Пример за чесност
Пример за чесност
ЧЕСНОСТА на Нелма, една христијанка која работи како фризерка во Крузеиро до Сол (Бразил), неодамна била ставена на испит. Кога нејзиниот град бил погоден од поплава, Нелма добила облека од една своја муштерика. Додека ја средувала облеката, во џебовите на едни панталони таа нашла пари во вредност од 1.000 американски долари.
Парите што ги нашла Нелма биле колку седум нејзини месечни плати, и навистина ѝ биле потребни. Нејзината куќа била оштетена од поплавата, а татко ѝ и нејзините браќа и сестри изгубиле скоро сѐ што имале. Со тие пари, можела да ги заврши поправките на куќата и пак ќе ѝ останело доволно за да им помогне на своите најблиски. Но, совеста на Нелма, обликувана според Библијата, не ѝ дозволила да ги задржи парите за себе (Евреите 13:18).
Рано следниот ден, таа отишла на работа пред да се отворат дуќаните и ја посетила госпоѓата која ѝ ја дала облеката. Нелма ѝ се заблагодарила, но ѝ рекла дека не може да го задржи она што го нашла во облеките. Жената била пресреќна што ѝ биле вратени парите. Таа ги имала одвоено за плата на вработените. „Денес нема многу чесни луѓе“, рекла оваа жена.
Точно, можеби некои мислат дека чесноста не е ништо посебно. Но, таа особина многу ја ценат оние што се трудат да му угодат на вистинскиот Бог, Јехова (Ефешаните 4:25, 28). „Не ќе можев да спијам ноќе ако постапев поинаку“, вели Нелма.