Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Духовен историски настан! Објавување на Светото писмо — Превод Нов свет на македонски јазик

Духовен историски настан! Објавување на Светото писмо — Превод Нов свет на македонски јазик

Духовен историски настан! Објавување на Светото писмо — Превод Нов свет на македонски јазик

НА 14 јули 2006 год., се случи еден духовен историски настан. Излезе од печат Светото писмо — превод Нов свет на македонски јазик.

Преводот Нов свет сега ѝ е достапен на македонската јавност заедно со другите преводи на Библијата кои веќе некое време ги користат богобојазливите луѓе во нашава земја. Но, зошто имаше потреба од уште еден превод на Библијата? Кој е одговорен за него? И, како можеш да бидеш сигурен дека Преводот Нов свет е веродостоен?

Зошто има толку многу преводи на Библијата?

Во последниве години беа објавени многу нови преводи на Библијата. Така Божјата реч за првпат стана достапна на некои јазици. Меѓутоа, нови Библии излегуваат и на јазици на кои веќе постојат други преводи. Зошто? Книгата Толку многу преводи? од Сакае Кубо и Валтер Спект објаснува: „Ниту еден превод на Библијата не може никогаш да се смета за конечен. Преведувачите мора да бидат во чекор со продлабоченото изучување на Библијата и со промените во јазикот“.

Во дваесеттиот век имаше значително подобрување во разбирањето на хебрејскиот, арамејскиот и грчкиот јазик — јазиците на кои првобитно била напишана Библијата. Исто така, беа пронајдени библиски ракописи кои се постари и поточни од оние што ги користеле претходните генерации на библиски преведувачи. Затоа, Божјата реч денес може да се преведува поточно од кога и да било порано!

Осврнувајќи се на економскиот аспект, списанието The Atlantic Monthly наведува: „Печатењето на Библијата е изненадувачки голем бизнис“. Но, се чини дека понекогаш желбата да се издаде бестселер е посилна од потребата за точност на преводот. Еден од поновите преводи на Библијата си зема слобода да ги извади стиховите кои, според неговите издавачи, се премногу „здодевни“. Во една друга Библија се сменети зборовите или изразите кои можеби нема да им се допаднат на денешните читатели. На пример, за да им угоди на феминистките, во неа Бог е наречен „Татко-Мајка“.

Криење на Божјето име

Можеби најмногу загрижува еден тренд во поврзаност со Божјето име — Јехова. (Некои изучувачи го преведуваат „Јахве“.) Во древните Библии, Божјето име е напишано со четири хебрејски согласки кои може да се транскрибираат како ЈХВХ. Само во таканаречениот Стар завет, ова значајно име се појавува околу 7.000 пати (2. Мојсеева 3:15; Псалм 83:18). Очигледно, нашиот Творец сакал оние што му служат и да го знаат и да го користат тоа име!

Но, пред многу векови, од суеверен страв, Евреите престанале да го изговараат името на Бог. Подоцна, таквото суеверие се вовлекло и во христијанството. (Спореди Дела 20:29, 30; 1. Тимотеј 4:1.) Станало обичај преведувачите на Библијата да го заменуваат Божјето име со титулата „Господ“. Денес, во повеќето Библии Божјето име е целосно отстрането. Во некои современи Библии е испуштен дури и зборот „име“ во стихот од Јован 17:6, каде што Исус вели: „Го објавив твоето име“. Во македонскиот превод Радосна вест, овој стих гласи: „Те објавив на луѓето“.

Зошто постои таква одбојност кон Божјето име? Забележи што вели во врска со ова списанието Прирачник за преведувачите на Библијата (Practical Papers for the Bible Translator, том 43, бр. 4, 1992 год.). Тоа е издадено од Британското и инострано библиско друштво (UBS), кое координира голем дел од преведувањето на Библијата во целиот свет. Во една статија стоеше: „Бидејќи ЈХВХ без сомнение е лично име, најлогично би било во преводите овој збор да биде транскрибиран“. Но, статијата предупреди: „Сепак, треба да се земат предвид и други фактори“.

Колку се оправдани тие „фактори“? Според ова списание, некои изучувачи размислуваат на следниов начин: „Ако воведеме едно такво име, Јахве, [во преводите на нехристијанските народи], ова може погрешно да се сфати... Може да изгледа дека ‚Јахве‘ е некој туѓ или нов и непознат Бог, кој не е ист со Богот што тие веќе го познаваат“. Меѓутоа, Библијата токму тоа и го учи — дека Јехова Бог не е ист со боговите што ги обожаваат не-христијаните! (Исаија 43:10-12; 44:8, 9).

Некои изучувачи тврдат дека, кога го заменуваат Божјето име со титулата „ГОСПОД“, тие само ја следат традицијата. Но, Исус го осудил следењето традиции со кои се обесчестува Бог (Матеј 15:6). Освен тоа, целата таа идеја — да се замени некое име со титула — нема никаква поткрепа во Библијата. Исус Христос има повеќе титули, како што се „Реч Божја“ и „Цар над царевите“ (Откровение 19:11-16). Дали името Исус треба да се замени со една од овие титули?

Една друга статија во истото списание тврди: „Обликот ‚Јехова‘ треба да се избегнува“. Од која причина? „Изучувачите главно се сложуваат дека изворниот изговор на Божјето име е најблизок до ‚Јахве‘“. Сепак, други познати имиња од Библијата како, на пример, Еремија, Исаија и Исус, се преведуваат на начин што речиси сосема се разликува од нивниот изворен хебрејски изговор (Јирмејах, Јешајаху, Јехошуа). Бидејќи обликот „Јехова“ е прифатен како превод на Божјето име — и така им е познат на многу луѓе — аргументите што се изнесуваат за да не се користи навистина се неосновани. Всушност, се чини дека одбивањето да се користи Божјето име се темели на емоции и предрасуди, а не на докажани факти.

Но, ова не е само прашање од академски интерес. На пример, во врска со последиците од отстранувањето на Божјето име од изданијата каде што порано стоело, еден соработник на Библиското друштво во Индија го признал следново: „На Индусите не им е важна титулата на Бог. Тие сакаат да го знаат неговото лично име, и доколку тоа не е случај, не можат да го запознаат Богот што го носи тоа име“. Всушност, ова важи за сите оние што го бараат Бог. Многу е важно да го знаеме Божјето име за да можеме да разбереме каков е тој — дека не е некоја безлична сила туку личност што можеме да ја запознаеме (2. Мојсеева 34:6, 7). Затоа Библијата изјавува: „Секој што го повикува името на Јехова, ќе биде спасен“ (Римјаните 10:13). Слугите на Бог мора да го користат неговото име!

Превод што му оддава чест на Бог

Со оглед на сето ова, може да се каже дека првото излегување од печат на англискиот Превод Нов свет на христијанските грчки списи во 1950 год. беше вистински историски настан. Во следната деценија беа отпечатени, во продолженија, делови од она што општо е познато како Стар завет, или Хебрејски списи. Во 1961 год. беше издадена целата Библија на англиски во еден том. Вредно е да се спомене дека, во Преводот Нов свет, Божјето име Јехова стои на сите речиси 7.000 места каде што се појавува во „Стариот завет“. Особено е значајно тоа што во него Божјето име е вратено на сите 237 места каде што се појавува во „Новиот завет“, или Христијанските грчки списи.

Со тоа што е вратено ова име, не само што му се оддава чест на Бог туку и подобро ја разбираме Библијата. На пример, стихот од Матеј 22:44 во многу преводи е преведен вака: „Му рече Господ на мојот Господ“. Но, кој кому му зборува? Во Преводот Нов свет овој стих гласи: „Јехова му рече на мојот Господар“, со што точно е цитиран стихот од Псалм 110:1. На тој начин, читателите можат да направат јасна разлика помеѓу Јехова Бог и неговиот Син.

Кој е одговорен за овој превод?

Преводот Нов свет е издаден од Watch Tower Bible and Tract Society, законското застапништво на Јеховините сведоци. Повеќе од сто години Јеховините сведоци печатат и раздаваат Библии низ целиот свет. Конкретно овој превод за Јеховините сведоци го направи една група христијани кои беа во Одборот за превод на Библијата Нов свет. Наместо да бараат углед за себеси, членовите на овој одбор побараа да останат анонимни дури и по својата смрт. (Спореди 1. Коринќаните 10:31.)

Но, зошто ова дело е наречено Превод Нов свет? Тоа ја одразува цврстата увереност дека човештвото е на „прагот на новиот свет“ што е ветен во 2. Петрово 3:13. Како што напиша и самиот одбор, во ова „време на премин од стариот свет“, многу е важно библиските преводи да пуштат „чистата вистина од Божјата реч“ силно да свети (Види го предговорот на англиското издание од 1950 год.).

Точен превод

Затоа, најважно беше преводот да биде точен. Преведувачите на англиското издание работеа директно од изворниот хебрејски, арамејски и грчки јазик и ги користеа најдобрите текстови што беа на располагање. a Се обрна големо внимание древните текстови да се преведат колку што е можно побуквално — но, сепак, на јазик кој ќе биде лесно разбирлив за современите читатели.

Не изненадува тоа што некои изучувачи го фалат Преводот Нов свет за неговата веродостојност и точност. Професор Бенџамин Кедар од Израел, изучувач на хебрејскиот јазик, во 1989 год. рече: „Во моите лингвистички истражувања во врска со хебрејската Библија и нејзините преводи, честопати се осврнувам на англиското издание на, како што е познат, Преводот Нов свет. Кога го правам тоа, секојпат одново се уверувам дека во ова дело навистина биле вложени искрени напори да се пренесе смислата на текстот колку што е можно поточно“.

Превод и на други јазици

Затоа Јеховините сведоци се потрудија Преводот Нов свет, освен на англиски, да биде достапен и на други јазици. Моментално, овој превод е објавен, во целост или делумно, на 56 јазици. За да се овозможи вакво нешто, беше разработена една метода во која се комбинира истражувањето на библиските зборови со компјутерската технологија. Освен тоа, со цел да им се помогне на преведувачите, беше формиран оддел наречен Служба за превод. Преку Одборот за пишување, Водечкото тело на Јеховините сведоци внимателно го надгледува делото на преведување на Библијата. Но, како точно се извршува оваа работа?

Најпрво се избира една група на оддадени христијани да служат како преведувачки тим. Искуството покажа дека кога преведувачите работат заедно како тим, наместо секој посебно, се добива подобар и поквалитетен превод. (Спореди Изреки 11:14.) Обично секој член на тимот веќе има искуство како преведувач на публикациите на Јеховините сведоци. Потоа целиот тим добива темелна обука за основните принципи за превод на Библијата и за користење на специфично изработени компјутерски програми.

Преведувачкиот тим добива упатства да направи превод кој е 1) точен, 2) доследен, 3) буквален, колку што дозволува јазикот, но и 4) лесно разбирлив за обичните луѓе. Како се постигнува ова? Да видиме како беше со Библијата што ја добивме неодамна. Преведувачкиот тим ја започна работата со избирање на македонски еквиваленти за сите главни библиски изрази што се користат во англискиот Превод Нов свет. Членовите на тимот користеа една компјутерска програма која ги покажува библиските зборови што на некој начин се поврзани еден со друг или се синоними. Оваа програма исто така ги покажува и изворните грчки или хебрејски зборови од кои се преведени англиските изрази за да може преведувачот да спореди како тие грчки или хебрејски зборови се преведени на други места во библискиот текст. Сето ова многу помогна за да се изберат соодветни македонски еквиваленти. Откако членовите на тимот се сложија како да се преведат овие зборови, почнаа да ја преведуваат Библијата користејќи компјутерска програма што им овозможуваше да ги видат македонските еквиваленти додека преведуваа стих по стих.

Сепак, преведувањето значи многу повеќе отколку само да се замени една група зборови со друга група зборови. Многу труд беше вложен за избраните изрази на македонски да ги пренесат точните библиски мисли во секој контекст. Исто така, мораше да се води сметка граматиката и синтаксата да звучат пријатно и природно. Целата таа напорна работа што беше вложена во овој проект зборува самата за себе. Во македонското издание на Преводот Нов свет, Божјата реч е пренесена на начин кој е лесен за читање, јасен, разбирлив и доследен на древниот текст.

Те поттикнуваме внимателно да го испиташ Светото писмо — превод Нов свет, кое можеш да го добиеш од издавачите на ова списание или од собранието на Јеховините сведоци во твоето место. Можеш да го читаш со доверба дека тоа верно го пренесува на твојот јазик секој Божји збор. Без сомнение, наскоро ќе се сложиш дека неговото неодамнешно излегување на македонски јазик беше навистина духовен историски настан!

[Фуснота]

a Како основен текст за превод на Грчките христијански списи служеше The New Testament in the Original Greek од Весткот и Хорт. А како основен текст за превод на Хебрејските списи послужи Biblia Hebraica од Р. Кител.

[Рамка на страница 11]

Некои обележја на Превод Нов свет

Јасен и читлив фонт

Стиховите се групирани во пасуси: Стиховите не стојат секој посебно, туку се групирани во пасуси. Ова му помага на читателот да ја следи смислата што настојувале да ја пренесат библиските писатели.

Наслови на почетокот од страницата: Се наоѓаат на почетокот од повеќето страници, и помагаат брзо да се најдат бараните стихови.

Маргиналии: На секоја страница има маргиналии што упатуваат на други стихови од Библијата во кои се зборува за слична работа.

Конкорданција: При крајот на книгата има еден дел со наслов „Индекс на зборови во библискиот текст“. Тоа е список на избрани зборови во кој е наведено каде можат да се најдат тие зборови во Библијата. До повеќето од нив стои и краток извадок од кој се гледа контекстот од кој се земени.

Додаток: Неколку кратки статии за основните библиски учења, како и други сродни теми.

[Слика на страница 8]

Свето писмо Превод Нов свет