Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Духовна изградба во „куќата од камења“

Духовна изградба во „куќата од камења“

Духовна изградба во „куќата од камења“

Името на оваа африканска земја значи „куќа од камења“. Таа е позната по Викториините Водопади и по својот разновиден животински свет. А во неа се наоѓаат и најголемите градби што ги направил човек јужно од Сахара. По средината на оваа држава се протега една гранитна висорамнина. Умерената клима што владее на таа висорамнина придонесува за плоден и буен растителен свет. Станува збор за Зимбабве, во кој живеат околу 12 милиони луѓе.

ОД КАДЕ доаѓа името Куќа од камења? Во 1867 год., ловецот и истражувач Адам Рендерс наишол на големи камени структури што се простирале на површина од 720 хектари. Тој имал патувано низ африканските степи, каде што куќите обично се правеле од кал и колци и им се ставал сламен покрив. Но, тогаш наишол на камените урнатини на еден голем град, кој денес е наречен Големиот Зимбабве.

Овие урнатини се наоѓаат јужно од подрачјето што денес е познато како Масвинга. Некои од ѕидовите се високи преку 9 метри, а гранитните камења се наредени еден врз друг без малтер. Меѓу овие урнатини има и една необична конусна кула висока околу 11 метри, чија основа има дијаметар од 6 метри. За што служела оваа градба, не се знае. Урнатините датираат од осмиот век од н.е., но има докази дека ова место било населено стотици години пред тоа.

Во 1980 год., земјата што тогаш беше позната како Родезија стекна независност од Британија и го доби името Зимбабве. Нејзините жители припаѓаат на две главни етнички групи — Шони, кои го сочинуваат поголемиот дел од населението, и Ндебели. Луѓето се гостољубиви, како што честопати забележуваат Јеховините сведоци додека проповедаат од куќа до куќа. Понекогаш, кога некој ќе им тропне на врата, тие не прашуваат ‚Кој е?‘, туку веднаш велат ‚Влези‘, и ‚Повели седни‘. Повеќето Зимбабвејци многу ја ценат Библијата и честопати бараат од своите деца да седат и да слушаат додека се разговара за неа.

Се пренесува охрабрувачка и утешна порака

„СИДА“ и „суша“ се зборови што често се користат во медиумите кога станува збор за Зимбабве. Епидемијата на СИДА остави сериозни последици врз населението и економијата на земјите во супсахарска Африка. Овде, луѓето лежат в болница најчесто поради ХИВ. Оваа болест им го уништи семејството на многу луѓе.

За да им помогнат на луѓето во Зимбабве, Јеховините сведоци активно објавуваат дека најдобро е да се живее според Божјите мерила што се изнесени во Библијата. На пример, Божјата реч учи дека треба да се има полови односи само во рамките на бракот, дека Бог не ја одобрува хомосексуалноста и дека Јеховиниот закон забранува да се прима трансфузија на крв и да се користи дрога (Дела 15:28, 29; Римјаните 1:24-27; 1. Коринќаните 7:2-5; 2. Коринќаните 7:1). Сведоците исто така пренесуваат порака за една цврста надеж, нагласувајќи дека во блиска иднина Божјето Царство ќе ги отстрани сите болести (Исаија 33:24).

Хуманитарна помош

Во изминатава деценија, сушата нанесе големи штети низ Зимбабве. Дивите животни папсуваа од глад и од дехидрација. Изумреа стотици илјади грла стока. Пожарите уништија хектари шуми од кои се добиваше граѓа. Многу деца и возрасни умреа од неисхранетост. Дури и водите на силната река Замбези се спуштија до ниво што го загрози функционирањето на хидроелектричните централи.

За да сторат нешто во врска со ваквото пустошење, Јеховините сведоци организираа осум одбори за помош во различни делови од земјата. Патувачките надгледници ги посетуваа собранијата за да проценат што им е потребно. Овие информации ги пренесуваа до соодветниот одбор за помош. Еден патувачки надгледник извести: „Во изминативе пет години разнесовме повеќе од илјада тони пченка, десет тони сува риба и исто толкаво количество грав. Нашите духовни браќа направија два тона муфушуа [сув зеленчук]. Исто така, разнесовме големи количества донирана облека, како и потребните парични средства“. Еден друг патувачки надгледник забележал: „Кога ќе помислам на тешкотиите што ги имавме за да ги добиеме сите дозволи што ги бараа владите на Зимбабве и на Јужноафриканската Република за да можеме да ги донесеме овие работи, и кога ќе помислам на постојаниот недостиг на гориво што ни беше потребно за да ја однесеме оваа неопходна помош, можам само да дојдам до заклучок дека нашиот успех е уште еден доказ дека се исполнуваат Исусовите зборови со кои нѐ уверува дека нашиот небесен Татко знае дека ни е потребно сето тоа“ (Матеј 6:32).

Како успеваат патувачките надгледници да служат во подрачјата погодени од суша? Некои носат храна за себе и за семејствата кај кои се сместени. Еден од нив извести дека некои христијанки се мислеле дали да престанат да проповедаат тој ден за да можат да застанат во редот во кој се чекала помош од владата. Одлучиле да покажат доверба во Јехова и да продолжат да проповедаат и потоа да видат како ќе испаднат работите. Тој ден не стигнала помош од владата.

За следниот ден бил испланиран состанок, и тие сестри повторно морале да донесат одлука. Дали ќе одат на состанокот или ќе појдат да ја чекаат хуманитарната помош? Знаејќи што е најважно, отишле на состанокот што се одржувал во Салата на Царството (Матеј 6:33). Додека ја пееле последната песна, чуле како доаѓа некој камион. Помошта стигнала токму таму, преку нивните духовни браќа од одборот за помош! Не може да се опише со зборови безграничната радост и благодарност на верните Сведоци што биле присутни на тој состанок.

Љубовта изградува

Кога ќе им се направи добро дело на оние што не припаѓаат на христијанското собрание, се отвораат можности да им се даде убаво сведоштво. Еден патувачки надгледник од подрачјето Масвинга, заедно со уште неколку Сведоци од тој крај, бил на проповедање. Покрај патот забележал како лежи некое девојче. Сведоците сфатиле дека девојчето било многу болно, бидејќи не можело добро да зборува и гласот му треперел. Се викало Хамунјари, што на јазикот шона значи: „Зар не ти е срам?“ Им кажала на браќата дека таму ја оставиле луѓето од нејзината црква кои оделе на верска служба во планините. Сведоците со многу љубов и грижа ѝ помогнале и ја одвеле во блиското село.

Во тоа село, некои луѓе знаеле која е Хамунјари и им кажале на нејзините роднини да дојдат по неа. Во врска со Сведоците, селаните рекле: „Ова е вистинската религија. Ваква љубов треба да владее меѓу христијаните“ (Јован 13:35). Пред да заминат, браќата ѝ го дале на Хамунјари трактатот Сакаш ли да знаеш повеќе за Библијата? *

Следната недела патувачкиот надгледник служел во собранието во местото каде што живеела Хамунјари. Тој сакал да дознае дали безбедно стигнала дома. Сите во нејзиното семејство се радувале кога ги виделе него и браќата од нивното место. Нејзините родители рекле: „Вие ја имате вистинската религија. Ѝ го спасивте животот на нашата ќерка, која беше оставена да умре на патот“. Ги прашале членовите на нејзината црква: „Зар не ви беше срам, како што покажува името на Хамунјари, да ја оставите да умре?“ Сведоците разговарале за Библијата со семејството на Хамунјари и им оставиле библиска литература. Тие ги поканиле браќата повторно да дојдат за да проучуваат со нив. Некои роднини што им се противеле на Сведоците сега имаат сосема поинаков став. Еден од нив, зетот на Хамунјари, бил водач на една црква од тоа место. Тој прифатил да ја проучува Библијата.

Се градат места во кои се обожава Бог

Еден вдахновен поет, кој живеел многу одамна, напишал: „Боже,.. мојата душа жеднее за тебе... Во земја сува и исушена, каде што нема вода“ (Псалм 63:1). Овие зборови навистина важат за многу луѓе во Зимбабве! Тие трпат суша физички, но жеднеат духовно за Бог и неговата добрина. Ова можеш да го видиш од резултатите што ги постигнаа Јеховините сведоци во христијанската служба. Кога Зимбабве стана независна држава во 1980 год., имаше околу 10.000 Сведоци што служеа во 476 собранија. Сега, повеќе од 27 години подоцна, има речиси трипати повеќе активни Сведоци и речиси двапати повеќе собранија.

Само мал број од овие собранија имаат свои места каде што можат да го обожаваат Бог. Во јануари 2001 год., само 98 од повеќе од 800 собранија во Зимбабве имаа Сала на Царството — место каде што можат да ги одржуваат своите состаноци. Многу собранија одржуваа состаноци под дрвјата или во скромни колипки направени од колци, со ѕидови малтерисани со кал и со покриви од слама.

Благодарение на дарежливите прилози и на марливата работа на доброволците од нивното христијанско братство од целиот свет, Сведоците во Зимбабве започнаа една програма со која уште многу собранија можат да добијат скромни, но достоинствени Сали на Царството. Многу Сведоци од странство што се разбираат од градежништво направиле сѐ што треба за да појдат во Зимбабве и да работат заедно со тамошните доброволци. Еден од тамошните Сведоци напишал: „Искрено им се заблагодаруваме на сите браќа и сестри од толку многу земји што дојдоа во Зимбабве да помогнат да се изградат убави Сали на Царството. И ви се заблагодаруваме на сите вас за вашите прилози во фондот за Сали на Царството, кој ја овозможува ваквата изградба“.

Во источниот дел од оваа земја, цели 50 години браќата одржувале состаноци под еден огромен баобаб. Кога на христијанските старешини им било речено дека се планира да се изгради вистински дом за обожавање на Бог, барем еден од нив не можел да си ги задржи солзите. Во едно од блиските собранија, еден 91-годишен старешина рекол: „Толку време со солзи го молам Јехова да се случи вакво нешто!“

Луѓето дале многу коментари за брзината со која се градат овие убави градби. Еден човек рекол: „Вие градите дење, но Бог мора да гради ноќе!“ Единството и радоста на работниците исто така оставиле силен впечаток. До денес, во оваа земја се изградени над 350 нови Сали на Царството. Благодарение на ова, 534 собранија можат да одржуваат состаноци во Сали на Царството со цврста градба.

Во Зимбабве продолжува животоважната духовна изградба. Кога ќе размислиме за она што е постигнато, поттикнати сме заслугата да му ја припишеме на Јехова, изворот на таквите благослови. Да, „ако Јехова не ја гради куќата, залудно се трудат нејзините градители“ (Псалм 127:1).

[Фуснота]

^ пас. 16 Издаден од Јеховините сведоци.

[Карти на страница 9]

(Види во публикацијата)

ЗИМБАБВЕ

ХАРАРЕ

Масвинга

Големиот Зимбабве

[Слика на страница 9]

Конусна кула

[Слика на страница 12]

Нова Сала на Царството, собранието Консешн

[Слика на страница 12]

Членовите на собранието Линдејл пред нивната нова Сала на Царството

[Извори на слики на страница 9]

Урнатини со скалила: ©Chris van der Merwe/AAI Fotostock/age fotostock; кулата на вметнатата фотографија: ©Ingrid van den Berg/AAI Fotostock/age fotostock