Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Весел Гансфорт — „реформатор пред реформацијата“

Весел Гансфорт — „реформатор пред реформацијата“

Весел Гансфорт — „реформатор пред реформацијата“

Имињата Лутер, Тиндејл и Калвин им се добро познати на сите оние што ја изучуваат протестантската реформација, која започнала во 1517 год. Меѓутоа, само на малкумина им е познато името Јохан Весел Гансфорт. Тој е наречен „реформатор пред реформацијата“. Сакаш ли да дознаеш нешто повеќе за овој човек?

ВЕСЕЛ Гансфорт е роден во 1419 год. во градот Гронинген, во Холандија. Во 15 век, само малкумина можеле да одат на училиште, но Весел ја имал таа можност. Иако учењето му одело одлично, морал да го напушти училиштето кога имал девет години затоа што неговите родители биле многу сиромашни. За негова среќа, кога една богата вдовица чула колку е интелигентен, му станала покровителка и се понудила да ги плаќа трошоците за неговото школување. Така, Весел продолжил со своето образование. Со текот на времето, станал магистер. Изгледа дека подоцна се здобил и со титулата доктор по теологија.

Весел бил жеден за знаење. Меѓутоа, во негово време немало многу библиотеки. Иако печатењето со подвижни букви било изум на неговото време, повеќето книги сѐ уште се пишувале рачно и биле многу скапи. Весел припаѓал на една група интелектуалци што оделе од библиотека до библиотека и од манастир до манастир за да бараат ретки манускрипти и одамна изгубени книги. Потоа си ги разменувале сознанијата до кои доаѓале. Тој стекнал огромно знаење и испишал еден цел бележник со цитати и извадоци од делата на класиците. Другите теолози честопати биле сомничави затоа што Весел знаел многу работи за кои тие никогаш не чуле. Весел бил наречен Магистер контрадиктионис, што значи Мајстор на противречноста.

„Зошто не ме одведете до Христос?“

Околу 50 години пред реформацијата, Весел го сретнал Томас а Кемпис (околу 1379-1471), кој е општо прифатен како автор на познатото дело De Imitatione Christi (Следење на Христос). Томас а Кемпис му припаѓал на Братството на обичниот живот, движење што нагласувало дека е потребно да се живее побожно. Еден биограф на Весел вели дека Томас а Кемпис во неколку прилики го охрабрил Весел да побара помош од Марија. На тоа, Весел му одговорил: „Зошто не ме одведете до Христос, кој љубезно ги повикува да дојдат кај него сите што се оптоварени?“

Се вели дека Весел бил против идејата да се врши ракополагање врз свештеници. Кога го прашале зошто не сакал тонзура, односно да му ја истрижат косата на врвот од главата како знак дека е свештеник, тој одговорил дека не се плаши од бесилка сѐ додека ја има својата способност да размислува. Очигледно се осврнал на фактот дека против свештените лица врз кои било извршено ракополагање не можело да се поднесува тужба, па изгледа дека таквото истрижено теме навистина спасило од бесилка многу свештеници! Весел бил и против некои раширени верски обичаи. На пример, бил критикуван што не сакал да верува во чудните настани опишани во книгата Диалогус Миракулорум, која била многу популарна во негово време. Тој одговорил: „Би било подобро да се чита Светото писмо“.

„Знаеме само толку колку што ќе прашаме“

Весел учел хебрејски и грчки јазик и стекнал обемно познавање на делата на раните христијански отци. Особено вреди да ја спомнеме неговата љубов кон изворните јазици на кои била пишувана Библијата, бидејќи тој живеел пред Еразмо и Ројхлин. a Пред реформацијата, ретко кој знаел грчки јазик. Во Германија само малкумина од учените луѓе зборувале грчки, и не постоеле помагала за да се научи тој јазик. По падот на Константинопол во 1453 год., изгледа дека Весел стапил во контакт со грчките калуѓери што избегале на Запад, од кои ги научил основите на грчкиот јазик. Во тоа време, хебрејски јазик зборувале само Евреите, и изгледа дека Весел ги научил основите на хебрејскиот од преобратените Евреи.

Весел негувал многу голема љубов кон Библијата. Тој сметал дека таа е книга вдахновена од Бог и верувал дека сите книги во неа се во потполна согласност меѓу себе. За Весел, толкувањето на библиските стихови морало да биде во склад со контекстот и не смеело да се извртува. Секое извртено објаснување требало да се смета за ерес. Еден од неговите омилени библиски стихови бил Матеј 7:7, кој гласи: „Барајте, и ќе најдете“. Овој стих го уверил Весел дека е добро да се поставуваат прашања. Тој сметал дека „знаеме само толку колку што ќе прашаме“.

Неверојатно барање

Во 1473 год., Весел отишол во Рим. Таму бил примен од папата Сикст IV, првиот од шесте папи чие неморално однесување на крајот водело до протестантската реформација. Историчарката Барбара В. Тачман истакнува дека Сикст IV вовел еден период на „бесрамна, нескриена, безмилосна трка по лична добивка и политичка власт“. Ја шокирал јавноста со својот нескриен непотизам. Еден историчар пишува дека Сикст можеби сакал да направи семеен бизнис од папската служба. Само малкумина се осмелиле да го осудат тогаш кога ја злоупотребувал својата власт.

Меѓутоа, Весел Гансфорт не бил таков. Еден ден, Сикст му рекол: „Синко, што и да ми побараш, ќе ти дадам“. Весел веднаш одговорил: „Свети оче... бидејќи само ти на светов ја заземаш положбата на највисок свештеник и пастир, барам... да ја исполниш својата возвишена должност на таков начин што, кога Големиот Пастир на овците... ќе дојде, ќе може да ти рече: ‚Добро сторено, добар и верен слуго, влези во радоста на својот Господар‘“. Сикст одговорил дека тоа веќе е негова должност и дека Весел требало да си избере нешто за себе. Весел му одговорил: „Тогаш, барам да ми дадеш по една Библија на грчки и на хебрејски јазик од Ватиканската библиотека“. Папата му го дал тоа што го побарал, но рекол дека Весел направил глупост и дека требало да побара да стане бискуп!

„Лага и грешка“

Бидејќи очајно му требале средства за да ја изгради денес прочуената Сикстинска капела, Сикст се послужил со продажба на индулгенции за мртвите. Овие индулгенции биле многу популарни. Во книгата Викарите на Христос — темната страна на папството (Vicars of Christ—The Dark Side of the Papacy) стои: „Вдовиците и вдовците, како и ужалените родители, трошеле сѐ што имале само за да ги извадат од чистилиштето своите најмили“. Обичниот народ радосно ги прифатил индулгенциите, бидејќи цврсто верувал дека папата можел да гарантира дека нивните најмили што умреле ќе одат на небото.

Меѓутоа, Весел бил цврсто уверен дека Католичката црква, вклучувајќи го и папата, не може да им ги простува гревовите на луѓето. Весел отворено велел дека продажбата на индулгенции е „лага и грешка“. Тој не верувал ни дека човек треба да се исповеда пред свештеник за да му бидат простени гревовите.

Весел ја оспорил и безгрешноста на папата, велејќи дека темелите на верата ќе бидат слаби ако од луѓето се очекува секогаш да им веруваат на папите, бидејќи и тие грешат. Весел напишал: „Ако црковните лица ги тргнат настрана Божјите заповеди и ги наметнат своите човечки заповеди... безвредно е сѐ што прават и што заповедаат“.

Весел го подготвил патот за реформацијата

Весел умрел во 1489 год. Иако бил против некои погрешни работи што ги правела Црквата, тој останал католик. И Црквата никогаш не го прогласила за еретик. Меѓутоа, по неговата смрт, фанатичните католички калуѓери се обиделе да ги уништат неговите дела затоа што сметале дека не се во склад со црковните учења. Во времето на Лутер, името Весел речиси било заборавено, ниедно негово дело не било отпечатено, а преживеале само неколку негови ракописи. Првото издание на делата на Весел конечно било објавено некаде помеѓу 1520 и 1522 год. Во нив било вклучено и едно писмо што го напишал Лутер, во кое лично ги препорачува делата на Весел.

Иако Весел не бил реформатор како што бил Лутер, тој отворено осудил некои погрешни работи што биле причина да започне реформацијата. Всушност, Меклинток и Стронг во својата Cyclopedia за него велат дека е „најважен меѓу луѓето од германско потекло што помогнале да се подготви патот за реформацијата“.

Во Весел, Лутер видел сојузник. Авторот К. Августин пишува: „Лутер ги споредува своето време и својата судбина со времето и судбината на Илија. Исто како што тој пророк си мислел дека само тој останал да ги води Божјите битки, така и Лутер си мислел дека е сосема сам во своите судири со Црквата. Но, кога ги прочитал делата на Весел, сфатил дека Господарот спасил еден ‚остаток во Израел‘“. „Лутер отишол до таму што изјавил: ‚Да ги имав прочитано порано неговите дела, моите непријатели ќе помислеа дека Лутер научил сѐ од Весел, толку е складен неговиот дух со мојот‘“. b

„Ќе најдете“

Реформацијата не настапила ненадејно. Идеите што воделе до реформацијата веќе се ширеле извесно време. Весел сфатил дека моралната расипаност на папите на крајот ќе води до желба да се направат реформи. Еднаш, тој му рекол на некој ученик: „Вредно момче, ти ќе го дочекаш денот кога учењата на... раскараните теолози ќе бидат отфрлени од сите што го проучуваат христијанството“.

Иако Весел согледал некои неисправни работи и расипани постапки во негово време, тој не можел да ја открие целосната светлина на библиската вистина. Сепак, за него Библијата била книга што треба да се чита и да се проучува. Според книгата Историја на христијанството (A History of Christianity), Весел „сметал дека, бидејќи е вдахновена од Светиот дух, Библијата е конечен авторитет во сите работи што се однесуваат на верата“. Во денешниов свет, вистинските христијани веруваат дека Библијата е вдахновена Божја реч (2. Тимотеј 3:16). Меѓутоа, библиските вистини повеќе не се скриени и не е тешко да се најдат. Денес, уште повеќе отколку во минатото, важи библиското начело: „Барајте, и ќе најдете“ (Матеј 7:7; Изреки 2:1-6).

[Фусноти]

a Овие луѓе многу придонеле за проучувањето на изворните јазици на кои била пишувана Библијата. Во 1506 год., Ројхлин ја издал својата хебрејска граматика, со што придонел за подлабоко проучување на Хебрејските списи. Во 1516 год., Еразмо издал еден грчки текст на Христијанските грчки списи, кој служел како основа за превод.

b Весел Гансфорт (1419-1489) и хуманизмот во северна Европа, страници 9, 15.

[Рамка/слика на страница 14]

ВЕСЕЛ И БОЖЈЕТО ИМЕ

Во делата на Весел, Божјето име најчесто е преведено со „Јохава“. Меѓутоа, Весел го употребил името „Јехова“ најмалку два пати. Кога зборувал за гледиштата на Весел, авторот Х. А. Оберман заклучил дека Весел мислел дека, кога Тома Аквински и други како него би знаеле хебрејски, „ќе откриеле дека Божјето име што му било откриено на Мојсеј не значи ‚Јас сум тој што сум‘, туку ‚Јас ќе бидам тој што ќе бидам‘“. c Во Преводот Нов свет исправно е дадено значењето „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“ (2. Мојсеева 3:13, 14).

[Фуснота]

c Весел Гансфорт (1419-1489) и хуманизмот во северна Европа, страница 105.

[Извор на слика]

Манускрипт: Universiteitsbibliotheek, Utrecht

[Слики на страница 15]

Весел сметал дека не е исправно да се продаваат индулгенции, како што правел папата Сикст IV