Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Деца, слушајте ги своите родители“

„Деца, слушајте ги своите родители“

„Деца, слушајте ги своите родители“

„Деца, слушајте ги своите родители во Господарот, зашто тоа е праведно“ (ЕФЕШАНИТЕ 6:1).

1. Како може да те заштити послушноста?

 МОЖЕБИ денес сме живи затоа што сме послушале, додека други не се живи бидејќи не послушале. А што е тоа што требало да го послушаме? На пример, предупредувањата што ни ги дава нашето ‚чудесно создадено‘ тело (Псалм 139:14). Нашите очи гледаат темни облаци, а ушите слушаат удар на гром. Потоа, од електричното празнење во воздухот ни се крева косата на главата. За оние што знаат какви опасности се кријат зад овие појави, овие знаци се предупредување дека треба да се засолнат на некое безбедно место за да се заштитат од претстојната бура, од молњите и од градот, во кои можат да го изгубат животот.

2. Зошто на децата им требаат предупредувања, и зошто треба да ги слушаат своите родители?

2 Вие, млади, треба да бидете предупредени на опасностите што ви се закануваат, а вашите родители имаат одговорност да ви ги дадат тие предупредувања. Можеби се сеќавате како ви велеле: „Бегај од шпоретот. Жежок е“. „Не влегувај во водата. Опасно е“. „Погледни лево и десно пред да ја преминеш улицата“. За жал, многу деца биле повредени, па дури и го изгубиле животот затоа што не послушале. Да им бидеш послушен на родителите е „праведно“ — исправно и на место. Исто така, тоа е мудро (Изреки 8:33). Еден друг библиски стих вели дека „тоа му се допаѓа“ на нашиот Господар Исус Христос. Всушност, Бог ти заповеда да ги слушаш своите родители (Колошаните 3:20; 1. Коринќаните 8:6).

Вечни награди за послушноста

3. Што значи „вистинскиот живот“ за повеќето од нас, и како можат да го добијат и децата?

3 Со тоа што ќе им бидеш послушен на родителите ќе си го зачуваш ‚сегашниот живот‘, но послушноста исто така ќе ти овозможи да го уживаш и ‚идниот живот‘, кој е наречен „вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 4:8; 6:19). За повеќето од нас, вистинскиот живот значи вечен живот на Земјата во Божјиот нов свет, кој тој им го ветува на оние што верно ги држат неговите заповеди. Една многу важна заповед гласи: „,Почитувај ги татка си и мајка си‘ — тоа е првата заповед проследена со ветување: ‚За да ти биде добро и да останеш долго на земјата‘“. Значи, ако им бидеш послушен на родителите, ќе бидеш среќен. Ќе имаш сигурна иднина, и ќе можеш да живееш вечно во рај на Земјата! (Ефешаните 6:2, 3).

4. Како можат децата да покажат дека го почитуваат Бог и тоа да биде за нивно добро?

4 Кога ги почитуваш своите родители со тоа што ги слушаш, ти покажуваш почит и кон Бог, бидејќи тој е оној што ти заповеда да им бидеш послушен на родителите. Во исто време, тоа е добро и за тебе. „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро“, вели Библијата (Исаија 48:17; 1. Јованово 5:3). Како ти користи послушноста? Ако си послушен, мајка ти и татко ти ќе бидат среќни и ќе ја покажат својата радост на начини што тебе ќе ти го направат животот посреќен (Изреки 23:22-25). Но, што е уште поважно, кога си послушен се радува и твојот небесен Татко, и тој ќе те награди со прекрасни работи! Да видиме како Јехова го благословил и го заштитил Исус, кој за себе рекол: „Јас секогаш го правам она што нему му е по волја“ (Јован 8:29).

Исус — вреден работник

5. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Исус бил добар работник?

5 Исус ѝ бил прво дете на својата мајка, Марија. Неговиот очув, Јосиф, бил дрводелец. И Исус станал дрводелец, и по сѐ изгледа тој занает го научил од Јосиф (Матеј 13:55; Марко 6:3; Лука 1:26-31). Што мислиш, каков дрводелец бил Исус? Кога бил на небото, пред да биде со чудо зачнат во утробата на својата мајка која била девица, како олицетворение на мудроста тој објаснил: „Бев крај [Бог] како вешт градител и му бев посебна радост, од ден на ден“. Бог бил задоволен со Исус, кој на небото бил добар работник. Зар не мислиш дека и кога бил млад човек на Земјата тој се трудел да биде добар работник, добар дрводелец? (Изреки 8:30; Колошаните 1:15, 16).

6. а) Што мислиш, зошто Исус како дете работел низ дома? б) Во кои работи децата можат да се угледаат на Исус?

6 Без сомнение, и Исус понекогаш си играл кога бил дете, бидејќи Библијата кажува дека и во минатото децата си играле (Захарија 8:5; Матеј 11:16, 17). Сепак, можеме да бидеме уверени дека, како најстаро дете во една голема сиромашна фамилија, тој требало да сработи уште многу други работи низ дома освен тоа што од Јосиф го учел дрводелскиот занает. Подоцна, Исус станал проповедник и се посветил на службата до тој степен што ги жртвувал своите лични удобности (Лука 9:58; Јован 5:17). Можеш ли да согледаш во кои работи можеш да се угледаш на Исус? Дали твоите родители бараат од тебе да ја исчистиш собата или да сработиш нешто друго? Дали те поттикнуваат и ти да му служиш на Бог со тоа што ќе одиш на христијанските состаноци и ќе им зборуваш на другите за својата вера? Што мислиш, како би реагирал Исус ако од него се барало нешто слично?

Добар истражувач на Библијата и добар учител

7. а) Со кого веројатно патувал Исус за да ја прослави Пасхата? б) Каде бил Исус кога другите тргнале на пат за дома, и зошто бил таму?

7 На сите машки членови во секоја фамилија во Израел им било заповедано да одат да го обожаваат Јехова во храмот за време на три еврејски празници (5. Мојсеева 16:16). Кога Исус имал 12 години, најверојатно целата негова фамилија тргнала во Ерусалим за празникот Пасха. Тоа значи дека отишле и неговите полубраќа и полусестри. Меѓутоа, меѓу оние што патувале со фамилијата на Исус можеби биле и Салома, најверојатно сестра ѝ на Марија, како и нејзиниот сопруг Зеведеј и нивните синови Јаков и Јован, кои подоцна станале апостоли * (Матеј 4:20, 21; 13:54-56; 27:56; Марко 15:40; Јован 19:25). Кога се враќале назад, Јосиф и Марија можеби си помислиле дека Исус е со роднините, па затоа во почетокот не забележале дека го нема. По три дена, кога Марија и Јосиф конечно го нашле Исус, тој бил во храмот и ‚седел меѓу учителите, слушајќи ги и поставувајќи им прашања‘ (Лука 2:44-46).

8. Што направил Исус во храмот, и зошто луѓето биле восхитени од него?

8 Какви биле прашањата што им ги поставувал Исус на учителите? Тој не прашувал само за да ја задоволи својата љубопитност или само за да дознае нешто. Грчкиот збор што е употребен овде би можел да се однесува на прашања што се користат во судските сослушувања, а тоа би можело да вклучува и вкрстени прашања. Да, уште како дете, Исус длабоко ја проучувал Библијата и со тоа ги зачудил образованите верски учители! „Сите што го слушаа, се восхитуваа на неговата остроумност и на неговите одговори“, стои во Библијата (Лука 2:47).

9. Како можеш да се угледаш на Исусовиот пример во поглед на проучувањето на Библијата?

9 Што мислиш, како можел Исус на толку рана возраст да ги восхити дури и искусните учители со своето библиско знаење? Се разбира, тој имал богобојазливи родители што од дете го поучувале за Бог (2. Мојсеева 12:24-27; 5. Мојсеева 6:6-9; Матеј 1:18-20). Можеме да бидеме уверени дека Јосиф го носел малиот Исус во синагогата за да слуша кога се читало и кога се разработувало Светото писмо. Дали и твоите родители ја проучуваат Библијата со тебе и те носат на христијанските состаноци? Дали го цениш нивниот труд, како што и Исус го ценел она што го правеле за него неговите родители? Дали им кажуваш на другите што си научил, како што правел Исус?

Исус бил послушен

10. а) Зошто родителите на Исус требало да знаат каде можат да го најдат? б) Каков убав пример им дал Исус на децата?

10 Што мислиш, како се чувствувале Марија и Јосиф кога по три дена конечно го нашле Исус во храмот? Сигурно многу им олеснало. Но, Исус се изненадил што неговите родители не знаеле каде е. Обајцата знаеле дека во раѓањето на Исус било вклучено чудо. Освен тоа, иако не им биле познати сите детали, сигурно знаеле нешто за неговата идна улога како Спасител и Владетел на Божјето Царство (Матеј 1:21; Лука 1:32-35; 2:11). Затоа, Исус ги прашал: „Зошто сте ме барале? Зарем не знаевте дека морам да бидам во домот на мојот Татко?“ Меѓутоа, Исус послушно заминал со своите родители и се вратил во Назарет. Библијата вели: „И им беше послушен“. Освен тоа, „мајка му внимателно ги чуваше сите овие зборови во своето срце“ (Лука 2:48-51).

11. Што можеш да научиш од Исус во врска со послушноста?

11 Дали ти е лесно да се угледаш на Исус и секогаш да ги слушаш своите родители? Или мислиш дека тие честопати не го сфаќаат денешниов свет и дека ти знаеш повеќе од нив? Точно е дека ти можеби знаеш повеќе за некои работи — како што се мобилните телефони, компјутерите или други модерни апарати. Но, помисли на Исус, кој ги восхитил искусните учители со ‚својата остроумност и со своите одговори‘. Сигурно ќе се согласиш дека, во споредба со него, ти знаеш многу малку. Сепак, Исус им бил подложен, односно послушен на своите родители. Тоа не мора да значи дека секогаш се согласувал со нивните одлуки. Сепак, тој ‚им бил послушен‘ — цело време додека бил на тинејџерска возраст. Што можеш да научиш од неговиот пример? (5. Мојсеева 5:16, 29).

Не е лесно да се биде послушен

12. Како може послушноста да ти го спаси животот?

12 Не е секогаш лесно да се биде послушен, како што покажува една случка од пред неколку години, кога две девојчиња сакале набрзина да преминат еден автопат со шест ленти наместо да го користат надвозникот што служел како премин за пешаци. „Ајде, Џон“, го викале својот другар кој се упатил накај надвозникот. „Зар не доаѓаш со нас?“ Кога почнал да се мисли, едно девојче подбивно му дофрлило: „Плашливец еден!“ Иако не било вистина дека Џон се плашел, тој рекол: „Сепак ќе ја послушам мајка ми“. Само по неколку моменти чул чкрипење на гуми и погледнал надолу токму во оној миг кога еден автомобил ги удрил девојчињата. Едното девојче умрело, а другото било толку сериозно повредено што морало да ѝ се ампутира ногата. Мајка им на девојчињата, која веќе ги имала опоменато да го користат надвозникот, подоцна ѝ рекла на мајка му на Џон: „Колку би сакала моите ќерки да беа послушни како син ти“ (Ефешаните 6:1).

13. а) Зошто треба да ги слушаш своите родители? б) Кога би било исправно едно дете да не го направи она што родителот го бара од него?

13 Зошто Бог вели: „Деца, слушајте ги своите родители“? Со тоа што ги слушаш родителите, ти го слушаш Бог. Освен тоа, твоите родители имаат поголемо искуство од тебе. На пример, само пет години пред да се случи сообраќајната несреќа што ја спомнавме, мајка му на Џон имала некоја пријателка чие дете загинало додека го преминувало истиот автопат! Вистина е дека нема секогаш да ти биде лесно да ги послушаш родителите, но Бог вели дека треба да ги слушаш. Од друга страна, пак, ако твоите родители — или некој друг — ти речат да лажеш, да крадеш или да правиш нешто друго што не му се допаѓа на Бог, ти мораш ‚да му се покоруваш на Бог, а не на луѓето‘. Затоа, откако Библијата вели „слушајте ги своите родители“, таа додава „во Господарот“. Тоа значи да ги слушаш родителите во сѐ што е во склад со Божјите закони (Дела 5:29).

14. Зошто на некој што е совршен му е полесно да биде послушен, но сепак, зошто дури и тој треба да се научи на послушност?

14 Дали си мислиш дека, да беше совршен — односно, „неизвалкан, одвоен од грешниците“, каков што бил Исус, секогаш ќе ти беше лесно да ги слушаш своите родители? (Евреите 7:26). Да беше совршен, немаше да имаш склоност да правиш лошо, како што имаш сега (1. Мојсеева 8:21; Псалм 51:5). Меѓутоа, дури и Исус морал да научи да биде послушен. Библијата вели: „Иако [Исус] беше Син Божји, се научи на послушност од она што го претрпе“ (Евреите 5:8). На кој начин страдањето му помогнало на Исус да се научи на послушност, лекција што никогаш не морал да ја учи додека бил на небото?

15, 16. На кој начин Исус се научил на послушност?

15 Следејќи го водството што им го давал Јехова, Јосиф и Марија го штителе Исус да не му се случи нешто лошо кога бил дете (Матеј 2:7-23). Но, дошло време кога Бог престанал да го штити Исус на натприроден начин. Исус доживеал толку големо душевно и физичко страдање што Библијата вели дека ‚со силни извици и солзи упатувал сесрдни молитви и молби‘ (Евреите 5:7). Кога се случило тоа?

16 Тоа се случило во последните часови од Исусовиот живот на Земјата, кога Сатана со сите сили се обидел да му ја скрши лојалноста. Очигледно Исус толку се измачувал со мислата за тоа како ќе се одрази неговата смрт како наводен злосторник врз доброто име на неговиот Татко, што во градината Гетсиманија ‚се молел уште посесрдно и потта му станала како капки крв што паѓале на земјата‘. По неколку часа, додека умирал на маченичкиот столб, Исус трпел толку големи болки што упатувал „силни извици и солзи“ (Лука 22:42-44; Марко 15:34). Така ‚се научил на послушност од она што го претрпел‘ и со тоа го израдувал срцето на својот Татко. Сега, кога е на небото, Исус од лично искуство знае колку ни е тешко кога честопати мораме да водиме борба за да бидеме послушни (Изреки 27:11; Евреите 2:18; 4:15).

Научи да бидеш послушен

17. Како треба да гледаме на укорот?

17 Кога татко ти и мајка ти те караат, со тоа покажуваат дека ти го мислат најдоброто, дека те сакаат. „А кој татко не го укорува својот син?“, прашува Библијата. Зар не би било жалосно ако твоите родители не те сакаат толку многу за да одвојат време да те исправат кога грешиш? Слично, бидејќи Јехова те сака, тој те исправа. „Се разбира, ниту едно укорување на почетокот не причинува радост, туку жалост, но на оние што преку него се поучени, подоцна им донесува плод полн со мир — праведност“ (Евреите 12:7-11).

18. а) Што покажува родителот кога со љубов го кара своето дете? б) Какви позитивни резултати си забележал кај оние што биле воспитувани на таков начин?

18 Еден цар од древниот Израел, кого Исус го спомнал како многу мудар цар, рекол дека родителите треба со љубов да ги исправаат своите деца. „Кој ја штеди прачката, го мрази својот син“, напишал Соломон, „а кој го сака, грижливо го опоменува“. Соломон рекол и дека оној што ја прифаќа исправката што му е дадена со љубов, си ја избавува душата од смртта (Изреки 13:24; 23:13, 14; Матеј 12:42). Една христијанка вели дека секогаш кога не била мирна на христијанските состаноци кога била мала, татко ѝ ќе ѝ дошепнел дека дома сигурно ќе си добие казна. Сега со голема љубов се сеќава на својот татко, кој ѝ помогнал да оди по правиот пат во животот со тоа што ја исправал кога грешела.

19. Особено од која причина треба да ги слушаш своите родители?

19 Ако твоите родители толку те сакаат што одвојуваат време и труд да те искараат со љубов, треба да бидеш благодарен за тоа. Слушај ги, исто како што нашиот Господар Исус Христос ги слушал своите родители, Јосиф и Марија. Но, слушај ги особено затоа што твојот небесен Татко, Јехова Бог, ти вели да бидеш послушен. Тоа сигурно ќе ти користи, и ‚ќе ти биде добро и ќе останеш долго на земјата‘ (Ефешаните 6:2, 3).

[Фуснота]

^ пас. 7 Види во книгата Увид во Светото писмо, том 2, страница 841, издадена од Јеховините сведоци.

Како би одговорил?

• Зошто на децата ќе им биде добро ако ги слушаат своите родители?

• Кога бил дете, каков добар пример дал Исус во поглед на послушноста на родителите?

• Како Исус се научил на послушност?

[Прашања]

[Слика на страница 24]

Дванаесетгодишниот Исус добро го познавал Светото писмо

[Слика на страница 26]

На кој начин Исус се научил на послушност од она што го претрпел?