Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се препознае вистинската религија

Како да се препознае вистинската религија

Како да се препознае вистинската религија

ПОВЕЌЕТО религии тврдат дека она што го поучуваат е од Бог. Затоа е добро да им обрнеме внимание на зборовите што ги кажал Јован, еден од апостолите на Исус, кој напишал: „Сакани, не верувајте ѝ на секоја изјава, која наводно е вдахновена од Бог, туку испитајте дали таквите изјави потекнуваат од Бог, зашто многу лажни пророци излегоа во светот“ (1. Јованово 4:1). Како можеме да испитаме дали нешто е од Бог или не?

Сето она што доаѓа од Бог ја одразува неговата личност, особено неговата главна особина — љубовта. На пример, нашиот осет за мирис, кој ни овозможува да уживаме во миризбата на билките, цвеќињата и на тазе печениот леб, е израз на Божјата љубов. Тоа што можеме да го гледаме залезот на сонцето, пеперутката или насмевката на едно детенце е исто така израз на Божјата љубов кон нас. Истото важи и за нашата способност да слушаме прекрасна музика, птичји пој, или гласот на оние што ги сакаме. Дури и нашата човечка природа, иако е несовршена, е доказ за Божјата љубов. Затоа, многу често ни се потврдува вистинитоста на зборовите на Исус: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Уживаме да покажуваме љубов затоа што сме создадени „според Божјиот лик“ (1. Мојсеева 1:27). Иако Јехова има многу други особини, љубовта е најистакнато обележје на неговата личност.

Списите што ги дал Бог треба исто така да ја одразуваат неговата љубов. Религиите во светот имаат многу древни списи. Во колкава мера успеваат тие записи да ни ја доловат Божјата љубов?

Факт е дека, повеќето древни религиозни текстови не ни кажуваат многу за тоа како Бог покажува љубов кон нас и како можеме и ние да покажеме дека го сакаме него. Затоа милиони луѓе не добиваат одговор кога ќе прашаат: „Зошто во творештвото гледаме докази дека Бог нѐ сака, а истовремено има толку многу страдање и злоба?“ Библијата, пак, е единствениот древен религиозен запис што потполно ни ја објаснува Божјата љубов. Освен тоа, нѐ учи како и ние да покажуваме љубов.

Книга за љубовта

Божјата реч, Библијата, ни открива дека Јехова е „Богот на љубовта“ (2. Коринќаните 13:11). Таа ни кажува дека љубовта го поттикнала Јехова да им подари на првите луѓе живот без болест и смрт. Но, побуната против Божјата власт довела до страдање за човештвото (5. Мојсеева 32:4, 5; Римјаните 5:12). Јехова презел нешто за да се врати она што било изгубено. Божјата реч вели: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Светото писмо уште повеќе ни ја расветлува Божјата љубов со тоа што опишува како Бог обезбедил една совршена влада под водство на Исус, која ќе го обнови мирот за послушните луѓе (Даниел 7:13, 14; 2. Петрово 3:13).

Библијата кажува со неколку зборови што се очекува од човекот: ‚„Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“. Тоа е најголемата и прва заповед. Втората, слична на неа, е оваа: „Сакај го својот ближен како себеси“. На овие две заповеди се темели целиот Закон‘ (Матеј 22:37-40). Библијата тврди дека е вдахновена од Бог. Бидејќи таа толку јасно ја одразува неговата личност, можеме да бидеме сигурни дека нејзиниот Автор навистина е „Богот на љубовта“ (2. Тимотеј 3:16).

Ако го примениме само ова мерило, можеме да препознаеме кои древни списи навистина се од Бог. Освен тоа, љубовта е особина по која се препознаваат и слугите на вистинскиот Бог, бидејќи и тие покажуваат љубов како што покажува тој.

По што се препознаваат луѓето што го сакаат Бог

Оние што навистина го сакаат Бог се разликуваат од другите, особено денес кога живееме во времето кое Библијата го означува како „последните денови“. Сѐ поголем број луѓе стануваат „себељубиви, алчни за пари...[и] повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тимотеј 3:1-4).

Како можеш да ги препознаеш луѓето што го сакаат Бог? Библијата вели: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди“ (1. Јованово 5:3). Луѓето што го сакаат Бог се поттикнати да ги почитуваат библиските морални мерила. На пример, во Божјата реч има закони во врска со интимните односи и бракот. Интимните односи се дозволени само меѓу две лица што се во брак, и бракот треба да е трајна заедница (Матеј 19:9; Евреите 13:4). Кога една жена од Шпанија, која студирала теологија, присуствувала на состанок каде што Јеховините сведоци трудољубиво ги проучувале библиските закони во врска со моралот, таа забележала: „Си заминав оттаму чувствувајќи се охрабрена, и тоа не само од поучните библиски говори туку и од единството што постои меѓу овие луѓе, од нивниот висок морал и од нивното љубезно однесување“.

Освен тоа што го сакаат Бог, вистинските христијани лесно се препознаваат и по начинот на кој покажуваат љубов кон своите ближни. Нивното најважно дело е да им кажуваат на другите дека единствена надеж за човештвото е Божјето Царство (Матеј 24:14). Нема ништо покорисно од тоа да им се помага на своите ближни да го запознаат Бог (Јован 17:3). Но, вистинските христијани покажуваат љубов и на други начини. Тие им даваат практична помош на оние што страдаат. На пример, по еден катастрофален земјотрес во Италија еден локален весник извести дека Јеховините сведоци „дејствуваат на практичен начин, и им помагаат на сите што страдаат, сеедно на која религија ѝ припаѓаат“.

Покрај тоа што ги сакаат Бог и ближниот, вистинските христијани се сакаат и едни со други. Исус рекол: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35).

Дали љубовта што ја имаат вистинските христијани еден кон друг е навистина нешто посебно? Една собарка по име Ема го мисли токму тоа. Таа работи во Ла Паз (Боливија), каде што богатите и сиромашните честопати се поделени поради етничките разлики. Таа рекла: „Кога првпат отидов на состанок кај Јеховините сведоци, видов еден многу убаво облечен господин како разговара со една староседелка од индијанско потекло. Никогаш порано немав видено такво нешто. Во тој момент, знаев дека ова мора да е Божји народ“. Нешто слично изјавила и една млада Бразилка по име Мирјам: „Не знаев да се радувам на ништо, дури ни кога бев со моите најблиски. Меѓу Јеховините сведоци, првпат видов што значи да се покажува љубов на дело“. Во САД, уредникот на вестите во една телевизиска куќа напишал: „Кога повеќе луѓе би живееле според вашата вера, оваа држава не би била во ваква состојба. Јас сум новинар кој знае дека вашата организација се темели на љубов и на цврста вера во Творецот“.

Барај ја вистинската религија

Љубовта е знак по кој се препознава вистинската религија. Исус рекол дека, да се најде вистинската религија, е исто како да се најде вистинскиот пат и да се тргне по него. Тоа е единствениот пат кој води до вечен живот. Исус рекол: „Влезете низ тесната врата. Зашто, широк и простран е патот што води во пропаст, и мнозина одат по него. А тесна е вратата и тесен е патот што води во живот, и малцина го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14). Само една група вистински христијани чекори обединето со Бог на патот на вистинската религија. Затоа, навистина е важно која религија ќе ја избереш. Ако го најдеш тој пат и избереш да тргнеш по него, ќе го најдеш најдобриот начин на живот бидејќи тоа е патот на љубовта (Ефешаните 4:1-4).

Замисли колкава радост ќе ти донесе ова чекорење по патот на вистинската религија! Тоа е исто како да чекориш со Бог. Тој ќе те поучи на мудрост и на љубов за да имаш добри односи со другите. Од него ќе дознаеш која е смислата на животот, ќе се запознаеш со неговите ветувања и ќе имаш надеж за иднината. Никогаш нема да зажалиш што си ја побарал вистинската религија.

[Слика на страница 5]

Од сите древни религиозни списи, само Библијата ни ја открива Божјата љубов

[Слики на страница 7]

Вистинските христијани се препознаваат по тоа што покажуваат љубов на дело