Проверени совети за воспитување на децата
Проверени совети за воспитување на децата
„ИМАВ 19 години, живеев далеку од сите роднини и бев сосема неподготвена“, вели Рут за својата прва бременост. Таа била единствено дете, па затоа и не размислувала многу за мајчинството. Каде би можела да најде проверени совети?
Од друга страна, Јан, кој сега е татко на две возрасни деца, се сеќава: „Отпрвин бев многу сигурен во себе. Но, не помина долго време, и сфатив дека немам доволно искуство“. Сеедно дали родителите се збунети уште на почетокот или така се чувствуваат малку подоцна, каде можат да најдат помош за да ги одгледаат своите деца?
Денес, се повеќе од нив пребаруваат на Интернет. Но ти можеби се прашуваш дали можеш навистина да имаш доверба во тие совети. Постои добра причина за таквата претпазливост. Дали навистина знаеш кој ти дава совет преку Интернет? Колку успешни се тие со своите сопствени деца? Несомнено би сакал да бидеш претпазлив кога станува збор за работи што ќе влијаат врз твоето семејство. Понекогаш, како што беше спомнато во претходната статија, дури и советите од стручњаците може да нѐ разочараат. Затоа, кој може да ти помогне?
Првобитниот Извор на совети за воспитување на децата е Јехова Бог, Основачот на семејството (Ефешаните 3:15). Тој е единствениот вистински стручњак. Во својата Реч, Библијата, тој ни дава проверени, практични упатства кои се навистина делотворни (Псалм 32:8; Исаија 48:17, 18). Сепак, од нас зависи дали ќе ги примениме.
Замоливме неколку брачни парови да ни раскажат што научиле тие додека ги воспитувале своите деца за да станат урамнотежени и богобојазливи возрасни луѓе. Тие рекоа дека нивниот успех главно бил резултат на тоа што ги применувале библиските начела. Увиделе дека библиските совети се исто толку добри денес како што биле во времето кога била пишувана Библијата.
Поминувајте време со нив
Кога ја замоливме Катерина, мајка на две деца, да ни каже кој совет бил најкорисен за неа, таа веднаш го спомна 5. Мојсеева 6:7. Тој стих гласи: „Всадувај ги [библиските мерила] во своите деца и зборувај им за нив кога седиш во својата куќа и кога одиш по пат, кога легнуваш и кога стануваш“. Катерина сфатила дека, за да го следи тој совет, треба да поминува време со своите деца.
Можеби си мислиш: ‚Тоа е полесно да се каже отколку да се направи‘. Во многу семејства се потребни две плати за да се состави крај со крај. Од каде да најдат тие зафатени родители повеќе време за своите деца? Торлиф, чијшто син сега и самиот има свое семејство, вели дека клучот лежи во следењето на советот од 5. Мојсеева. Поведете ги децата со себе каде и да одите, и можности за разговор со нив ќе си дојдат сосема спонтано. „Јас и син ми работевме заедно по дома“, вели Торлиф. „Патувавме заедно како семејство. И јадевме заедно.“ Поради тоа, вели тој, „нашиот син секогаш се чувствуваше слободен да каже што мисли“.
Но, што да се прави ако немате отворена комуникација и ако не можете опуштено да разговарате? Ова понекогаш се случува кога децата стануваат поголеми. И тогаш ќе биде корисно да поминувате повеќе време со нив. Сопругот на Катерина, Кен, се сеќава дека нивната ќерка, во времето кога била тинејџер, се жалела дека тој не ја слуша. Тоа е вообичаена поплака на тинејџерите. Што можел тој да стори? Кен раскажува: „Решив да поминувам повеќе време насамо со неа, да зборуваме за нејзините размислувања, чувства и незадоволства. Тоа навистина помогна“ (Изреки 20:5). Меѓутоа, Кен смета дека оваа метода била успешна само затоа што комуникацијата во нивниот дом не била ништо ново. „Јас и ќерка ми отсекогаш бевме блиски“, вели тој, „па затоа таа имаше чувство дека може слободно да зборува со мене“.
Интересно е тоа што, според едно неодамнешно испитување, се вели дека тинејџерите, во споредба со своите родители, се трипати посклони да кажат дека родителите и децата не поминуваат доволно време заедно. Тогаш, зошто да не го послушате библискиот совет? Поминувајте колку што можете повеќе време со своите деца — кога се одморате и кога работите нешто, дома и на пат, наутро кога ќе станете и навечер пред да си легнете. Ако е можно, поведете ги со себе секаде каде што ќе одите. Како што се подразбира од 5. Мојсеева 6:7, нема ништо подобро отколку да поминувате време со своите деца.
Поучете ги за исправните вредности
Марио, татко на две деца, препорачува нешто слично: „Покажете им на децата дека многу ги сакате, и читајте им“. Сепак, целта не е само да го поттикнете развојот на умствените способности на вашите деца. Треба да ги учите како да го разликуваат исправното од погрешното. Марио додава: „Проучувајте ја Библијата со нив“.
Со таа цел, Библијата им дава совет на родителите: „Немојте да предизвикувате лутина кај вашите деца. Одгледувајте ги и воспитувајте ги во Господовото учење“ (Ефешаните 6:4, Радосна вест). Во многу семејства денес не му се придава важност на поучувањето за моралот. Некои мислат дека децата, кога ќе пораснат, ќе можат самите да си одлучат кои вредности да ги прифатат. Дали тоа ти изгледа разумно? Исто како што на младите тела им е потребна исправната храна за да станат силни и здрави така и на младите умови и срца им треба поука. Ако вашите деца не научат за моралните вредности од вас, најверојатно ќе ги прифатат ставовите на школските другари и на учителите или ставовите што ги шират средствата за јавно информирање.
Библијата може да им помогне на родителите да ги поучат своите деца како да го разликуваат исправното од погрешното (2. Тимотеј 3:16, 17). Џеф, еден искусен христијански старешина кој одгледал две деца, препорачува родителите да ја користат Библијата за да ги поучуваат децата за исправните вредности. Тој вели: „Кога ја користиме Библијата, им помагаме на децата да сфатат што мисли Творецот за некоја работа, а не само што мислат мама и тато. Она што го забележавме е посебниот начин на кој Библијата влијае врз умот и срцето. Кога сакавме да поправиме кај децата некое погрешно постапување или размислување, одвојувавме време за да најдеме соодветен стих. Потоа, насамо, му дававме на детето да го прочита стихот. Честопати се случуваше некоја солза, па дури и многу солзи да се стркалаат по образите. Ние бевме воодушевени. Библијата имаше многу поголемо влијание од сѐ друго што можевме да замислиме да го кажеме или да го направиме ние“.
Во Евреите 4:12 се објаснува: „Речта Божја е жива и делотворна,.. може да ги процени мислите и намерите на срцето“. Според тоа, библиската порака не е само лично гледиште или искуство на луѓето кои Бог ги користел за да ја напишат, туку таа ги претставува Божјите гледишта за моралните прашања. Тоа ја прави поинаква од сите други совети. Ако ја користите Библијата за да ги учите своите деца, вие им помагате да размислуваат на истиот начин како што размислува Бог. Вашата поука ќе има поголемо значење, и ќе имате подобри шанси да го допрете срцето на своето дете.
Катерина, која ја спомнавме претходно, се согласува со тоа. Таа вели: „Колку што беше потешка ситуацијата толку повеќе баравме водство во Божјата Реч — и тоа беше делотворно!“ Дали би можеле повеќе да ја користите Библијата кога ги поучувате своите деца да разликуваат што е добро, а што лошо?
Бидете разумни
Апостол Павле укажува на уште еден важен принцип што е корисен при воспитувањето на децата. Тој ги поттикнал сохристијаните: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5). Во тоа сигурно спаѓа да им дозволиме и на нашите деца да ја видат нашата разумност. И запомнете, разумноста е одраз на „мудроста одозгора“ (Јаков 3:17).
Сепак, каква врска постои меѓу разумноста и воспитувањето на децата? Додека им помагаме колку што можеме, ние не ја контролираме секоја нивна постапка. На пример, Марио, кого го цитиравме претходно, е Јеховин сведок, и тој раскажува: „Ние отсекогаш ги охрабрувавме нашите деца да се крстат, да стапат во полновремена служба и да постигнат други цели поврзани со службата за Бог. Но јасно им ставивме до знаење дека тоа е нивни избор, и дека треба да го направат кога ќе дојде време за тоа“. Какви биле резултатите? И двете деца сега служат како полновремени проповедници.
Библијата, во Колошаните 3:21, ги предупредува татковците: „Татковци, не огорчувајте ги своите деца, за да не станат малодушни“. Катерина го цени тој стих. Кога на родителот ќе му се истенчат нервите, лесно е да се разлути или да почне премногу да очекува од децата. Но, таа вели „не очекувајте од своите деца исто толку колку што очекувате од себе“. И Катерина е Јеховин сведок, па затоа додава: „Помогнете им да се радуваат што му служат на Јехова“.
Џеф, кого го спомнавме претходно, ја дава следнава практична забелешка: „Додека нашите деца растеа, еден наш добар пријател ни спомна дека сфатил колку често морал да им каже ‚не‘ на своите деца кога ќе побарале нешто. Тоа ги разочарувало и биле потиштени. За да не ја направиме истата грешка, тој ни препорача да бараме начини да кажеме ‚да‘“.
„Сфативме дека тоа е добар совет“, вели Џеф. „Тогаш почнавме да бараме можности нашите деца да учествуваат во активности со други деца во околности за кои немавме ништо против. Затоа обично ќе им речевме: ‚Дали знаете дека тој-и-тој го прави ова или она? Зошто не одите и вие?‘ Или, ако децата нѐ замолеа да ги однесеме некаде, се теравме да им ја исполниме желбата иако бевме уморни. Го правевме тоа само за да не кажеме ‚не‘.“ Тоа е сржта на разумноста — да бидеш фер, обѕирен и да попуштиш, без да ги прекршиш библиските мерила.
Проверените совети се корисни
Повеќето од овие брачни парови денес имаат внуци и се радуваат кога гледаат дека истите библиски мерила им помагаат на нивните деца да бидат успешни родители. Дали можат и вам да ви помогнат библиските совети?
Кога Рут, која ја спомнавме на почетокот, станала мајка, таа и нејзиниот сопруг понекогаш се чувствувале препуштени самите на себе. Но, не било така. Тие го имале најдобриот совет од Божјата Реч, Библијата. Јеховините сведоци имаат издадено многу извонредни книги за проучување на Библијата, кои можат да им помогнат на родителите. Во нив спаѓаат: Учи од големиот учител, Моја книга со библиски приказни, Младите прашуваат — делотворни одговори и Најголемиот човек кој некогаш живеел. Торлиф, сопругот на Рут, вели: „Денес родителите многу лесно можат да добијат изобилство совети темелени на Библијата. Кога би ги искористиле, би добиле помош да ги воспитаат децата за секој аспект на животот“.
[Рамка/слика на страница 5]
Што велат СТРУЧЊАЦИТЕ... Што вели БИБЛИЈАТА
За покажувањето наклоност:
Во книгата Грижа за психата на доенчињата и децата (The Psychological Care of Infant and Child, 1928), д-р Џон Бродас Вотсон ги поттикнал родителите: „Никогаш не гушкајте ги и не бакнувајте ги“ своите деца. „Никогаш не дозволувајте им да ви седат в скут.“ Меѓутоа, во поново време, д-р Вера Лејн и д-р Дороти Молино, во списанието Our Children („Нашите деца“, март 1999), објаснија: „Истражувањата покажуваат дека малите деца што не се гушкани и на кои никој не им покажувал наклоност, честопати не се развиваат како што треба“.
За разлика од тоа, Исаија 66:12 опишува како Бог со изрази на родителска љубов му покажува на својот народ дека го сака. Слично на тоа, кога Исусовите ученици се обиделе да ги спречат луѓето да доведуваат деца кај него, Исус ги исправил со зборовите: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај мене. Не забранувајте им“. Потоа ‚ги зел децата во прегратка и ги благословувал‘ (Марко 10:14, 16).
За моралните поуки:
Во една статија што излегла во New York Times Magazine во 1969 година, д-р Бруно Бетелхајм нагласил дека децата имаат „право да оформат свое сопствено мислење, не под влијание на [родителите кои им држат] лекции, туку преку своето сопствено искуство во животот“. Но, по скоро 30 години, д-р Роберт Коулс, автор на книгата Моралната интелигенција на децата (The Moral Intelligence of Children, 1997), рекол: „Децата имаат голема потреба од чувството за смисла и цел во животот, збир од вредности“ за кои нивните родители и другите возрасни имаат добро мислење.
Изреки 22:6 ги поттикнува родителите: „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди, па нема да скршне од него ни кога ќе остари“. Хебрејскиот збор преведен со „воспитувај го“ исто така значи „започни“, и овде укажува на започнување со првите поуки на едно доенче. Со тоа родителите се поттикнати да почнат уште од најмала возраст да ги поучуваат своите деца за исправните вредности (2. Тимотеј 3:14, 15). Она што ќе го научат во овие години на оформување, најверојатно нема да го заборават.
За казнувањето:
Д-р Џејмс Добсон, во Тврдоглавото дете (The Strong-Willed Child, 1978), напишал: „Телесното казнување во рацете на еден грижлив родител е средство со кое го спречува детето лошо да се однесува“. Од друга страна, пак, во една статија, во која се преработени информации од седмото издание на популарната книга Грижа за бебињата и за децата (Baby and Child Care, 1998), д-р Бенџамин Спок вели: „Тепањето ги учи децата дека поголемиот, односно посилниот, може да прави што сака, сеедно дали има право или не“.
Што се однесува до казнувањето, во Библијата стои: „Прачката и укорот даваат мудрост“ (Изреки 29:15). Меѓутоа, не е потребно сите деца да се казнуваат физички. Изреки 17:10 вели: „Посилно влијае укорот врз разумниот отколку сто удари врз безумниот“.
[Слика]
Користи ја Библијата за да допреш до срцето
[Слика на страница 7]
Мудрите родители организираат рекреација за своите деца