Во потрага по точни одговори
Во потрага по точни одговори
Како да си го зачувам здравјето?
Што да сторам за да ми биде посреќно семејството?
Како да си ги подобрам шансите да ја задржам работата?
ДАЛИ и ти некогаш си се запрашал вака? Пронајде ли одговори што вистински ти помогнаа? Секоја година, се издаваат околу 2.000 различни книги што нудат совети на овие и други важни теми. Само во Британија, читателите секоја година трошат дури 80 милиони фунти (околу 120 милиони евра) за книги што нудат совети за тоа како да се решат проблемите во животот. Во Соединетите Држави, продажбата на книги за самопомош носи заработувачка од околу 600 милиони долари годишно. Според тоа, не си единствениот што бара добар совет за тоа како да се справи со секојдневните грижи.
Во врска со советите што се наоѓаат во оваа лавина од публикации, еден автор рекол: „Многу нови книги само го повторуваат она што веќе било напишано“. Навистина, многу совети што се наоѓаат во овие книги само ја повторуваат мудроста што е запишана во една од најстарите книги во светот. Оваа книга без сомнение е најдистрибуираната публикација во светот. Во целина или делумно, преведена е на околу 2.400 јазици. Низ целиот свет, вкупно се отпечатени повеќе од 4.6 милијарди примероци од неа. Да, станува збор за Библијата.
Библијата, или Светото писмо, јасно вели: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста“ (2. Тимотеј 3:16). Се разбира, Библијата не е напишана да служи како прирачник за самопомош. Нејзината првенствена намена е да ни открие која е Божјата волја за човештвото. Сепак, таа содржи многу информации за тоа како да ги решаваме различните проблеми што се појавуваат и ветува дека оние што го следат нејзиното водство ќе научат да го прават она што е за нивно добро (Исаија 48:17, 18). Ако ги послушаме, нејзините совети секогаш ќе ни помогнат, без оглед на нашето етничко или културно потекло, или, пак, образование. Зошто не ја разгледаш следната статија и така самиот не одлучиш дали навистина може да ти помогнат библиските совети за здравјето, семејството и работата?