Избрани стихови од книгата Еремија
Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Еремија
ИЗРАЕЛЦИТЕ сигурно многу се изненадиле кога Еремија им ги објавил несреќите што ќе ги снајдат! Величествениот храм, во кој повеќе од три века сиот народ доаѓал за да му се поклони на вистинскиот Бог, требало да биде изгорен до темел. Градот Ерусалим и земјата Јуда требало да бидат уништени и напуштени, а нивните жители требало да бидат одведени во ропство. Извештајот за овие и за други судски објави се наоѓа во втората по големина библиска книга — книгата Еремија. Во неа се раскажува и за она што го доживеал самиот Еремија додека верно служел како пророк 67 години. Информациите во оваа книга не се изнесени според хронолошки редослед, туку тематски.
Зошто треба да нѐ интересира библиската книга Еремија? Исполнетите пророштва што се запишани во неа ја зајакнуваат нашата вера во Јехова, кој е Бог што ги исполнува своите ветувања (Исаија 55:10, 11). Службата на Еремија како пророк и ставот на луѓето кон пораката што им ја пренесувал имаат допирни точки со нашево време (1. Коринќаните 10:11). Освен тоа, извештајот за начинот на кој постапувал Јехова со својот народ ни ги открива неговите особини и треба да влијае длабоко врз нас (Евреите 4:12).
„ДВЕ ЗЛА НАПРАВИ МОЈОТ НАРОД“
Еремија добива задача да служи како пророк во 13-тата година од владеењето на Јосија, царот на Јуда, 40 години пред да биде уништен Ерусалим во 607 год. пр.н.е. (Еремија 1:1, 2). Објавите што ги разгласува, главно во последните 18 години од царувањето на Јосија, ја разоткриваат злобата на жителите на Јуда и ги содржат Јеховините пресуди против нив. „Ќе го претворам Ерусалим во куп камења“, изјавува Јехова, и „градовите на Јуда ќе ги претворам во пустош, ќе останат без жители“ (Еремија 9:11). Зошто? „Зашто две зла направи мојот народ“, вели тој (Еремија 2:13).
Таа порака се однесува и на враќањето на еден покајнички остаток (Еремија 3:14-18; 12:14, 15; 16:14-21). Но, гласникот не е дочекан со радост. ‚Главниот надзорник во Јеховиниот дом‘ го удира Еремија и го става во клада цела ноќ (Еремија 20:1-3).
Одговорени библиски прашања:
1:11, 12 — Каква врска има Јеховиното бдеење над својата реч со ‚бадемовата гранка‘? Бадемот е „едно од првите дрвја што расцветуваат напролет“ (стих 11, фуснота). Јехова симболично ‚станувал рано секој ден и ги испраќал своите пророци‘ за да му ги пренесат на неговиот народ неговите пресуди и ‚бдеел‘ сѐ додека тие не се извршиле (Еремија 7:25).
2:10, 11 — Зошто било толку необично она што го правеле неверните Израелци? Иако паганските народи западно од Китим и источно од Кидар ги придодавале и боговите на други народи кон своите богови, им било незамисливо сосема да ги заменат своите богови со туѓи. Меѓутоа, Израелците го напуштиле Јехова, и славата на живиот Бог им ја дале на безживотни идоли.
3:11-22; 11:10-12, 17 — Зошто Еремија го вклучил во своите објави и северното десетплеменско царство, иако Самарија била поразена во 740 год. пр.н.е.? Причината била таа што уништувањето на Ерусалим во 607 год. пр.н.е. дошло како резултат на Јеховината пресуда врз целиот Израел, а не само врз Јуда (Езекиел 9:9, 10). Освен тоа, откако пропаднало десетплеменското царство, надежта да се обнови постоела сѐ додека постоел и Ерусалим, бидејќи пораките што ги пренесувале Божјите пророци и понатаму ги вклучувале и Израелците.
4:3, 4 — Што значи оваа заповед? Неверните Евреи требало да ја подготват, да ја омекнат и да ја очистат почвата на своите срца. Тие морало да ‚ги обрежат‘ срцата, односно, да се ослободат од нечистите мисли, чувства и мотиви (Еремија 9:25, 26; Дела 7:51). За да го постигнат тоа, требало да го променат целиот свој живот — да престанат да прават лошо и да почнат да го прават она што му се допаѓало на Бог.
4:10; 15:18 — Во која смисла Јехова го измамил својот одметнички народ? Во времето на Еремија имало пророци што ‚пророкувале лажно‘ (Еремија 5:31; 20:6; 23:16, 17, 25-28, 32). Јехова не ги спречил да објавуваат лажни пораки.
16:16 — Што се мисли со тоа што Јехова ‚испратил многу рибари‘ и „многу ловци“? Ова можеби се однесува на испраќањето непријателски сили за да ги бараат неверните Евреи врз кои Јехова ќе го изврши својот суд. Но, со оглед на она што стои во Еремија 16:15, овој стих би можел да се однесува и на барањето Израелци што се каеле.
20:7 — На кој начин Јехова ‚ја употребил својата сила‘ против Еремија и го измамил? Поради тоа што наидувал на незаинтересираност, одбивање и противење кога ги објавувал Јеховините пресуди, Еремија можеби се чувствувал како да нема сили да продолжи. Меѓутоа, Јехова ја употребил својата сила против таквите чувства, зајакнувајќи го Еремија да продолжи. Така Јехова го измамил Еремија со тоа што го употребил да го изврши она што пророкот мислел дека нема да може.
Поуки за нас:
1:8. Понекогаш Јехова го избавува својот народ од прогонство — можеби со тоа што ќе употреби непристрасни судии, ќе замени непријателски настроени службеници со разумни или ќе им даде на своите слуги сила да издржат (1. Коринќаните 10:13).
2:13, 18. Неверните Израелци направиле две лоши работи. Го напуштиле Јехова, кој бил сигурен извор на благослов, водство и заштита, а си ископале свои симболични бунари со тоа што настојувале да склучат воени сојузи со Египет и Асирија. Во нашево време, да се напушти вистинскиот Бог заради некакви човечки филозофии и теории и заради светската политика е исто како да се замени „изворот на жива вода“ со „испукани бунари“.
6:16. Јехова го опоменувал својот бунтовен народ да застане малку, да се преиспита и да се врати на „патиштата“ на своите верни предци. Зар не треба и ние да се преиспитуваме одвреме-навреме за да видиме дали навистина одиме по патот по кој Јехова сака да одиме?
7:1-15. Евреите не ги спасило тоа што ја полагале својата доверба во храмот, сметајќи го за некаква амајлија што ќе ги заштити. Треба да живееме според верата, а не според она што го гледаме (2. Коринќаните 5:7).
15:16, 17. И ние можеме да го победиме обесхрабрувањето, исто како што го победил Еремија. Во тоа ќе успееме ако со задоволство длабоко ја проучуваме Библијата, ако го возвишуваме Јеховиното име во службата и ако немаме лошо друштво.
17:1, 2. Поради гревовите што ги правел народот на Јуда, Јехова не ги прифаќал нивните жртви. Тој нема да ги прифати ниту нашите жртви на фалба ако сме морално нечисти.
17:5-8. Луѓето и институциите заслужуваат да имаме доверба во нив само кога станува збор за работи што се во склад со Божјата волја и неговите начела. Кога станува збор за спасение и за вистински мир и сигурност, ќе биде мудро да имаме доверба само во Јехова (Псалм 146:3).
20:8-11. Не треба да дозволиме рамнодушноста, противењето или прогонството да ја задушат нашата ревност во делото на проповедање на Царството (Јаков 5:10, 11).
„СТАВЕТЕ ГО СВОЈОТ ВРАТ ПОД ЈАРЕМОТ НА ВАВИЛОНСКИОТ ЦАР“
Еремија изрекува осуди против последните четири цара на Јуда, како и против лажните пророци, неодговорните пастири и расипаните свештеници. Откако го споредува верниот остаток со добри смокви, Јехова вели: „Ќе ги свртам кон нив своите очи за да им направам добро“ (Еремија 24:5, 6). Во трите пророштва што се запишани во 25. поглавје, накратко се спомнати пресудите што подетално се изнесени во следните поглавја.
Свештениците и пророците кројат планови да го убијат Еремија. Тој пренесува порака дека мораат да му служат на царот на Вавилон. На царот Седекија, Еремија му вели: „Ставете го својот врат под јаремот на вавилонскиот цар“ (Еремија 27:12). Меѓутоа, „оној што го расеа Израел ќе го собере повторно“ (Еремија 31:10). Со добра причина, на Рехавовците им е дадено едно ветување. Еремија е ставен „в затвор во Стражарскиот Двор“ (Еремија 37:21). Ерусалим е уништен, и повеќето негови жители се одведени во изгнанство. Еремија и неговиот писар, Варух, се меѓу преостанатите. И покрај тоа што Еремија ги опоменува да не одат во Египет, тие уплашени луѓе сепак одат таму. Во поглавја 46 до 51 се зборува за она што го кажува Еремија во врска со другите народи.
Одговорени библиски прашања:
22:30 — Дали со оваа наредба му било одземено правото на Исус Христос да седне на Давидовиот престол? (Матеј 1:1, 11). Не. Со оваа наредба било спречено некој од потомците на Јоаким „да седне на Давидовиот престол... во Јуда“. Исус требало да владее од небото, а не од некој престол во Јуда.
23:33 — Што е „Јеховиното бреме“? Во времето на Еремија, сериозните објави што ги кажувал пророкот во врска со уништувањето на Ерусалим им биле како бреме на неговите сонародници. А народот што не реагирал на тие пораки претставувал толкаво бреме за Јехова што сакал да го отфрли. Слично е со библиската порака во врска со претстојното уништување на христијанскиот свет — таа е како бреме за христијанскиот свет, но и на Бог му е смачено од народот што не сака да ја послуша пораката.
31:33 — На кој начин Божјиот закон е запишан во нечие срце? Кога некој го сака Божјиот закон толку многу што гори од желба да ја врши Јеховината волја, може да се рече дека Божјиот закон му е запишан во срцето.
32:10-15 — Зошто се пишувале два договора за една иста зделка? Во договорот што останувал отворен двете страни можеле да видат што запишале. Запечатениот договор служел како примерок со кој се потврдувала точноста на отворениот договор, ако се јавела потреба. Еремија ни дал пример со тоа што постапувал според разумни законски прописи дури и кога станувало збор за деловни зделки со роднина или со соверник.
33:23, 24 — Кои се „двете семејства“ што се спомнати овде? Едното е царското семејство од лозата на цар Давид, а другото е свештеничкото семејство на потомците на Арон. Кога биле уништени Ерусалим и Јеховиниот храм, изгледало дека Јехова ги отфрлил овие две семејства и дека повеќе нема да има свое царство на Земјата и нема повторно да има луѓе што ќе го обожаваат.
46:22 — Зошто гласот на Египет е спореден со гласот на змија? Ова може да се однесува или на шиштењето на змијата кога се повлекува, или на тоа што паднал ниско како држава откако доживеал пропаст. Оваа споредба исто така покажува колку било залудно тоа што египетските фараони носеле на круната лик на света змија, наводно за да ги штити божицата-змија Уатхит.
Поуки за нас:
21:8, 9; 38:19. Дури и во последниот момент, Јехова им дал избор на непокајничките жители на Ерусалим, кои заслужувале смрт. Да, ‚големо е неговото милосрдие‘ (2. Самоилова 24:14; Псалм 119:156).
31:34. Утешна е помислата дека Јехова не се сеќава на гревовите на оние на кои им простува и не презема ништо против нив во иднина.
38:7-13; 39:15-18. Јехова не ја заборава нашата верна служба, која го вклучува и тоа што ‚им служиме на светите‘ (Евреите 6:10).
45:4, 5. Како што било во последните денови на Јуда, така и во ‚последните денови‘ на овој поредок не е време да бараме „големи работи“, како што се богатство, углед или материјална сигурност (2. Тимотеј 3:1; 1. Јованово 2:17).
ЕРУСАЛИМ Е ВО ПЛАМЕН
Настапува 607 год. пр.н.е., 11-тата година од владеењето на Седекија. Вавилонскиот цар Навуходоносор го држи Ерусалим под опсада веќе 18 месеци. На седмиот ден од петтиот месец во 19-тата година од царувањето на Навуходоносор, Невузардан, заповедникот на телесната стража, ‚доаѓа до‘, односно пристигнува до Ерусалим (2. Царевите 25:8). Можеби од својот логор надвор од градските ѕидови, Невузардан ја испитува ситуацијата и планира акција. По три дена, на десеттиот ден од месецот, тој ‚доаѓа во‘, односно влегува во Ерусалим. Тогаш го запалува градот (Еремија 52:12, 13).
Еремија во детали го опишува падот на Ерусалим. Затоа, не е ништо чудно што ваквиот опис води до плач, или тажачки. Тие се запишани во библиската книга Плач Еремиин.
[Слика на страница 8]
Во објавите на Еремија биле вклучени и Јеховините пресуди против Ерусалим
[Слика на страница 9]
На кој начин Јехова ја ‚употребил својата сила‘ против Еремија?
[Слика на страница 10]
„Како што се добри овие смокви така во мои очи ќе бидат добри и изгнаниците на Јуда“ (Еремија 24:5)