Како настанал нашиот уникатен сончев систем
Како настанал нашиот уникатен сончев систем
ПОЛОЖБАТА на нашиот Сончев систем во вселената е единствена од повеќе причини. Тој се наоѓа меѓу два спирални крака на Млечниот Пат, и тоа во простор со релативно малку ѕвезди. Речиси сите ѕвезди што можеме да ги видиме ноќе се толку далеку од нас што дури и кога се набљудуваат низ најголемите телескопи изгледаат како ситни точки светлина. Дали треба да биде така?
Кога нашиот Сончев систем би бил поблизу до центарот на Млечниот Пат, ние би ги почувствувале лошите последици од присуството на многуте ѕвезди. Движењето на Земјата во орбитата најверојатно би било попречувано, и ова драстично би се одразило врз животот на луѓето. Се чини дека нашиот Сончев систем се наоѓа на идеално место во нашата галаксија, и ова му помага да ја избегне и оваа и други опасности. На пример, нема опасност да се прегрее, затоа што не поминува низ облаци од гас. Исто така, не е изложен на експлозии на ѕвезди и на други извори на смртоносно зрачење.
Сонцето е ѕвезда што потполно ги задоволува нашите потреби. Тоа гори бавно и долго, и не е ниту преголемо ниту премногу жешко. Огромен број ѕвезди во нашата галаксија се многу помали од Сонцето и не даваат ниту доволно топлина ниту таква светлина каква што е потребна за да може да се поддржува животот на една планета како што е нашата Земја. Освен тоа, повеќето ѕвезди се гравитациски поврзани со една или повеќе други ѕвезди и кружат една околу друга. За разлика од нив, нашето Сонце е независна ѕвезда. Стабилноста на нашиот Сончев систем најверојатно би се нарушила кога врз него би влијаела гравитацијата од две или повеќе сонца.
Друга причина што придонесува за уникатноста на нашиот Сончев систем е положбата на надворешните џиновски планети кои имаат скоро кружни орбити и чија гравитација не влијае врз кружењето на внатрешните каменити планети. * Наместо тоа, надворешните планети имаат заштитно влијание бидејќи ги привлекуваат кон себе или им ја менуваат патеката на космичките тела што би можеле да бидат опасни за нас. „Иако нѐ погодуваат астероиди и комети, ова не се случува толку често, и тоа благодарение на присутноста на џиновските планети од гас како, на пример, Јупитер, кој кружи по нас“, објаснуваат научниците Питер Д. Вард и Доналд Браунли во својата книга Ретка планета — зошто сложениот живот не е вообичаена појава во вселената (Rare Earth—Why Complex Life Is Uncommon in the Universe). Откриени се и други Сончеви системи со џиновски планети. Но, орбитите во кои кружат повеќето од нив би претставувале опасност за помали планети слични на Земјата.
Улогата на Месечината
Луѓето ѝ се восхитуваат на Месечината уште од дамнешни времиња. Таа послужила како инспирација за многу поети и музичари. На пример, еден древен еврејски поет рекол дека таа „стои цврсто довека... како верен сведок на небото“ (Псалм 89:37).
Месечината има особено значајно влијание врз животот на Земјата бидејќи со својата гравитација предизвикува плима (прилив) и осека (одлив). Се смета дека плимата
и осеката имаат силно влијание врз океанските струења кои, пак, се од пресудно значење за климата на Земјата.Друга клучна улога на Месечината е тоа што нејзината гравитација ја држи Земјината оска под ист наклон во однос на рамнината во која нашата планета кружи околу Сонцето. Според научното списание Nature, без Месечината, наклонот на Земјината оска би варирал во текот на долги периоди од „речиси 0 [степени] до 85 [степени]“. Замисли што би се случило кога Земјата не би кружела под одреден наклон! Тогаш не би уживале во прекрасната разноликост на годишните времиња и не би имале доволно дождови. Освен тоа, наклонот на Земјината оска не дозволува температурите да бидат екстремни и непогодни за нашиот опстанок. „Стабилноста на климата денес се должи на една извонредна појава — присутноста на Месечината“, заклучува астрономот Жак Ласкар. Нашата Месечина ја има оваа стабилизирачка улога благодарение на тоа што е голема — релативно поголема од месечините што кружат околу џиновските планети.
Освен тоа, како што забележал писателот на древната библиска книга 1. Мојсеева, овој Земјин природен сателит служи и да осветлува ноќе (1. Мојсеева 1:16).
Случајно или намерно?
Како може да се објасни истовременото постоење на толку многу фактори кои не само што овозможуваат да постои живот на Земјата туку и да уживаме во него? Се чини дека има само две објаснувања за ова. Првото е дека сите овие фактори се непланиран резултат на слепата случајност. А второто е дека зад сите нив стои некоја разумна намера.
Уште пред неколку илјади години, во Светото писмо било запишано дека нашата вселена била замислена и создадена од Творец — Семоќниот Бог. Ако ова е вистина, тогаш условите во нашиот Сончев систем не настанале случајно туку биле промислено создадени. Творецот ни оставил, така да се каже, еден запис за чекорите што ги направил за да ја подготви Земјата за живот. Можеби ќе те изненади кога ќе дознаеш дека, иако овој извештај е стар околу 3.500 години, настаните за потеклото на вселената кои се опишани во него главно се поклопуваат со она што и научниците сметаат дека најверојатно се случило. Овој извештај е запишан во библиската книга 1. Мојсеева. Да видиме што стои таму.
Извештајот за создавањето од 1. Мојсеева
„Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1). Првите зборови од Библијата се однесуваат на создавањето на нашиот Сончев систем, вклучувајќи ја и нашата планета, како и на ѕвездите во милијардите галаксии во вселената. Според Библијата, во далечното минато, површината на Земјата била „празна и пуста“. Немало континенти и немало плодна почва. Меѓутоа, веќе следните зборови укажуваат на она што, според научниците, е најнеопходно за да постои живот на една планета — изобилство на вода. Божјиот дух ‚дејствувал над површината на водите‘ (1. Мојсеева 1:2).
За да може водата на површината да остане во течна состојба, планетата мора да биде на исправно растојание од своето сонце. „На Марс е премногу студено, на Венера е премногу жешко, а на Земјата е токму како што треба“, објаснува планетологот Ендрју Ингерсол. Освен тоа, потребно е доволно светлина и за да има растенија. Значајно е тоа што библискиот извештај вели дека во овој прв период на создавање, Бог предизвикал сончевата светлина да ги пробие темните облаци од водена пареа во кој бил ‚повиен‘ океанот (Јов 38:4, 9; 1. Мојсеева 1:3-5).
Во следните стихови од 1. Мојсеева, читаме дека Творецот создал нешто што Библијата го нарекува „свод“ (1. Мојсеева 1:6-8). Во него се наоѓаат гасовите од кои се состои Земјината атмосфера.
Потоа Библијата објаснува дека Бог направил промени на површината на Земјата за да се покаже копното (1. Мојсеева 1:9, 10). Веројатно тој предизвикал Земјината кора да се крева и да се спушта. Како резултат на тоа се создале длабоки долини и континентите се издигнале од океаните (Псалм 104:6-8).
Во некое неодредено време во историјата на Земјата, Бог ги создал микроскопските алги во океаните. Користејќи енергија од Сонцето, овие саморепродуктивни едноклеточни организми почнале да го претвораат јаглеродниот диоксид во храна, а притоа испуштале кислород во атмосферата. Овој чудесен процес бил забрзан со појавата на растителниот свет во третиот период од создавањето, и на крајот растенијата го прекриле целото копно. Така се зголемило количеството на кислород во атмосферата, а тој е неопходен за да можат, со дишењето, да се одржуваат во живот и луѓето и животните (1. Мојсеева 1:11, 12).
За почвата да биде плодна, Творецот создал најразлични микроорганизми кои живеат во неа (Еремија 51:15). Овие ситни суштества ја разградуваат мртвата материја и ги преработуваат елементите што се потребни за раст на растенијата. Во почвата живеат посебни видови бактерии што го заробуваат азотот од воздухот. Така растенијата можат да го впијат од почвата и да растат. Само еден грст плодна почва може да содржи и до шест милијарди микроорганизми — вистинско чудо!
Во 1. Мојсеева 1:14-19 се вели дека, во четвртиот период од создавањето, Бог ги создал сонцето, месечината и ѕвездите. На прв поглед, ова можеби звучи спротивно од она што досега беше наведено во библискиот извештај. Но, имај на ум дека Мојсеј, писателот на 1. Мојсеева, го пишувал извештајот за создавањето од гледна точка на човек што би ги набљудувал овие настани од Земјата. Очигледно, од овој период натаму, сонцето, месечината и ѕвездите можеле да се видат низ Земјината атмосфера.
Според извештајот во 1. Мојсеева, морските животни се појавиле во петтиот, а копнените животни и човекот во шестиот период од создавањето (1. Мојсеева 1:20-31).
Земјата била создадена за уживање
Зарем не ти се чини дека животот на Земјата, чиј настанок е опишан во библискиот извештај од 1. Мојсеева, бил создаден за уживање? Дали некогаш си се разбудил во некој сончев ден, си вдишал чист воздух и си бил среќен што си жив? Можеби си се прошетал низ некоја градина и си уживал во убавината и миризбата на цвеќињата. Или, можеби си се прошетал низ овоштарник и си скинал некое вкусно овошје. Не би можел да уживаш во овие работи доколку би го немало следново: 1) изобилство вода на Земјата, 2) доволно топлина и светлина од сонцето, 3) атмосфера со исправната смеса од гасови, и 4) плодна почва.
Сите овие обележја — кои не постојат на Марс, на Венера и на другите соседни планети — не се резултат на слепата случајност. Тие биле прецизно усогласени за ние да можеме да уживаме во животот на Земјата. Освен тоа, како што ќе покаже следната статија, Библијата ни кажува дека Творецот ја создал нашата прекрасна планета за да постои засекогаш.
[Фуснота]
^ пас. 5 Четирите планети што се најблиску до Сонцето — Меркур, Венера, Земја и Марс — се наречени каменити планети бидејќи имаат каменита површина. Четирите надворешни џиновски планети — Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун — главно се состојат од гасови.
[Рамка на страница 6]
„Кога јас, како геолог, би требало да му ги објаснам накратко денешните идеи за настанокот на Земјата и за развојот на животот на неа на еден едноставен народ што се занимава со чување овци, како што биле племињата за кои била напишана книгата 1. Мојсеева, најдобро би ги објаснил доколку би се држел доста близу за она што е кажано во првото поглавје од 1. Мојсеева“ (геологот Валас Прат).
[Рамка/слика на страница 7]
ИДЕАЛНА И ЗА АСТРОНОМИЈАТА
Кога Сонцето би било на друго место во нашата галаксија, не би имале таков добар преглед на ѕвездите. Книгата Повластена планета објаснува: „Бидејќи нашиот Сончев систем е сместен... далеку од правливите пространства во кои светлината е премногу јака, имаме извонреден поглед и на соседните ѕвезди и на далечната вселена“.
Освен тоа, Месечината, со својата големина и соодветна оддалеченост од Земјата, може целосно да го покрие Сонцето при неговото затемнување. Ваквите ретки настани што влеваат страхопочит им овозможуваат на астрономите да го истражуваат Сонцето. Овие истражувања им помогнале да откријат многу тајни за тоа како светат ѕвездите.
[Слика на страница 5]
Масата на Месечината е доволно голема за постојано да ја држи Земјината оска под ист наклон
[Слики на страница 7]
Што го овозможува животот на Земјата? Изобилството вода, доволната количина на светлина и топлина, атмосферата и плодната почва
[Извори на слики]
Земјина топка: Врз основа на фотографија на НАСА; пченица: Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.