Кој бил Еремија?
Кој бил Еремија?
ЕРЕМИЈА бил пророк, син на свештеникот Хелкија од Анатот, свештенички град сместен на подрачјето на Венијамин, на помалку од 5 километри североисточно од Храмското брдо во Ерусалим (Еремија 1:1; Исус Навин 21:13, 17, 18).
Еремија бил повикан за пророк кога бил млад, во 647 год. пр.н.е., во 13-тата година од владеењето на царот Јосија со Јуда (659-629 год. пр.н.е.). Јехова му рекол: „Пред да те обликувам во утробата на мајка ти, јас те познавав. Пред да излезеш од нејзината утроба, јас те посветив. Те поставив за пророк на народите“ (Еремија 1:2-5). Значи, тој е еден од неколкуте луѓе за чие раѓање презел одговорност Јехова — и тоа посредувајќи со чудо или давајќи водство — за да бидат негови посебни слуги. Меѓу овие луѓе спаѓаат Исак, Самсон, Самоил, Јован Крстител и Исус.
Кога Јехова му се јавил, Еремија покажал колебливост. Тој му одговорил на Бог: „Леле, Севишен Господару Јехова! Еве, јас не знам да зборувам, зашто уште сум дете!“ (Еремија 1:6). Ако ги споредиме овие негови зборови со смелоста и цврстината што ја покажал во текот на својата пророчка служба, станува јасно дека Еремија не бил таков како личност, туку бил смел затоа што во потполност се потпирал на Јехова. А Јехова навистина бил со Еремија „како страшен јунак“ и го направил „утврден град и железен столб и бакарен ѕид против целата... земја“ (Еремија 20:11; 1:18, 19). Еремија бил толку познат по својата храброст и смелост што, кога Исус служел на Земјата, некои мислеле дека тој, всушност, е Еремија кој повторно оживеал (Матеј 16:13, 14).
Освен тоа што служел како пророк, Еремија бил истражувач и историчар. Тој ја напишал книгата што го носи неговото име, а општо прифатено е дека ги напишал и книгите Прва и Втора Царевите, во кои е изнесена целокупната историја на двете царства Јуда и Израел. По падот на Ерусалим, Еремија ја напишал и книгата Плач Еремиин.
Еремија не бил човек што постојано се жали. Напротив, тој бил полн со љубов, обѕирен и сочувствителен. Покажал самосовладување и извонредна истрајност, иако бил многу потресен од однесувањето на својот народ и му било тешко поради осудите што го снашле (Еремија 8:21).
Освен тоа што бил храбар и истраен, Еремија исто така многу го сакал својот народ. Тој морал да изнесе остри обвиненија и страшни осуди, особено против свештениците, пророците и владетелите и против оние кои оделе ‚на патот по кој оделе сите‘ и станале ‚упорни во својата неверност‘ (Еремија 8:5, 6). Но, тој исто така сфатил дека има задача и да ‚гради и да сади‘ (Еремија 1:10). Еремија ја оплакувал неволјата што го очекувала Ерусалим (Еремија 8:21, 22; 9:1). Освен тоа, Еремија не бил самоправеден, туку се вклучил и себеси кога ја признал злобата на народот (Еремија 14:20, 21). Откако бил ослободен од Невузардан, тој се двоумел дали да ги напушти оние што биле одведени во изгнанство во Вавилон, затоа што веројатно сметал дека и самиот треба да ја сподели нивната судбина или, пак, сакал и понатаму да им помага во духовен поглед (Еремија 40:5).
Во неговата долгогодишна служба, имало периоди кога Еремија се разочарувал и му било потребно охрабрување од Јехова. Сепак, дури и кога бил во неволја никогаш не престанал да бара помош од Бог (Еремија 20).
Во текот на целата своја пророчка служба, која траела повеќе од 40 години, Еремија никогаш не бил сам. Јехова бил со него и го избавувал од неговите непријатели (Еремија 1:19). Еремија се радувал на Јеховината реч (Еремија 15:16). Тој не се дружел со оние на кои не им било грижа за Бог (Еремија 15:17). Нашол добро друштво кое можел ‚да го гради‘ — Рихавовците, Авде-Мелех и Варух (Еремија 1:10). Овие пријатели му помагале и го спасиле од смрт, и преку нив Јехова повеќе пати покажал дека може да го заштити (Еремија 26:7-24; 35:1-19; 36:19-26; 38:7-13; 39:11-14; 40:1-5).
Даниел го сметал Еремија за вистински Божји пророк. Проучувајќи ги зборовите што Еремија ги запишал во врска со 70-годишното изгнанство, Даниел можел да ги зајакне и да ги охрабри Евреите уверувајќи ги дека нивното ослободување е близу (Даниел 9:1, 2; Еремија 29:10). И Езра укажал дека се исполниле некои зборови на Еремија (Езра 1:1; види и 2. Летописи 36:20, 21). Апостол Матеј посочил дека едно пророштво на Еремија се исполнило додека Исус бил мало дете (Матеј 2:17, 18; Еремија 31:15). Апостол Павле зборувал за пророците, меѓу кои бил и Еремија, и цитирал од нивните списи во Евреите 8:8-12 (Еремија 31:31-34). За овие луѓе, Павле вели дека ‚светот не бил достоен за нив‘ и дека ‚поради својата вера, добиле сведоштво дека му се по волја на Бог‘ (Евреите 11:32, 38, 39).