Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да покажуваме почит кон нашите свети состаноци

Да покажуваме почит кон нашите свети состаноци

Да покажуваме почит кон нашите свети состаноци

„И нив ќе ги доведам на својата света гора и ќе ги развеселам во својот дом за молитва“ (ИСАИЈА 56:7).

1. Кои библиски причини ги имаме за да покажуваме исправна почит кон нашите состаноци?

 ЈЕХОВА го собира својот народ, помазаните христијани и нивните придружници, за да го обожаваат на неговата „света гора“. Тој ги развеселува во својот „дом за молитва“ — својот духовен храм — кој е „дом на молитвата за сите народи“ (Исаија 56:7; Марко 11:17). Ова покажува дека нашето обожавање на Јехова е свето, чисто и возвишено. Тоа што покажуваме исправна почит кон нашите состаноци за проучување и обожавање, е доказ дека го имаме Јеховиното гледиште за она што е свето.

2. Што покажува дека за Јехова било свето местото кое го избрал за да биде обожаван, и како Исус покажал дека тоа место е свето и за него?

2 Во древниот Израел, местото кое Јехова го избрал за да биде обожаван, требало да се смета за свето. Светиот шатор, опремата и приборот требало да бидат помазани и посветени „за да бидат нешто најсвето“ (2. Мојсеева 30:26-29). Двете простории на светилиштето биле наречени „Светиња“ и „Светиња над светињите“ (Евреите 9:2, 3). Светиот шатор подоцна бил заменет со храмот во Ерусалим. Како седиште на Јеховиното обожавање, Ерусалим бил наречен „светиот град“ (Неемија 11:1; Матеј 27:53). Во текот на својата служба на Земјата, и самиот Исус покажал должна почит кон храмот. Тој се разгневил на оние што на дрзок начин го користеле дворот на храмот за да тргуваат и за да си го скратат патот кога оделе од едниот до другиот дел на Ерусалим (Марко 11:15, 16).

3. Што покажува дека собирите во Израел биле свети?

3 Израелците се собирале редовно за да го обожаваат Јехова и за да слушаат кога се читал неговиот Закон. Одредени денови од нивните празници биле наречени свети собири или свечени собири, што укажува на тоа дека овие собирања се сметале за свети (3. Мојсеева 23:2, 3, 36, 37). На еден собир во времето на Езра и Неемија, левитите ‚му го објаснувале законот на народот‘. Бидејќи ‚целиот народ плачел додека ги слушал зборовите на законот‘, левитите ‚им наредувале на сите од народот да молчат, велејќи: „Смирете се, зашто овој ден е свет!“‘ Потоа Израелците го прославиле седмодневниот Празник на сениците со ‚многу голема радост‘. Освен тоа, ‚секој ден се читала на глас книгата на законот на вистинскиот Бог, од првиот до последниот ден. Седум дена го славеле празникот, а на осмиот ден бил свечениот собир, како што било пропишано‘ (Неемија 8:7-11, 17, 18). Тие пригоди биле навистина свети, а од присутните се барало да бидат внимателни и да покажуваат почит.

Нашите состаноци се свети собири

4, 5. Кои обележја на нашите состаноци покажуваат дека тоа се свети собири?

4 Точно, Јехова денес нема дословен свет град на Земјата, со посебен храм во кој можеме да го обожаваме. Сепак, не треба да заборавиме дека состаноците за обожавање на Јехова се свети собири. Трипати во седмицата се состануваме за да ја читаме и да ја проучуваме Библијата. На тие состаноци се ‚толкува‘ Јеховината реч и, како во времето на Неемија, на присутните ‚им се помага да ја сфатат нејзината смисла‘ (Неемија 8:8). Сите состаноци започнуваат и завршуваат со молитва и, на повеќето од нив, му пееме песни на фалби на Јехова (Псалм 26:12). Собраниските состаноци навистина се дел од нашето обожавање и затоа од нас се бара да ги сфатиме сериозно и да ги следиме со почит и целосно внимание.

5 Јехова го благословува својот народ кој се состанува заедно за да го обожава, да ја проучува неговата Реч и да ужива во здравото христијанско дружење. Кога сме на состанок, можеме да бидеме уверени дека тоа е местото каде што „Јехова заповеда... да има благослов“ (Псалм 133:1, 3). Го добиваме тој благослов ако сме присутни и ако внимателно ја следиме духовната програма. Освен тоа, Исус навел: „Каде што двајца или тројца се собрани во мое име, таму сум и јас меѓу нив“. Според контекстот, оваа изјава се однесува на христијанските старешини што се состануваат за да решаваат сериозни проблеми меѓу поединци, но во основа, таа се однесува и на нашите состаноци (Матеј 18:20). Ако Христос, преку светиот дух, е присутен кога христијаните се собираат заедно во негово име, зарем таквите состаноци не треба да се сметаат за свети?

6. Што може да се каже за местата каде што се состануваме, сеедно дали се големи или мали?

6 Точно е дека Јехова не живее во храмови направени од човек. Сепак, нашите Сали на Царството се места каде што го обожаваме вистинскиот Бог (Дела 7:48; 17:24). Таму се состануваме за да ја проучуваме Јеховината реч, да му се молиме и да му пееме фалби. Истото ова важи и за нашите Конгресни сали. Поголемите објекти што ги изнајмуваме за нашите конгреси — како, на пример, големите сали, изложбените сали или спортските стадиони — стануваат места за обожавање кога ги користиме за нашите свети собири. Овие пригоди за обожавање, сеедно дали се големи или мали, ја заслужуваат нашата почит, и тоа треба да се види во нашиот став и однесување.

Како да покажеме почит кон нашите собири

7. На кој конкретен начин можеме да покажеме почит кон нашите собири?

7 Почитта кон нашите собири можеме да ја покажеме на конкретни начини. Еден начин е да бидеме присутни кога се пеат песните на Царството. Многу од нив се во облик на молитви и затоа треба да се пеат со почит кон Бог. Цитирајќи го Псалм 22, апостол Павле го напишал следново за Исус: „Ќе им го објавувам твоето име на своите браќа, ќе те фалам со песна среде насобраното мноштво“ (Евреите 2:12). Затоа, треба да ни стане навика да бидеме на своите места пред претседавачот да ја најави песната, и потоа да пееме размислувајќи за значењето на зборовите. Нашето пеење нека ги одразува чувствата на псалмистот, кој напишал: „Ќе го фалам Јехова со сето свое срце во блиското друштво на чесни пријатели и во нивниот круг“ (Псалм 111:1). Да, тоа што можеме да му пееме фалби на Јехова е навистина многу добра причина да дојдеме навреме на состанок и да останеме до крај.

8. Кој пример од Библијата покажува дека молитвите на нашите состаноци треба да ги слушаме внимателно и со почит?

8 Друго обележје што ги прави сите наши состаноци уште побогати во духовна смисла е срдечната молитва што се кажува во името на сите собрани. Во една пригода, христијаните што живееле во првиот век во Ерусалим се собрале заедно и ‚еднодушно го кренале гласот кон Бог‘ во срдечна молитва. Резултат од тоа било што продолжиле — и покрај прогонството — ‚смело да ја зборуваат Божјата реч‘ (Дела 4:24-31). Можеме ли воопшто да замислиме дека некои од оние што ја слушале таа молитва дозволиле да им лутаат мислите? Не, тие се молеле „еднодушно“. Молитвите што се кажуваат на нашите состаноци ги одразуваат чувствата на сите присутни. Навистина треба да ги слушаме внимателно и со почит.

9. Како можеме да покажеме дека ги почитуваме нашите свети собири со својата облека и однесување?

9 Освен тоа, можеме да покажеме колку навистина ги сметаме нашите собири за свети со начинот на кој се облекуваме. Нашиот изглед — и облеката и фризурата — може многу да го зголеми достоинството на нашите состаноци. Апостол Павле советувал: „Сакам мажите да се молат секаде каде што ќе се собирате, кревајќи ги верните раце, без гнев и расправии. Исто така, сакам жените да се облекуваат пристојно, а притоа да бидат скромни и разборити, да не се украсуваат со плетење на косата и со злато или со бисери, или со многу скапа облека, туку... како што им прилега на жени кои велат дека го почитуваат Бог“ (1. Тимотеј 2:8-10). Кога присуствуваме на големи конгреси што се одржуваат на отворени стадиони, нашата облека може да биде соодветна на временските услови а сепак да биде достоинствена. Освен тоа, бидејќи имаме почит кон пригодата, нема да јадеме или да џвакаме мастика за време на програмата. Со својата пристојна облека и однесување на нашите собири им оддаваме чест на Јехова Бог, на неговото обожавање и на нашите сообожаватели.

Однесување што прилега на Божјето домаќинство

10. Како апостол Павле покажал дека на нашите христијански состаноци се бара високо мерило на однесување?

10 Во 1. Коринќаните, 14. поглавје, се наоѓа мудриот совет на апостол Павле за тоа како треба да се одвиваат христијанските состаноци. На крајот, тој заклучил: „Сѐ нека биде пристојно и така како што е редот“ (1. Коринќаните 14:40). Со оглед на тоа што нашите состаноци се важен дел од активноста на христијанското собрание, и нашето однесување на нив треба да прилега на Јеховиното домаќинство.

11, 12. а) Што треба да им се всади во мислите на децата што присуствуваат на нашите состаноци? б) На кој пригоден начин можат децата да ја изразат својата вера на нашите состаноци?

11 Особено децата треба да бидат поучени како да се однесуваат на состаноците. Христијанските родители треба да им објаснат на своите деца дека Салата на Царството и домот каде што се одржува собраниското проучување на книга не се места за играње. Тоа се места каде што го обожаваме Јехова и ја проучуваме неговата Реч. Мудриот цар Соломон напишал: „Внимавај на чекорите свои кога одиш во домот на вистинскиот Бог. Пристапи за да слушаш“ (Проповедник 5:1). Мојсеј ги поучил Израелците да се соберат заедно, возрасни и ‚деца‘. Тој рекол: „Собери го народот... за да слушаат и да научат да се бојат од Јехова, вашиот Бог, и совесно да ги држат сите зборови на овој закон. И нивните синови, кои уште не го познаваат тој закон, нека слушаат и нека учат да се бојат од Јехова“ (5. Мојсеева 31:12, 13).

12 Слично и денес, нашите деца доаѓаат на состаноците со своите родители првенствено за да слушаат и да учат. Штом ќе пораснат доволно за да внимаваат и да ги разбираат барем основните библиски вистини, децата можат и да ја ‚објавуваат‘ својата вера така што ќе даваат кратки коментари (Римјаните 10:10). Во почетокот, едно мало дете може да одговори со само неколку зборови на некое прашање што го разбира. Можеби најпрвин ќе мора да го прочита одговорот, но со текот на времето, ќе се труди да се изрази со свои зборови. Ова е корисно и интересно за детето, но таквите искрени изрази на вера ги радуваат и повозрасните присутни. Се разбира, родителите им даваат пример на децата со тоа што и самите коментираат. Пожелно е, ако е можно, децата да си имаат и своја Библија, песнарка и примерок од публикацијата што се проучува. Треба да научат и да ги ценат таквите публикации. Сето ова ќе им го всади во мислите на децата фактот дека нашите состаноци се свети собири.

13. Каков впечаток сакаме да оставиме кај оние што првпат се присутни на нашите состаноци?

13 Се разбира, не сакаме нашите состаноци да личат на црковните служби во христијанскиот свет, кои се или студени и претерано побожни или бучни како рок-концерти. Сакаме атмосферата на состаноците во нашите Сали на Царството да биде срдечна и пријателска, но, сепак, тие не треба да личат на друштвена седенка. Ние се состануваме за да го обожаваме Јехова, и затоа нашите состаноци секогаш треба да бидат достоинствени. Откако ќе го слушнат изнесениот материјал и откако ќе го забележат нашето однесување и однесувањето на нашите деца, сакаме оние што првпат се присутни да речат: „Навистина, Бог е меѓу вас!“ (1. Коринќаните 14:25)

Трајно обележје на нашето обожавање

14, 15. а) Како можеме да не го ‚занемаруваме домот на нашиот Бог‘? б) Како Исаија 66:23 веќе се исполнува?

14 Како што веќе беше спомнато, Јехова го собира својот народ и го развеселува во својот „дом за молитва“, односно во својот духовен храм (Исаија 56:7). Верниот Неемија ги потсетил Евреите дека треба да покажат исправна почит кон дословниот храм со тоа што ќе го поддржуваат во материјален поглед. Тој рекол: „Нема повеќе да го занемаруваме домот на својот Бог“ (Неемија 10:39). Не треба да ја занемаруваме ни Јеховината покана да го обожаваме во неговиот „дом за молитва“.

15 Во врска со потребата од редовно заедничко состанување за да се обожава Бог, Исаија прорекол: „,Од млада месечина до млада месечина и од ден за одмор до ден за одмор, секој човек ќе доаѓа да се поклони пред мене‘, вели Јехова“ (Исаија 66:23). Токму ова се случува денес. Редовно, секоја седмица од секој месец, оддадените христијани се собираат за да го обожаваат Јехова. Меѓу другото, ова го прават со тоа што одат на христијанските состаноци и учествуваат во проповедањето. Дали си и ти еден од оние што редовно ‚доаѓаат да се поклонат пред‘ Јехова?

16. Зошто редовното присуство на состаноците треба да биде трајно обележје на нашиот живот уште сега?

16 Исаија 66:23 во потполност ќе се исполни во Јеховиниот ветен нов свет. Тогаш, „секој човек“, во вистинска смисла, секоја седмица и секој месец, „ќе доаѓа да се поклони“, односно да го обожава Јехова во сета вечност. Со оглед на тоа што во новиот свет заедничкото собирање за да го обожаваме Јехова ќе биде трајно обележје на нашиот духовен живот, зарем не треба редовното присуство на нашите свети собири да стане трајно обележје на нашиот живот уште сега?

17. Зошто ни се потребни нашите состаноци „толку повеќе колку што [гледаме] дека се приближува денот“?

17 Како што се приближува крајот, треба да бидеме порешени од кога и да е порано да присуствуваме на нашите христијански собири за обожавање. Бидејќи ја почитуваме светоста на нашите состаноци, не дозволуваме световната работа, домашната работа или вечерни часови или курсеви да нѐ спречат редовно да се состануваме со нашите соверници. Потребна ни е силата што ја добиваме од дружењето. Нашите собраниски состаноци ни даваат можност меѓусебно да се запознаеме, да се охрабруваме и да се поттикнуваме кон „љубов и кон добри дела“. Потребно е да го правиме тоа „толку повеќе колку што [гледаме] дека се приближува денот“ (Евреите 10:24, 25). Затоа, секогаш да покажуваме должна почит кон нашите свети собири со нашето редовно присуство, со нашата пристојна облека и доброто однесување. Ако правиме така, покажуваме дека го имаме Јеховиното гледиште за она што е свето.

За повторување

• Што покажува дека собирите на Јеховиниот народ треба да се сметаат за свети?

• Кои обележја на нашите состаноци покажуваат дека тие се свети собири?

• Како можат децата да покажат дека ја почитуваат светоста на нашите состаноци?

• Зошто треба редовното состанување да биде трајно обележје во нашиот живот?

[Прашања]

[Слики на страница 28]

Состаноците за обожавањето на Јехова се свети собири без разлика каде се одржуваат

[Слика на страница 31]

Нашите деца присуствуваат на состаноците за да слушаат и да учат