Што ќе направи Христос кога ќе дојде?
Што ќе направи Христос кога ќе дојде?
„ТЕРОР ВО САО ПАУЛО.“ Со овој наслов списанието Veja ги опиша четирите дена во мај 2006 год., кога организираниот криминал „го собори на коленици“ најголемиот и најбогат град во Бразил. Околу 150 полицајци, криминалци и обични граѓани беа убиени во „теророт кој владееше повеќе од 100 часа“.
Насилството е главна тема на вестите во речиси секое катче на светот. Изгледа дека човечките владетели не можат да го спречат. Овој свет станува сѐ поопасно место за живеење. Можеби си обесхрабрен затоа што лоши вести се слушаат на секој чекор. Но, наскоро ќе дојде до промена.
Исус ги поучил своите ученици да се молат да дојде Божјето Царство и да се врши Божјата волја „како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Тоа Царство е влада, чиј цар е Исус Христос, кој е поставен од страна на Бог. Таа влада ќе ги реши сите проблеми на човештвото. Меѓутоа, за Божјето Царство да направи промени на Земјата, ќе мора прво Христос да ја преземе власта од човечките владетели. А токму тоа ќе се случи кога ќе дојде Христос.
Мирна промена?
Дали народите мирно ќе се подложат на власта на Христос? Апостол Јован добил визија која дава одговор на ова прашање. Јован раскажува: „Ги видов ѕверот [светскиот политички поредок] и земните цареви и нивните војски собрани да водат војна со оној [Исус] што седи на коњот и со неговата војска“ (Откровение 19:19). Што ќе се случи со земните цареви во таа војна? Библијата вели дека Јеховиниот помазан Цар ‚ќе ги скрши со железен жезол, како грнчарски сад ќе ги сотре‘ (Псалм 2:9). Политичкиот поредок ќе стане прав и пепел. Божјето Царство „ќе ги сотре и ќе ги уништи сите [човечки] царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44).
А што ќе се случи со луѓето што се против Божјето Царство? „Кога од небото ќе се појави Господарот Исус со своите моќни ангели во распламтен оган,.. ќе изврши одмазда над оние што не го познаваат Бог и не ѝ се покоруваат на добрата вест“ (2. Солуњаните 1:7, 8). „А злите ќе бидат истребени од земјата и оние што постапуваат неверно ќе бидат искоренети од неа“, стои во Изреки 2:22.
Во врска со Христовото доаѓање, Библијата вели: „Еве, доаѓа со облаците, и ќе го види секое око“ (Откровение 1:7). Луѓето нема да го видат во буквална смисла на зборот. Откако се вознел на небото, Исус е духовно суштество „и престојува во непристапната светлина“. Оттогаш „никој од луѓето не го видел, ниту може да го види“ (1. Тимотеј 6:16).
Исус не мора да се појави во човечко тело за да можат жителите на Земјата да го ‚видат‘, исто како што Јехова не морал да стане видлив кога им ги нанел на Египќаните десетте неволји во деновите на Мојсеј. Луѓето од тоа време не се сомневале дека Јехова им ги нанел неволјите, и биле принудени да ја признаат неговата моќ (2. Мојсеева 12:31). Слично на тоа, кога Христос ќе стапи во акција како Божји Извршител на пресудите, злите ќе бидат принудени да го „видат“, односно да сфатат дека Бог го користи него за да им суди. Тие ќе го знаат тоа бидејќи човештвото ќе биде однапред предупредено. Да, „ќе го види секое око... И сите земни племиња ќе проплачат поради [Исус]“ (Откровение 1:7).
Пред да се обнови вистинскиот мир и благосостојбата на Земјата, неопходно е да бидат уништени злите и да бидат отстранети од неа злобните влади. Тоа ќе го направи Христос. Тогаш ќе ги преземе во свои раце сите работи на Земјата, и потоа ќе настапат значајни промени.
Корисна обнова
Апостол Петар зборувал за времето кога ‚ќе се обнови сето она за кое Бог зборувал преку своите свети пророци од старо време‘ (Дела 3:21). Во таа обнова спаѓа и преобразбата што ќе настапи на Земјата додека владее Христос. Меѓу пророците преку кои Бог кажал дека „ќе се обнови“ Земјата е пророкот Исаија, кој живеел во осмиот век пред нашата ера. Тој прорекол дека Исус Христос, ‚Кнезот на Мирот‘, ќе го обнови мирот на Земјата. Во врска со Христовото владеење, пророштвото на Исаија вели: „Неговата кнежевска власт ќе се простира надалеку, и на мирот... ќе му нема крај“ (Исаија 9:6, 7). Исус ќе ги поучи луѓето на Земјата да живеат во мир. Тие „ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11).
Што ќе се случи со сиромаштијата и со гладот додека владее Христос? Исаија рекол: „Јехова над војските ќе им подготви на сите народи на оваа планина гозба од избрани јадења, гозба од извонредно вино, од избрани јадења полни со срцевина, од стасано вино, процедено“ (Исаија 25:6). Псалмистот пеел: „На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16). Покрај тоа, за жителите на Земјата читаме: „Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема тие да градат, а некој друг да живее во нив, нема тие да садат, а некој друг да го јаде нивниот род. Зашто, деновите на мојот народ ќе бидат како деновите на дрвото, и моите избраници ќе уживаат во плодовите на своите раце“ (Исаија 65:21, 22).
Исаија, исто така, прорекол крај на болестите и на смртта. Преку него, Бог рекол: „Тогаш ќе им се отворат очите на слепите и ќе им се отнат ушите на глувите. Тогаш сакатиот ќе скока како елен, а јазикот на немиот радосно ќе извикува“ (Исаија 35:5, 6). „И никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24). Бог „ќе ја уништи смртта засекогаш и Севишниот Господар Јехова ќе ги избрише солзите од секое лице“ (Исаија 25:8).
Што ќе се случи со мртвите „што се во гробовите“? (Јован 5:28, 29). За нив Исаија прорекол: „Твоите мртви ќе оживеат“ (Исаија 26:19). Да, тие што спијат во смртен сон ќе бидат вратени во живот!
„Бог е твојот престол во сета вечност“
Откако ќе дојде Христос, целата планета Земја ќе биде обновена. Таа ќе биде претворена во преубав рај, а човештвото обединето ќе му служи на вистинскиот Бог. Можеме ли да бидеме сигурни дека Исус Христос ќе успее да го отстрани злото од Земјата и да воспостави правда?
Размисли за тоа кој му ги дал моќта и власта на Исус. Во врска со Синот, Библијата вели: „Бог е твојот престол во сета вечност, и жезолот на твоето царство е жезол на справедливоста. Ја сакаше праведноста и го мразеше беззаконието“ (Евреите 1:8, 9). Престолот што го има, односно својата положба или власт, Исус го добил од Јехова. Затоа нема да постојат проблеми кои ќе бидат толку тешки што Исус не ќе може да ги реши.
Откако воскреснал, Исус им рекол на своите ученици: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18). „Нему му се подложени ангелите и властите и силите“, се вели во 1. Петрово 3:22. Не постои сила или власт што успешно ќе му се спротивстави на Исус. И ништо не може да го спречи да му донесе трајни благослови на човештвото.
Како влијае врз луѓето Христовото доаѓање?
Во своето писмо до Солуњаните, апостол Павле напишал: „Непрестајно ги имаме на ум вашите дела поттикнати од вера и вашиот труд поттикнат од љубов и вашата истрајност која произлегува од вашата надеж во нашиот Господар Исус Христос, пред нашиот Бог и Татко“ (1. Солуњаните 1:3). Павле покажал дека продуктивниот труд и истрајноста се должат на надежта во Христос. Во таа надеж спаѓа и верата во Христовото доаѓање и во обновата која потоа ќе настапи. Таквата надеж може да им даде сила на вистинските христијани, односно да им помогне да истраат, дури и во многу тешки ситуации.
Да го земеме за пример Карлос, кој живее во Сао Пауло (Бразил). Во август 2003 год., Карлос дознал дека има рак. Оттогаш наваму, бил на осум операции, од кои има болни и тешки последици. И покрај тоа, тој продолжува да ги охрабрува другите. На пример, додека проповедал на улица пред една голема болница, се сретнал со една жена која исто така е Јеховин сведок и чиј сопруг прима хемотерапија. Бидејќи и самиот ги трпи тешките последици од ракот, Карлос можел да ги охрабри и да ги утеши обајцата. Подоцна, тие рекле дека тој разговор за нив бил извор на охрабрување. На тој начин, Карлос ја искусил вистинитоста на Павловите зборови: „[Бог] нѐ теши во секоја наша неволја, за да можеме да ги тешиме оние што се во каква и да било неволја, со истата утеха со која Бог нѐ теши нас самите“ (2. Коринќаните 1:4).
Од каде Карлос наоѓа сила за да продолжи да ги охрабрува другите и покрај тоа што и самиот е болен? Надежта дека Христос ќе дојде и ќе направи промени го мотивира Карлос ‚да не се откаже од правење добро‘ (Галатите 6:9).
Да го земеме за пример и случајот на Самоил, чиј брат бил убиен на 50 метри од куќата на татко им. Десет куршуми биле испукани во телото на неговиот брат. Мртвото тело останало на тротоарот осум часа додека полицијата го испитувала случајот. Самоил не може да заборави што се случило тој ден. Но, надежта дека Христос ќе ја исчисти Земјата од сета злоба и дека потоа ќе владее една праведна влада која ќе му донесе благослови на човештвото, му дава сила. Самоил често се замислува себеси како го прегрнува својот брат во Рајот на Земјата (Дела 24:15).
Што мораш да сториш ти?
И ти можеш да најдеш голема утеха во надежта дека Христос ќе дојде и ќе направи корисни промени. Исус Христос сигурно ќе го отстрани коренот на човечките проблеми, како и тешкотиите што нѐ притискаат.
Што мораш да сториш за да ги доживееш благословите кои човештвото ќе ги добие под власта на Христос? Почни внимателно да ја проучуваш Божјата реч, Библијата. Во една молитва до својот Татко, Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Постави си цел да испиташ што учи Библијата. Јеховините сведоци во местото каде што живееш со задоволство ќе ти помогнат да го сториш тоа. Од срце ти предлагаме да стапиш во контакт со нив или да пишеш до издавачите на ова списание.
[Слики на страница 7]
Откако ќе дојде Христос, целата планета Земја ќе биде обновена
[Извор на слика]
Малата слика, само заднината: Rhino and Lion Park, Гаутенг, ЈАР