакво сомнение ја сметаат за света — светиот дух. Тој дух е силата со која се служи Јехова и, бидејќи нашиот свет Бог секогаш ја користи во склад со својата волја, со право е наречена ‚свет дух‘ или ‚дух на светоста‘ (Јован 14:26; Римјаните 1:4). Со својот свет дух, Јехова им дава сила на своите слуги да ја проповедаат добрата вест (Дела 1:8; 4:31). Јехова им го дава својот дух на „оние што му се покоруваат“, на оние што ‚живеат според духот‘, а не според телесните желби (Дела 5:32; Галатите 5:16, 25; Римјаните 8:5-8). Таа моќна сила им овозможува на христијаните да ги покажуваат „плодовите на духот“ — извонредни особини — и да вршат ‚свети дела по кои ќе се види дека му се оддадени на Бог‘ (Галатите 5:22, 23; 2. Петрово 3:11). Ако светиот дух е нешто свето за нас, нема да правиме работи што би можеле да го жалостат тој дух, или да го спречат неговото влијание во нашиот живот (Ефешаните 4:30).

14. Која чест помазаниците ја сметаат за света, и во која смисла и другите овци ја имаат таа чест?

14 Честа што ја имаме да го носиме името на светиот Бог, Јехова, и да бидеме негови Сведоци исто така ја сметаме за света (Исаија 43:10-12, 15). Јехова ги оспособил помазаните христијани ‚да бидат слуги на новиот сојуз‘ (2. Коринќаните 3:5, 6). Затоа се овластени да ја проповедаат „оваа добра вест за царството“ и да ‚прават ученици од луѓето од сите народи‘ (Матеј 24:14; 28:19,  20). Тие верно го извршуваат овој налог и, како резултат на тоа, милиони луѓе слични на овци ја прифаќаат пораката, и симболично им велат на помазаниците: „Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас“ (Захарија 8:23). Во духовна смисла, тие радосно им служат како „земјоделци“ и „лозари“ на помазаните „слуги на нашиот Бог“. Со тоа другите овци во голема мера им помагаат на помазаниците да ја извршат својата служба во целиот свет (Исаија 61:5, 6).

15. Која дејност била света за апостол Павле, и зошто и ние го имаме истото гледиште?

15 Апостол Павле е човек што ја сметал и својата јавна служба за нешто свето. Тој за себе рекол дека е ‚слуга на Христос Исус меѓу другите народи за да го врши светото дело на проповедање на Божјата добра вест‘ (Римјаните 15:16). Во своето писмо до христијаните во Коринт, Павле зборувал за својата служба како за „богатство“ (2. Коринќаните 4:1, 7). Со нашата јавна служба, ние ги објавуваме „Божјите свети објави“ (1. Петрово 4:11). Според тоа, без разлика дали сме од помазаните или од другите овци, за нас е света чест тоа што учествуваме во делото на сведочење.

„Да се усовршуваме во светоста во Божји страв“

16. Што ќе ни помогне да не станеме луѓе кои ‚не го ценат она што е свето‘?

16 Апостол Павле ги предупредил сохристијаните да внимаваат да не станат народ „кој не го цени она што е свето“. Наместо тоа, тој ги советувал да ‚тежнеат кон посветување‘, ‚да гледаат да не изникне некаков отровен корен, кој би предизвикал штета и со кој мнозина би се извалкале‘ (Евреите 12:14-16). Изразот „отровен корен“ се однесува на оние неколкумина во христијанското собрание кои можеби наоѓаат маани на начинот на кој се вршат работите. На пример, можеби таквите не се согласуваат со Јеховиното гледиште за светоста на бракот или за потребата од морална чистота (1. Солуњаните 4:3-7; Евреите 13:4). Или, можеби се впуштаат во отпадничкиот говор — „празни разговори, кои го сквернават она што е свето“ — што го шират оние кои ‚отстапиле од вистината‘ (2. Тимотеј 2:16-18).

17. Зошто помазаниците треба постојано да се трудат да го одразуваат Јеховиното гледиште за светоста?

17 На своите помазани браќа, Павле им напишал: „Сакани, да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот, и да се усовршуваме во светоста во Божји страв“ (2. Коринќаните 7:1). Оваа изјава покажува дека помазаните христијани, кои се „учесници во небесниот позив“, мора постојано да се трудат за да докажат дека го одразуваат Јеховиното гледиште за светоста во секој аспект од својот живот (Евреите 3:1). Слично на тоа, апостол Петар ги поттикнал своите браќа помазани со дух: „Како послушни деца, немојте да дозволите и понатаму да ве обликуваат желбите што ги имавте додека бевте во незнаење, туку, како што е свет оној што ве повикал, и вие бидете свети во сѐ што правите“ (1. Петрово 1:14, 15).

18, 19. а) На кој начин членовите на ‚големото мноштво‘ покажуваат дека го имаат Јеховиното гледиште за она што е свето? б) Која друга света работа од нашиот христијански живот ќе ја разгледаме во следната статија?

18 Што може да се каже за членовите на ‚големото мноштво‘, кои ќе ја преживеат „големата неволја“? И тие мора да докажат дека го имаат Јеховиното гледиште за она што е свето. Во книгата Откровение, тие се претставени како му вршат на Јехова „света служба“ во земниот двор на неговиот духовен храм. Тие имаат вера во Христовата откупна жртва, односно во симболична смисла ‚ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘ (Откровение 7:9, 14,  15, фуснота). Затоа Јехова ги смета за чисти, а тие се должни да ‚се исчистат од секоја валканост на телото и духот, и да се усовршуваат во светоста во Божји страв‘.

19 Важна работа во животот на помазаните христијани и на нивните придружници се редовните состаноци каде што го обожаваат Јехова и ја проучуваат неговата Реч. За Јехова, собирите на неговиот народ се свети. Во следната статија ќе видиме како и зошто треба да го имаме Јеховиното гледиште за она што е свето на ова важно подрачје.

За повторување

• Кои световни гледишта не ги прифаќаат Јеховините слуги?

• Зошто Јехова е Изворот на сѐ што е свето?

• Како покажуваме дека ја почитуваме светоста на Христос?

• Кои работи треба да ги сметаме за свети во нашиот живот?

[Прашања]

[Слика на страница 23]

Во древниот Израел, свештенството, светиот шатор и неговата опрема требало да се сметаат за свети

[Слика на страница 24]

Помазаните христијани на Земјата сочинуваат еден свет храм

[Слики на страница 25]

Молитвата и нашата јавна служба се света чест