Дали е важно која религија ќе ја избереш?
Дали е важно која религија ќе ја избереш?
ПОВЕЌЕТО од нас сакаат да имаат голем избор на производи кога одат да пазаруваат. Кога на пазар има најразлично овошје и зеленчук, можеме да го избереме она што најмногу го сакаме и што е добро за нашето семејство. Ако во една продавница за облека има широк избор на најразлични стилови и бои, можеме да го избереме она што најмногу ни одговара. Некои од работите што ги избираме во животот се прашање на личен вкус. Но, некои од нив влијаат врз нашиот живот и среќа како, на пример, изборот на здрава храна или мудри пријатели. Тогаш, како влијае врз нас религијата што сме ја избрале? Дали начинот на кој му служиме на Бог треба да биде само работа на личен вкус? Или, пак, тоа е нешто што сериозно влијае врз нашиот живот и среќа?
Постои навистина широка лепеза на религии од кои човек може да избира. Бидејќи многу земји денес гарантираат верска слобода, луѓето се чувствуваат сѐ послободни да ја напуштат религијата на своите родители. Една анкета во САД откри дека 80 отсто од Американците „сметаат дека различните религии се различни патишта до спасение“. Според истата оваа анкета, „20 отсто од анкетираните изјавиле дека ја промениле религијата како возрасни“. Една друга анкета во Бразил откри дека скоро четвртина од Бразилците ја промениле својата религија.
Во минатото, луѓето воделе вжештени расправи околу учењата на различните религии. Но, сега популарното гледиште е: ‚Не е важно која религија ќе ја избереш‘. Дали навистина е така? Може ли твојот избор на религија да влијае врз тебе?
Исто како што паметните купувачи се распрашуваат за потеклото на производите, мудро е и ти да се прашаш: ‚Како настанале сите
овие религии, и зошто?‘ Библијата ни ги дава одговорите на овие прашања.Како настануваат религиите?
Во древниот Израел, царот Јеровоам основал нова религија скоро илјада години пред Исус да дојде на Земјата. Јеровоам бил првиот цар на независното северно царство Израел. Тој се соочил со тешката задача да ги придобие луѓето на своја страна. „Откако се посоветува, царот направи две златни телиња и му рече на народот: ‚Претешко ви е да одите во Ерусалим. Еве го, Израелу, твојот Бог!‘“ (1. Царевите 12:28). Јасно, овој цар сакал да ја искористи религијата за луѓето да престанат да одат во Ерусалим, каде што верно му служеле на Бог. Религијата што ја основал Јеровоам постоела со векови и довела до смрт или изгнанство на милиони луѓе кога Бог на крајот го повикал тој отпаднички израелски народ на одговорност. Јеровоам ја искористил религијата како средство за остварување на своите политички цели. Некои државни религии кои постојат до ден-денес биле основани со слична цел — да се зацврсти нечија политичка моќ.
Апостол Павле открил уште еден мотив што го имаат луѓето кога основаат нова религија. Тој рекол: „Знам дека по моето заминување меѓу вас ќе влезат свирепи волци, кои ќе немаат обѕир кон стадото. И меѓу вас самите ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“ (Дела 20:29, 30). Некои горделиви водачи честопати основаат нови религиозни движења за да привлечат внимание врз себеси. Црквите што лажно тврдат дека се христијански се расцепкале на многу делови.
Кому сакаат да му угодат религиите?
Некои основаат нови религии за да ги задоволат барањата на мнозинството. На пример, списанието Economist пишуваше за некои цркви во САД кои имаат илјадници верници. Во статијата се вели дека овие цркви растат бидејќи „се основаат на истите принципи како и успешниот бизнис: муштеријата е секогаш во право“. Во некои од нив се одржуваат „забавни богослужби со помош на видеопрезентации, драми и современа музика“. Некои верски водачи на овие цркви тврдат дека ги поучуваат своите верници како да бидат „богати, здрави и безгрижни“. Иако таквите цркви се критикувани затоа што, всушност, се занимаваат со шоу-бизнис или, пак, нудат совети за самопомош, истиот извор забележува дека „тие едноставно одговараат на побарувачката“. Во заклучокот на овој извештај стои: „Соединувањето на бизнисот и религијата се покажа неверојатно успешно“.
Иако некои други религии не се толку отворено свртени кон бизнис, црквите што „одговараат на побарувачката“ нѐ потсетуваат на предупредувањето што го дал Павле. Тој напишал: „Ќе дојде време кога луѓето нема да го поднесуваат здравото учење, туку, според своите желби, ќе си насоберат учители, кои ќе им го зборуваат она што им годи на ушите. И ќе ги одвратат ушите од вистината, а ќе се свртат кон измислени прикаски“ (2. Тимотеј 4:3, 4).
Со оглед на тоа што многу религии настанале како резултат на желбата за политичка моќ, углед и популарност, наместо од желба да му се угоди на Бог, не е ни чудо што религијата е вклучена во толку многу злодела, како што е злоупотреба на деца, проневери, војни или тероризам. Многу често, религијата се покажала како измама. Како можеш ти да се заштитиш од измама?
[Истакната мисла на страница 4]
Многу религии настанале како резултат на желбата за политичка моќ, углед и популарност, наместо од желба да му се угоди на Бог