Живот посветен на правење ученици
Животна приказна
Живот посветен на правење ученици
Раскажала Линет Питерс
Дојдоа да нѐ евакуираат. На врвот од зградата стоеше снајперист. Во тревата лежеа маринци, со пушките подготвени за стрелба. Додека трчавме кон хеликоптерот што нѐ чекаше, јас и останатите мисионери се трудевме со сите сили да останеме смирени. За миг се најдовме во воздухот. По десетина минути, безбедно слетавме на еден воен брод укотвен крај брегот.
СЛЕДНОТО утро дознавме дека бунтовниците го бомбардирале хотелот каде што се засолнивме претходната вечер. Граѓанските немири што траеја со години во Сиера Леоне на крајот доведоа до вистинска војна. Сите странци, што значи и ние, беа принудени под итно да ја напуштат земјата. Но, да ви раскажам како се најдов во оваа ситуација.
Израснав во Британска Гвајана (од 1966 год. позната како Гвајана). Во текот на педесеттите години, таму имав безгрижно и среќно детство. Повеќето родители сметаа дека е многу важно децата да стекнат добро образование, а од младите се очекуваше да имаат добар успех на училиште. Се сеќавам кога еден банкарски службеник го праша татко ми: „Зошто трошиш толку пари за школарина на децата?“ Татко ми му одговори: „Само најдоброто образование ќе им гарантира успех“. Тогаш сметаше дека за едно такво образование е потребно да се оди во некоја од познатите школи. Но, наскоро неговото мислење се смени.
Кога имав 11 години, мајка ми започна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Заедно со една сосетка, таа отишла
на еден од нивните состаноци. Она што го чуле таму ги уверило и двете дека ја пронашле вистината. Нешто подоцна мајка ми ѝ спомнала на една друга сосетка што се зборувало на состанокот. Наскоро, трите проучуваа со мисионерките Дафне Хери (подоцна Бард) и Роуз Кафи. За помалку од една година, мајка ми и двете нејзини пријателки се крстија. По пет години и татко ми се повлече од Адвентистичката црква и се крсти како Јеховин сведок.Како деца, две од моите сестри и јас, трите најстари во семејството од десет деца, поминувавме многу време во мисионерскиот дом каде што живееја Дафне и Роуз, и ни беше многу убаво. Ни раскажуваа искуства од службата. Зрачеа од радост додека неуморно се грижеа за духовното добро на другите. Нивниот пример во мене роди желба да бидам мисионерка.
Но, што ми помогна да останам решена да бидам полновремен проповедник, кога за моите роднини и школски другари најважното нешто во животот беше да се изгради успешна кариера? Не ми беше лесно, бидејќи ми стоеја отворени можности да студирам право, музика, медицина или што и да е друго. Водството што ми беше потребно го добив од убавиот пример на моите родители. За нив вистината беше животот — тие трудољубиво ја проучуваа Библијата и се посветија да им помагаат на другите луѓе да научат за Јехова. * Освен тоа, редовно канеа полновремени слуги на гости кај нас. Можев да видам колку се радосни и задоволни овие браќа и сестри, и станав уште порешена да го посветам животот на правењето ученици.
На 15 години се крстив. Потоа, веднаш по средното училиште, станав пионер. Филомена, која работеше како болничарка, беше првата личност на која ѝ помогнав да напредува до крштавање. Бев многу радосна што таа го засака Јехова, и тоа уште повеќе ме поттикна да продолжам со полновремената служба. Кратко потоа ми понудија подобро работно место во владината служба каде што работев како секретарка. Ја одбив понудата, и наместо тоа одлучив да продолжам да служам како пионер.
Сѐ уште живеев со моите родители и мисионерите ни доаѓаа на гости. Колку ми беше убаво кога ги слушав нивните искуства! Тоа уште повеќе ми ја разгори желбата да бидам мисионер, иако веројатноста за такво нешто беше мала. И тоа време, како што е случај и денес, беа праќани мисионери во Гвајана. Еден ден, во 1969 год., се изненадив и израдував кога добив покана да одам на библиската школа Гилеад во Бруклин (Њујорк).
Неочекувана доделба
Во 48. клас на Гилеад имаше 54 студенти од 21 земја. Седумнаесет бевме немажени
сестри. Оттогаш поминаа 37 години, но сѐ уште ми се живи спомените на тие пет месеци. Научивме толку многу работи, и тоа не само библиски вистини туку слушнавме совети и предлози што ни користеа понатаму во мисионерскиот живот. На пример, научив да слушам упатства, да имам урамнотежено гледиште за модата и да истрајам кога е тешко.Моите родители секогаш сметаа дека е многу важно да бидеме присутни на состаноците. Ако некој од нас беше болен за да дојде во недела на состанок, немаше да може експресно да оздрави за пијано рецитал или за на концерт следната вечер. Интересно, имаше период додека бев на Гилеад, кога почнав да испуштам по некој состанок. Еден петок се обидов да се оправдам зошто ми се случува тоа пред Дон и Долорес Адамс, брачен пар што работеше во Бетел и со кој патував на состанок. Имавме толку многу домашни задачи, толку многу за учење! Како можев да стигнам да се подготвам за Теократската школа за служба и Состаноците за нашата служба? Откако некое време разговаравме за тоа, брат Адамс рече: „Нека те води твојата совест“. Го прифатив советот и не го испуштив состанокот — ни тој ден, ниту кога и да било другпат. Во годините што следеа, освен во крајно тешки околности, никогаш не дозволив нешто да ме спречи да појдам на состанок.
Некаде кон средината на курсот ние, студентите, почнавме да погодуваме кој каде би можел да биде пратен. Јас бев убедена дека ќе ме вратат во Гвајана, каде што имаше голема потреба да се помогне во проповедањето. Замислете си само колку бев изненадена кога дознав дека нема да се вратам таму. Наместо тоа, бев испратена во Сиера Леоне (западна Африка). Колку му бев благодарна на Јехова што мојата желба да бидам мисионер некаде подалеку од мојата земја на крајот сепак се исполни!
Има многу да се учи
„Прекрасна“ е зборот што најдобро го опишува мојот прв впечаток за Сиера Леоне, земја со многу ридови и планини, заливи и плажи. Но, вистинската убавина на оваа западноафриканска земја се крие во нејзините жители, чија љубов и добрина придонесуваат дури и еден странец да се чувствува како дома. Ова многу им помага на новите мисионери да се изборат со носталгијата. Жителите на Сиера Леоне многу сакаат да зборуваат за своите обичаи и култура и спремни се да им помогнат на новодојденците да го научат јазикот крио, кој е лингва франка во земјата.
Луѓето што зборуваат крио користат многу живописни изреки. На пример, изреката „мајмуните работат, павијаните јадат“ значи дека оној што сее не е секогаш оној што ќе го ожнее посеаното. Колку точно е опишана со оваа изрека неправдата што ја има насекаде во денешниов свет! (Исаија 65:22).
Беше вистинско задоволство да се проповеда и да се прават ученици во оваа земја. Ретко ќе сретневме некој што не е заинтересиран да разговара за Библијата. Низ годините, мисионерите и долгогодишните слуги на Јехова им помогнаа на многу луѓе да ја прифатат вистината, и на млади и на стари, од сите општествени слоеви и племенско потекло.
Ерла Сент Хил, мисионерката која ми беше прва цимерка, беше неуморна. Иако Марко 10:29, 30).
беше многу марлива во своите обврски околу мисионерскиот дом, тоа не беше ништо во споредба со нејзината ревност во службата. Ми помогна да сфатам колку се важни многу работи како, на пример, да се запознаам со соседите, да ги посетувам браќата, сестрите и интересентите кога се болни и да присуствувам на погребите секогаш кога можам. Исто така, ми помогна да сфатам дека е важно секогаш кога ќе завршам со проповедање на некое подрачје, да навратам, макар само на кратко, кај браќата и сестрите што живеат таму за да ги поздравам. Ова ми помогна за кратко време да стекнам мајки, браќа, сестри и пријатели, и на мојата доделба почнав да се чувствувам како дома (Освен тоа, изградив цврсти пријателства со драгите мисионери што служеа со мене. Некои од нив беа мојата цимерка Една Бирд, која служеше во Сиера Леоне од 1978 до 1981 год., како и Шерил Фергусон, која ми е цимерка веќе 24 години.
Граѓанската војна носи испити
Во 1997 год., околу еден месец по свеченото отворање на новиот Бетел во Сиера Леоне, војната нѐ принуди да ја напуштиме земјата, како што спомнав во почетокот. Шест години пред тоа нѐ восхити верата на Сведоците од Либерија што пребегаа во Сиера Леоне поради војната во нивната земја. Некои немаа понесено ништо со себе. И покрај тешката ситуација, секој ден учествуваа во службата на проповедање. Длабоко нѐ трогна нивната љубов кон Јехова и кон луѓето.
Сега, кога и самите бевме бегалци во Гвинеја, по примерот на браќата од Либерија продолживме да имаме доверба во Јехова и да ги ставаме интересите на Царството на прво место. По една година се вративме во Сиера Леоне, но по седум месеци пак избувна војна и мораше повторно да се вратиме во Гвинеја.
Наскоро чувме дека членовите на една од завојуваните страни се вселиле во нашиот мисионерски дом во Киси и дека сѐ што имавме е ограбено или уништено. Наместо да бидеме потиштени, бевме среќни што сме живи и здрави. Некако успеавме да излеземе на крај со она што го имавме.
Откако по вторпат бевме евакуирани, јас и цимерката, Шерил, останавме во Гвинеја.
Затоа требаше да научиме француски јазик. Некои од мисионерите веднаш го користеа она што ќе го научеа на француски, и не се секираа многу за грешките што ги правеа. Но, јас не можев да смислам да зборувам неточно, па затоа зборував француски само кога беше неопходно. Воопшто не ми беше лесно. Морав секој ден одново да се потсетувам зошто сум во Гвинеја — за да им помогнам на луѓето да го запознаат Јехова.Полека почнав да се подобрувам со тоа што учев, ги слушав оние што точно го зборуваа јазикот, и ја ценев помошта од децата, кои не се срамеа да си го кажат она што го мислеа. Потоа, неочекувано, добивме помош од Јеховината организација. Од септември 2001 год., во Нашата служба за Царството почнаа да излегуваат предлози како да ги понудиме списанијата, а и книгите и брошурите, на луѓе со различни верски убедувања. Сега се чувствувам посигурна кога проповедам, дури и кога не успевам да се изразам така како што би се изразила на мојот мајчин јазик.
Тоа што израснав во големо семејство ми помогна да се приспособам да живеам заедно со многу луѓе. Еднаш во мисионерскиот дом имаше дури 17. Во овие 37 години мисионерска служба, сум живеела со преку 100 други мисионери. За мене е чест што имав можност да запознаам толку луѓе, секој со посебен карактер, но сите работеа на иста цел! И колкава радост е да соработуваш со Бог и да видиш дека си помогнал некому да ја прифати библиската вистина! (1. Коринќаните 3:9).
Низ годините, не бев присутна во многу важни моменти од животот на моите блиски во фамилијата како, на пример, на свадбите на повеќето од моите помлади браќа и сестри. И не се гледам со моите внуци и внуки толку често колку што би сакала. Тоа е жртва и од моја и од нивна страна, зашто и тие секогаш несебично ми даваа поддршка да останам во мисионерското дело.
Но, она што ми недостасуваше од дома, на еден или на друг начин го добив во мојата мисионерска служба. Иако решив да не се омажам, имам многу духовни деца, и тоа не само оние со кои ја проучував Библијата туку и други со кои посебно се зближив. Што е уште поубаво, гледав како растат нивните деца, како стапуваат во брак и ги подигаат своите деца на патот на вистината. Некои од нив, исто како и јас, одлучија да го посветат својот живот на правењето ученици.
[Фуснота]
^ пас. 9 Мајка ми беше пионер повеќе од 25 години, а кога татко ми се пензионира, и тој стана помошен пионер.
[Карти на страница 15]
(Види во публикацијата)
Бев доделена во Сиера Леоне, (западна Африка)
ГВИНЕЈА
СИЕРА ЛЕОНЕ
[Слика на страница 13]
Двете мои сестри, кои заедно со мене поминаа многу убави моменти со мисионерите во 1950-тите
[Слика на страница 14]
Со студентите со кои учев заедно во 48. клас на Гилеад
[Слика на страница 16]
Свечено отворање на Бетелот во Сиера Леоне