Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Жени — длабоко почитувајте ги своите мажи

Жени — длабоко почитувајте ги своите мажи

Жени — длабоко почитувајте ги своите мажи

„Жените нека им бидат подложни на своите мажи“ (ЕФЕШАНИТЕ 5:22).

1. Зошто на жените честопати им е тешко да ги почитуваат своите мажи?

 ВО МНОГУ земји, кога двајца млади стапуваат во брак, невестата се заколнува дека длабоко ќе го почитува својот сопруг. Меѓутоа, начинот на кој многу мажи постапуваат со своите жени влијае врз тоа дали на жената ќе ѝ биде лесно или тешко да го исполни тој завет. Сепак, бракот имал прекрасен почеток. Бог зел ребро од првиот маж, Адам, и од него ја направил жената. Адам воскликнал: „Најпосле, еве коска од моите коски и месо од моето месо“ (1. Мојсеева 2:19-23).

2. Каков став кон својата улога во бракот стекнале жените во последно време?

2 Иако бракот имал убав почеток, во раните 1960-ти во Соединетите Држави започнало едно движење познато како Движење за ослободување на жените — кое претставувало обид на жените да се ослободат од машката доминација. Во тоа време, на секои 300 мажи што ги напуштиле своите фамилии имало само една жена што го направила тоа. До крајот на 1960-тите, тој однос се променил на 100 спрема 1. А изгледа дека денес жените пцујат, пијат, пушат и вршат неморал исто колку и мажите. Но, дали жените се посреќни заради тоа? Не. Во некои земји, околу половина од луѓето што стапуваат во брак на крајот се разведуваат. Дали обидот на некои жени да ја подобрат ситуацијата во својот брак ги подобрил или само ги влошил работите? (2. Тимотеј 3:1-5).

3. Кој е главниот проблем во многу бракови?

3 Во што лежи главниот проблем? Донекаде станува збор за проблемот што постои откако Ева била измамена од бунтовниот ангел, „празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана“ (Откровение 12:9; 1. Тимотеј 2:13, 14). Сатана го поткопал сето она што го кажал Бог. На пример, што се однесува до бракот, Ѓаволот направил да изгледа дека тој премногу ограничува и дека е суров. Пропагандата што ја шири преку медиумите на овој свет — чиј владетел е тој — е наменета да ги прикаже Божјите упатства како неправедни и застарени (2. Коринќаните 4:3, 4). Но, ако објективно испитаме што вели Бог во врска со тоа каква улога во бракот има жената, ќе видиме колку е мудра и практична Божјата реч.

Предупредување за оние што стапуваат во брак

4, 5. а) Зошто една жена треба да биде претпазлива кога размислува за брак? б) Што треба да направи една жена пред да се омажи?

4 Библијата ни дава една опомена. Таа вели дека во овој свет со кој владее Ѓаволот, дури и оние што имаат успешен брак ќе имаат „неволји“. Затоа, иако бракот е даден од Бог, Библијата им дава некои предупредувања на оние што стапуваат во брак. Еден вдахновен библиски писател го рекол следново во врска со жената чиј маж умрел и затоа е слободна да се премажи: „Ќе биде посреќна ако остане како што е“. Исто така, Исус им го препорачал самештвото на оние што ‚можат да живеат така‘. Меѓутоа, ако некој одлучи да стапи во брак, тоа треба да биде со некој „во Господарот“, односно со некој крстен слуга на Бог (1. Коринќаните 7:28, 36-40; Матеј 19:10-12).

5 Причината зошто особено жената треба да внимава со кого ќе се омажи е библиската опомена: „Омажената жена е врзана со закон за мажот“. Само ако тој умре или ако направи неморал па затоа мажот и жената се разведат, таа е ‚ослободена од неговиот закон‘ (Римјаните 7:2, 3). Љубовта на прв поглед можеби е доволна за да се развие една пријатна романса, но воопшто не е добар темел за да се изгради среќен брак. Затоа, една немажена жена треба да се праша: ‚Дали сум спремна да стапам во врска во која ќе бидам под законот на овој маж?‘ Таа треба да размисли за ова прашање пред да се омажи, а не откако ќе се омажи.

6. Каква одлука можат сами да донесат жените денес, и зошто таа одлука е толку важна?

6 Во денешно време, во многу земји жената може сама да одлучи дали да прифати или да одбие една брачна понуда. Сепак, можеби ќе ѝ биде многу тешко да донесе мудра одлука, затоа што може да чувствува многу силна желба за блискоста и љубовта што ги има во бракот. Еден писател рекол: „Колку повеќе сакаме да направиме нешто — сеедно дали да стапиме во брак или да се искачиме на некоја планина — толку посклони сме да си мислиме дека сѐ ќе биде добро и да обрнуваме внимание само на оние информации што сакаме да ги чуеме“. Некоја неразумна одлука што ќе ја донесе еден планинар може да го чини живот, но и немудриот избор на брачен партнер може да заврши подеднакво катастрофално.

7. Кој мудар совет ни е даден во врска со изборот на брачен партнер?

7 Една жена треба сериозно да размисли што сѐ е вклучено во тоа да биде под законот на човекот што ѝ предлага брак. Пред повеќе години, една млада Индијка скромно признала: „Нашите родители се постари и помудри, и не можат да бидат толку лесно измамени како нас... Јас лесно би можела да згрешам“. Помошта што можат да ја дадат родителите и другите блиски е скапоцена. Еден мудар човек со години ги советува младите да ги запознаат родителите на идниот брачен другар и внимателно да гледаат како се однесува со нив и со другите членови од семејството.

Како Исус покажал подложност

8, 9. а) Како гледал Исус на својата подложност на Бог? б) Што се постигнува со подложноста?

8 И покрај тоа што не е лесно да се биде подложен, жените треба да гледаат на подложноста како на многу убава особина, исто како што на неа гледал и Исус. Тој со радост му се подложил на Бог, иако тоа значело дека ќе доживее страдања, вклучувајќи и смрт на маченички столб (Лука 22:41-44; Евреите 5:7, 8; 12:3). Жените може да се угледаат на примерот на Исус, бидејќи Библијата вели: „Глава на жената е мажот, а глава на Христос е Бог“ (1. Коринќаните 11:3). Но, жените не доаѓаат под законот на мажите само откако ќе се омажат.

9 Библијата објаснува дека жените, сеедно дали се мажени или не, треба да се подложат на поглаварството на духовно оспособените мажи што го надгледуваат христијанското собрание (1. Тимотеј 2:12, 13; Евреите 13:17). Кога жените ѝ се послушни на Божјата заповед во врска со подложноста, им даваат пример на ангелите во Божјата организација (1. Коринќаните 11:8-10). Освен тоа, постарите жени што се во брак, со својот убав пример и со своите корисни совети, ги учат помладите жени да им бидат „подложни на своите мажи“ (Тит 2:3-5).

10. Каков пример за подложност оставил Исус?

10 На Исус му било јасно дека е добро да се биде подложен кога треба. Еднаш му рекол на апостол Петар да им плати данок на човечките власти за обајцата, па дури и му ги обезбедил на Петар парите што биле потребни за да се плати данокот. Подоцна, Петар напишал: „Заради Господарот, подложете се на секоја човечка власт“ (1. Петрово 2:13; Матеј 17:24-27). Во врска со најистакнатиот пример на подложност што го дал Исус, во Библијата е запишано: „Се одрече од самиот себе и зеде облик на роб и стана сличен на луѓето. Освен тоа, кога по облик стана човек, се понизи и стана послушен сѐ до смртта“ (Филипјаните 2:5-8).

11. Зошто Петар ги охрабрил жените да бидат подложни дури и кога мажот не е соверник?

11 Кога им препорачал на христијаните да им бидат подложни дури и на суровите, неправедни власти на овој свет, Петар објаснил: „На тоа сте и повикани, бидејќи и Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Откако објаснил колку страдал Исус и како подложно го поднел страдањето, Петар им го дал следниов совет на жените чии мажи не биле соверници: „Така и вие, жени, бидете им подложни на своите мажи, за да ги придобиете без збор, со своето однесување, оние што не ѝ се послушни на Божјата реч, кога ќе ги видат вашето чисто однесување и длабоката почит“ (1. Петрово 3:1, 2).

12. Што постигнал Исус со својата подложност?

12 Кога некој е подложен иако му се смеат и го навредуваат, другите можеби ќе заклучат дека тоа е знак на слабост. Сепак, Исус не мислел така. „Кога го навредуваа“, напишал Петар, „не враќаше со навреди. Кога страдаше, не се закануваше“ (1. Петрово 2:23). Некои од оние што гледале како страда Исус почнале барем донекаде да веруваат во него, а меѓу нив бил и разбојникот што бил на столбот веднаш до него, како и стотникот што го гледал погубувањето (Матеј 27:38-44, 54; Марко 15:39; Лука 23:39-43). Слично, Петар покажал дека некои мажи што не се верници — дури и оние што ја навредуваат својата жена — ќе станат христијани откако ќе видат дека таа е подложна. Денес имаме видено докази дека ова е можно.

Како може жената да го придобие својот маж

13, 14. Што постигнала една жена со тоа што му била подложна на својот сопруг кој не бил соверник?

13 Жените што станале вернички ги придобиле своите мажи со своето христијанско однесување. На еден неодамнешен обласен конгрес на Јеховините сведоци, еден маж го рекол следново за својата сопруга што била христијанка: „Бев глупав што бев толку груб со неа. Сепак, таа многу ме почитуваше и ниту еднаш не ме потцени. Не се обиде да ми ги наметне своите верувања. Со љубов се грижеше за мене. Кога одеше на конгрес, однапред ми ги подготвуваше оброците и ја завршуваше работата дома. Со својот став ме заинтересира за Библијата. И, еве ме, сега и јас сум Сведок!“ Да, тој бил ‚придобиен без збор‘ со однесувањето на својата жена.

14 Како што истакнал Петар, за да се постигнат добри резултати не е најпресудно што кажува жената, туку што прави. Ова може да се види од примерот на една жена која, откако ги дознала библиските вистини, решила редовно да оди на христијанските состаноци. „Агнес, само ако го пречекориш прагот на оваа врата, да не си стапнала повеќе во куќава!“, ѝ викнал маж ѝ. Таа не излегла ‚од таа врата‘ туку од другата. Следниот пат кога требало да оди на состанок, тој се заканил: „Нема да ме најдеш повеќе овде кога ќе се вратиш“. И навистина не бил дома — отишол некаде на три дена. Кога се вратил, таа љубезно го прашала: „Сакаш ли нешто за јадење?“ Агнес никогаш не попуштила во својата оддаденост на Јехова. Нејзиниот сопруг на крајот почнал да ја проучува Библијата, му го заветувал својот живот на Бог и подоцна почнал да служи како надгледник со многу одговорности.

15. Каков „украс“ им се препорачува на христијанките што се во брак?

15 Апостол Петар им препорачал на сите жени да имаат нешто што веќе го имале жените што ги спомнавме. Станува збор за еден „украс“, но не со тоа што ќе обрнат претерано внимание на „плетењето на косата“ или на „облекувањето облеки“. Наместо тоа, Петар рекол: „[Вашиот украс] нека биде тајниот човек на срцето, облечен во нераспадливото руво на мирниот и благ дух, кој е драгоцен во Божји очи“. Ваквиот дух се покажува со тонот на гласот и со однесувањето, кои треба да бидат пријатни, а не предизвикувачки или заповеднички. На тој начин, една христијанка што е во брак покажува дека длабоко го почитува својот маж (1. Петрово 3:3, 4).

Примери од кои треба да учиме

16. Во кои работи Сара е добар пример за христијанките што се во брак?

16 Петар напишал: „Така некогаш се украсуваа и светите жени кои се надеваа на Бог и им беа подложни на своите мажи“ (1. Петрово 3:5). Тие сфатиле дека со тоа што ќе му угодуваат на Јехова слушајќи го советот што им го дава тој, на крајот ќе имаат среќен семеен живот, а ќе добијат и вечен живот. Петар ја спомнува Сара, убавата жена на Авраам, и кажува дека таа ‚му била послушна на Авраам, нарекувајќи го „господар“‘. Сара му давала поддршка на својот богобојазлив маж, кому Бог му дал задача да служи во една далечна земја. Таа се откажала од удобниот живот, па дури и си го ризикувала животот (1. Мојсеева 12:1, 10-13). Петар ја посочил Сара како пример за храброст, велејќи: „Вие сте нејзини ќерки ако правите добро и не се плашите од никакви застрашувања“ (1. Петрово 3:6).

17. Зошто Петар веројатно ја имал на ум Авигеја како пример за христијанките што се во брак?

17 Авигеја е уште една бестрашна жена што се надевала на Бог, и Петар можеби ја имал и нејзе на ум. Таа била „многу разборита“, но маж ѝ Навал бил „груб и зол“. Кога Навал не сакал да им помогне на Давид и на неговите луѓе, тие се подготвиле да го погубат Навал и целиот негов дом. Но, Авигеја презела нешто за да го спаси својот дом. Натоварила магариња со храна и го пресретнала Давид кога тој тргнал со своите вооружени луѓе. Кога го здогледала Давид, се симнала од магарето, му паднала пред нозете и го молела да не постапи непромислено. Тоа силно влијаело врз Давид. „Нека е благословен Јехова, Богот на Израел, кој денес те испрати да ме пресретнеш!“, рекол тој, и „благословена да биде твојата разумност“ (1. Самоилова 25:2-33).

18. За кој пример треба да размислуваат жените ако им е искушение тоа што сака да ги освои некој друг маж, и зошто треба да размислуваат за тој пример?

18 Друг убав пример за жените што се во брак е примерот на младата суламка што му останала лојална на еден обичен пастир, со кого си имале дадено збор. Нејзината љубов кон него останала цврста и покрај тоа што се обидел да ја освои еден богат владетел. Кога ги искажала своите чувства за младиот пастир, таа рекла: „Стави ме како печат на срцето свое, како печат на раката своја, зашто љубовта е силна како смртта... Многу води не можат да ја угаснат љубовта и реките не можат да ја однесат“ (Песна над песните 8:6, 7). Секоја жена што ќе прифати некоја брачна понуда, нека биде решена да му остане верна на својот маж и длабоко да го почитува.

Уште совети од Бог

19, 20. а) Од која причина жените треба да им бидат подложни на своите мажи? б) На кој убав пример можат да се угледаат жените?

19 И на крајот, размисли за контекстот на стихот од кој е земена нашата тема: „Жените нека им бидат подложни на своите мажи“ (Ефешаните 5:22). Зошто е потребно тоа? Следниот стих продолжува: „Зашто мажот е глава на жената како што е и Христос глава на собранието“. Затоа, жените се советувани: „И како што собранието му е подложно на Христос, така и жените нека им бидат подложни на своите мажи во сѐ“ (Ефешаните 5:23, 24, 33).

20 За да можат да ја послушаат оваа заповед, жените треба да го проучат и да го следат примерот на Христовото собрание од помазани следбеници. Кога ќе прочиташ што пишува во 2. Коринќаните 11:23-28, ќе дознаеш што претрпел еден член на собранието, апостол Павле, за да му остане верен на својот Поглавар, Исус Христос. Исто како Павле, жените и другите членови на собранието треба да му останат лојални и подложни на Исус. Жените покажуваат таква лојалност со тоа што им се подложни на своите мажи.

21. Кои работи може да ги мотивираат жените да им бидат подложни на своите мажи?

21 Иако денес на многу жени можеби не им се допаѓа помислата да бидат подложни, мудрата жена ќе размисли зошто е добро тоа. На пример, ако маж ѝ не е соверник, со својата подложност на неговото поглаварство во сѐ што не се коси со Божјите закони и начела таа може да биде богато наградена кога ќе ‚го спаси својот маж‘ (1. Коринќаните 7:13, 16). Освен тоа, ќе се радува на помислата дека Јехова Бог го одобрува она што го прави таа и богато ќе ја награди што го следи примерот на неговиот драг Син.

Се сеќаваш ли?

• Зошто на жената можеби нема да ѝ биде лесно да го почитува својот маж?

• Зошто е многу сериозна работа да се прифати некоја брачна понуда?

• Каков пример им дал Исус на жените, и што се постигнува ако се следи неговиот пример?

[Прашања]

[Слика на страница 19]

Зошто е толку сериозна работа одлуката дали да се прифати некоја брачна понуда?

[Слика на страница 21]

Што можат да научат жените од примерот на библиските личности како што била Авигеја?