Среќни додека чекаме на Јехова
Среќни додека чекаме на Јехова
СИ ЈАДЕЛ ЛИ некогаш некое недозреано овошје? Сигурно си бил разочаран од вкусот. Потребно е време за едно овошје да созрее, и дотогаш вреди да се чека. Има и други ситуации кога чекањето се исплаќа. „Добро е да се чека, без збор да се чека, спасението од Јехова“, вели Библијата (Плач Еремиин 3:26; Тит 2:13). Во кој поглед христијаните мора да чекаат на Јехова? Како ќе ни користи тоа што чекаме на него?
Да се чека на Бог — што значи тоа?
Како христијани, ние ‚го очекуваме и го имаме на ум Јеховиниот ден‘. Со душа го чекаме олеснувањето што ќе настапи кога тој ќе ги ‚уништи безбожниците‘ (2. Петрово 3:7, 12). Самиот Јехова едвај чека да му стави крај на сето зло, но се воздржува со цел да ги спаси христијаните на начин што ќе го прослави неговото име. Библијата вели: „Бог, иако сакаше да покаже гнев и да ја разгласи својата моќ, со многу долготрпеливост ги поднесуваше садовите на гневот, кои се подготвени за уништување, за да го разгласи богатството на својата слава врз садовите на милосрдноста“ (Римјаните 9:22, 23). Исто како во Ноевите денови, Јехова и денес знае кога е вистинското време да го спаси својот народ (1. Петрово 3:20). Според тоа, да чекаме на Бог значи да го чекаме времето кога тој ќе дејствува.
Додека го чекаме Јеховиниот ден, можеби понекогаш се вознемируваме кога гледаме како моралните мерила во светот што нѐ опкружува сѐ повеќе тонат. Во тие моменти е добро да размислиме за зборовите на Божјиот пророк Михеј, кој напишал: „Исчезна лојалниот од земјата и нема чесен човек меѓу луѓето“. А потоа додал: „А јас ќе гледам кон Јехова. Готов сум да го чекам Богот на моето спасение“ (Михеј 7:2, 7). Како треба да ‚чекаме‘? И, бидејќи обично лесно се губи трпение кога се чека, како можеме да чекаме на Бог со радост?
Среќни додека чекаме
Јехова ни дава пример како да чекаме со исправен став. Тој отсекогаш бил и е „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). Јехова е среќен додека чека бидејќи продолжува да работи на исполнувањето на својата намера да им помогне на луѓето што го сакаат да станат совршени, какви што сакал да бидат уште кога ги создал (Римјаните 5:12; 6:23). Тој ги гледа добрите резултати од својот труд — милиони луѓе биле привлечени кон вистинската религија. Исус рекол: „Мојот Татко работи сѐ досега, па и јас работам“ (Јован 5:17). За да бидеме среќни, неопходно е да правиме нешто за другите (Дела 20:35). Слично како Јехова и Исус, и вистинските христијани не чекаат со скрстени раце. Напротив, и понатаму им помагаат на другите да дознаат која е Божјата намера со луѓето.
Луѓето што му се верни на Бог секогаш радосно го слават додека чекаат да дојде времето кога тој ќе ги преземе работите во свои раце. Да го земеме, на пример, псалмистот Давид. Тој бил прогонуван од својот цар, бил предаден од близок пријател и изневерен од својот син. Во сите овие ситуации, дали Давид можел да остане среќен додека чекал да дојде олеснување во времето што го одредил Јехова? Псалм 71, очигледно напишан од Давид, вели: „А јас постојано ќе чекам, и ќе те фалам сѐ повеќе. Мојата уста ќе ја објавува твојата праведност, твоето спасение по цел ден“ (Псалм 71:14, 15). Наместо да чека нестрпливо, Давид се радувал бидејќи го фалел Јехова и им ја зацврстувал на другите верата во вистинскиот Бог (Псалм 71:23).
Да се чека на Јехова не е исто како нервозно да се чека автобус што доцни. Ова чекање е нешто слично како кога родителите со радост очекуваат нивното дете да порасне во возрасен човек со кого ќе се гордеат. Годините додека детето расте се исполнети со активности — воспитување, поуки и укорување — и сето тоа е со цел да се постигне посакуваниот резултат. Слично на ова, ние кои чекаме на Јехова сме среќни додека им помагаме на другите да се зближат со Бог. Но, и самите сакаме да ја стекнеме Божјата милост и, на крајот, да добиеме спасение.
Да не губиме надеж
Чекањето на Јехова значи да продолжиме да го сакаме и да му служиме без да ја изгубиме надежта. Ова не е секогаш лесно. Многу Божји слуги денес живеат во земји каде што луѓето им се исмеваат на сите оние што го градат својот живот врз темелот на верата во Божјите ветувања. Сепак, размисли за примерот на верните Израелци чија надеж не згаснала во текот на 70-те години што ги поминале во изгнанство во Вавилон. Што им помогнало во тоа? Без сомнение, биле зајакнати од читањето на псалмите. Еден охрабрувачки псалм, кој веројатно веќе бил напишан дотогаш, вели: „Речта твоја ја чекам. Душата моја го чека Јехова повеќе отколку стражарите утрото, стражарите што го чекаат утрото. Израел нека го чека Јехова“ (Псалм 130:5-7).
Евреите чија надеж не згаснала затоа што читале и зборувале за неа биле благословени кога Вавилон конечно бил освоен од непријателите. Илјадници верни Евреи веднаш тргнале на пат кон Ерусалим. Во врска со тоа време, во Библијата се вели: „Кога Јехова ги враќаше сионските заробеници... устата ни беше полна со смеа“ (Псалм 126:1, 2). Тие Евреи не се откажале, туку продолжиле да ја јакнат својата вера. И никогаш не престанале да му пеат фалби на Јехова.
Исто како нив, вистинските христијани што чекаат на Бог во текот на „свршетокот на овој поредок“ без престан се трудат да ја зачуваат жива својата вера. Ја проучуваат Божјата реч, се храбрат едни со други и продолжуваат да го слават Јехова проповедајќи ја добрата вест за неговото Царство (Матеј 24:3, 14).
Да чекаме за да извлечеме корист од укорот
Божјиот пророк Еремија напишал: „Добро е да се чека, без збор да се чека, спасението од Јехова“ (Плач Еремиин 3:26). Еремија сакал да каже дека е добро Божјиот народ да не се жали за начинот на кој ги укорил Јехова кога дозволил да биде уништен Ерусалим. Напротив, тие требало да извлечат корист од она што го доживеале така што ќе размислеле за својата непослушност и ќе увиделе дека треба да си го сменат ставот (Плач Еремиин 3:40, 42).
Начинот на кој извлекуваме корист од укорот што ни го дава Јехова може да се спореди со начинот на кој созрева еден плод. Во врска со укорувањето од Бог, Библијата вели: „На оние што преку него се поучени, подоцна им донесува плод полн со мир — праведност“ (Евреите 12:11). Исто како што на плодот му треба време да созрее, така и нам ни треба време да ги смениме своите ставови како резултат на поуките што ни ги дава Бог. На пример, ако сме изгубиле некои предности во собранието затоа што не сме се однесувале како што треба, нашата спремност да чекаме на Бог ќе ни помогне да не се обесхрабриме и да не се откажеме. Во таква ситуација, многу се охрабрувачки зборовите на Давид: „Неговиот гнев трае само миг, а неговата милост цел живот. Навечер можеби доаѓа плачот, но утрото донесува радосно воскликнување“ (Псалм 30:5). Ако стрпливо чекаме и ги применуваме советите што ги добиваме од Божјата реч и организација, ќе дојде време кога ‚радосно ќе воскликнуваме‘.
Треба време за да се созрее
Ако си млад или си крстен од неодамна, можеби едвај чекаш да добиеш некои одговорности во христијанското собрание. Но, треба време за да се постигне духовната зрелост која е неопходна за да се преземат такви одговорности. Затоа, искористи ги овие години да созрееш во духовен поглед. На пример, младоста е добро време да ја прочиташ целата Библија, да стекнеш христијански особини и да развиеш вештини што ќе ти помогнат да ги поучуваш другите (Проповедник 12:1). Ако понизно чекаш, ќе дојде време кога Јехова ќе ти довери поголеми одговорности.
Потребна е стрпливост и да се поучуваат заинтересираните. Исто како што еден земјоделец мора постојано да го залева семето сѐ додека Бог не даде да расте, така е и со правењето ученици (1. Коринќаните 3:7; Јаков 5:7). За да им помогнеме на другите да стекнат вера и ценење за Јехова во своите срца, потребно е стрпливо да ја проучуваме Библијата со нив со месеци, а понекогаш и со години. Ако чекаме на Јехова, ќе истраеме, дури и ако во почетокот заинтересираните не реагираат на она што го учат. Доколку покажуваат макар и мало ценење, тоа може да биде знак дека врз нив влијае Јеховиниот дух. Ако си стрплив, ќе се радуваш кога ќе видиш како Јехова му помага на тоа заинтересирано лице да стане ученик на Христос (Матеј 28:20).
Да покажеме љубов додека чекаме
За да сфатиме како чекањето може да биде израз на љубов и на доверба, да го земеме примерот на една постара бабичка која живее во едно пусто подрачје на Андите (Јужна Америка). Таа и една друга жена се единствените Јеховини сведоци во нивното село. Можеш ли да си замислиш со какво нетрпение чекаат тие да ги посети некој друг Сведок? Еднаш патувачкиот надгледник требало да ги посети за првпат, но некако се загубил. Морал пак да се врати по истиот пат и задоцнил неколку часа. Веќе одамна поминала полноќ кога тој конечно го здогледал селото во далечината. Бидејќи во тоа место немало струја, тој се изненадил кога видел како гори едно светло. Колку бил среќен кога конечно стигнал на влезот во селото и видел дека изворот на тоа светло е една газиена ламба која бабичката ја држела крената високо над главата! Таа била сигурна дека тој ќе дојде, и затоа чекала.
Бидејќи покажуваме слична стрпливост, и ние сме среќни додека чекаме на Јехова. Сигурни сме дека тој ќе ги исполни своите ветувања. Освен тоа, исто како тој патувачки надгледник, и ние ги цениме оние што со љубов нѐ чекаат нас. Тогаш, не е ни чудо што и Бог ги цени оние што чекаат на него. Библијата вели: „Јеховина радост се... оние што ја чекаат неговата милост“ (Псалм 147:11).
[Слика на страница 18]
Луѓето што постојано го фалат Бог, со радост чекаат на Јехова