Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Демони — како да им се спротивставиме?

Демони — како да им се спротивставиме?

Демони — како да им се спротивставиме?

„Ангелите што не ја задржаа својата првобитна положба, туку го напуштија своето вистинско живеалиште, [Бог] ги чува во вечни окови и во густа темнина за судот на големиот ден“ (ЈУДА 6).

1, 2. Кои прашања се појавуваат во врска со Сатана Ѓаволот и демоните?

„БИДЕТЕ трезвени, бдејте!“, опоменува апостол Петар. „Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. Петрово 5:8). Во врска со демоните, апостол Павле вели: „Јас не сакам вие да имате нешто заедничко со демоните. Не можете да ја пиете чашата на Јехова и чашата на демоните. Не можете да јадете од ‚трпезата на Јехова‘ и од трпезата на демоните“ (1. Коринќаните 10:20, 21).

2 Но, кои се Сатана Ѓаволот и демоните? Како и кога настанале? Дали ги создал Бог? Колкаво влијание имаат врз луѓето? Дали можеме и како можеме да се заштитиме од нив?

Како настанале Сатана и демоните?

3. Како дошло до тоа еден од Божјите ангели да стане Сатана Ѓавол?

3 На самиот почеток од човечката историја, кога луѓето почнале да живеат во еденската градина, еден Божји ангел се побунил. Зошто? Затоа што не бил задоволен од својата улога во Јеховината небесна организација. Кога биле создадени Адам и Ева, тој видел можност да ги натера да го слушаат и да го обожаваат него, а не вистинскиот Бог. Со тоа што се побунил против Бог и ги навел првите маж и жена да направат грев, овој ангел самиот станал Сатана Ѓавол. Со текот на времето, во побуната му се придружиле и други ангели. Како? (1. Мојсеева 3:1-6; Римјаните 5:12; Откровение 12:9).

4. Што направиле некои бунтовни ангели пред Потопот во времето на Ное?

4 Вдахновеното Свето писмо ни кажува дека извесно време пред Потопот во времето на Ное, некои ангели се заинтересирале за жените што биле на Земјата. Со неисправни намери, небесните ‚синови на вистинскиот Бог забележале дека човечките ќерки се убави, па си ги земале за жени сите што ќе ги избереле‘, пишува во Библијата. Таквите врски биле неприродни, и децата што се раѓале во таквите мешани бракови станале познати како нефили (1. Мојсеева 6:2-4). Духовните суштества што покажале таква непослушност кон Бог му се придружиле на Сатана во побуната против Јехова.

5. Што се случило со бунтовниците кога Јехова ги уништил луѓето со Потоп?

5 Кога Јехова нанел Потоп на Земјата, изгинале сите луѓе, вклучувајќи ги и нефилите и нивните мајки. Бунтовните ангели морале да го напуштат своето материјално човечко тело и да се вратат во духовниот свет. Меѓутоа, не можеле повторно да ја добијат „својата првобитна положба“ што ја имале кај Бог. Наместо тоа, биле предадени во „густа [духовна] темнина“, наречена тартар (Јуда 6; 2. Петрово 2:4).

6. Како демоните ги заведуваат луѓето?

6 Откако тие злобни ангели ја изгубиле „својата првобитна положба“, станале демонски сојузници на Сатана и помагаат во исполнувањето на неговите злобни цели. Оттогаш, демоните повеќе немаат способност да земаат човечки тела од крв и месо. Меѓутоа, можат да ги намамуваат мажите и жените да вршат секакви сексуални перверзии. Исто така, демоните активно ги заведуваат луѓето со помош на спиритизам, во кој спаѓаат уроци, вуду-магии и спиритистички медиуми (5. Мојсеева 18:10-13; 2. Летописи 33:6). Злобните ангели ги чека ист крај како Ѓаволот — ќе бидат уништени засекогаш (Матеј 25:41; Откровение 20:10). Но, во меѓувреме, треба цврсто да им се спротивставиме. Ќе биде мудро да разгледаме колку е моќен Сатана и како можеме успешно да му се спротивставиме нему и на неговите демони.

Колку е моќен Сатана?

7. Колкава моќ има Сатана врз светот?

7 Сатана го клевети Јехова уште од самиот почеток на човечката историја (Изреки 27:11). И, тој успеал да влијае врз голем дел од човештвото. „Целиот свет е под власта на Злобниот“, стои во 1. Јованово 5:19. Затоа Ѓаволот можел да го искуша Исус со тоа што му ја понудил власта и славата на „сите царства на светот“ (Лука 4:5-7). Во врска со Сатана, апостол Павле вели: „А ако е покриена добрата вест, која ја проповедаме, покриена е за оние што одат во пропаст, за оние на кои богот на овој свет им ги заслепил неверничките умови за да не продре до нив светлината на славната добра вест за Христос, кој е слика на Бог“ (2. Коринќаните 4:3, 4). Сатана е „лажливец и татко на лагата“, но се претставува како „ангел на светлината“ (Јован 8:44; 2. Коринќаните 11:14). Тој има доволно голема моќ и доволно методи на располагање за да ги заслепи умовите на светските владетели и на нивните поданици. Ги заведува луѓето со помош на пропаганда и религиозни митови и лаги.

8. Што ни покажува Библијата во врска со влијанието на Сатана?

8 Моќта и влијанието на Сатана јасно се виделе во времето на пророкот Даниел, околу пет века пред нашата ера. Кога Јехова испратил еден ангел да му пренесе охрабрувачка порака на Даниел, ангелот наишол на противење од страна на духовниот ‚кнез на персиското царство‘. Верниот ангел бил задржуван 21 ден сѐ додека не дошол да му помогне „Михаел, еден од највисоките кнезови“. Во истиот извештај се зборува и за демонскиот ‚кнез на Грција‘ (Даниел 10:12, 13, 20). А во Откровение 13:1, 2 Сатана е прикажан како „змејот“ што му ја дава на политичкиот див ѕвер „неговата моќ и неговиот престол и голема власт“.

9. Против кого се борат христијаните?

9 Не е ништо чудно што апостол Павле напишал: „Ние не се бориме против крв и месо, туку против владите, против властите, против светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесата“ (Ефешаните 6:12). Дури и денес, демонските сили под водство на Сатана Ѓаволот стојат „зад сцената“ и влијаат врз човечките владетели и врз сите луѓе, наведувајќи ги да извршуваат неописливи геноциди, тероризам и убиства. Да видиме сега како можеме успешно да им се спротивставиме на овие моќни духовни сили.

Како можеме да се одбраниме?

10, 11. Како можеме да им се спротивставиме на Сатана и на неговите злобни ангели?

10 Не можеме да им се спротивставиме на Сатана и на неговите злобни ангели само со свои сопствени сили, ниту физички ниту интелектуални. Павле ни го дава советот: „Јакнејте во Господарот и во неговата голема сила“. Треба да побараме заштита од Бог. Павле додава: „Облечете ја сета Божја воена опрема за да можете да им се спротивставите на Ѓаволовите сплетки... Земете ја целата Божја воена опрема за да можете да се спротивставите во зол ден и, откако ќе направите сѐ што е потребно, да останете постојани“ (Ефешаните 6:10, 11, 13).

11 Павле двапати ги поттикнува сохристијаните да ја облечат „сета Божја воена опрема“. Зборот „сета“ покажува дека, ако сме неодлучни, нема да успееме да се спротивставиме на нападите на демоните. Според тоа, кои се главните делови на духовната опрема која им е неопходна на христијаните денес за да им се спротивстават на демоните?

„Бидете постојани“ — како?

12. Како можат христијаните да ги опашаат своите бедра со вистината?

12 Павле објаснува: „Затоа, бидете постојани! Опашајте ги своите бедра со вистината, на градите ставете го оклопот на праведноста“ (Ефешаните 6:14). Двата дела од опремата што се спомнати овде се појасот и градниот оклоп. Појасот на еден војник морало да биде добро прицврстен за да ги заштити неговите бедра (колковите, слабините и долниот дел од стомакот) и да ја издржи тежината на неговиот меч. Слично на тоа, библиската вистина мора да биде цврсто припиена околу нас за да можеме да живееме во склад со неа. Дали имаме распоред за секојдневно читање на Библијата? Дали е вклучено целото семејство? Дали имаме навика секојдневно да го разгледуваме дневниот стих како семејство? Освен тоа, дали сме во чекор со објаснувањата од публикациите што ни ги дава „верниот и разборит роб“? (Матеј 24:45). Ако е така, даваме сѐ од себе за да го примениме советот на Павле. Исто така, имаме видеокасети и ДВД-ја кои содржат совети од Библијата. Ако цврсто се држиме за вистината, ќе можеме да донесуваме мудри одлуки и нема да одиме во погрешен правец.

13. Како можеме да го заштитиме своето симболично срце?

13 Дословниот граден оклоп служел за да ги заштити градниот кош, срцето и другите витални органи на војникот. Христијанинот може да го заштити своето симболично срце — личноста што е однатре — со тоа што ќе ја сака Божјата праведност и ќе се држи за Јеховините праведни мерила. Симболичниот граден оклоп нѐ штити да не ја ублажуваме јачината на Божјата реч. Како што учиме ‚да го мразиме злото а да го сакаме доброто‘, ги одвраќаме нозете од „секој зол пат“ (Амос 5:15; Псалм 119:101).

14. Што значи тоа да ‚ги обуеме нозете со спремноста да ја проповедаме добрата вест на мирот‘?

14 Римските војници обично носеле јаки обувки за да ги издржат долгите маршеви во кои пропешачувале стотици километри по римските патишта што минувале низ царството. Што значи за христијаните изразот „обујте ги нозете со спремноста да ја проповедате добрата вест на мирот“? (Ефешаните 6:15). Тоа значи дека сме подготвени да дејствуваме. Спремни сме да ја пренесуваме добрата вест за Божјето Царство во секоја погодна прилика (Римјаните 10:13-15). Тоа што ќе бидеме активни во христијанската служба нѐ штити од ‚сплетките‘ на Сатана (Ефешаните 6:11).

15. а) Што покажува дека големиот штит на верата е многу важен? б) Кои „огнени стрели“ можат да влијаат штетно врз нашата вера?

15 „Пред сѐ“, продолжува Павле, „земете го големиот штит на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите огнени стрели на Злобниот“ (Ефешаните 6:16). Советот да го земеме големиот штит на верата започнува со изразот „пред сѐ“, што покажува дека овој дел од опремата е многу важен. На нашата вера не смее да ѝ фали ништо. Како некој голем штит, таа нѐ штити од ‚огнените стрели‘ на Сатана. Што би можеле да претставуваат тие стрели денес? Тие би можеле да бидат навреди што можат длабоко да нѐ повредат, како и лаги и полувистини кои ги шират нашите непријатели и отпадниците со цел да ни ја ослабнат верата. Овие „огнени стрели“ би можеле да бидат и искушенијата да станеме материјалисти и да се преокупираме со тоа да купиме што е можно повеќе работи, па дури и да се мериме со оние што наметливо се фалат со она што го имаат. Можеби тие вложиле средства за да си купат поголеми и поубави домови и возила или, пак, се фалат со својот скап накит и облека по последна мода. Независно од тоа што прават другите, нашата вера мора да е доволно цврста да ги одврати тие „огнени стрели“. Како можеме да изградиме и да задржиме толку цврста вера? (1. Петрово 3:3-5; 1. Јованово 2:15-17).

16. Што може да ни помогне да изградиме цврста вера?

16 Можеме да му се приближиме на Бог ако редовно ја проучуваме Библијата и ако горливо се молиме. Можеме да го молиме Јехова за посилна вера и потоа да постапуваме во склад со нашите молитви. На пример, дали внимателно се подготвуваме за седмичното проучување на Стражарска кула со цел да учествуваме? Верата ќе ни биде цврста ако ја проучуваме Библијата и библиските публикации (Евреите 10:38, 39; 11:6).

17. Како можеме ‚да го земеме шлемот на спасението‘?

17 Павле го завршува својот опис на духовната воена опрема со советот: „Земете го и шлемот на спасението и мечот на духот, односно речта Божја“ (Ефешаните 6:17). Шлемот ги штител главата и мозокот на војникот, со кои тој донесува одлуки. Слично на тоа, и нашата христијанска надеж го штити нашиот ум (1. Солуњаните 5:8). Наместо да го полниме умот со световни цели и материјалистички желби, треба најмногу да мислиме на надежта што ни ја дава Бог, исто како што правел и Исус (Евреите 12:2).

18. Зошто не смееме да ја запоставиме нашата програма на редовно читање на Библијата?

18 Нашата последна заштита од влијанието на Сатана и неговите демони е Божјата реч, или порака, што е запишана во Библијата. Ова е уште една причина зошто не смееме да ја запоставиме нашата програма на редовно читање на Библијата. Темелното познавање на Божјата реч нѐ штити од лагите на Сатана и од демонската пропаганда, како и од огорчената пропаганда на отпадниците.

‚Молете се во секоја пригода‘

19, 20. а) Што ги чека Сатана и неговите демони? б) Што може духовно да нѐ зајакне?

19 Многу е близу времето кога Сатана, неговите демони и злобниот свет ќе бидат отстранети. Сатана знае дека „има кратко време“. Тој е гневен и војува против оние „кои ги држат Божјите заповеди и на кои им е доверено да сведочат за Исус“ (Откровение 12:12, 17). Многу е битно да им се спротивставиме на Сатана и на неговите демони.

20 Навистина сме благодарни што сме опоменати да ја облечеме целата воена опрема од Бог! Својата дискусија за духовната воена опрема Павле ја завршува со советот: „Молејќи се во духот со секаква молитва и сесрдна молба во секоја пригода. И поради тоа, бдејте со сета истрајност и со сесрдни молби за сите свети“ (Ефешаните 6:18). Молитвата може да нѐ зајакне духовно и да ни помогне да останеме будни. Да ги сфатиме сериозно зборовите на Павле и да се молиме, бидејќи тоа ќе ни помогне да им се спротивставиме на Сатана и на неговите демони.

Што научи?

• Како настанале Сатана и неговите демони?

• Колку е моќен Ѓаволот?

• Како можеме да се заштитиме од Сатана и од неговите демони?

• Како можеме да ја облечеме целата воена опрема од Бог?

[Прашања]

[Слики на страница 26]

‚Синовите на вистинскиот Бог ги забележаа човечките ќерки‘

[Слика на страница 28]

Можеш ли да ги наброиш шесте делови на нашата духовна воена опрема?

[Слики на страница 29]

На кој начин овие работи ќе нѐ заштитат од Сатана и од неговите демони?