Одговори што помагаат!
Одговори што помагаат!
МНОГУ совети што се наоѓаат во бројните книги за самопомош главно се наменети да им помогнат на луѓето кои моментално минуваат низ некоја криза во животот. Библијата е поинаква книга. Иако нејзините совети можат да им помогнат на оние што се во мака, Библијата прави и повеќе од тоа. Нејзините совети им помагаат на луѓето да ги избегнат грешките со кои можат непотребно да си го отежнат животот.
Библијата може „да им даде на неискусните остроумност, а на младиот човек знаење и способност за расудување“ (Изреки 1:4). Ако ги послушаш советите дадени во неа, „способноста за расудување ќе внимава на тебе, проникливоста ќе те чува, и ќе те избават од лош пат“ (Изреки 2:11, 12). Разгледај некои конкретни примери кои покажуваат дека, ако го послушаш советот од Библијата, ќе можеш да си го сочуваш здравјето, да имаш подобар семеен живот и да бидеш подобар работник или работодавач.
Умерено користи го алкохолот
Библијата не е против умереното користење на алкохолот. Апостол Павле спомнал дека виното е добро за здравјето кога го советувал младиот Тимотеј: „Земај по малку вино поради желудникот и честите свои болести“ (1. Тимотеј 5:23). Други библиски стихови покажуваат дека Бог немал намера виното да се користи само како лек. За виното е речено дека „го весели срцето на смртниот човек“ (Псалм 104:15). Меѓутоа, Библијата нѐ предупредува да не ‚робуваме на многу вино‘ (Тит 2:3). Таа вели: „Не биди меѓу оние што се опиваат со вино, ниту меѓу оние што лакомо јадат месо. Зашто, пијаницата и изедникот осиромашуваат“ (Изреки 23:20, 21). Што се случува кога се занемаруваат овие урамнотежени совети? Забележи што покажуваат фактите од само неколку земји.
Во еден извештај на Светската здравствена организација од 2004 год., во врска со алкохолот се вели: „Проблемите поврзани со алкохолот ги чинат Ирците околу 2,4 милијарди евра годишно“. Според извештајот, во овој огромен финансиски товар се вклучени „трошоци за здравствена грижа (279 милиони евра), трошоци поради сообраќајни несреќи (315 милиони евра), трошоци поради криминал што е поврзан со алкохолот (100 милиони евра), намалена
продуктивност како резултат на отсуства од работа поради алкохол (1.034 милиони евра)“.Многу поважна од финансиските трошоци што ги носи прекумерното пиење алкохол е цената платена со човечко страдање. На пример, во Австралија за само 12 месеци, повеќе од половина милион луѓе биле физички малтретирани од некој под дејство на алкохол. Во Франција, околу 30 отсто од домашното насилство се случува како последица од прекумерното пиење алкохол. Зарем сите овие факти не покажуваат дека советите од Библијата во врска со алкохолот се на место?
Престани со нечистите навики
Уште во 1942 год., кога пушењето се сметаше за отмено, ова списание им помогна на своите читатели да увидат дека користењето тутун е спротивно на библиските начела и дека треба да се избегнува. Во една статија што излезе таа година беше објаснето дека оние што сакаат да му угодат на Бог мораат да ја послушаат библиската заповед ‚да се исчистат од секоја валканост на телото и духот‘ (2. Коринќаните 7:1). Денес, околу 65 години подоцна, зарем не е сосема јасно колку бил на место овој совет темелен на Библијата?
Во 2006 год., Светската здравствена организација кажа дека употребата на тутун е „втората најголема причина за смрт во светот“. Секоја година, околу пет милиони луѓе умираат како последица од пушењето. Само за споредба, од ХИВ/СИДА умираат околу три милиони луѓе секоја година. Во текот на 20-тиот век, пушењето уби околу 100 милиони луѓе, скоро исто колку што загинале во сите војни што се воделе во тој век. Да, денес е општоприфатено гледиштето дека не е мудро да се користи тутун.
„Бегајте од блуд!“
Многу луѓе не се толку спремни да ги послушаат советите од Библијата во врска со половиот живот. Спротивно на она во што биле наведени да веруваат мнозина, Библијата не ја осудува секоја сексуална желба. Но, таа дава корисни совети во врска со половиот живот на човекот. Библијата учи дека полови односи можат да имаат само маж и жена што се во брак (1. Мојсеева 2:24; Матеј 19:4-6; Евреите 13:4). Тоа е еден начин на кој брачните партнери можат да си изразуваат љубов и нежност (1. Коринќаните 7:1-5). За едно дете е многу корисно да се роди во брак со родители што се грижат еден за друг (Колошаните 3:18-21).
Во врска со неморалот, Библијата заповеда: „Бегајте од блуд!“ (1. Коринќаните 6:18). Која е една причина за тоа? Стихот продолжува: „Секој друг грев што ќе го направи човекот е надвор од неговото тело, но кој прави блуд, греши против своето сопствено тело“. Какви се последиците ако го отфрламе советот од Библијата во врска со половиот живот?
Да го земеме за пример она што се случува во Соединетите Држави. Меѓу земјите во развиениот свет, тие сега имаат највисока стапка на бременост кај тинејџерките — околу 850.000 секоја година. Многу бебиња што не се абортирани ги родиле немажени мајки. Без сомнение, многу од овие млади мајки прават сѐ што можат за нивните деца да се чувствуваат сакани и да се добро воспитани, а некои и успеваат во тоа. Меѓутоа, суровите факти покажуваат дека веројатноста да завршат во затвор е поголема кај синовите на малолетните мајки, а нивните ќерки се посклони и самите да станат малолетни мајки. По еден преглед на статистиката од последните неколку децении, истражувачот Роберт Лерман напишал: „Сѐ поголемиот број семејства со еден родител можеби придонел да има повеќе други општествени проблеми, како поголемиот процент на малолетници што го напуштаат училиштето, што употребуваат алкохол и дрога, поголем процент на бременост и раѓање кај младите и повеќе случаи на малолетничка деликвенција“.
Оние што водат сексуално слободен живот се изложуваат и на многу здравствени ризици, како физички така и психички. На пример, списанието Pediatrics пишува: „Според податоците, постои голем ризик малолетниците што имаат полови односи да станат депресивни и да се самоубијат“. Во врска со другите опасности по здравјето, Американската организација за општествено здравје вели: „Повеќе од 50% од луѓето [во Соединетите Држави] ќе имаат сексуално преносливи болести некогаш во животот“. Размисли колку болка и страдање би можеле да се избегнат кога луѓето би ги послушале корисните совети од Библијата во врска со половите односи!
Гради цврсти семејни врски
Но, Библијата нѐ содржи само предупредувања против штетните навики. Да видиме какви корисни совети ни дава за да имаме посреќно семејство.
Божјата реч вели: „Мажите треба да ги сакаат своите жени како своите тела“ (Ефешаните 5:28). Наместо да ги потценуваат своите жени, мажите се поттикнати да живеат со нив ‚во склад со она што го научиле, почитувајќи ги како послаби садови‘ (1. Петрово 3:7). Во врска со несогласувањата што можеби ќе се појават, на мажите им е даден советот: „Сакајте ги своите жени и немојте да се гневите на нив“ (Колошаните 3:19). Зарем не се сложуваш дека мажот што ќе го послуша овој совет ќе биде сакан и ценет од својата жена?
На жените, Библијата им го дава ова упатство: „Жените нека им бидат подложни на своите мажи како на Господарот, зашто мажот е глава на жената како што е и Христос глава на собранието... Жената длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:22, 23, 33). Зарем не мислиш дека жената што ќе го послуша овој совет кога зборува со — или за — својот маж ќе биде многу сакана од него?
Во врска со воспитувањето на децата, Библијата ве советува вас, родители, да разговарате со своите деца ‚кога седите во својата куќа и кога одите по пат, кога легнувате и кога станувате‘ (5. Мојсеева 6:7). На татковците им е конкретно заповедано добро да ги воспитаат своите деца во морален поглед и љубезно да ги укорат и казнат кога треба. „Татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку воспитувајте ги со стега од Јехова и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување“, вели Божјата реч (Ефешаните 6:4). Од друга страна, на децата им е речено: „Слушајте ги своите родители во Господарот“ и ‚почитувајте ги татка си и мајка си‘ * (Ефешаните 6:1, 2).
Зар не мислиш дека на семејствата ќе им биде од корист ако ги послушаат овие совети? Можеби ќе речеш: „Да, добро звучат теоретски, но дали вистински помагаат?“ Те покануваме да појдеш во Салата на Царството на Јеховините сведоци во твоето место. Таму ќе сретнеш семејства што се трудат да ги применуваат мудрите библиски
совети. Поразговарај со нив. Набљудувај како се однесуваат еден со друг членовите на семејствата. Од прва рака ќе видиш дека семејствата што живеат според библиските начела навистина се среќни!Трудољубив работник и фер работодавец
Какви совети дава Библијата во врска со секојдневната борба да се задржи работното место? Таа вели дека работникот кој вешто си ја врши работата најверојатно ќе биде ценет и награден. „Си видел ли човек вешт во својата работа?“, прашал мудриот цар Соломон. „Таквиот ќе стои пред цареви“ (Изреки 22:29). Од друга страна, „мрзливецот“ го иритира својот работодавец како ‚димот очите‘ (Изреки 10:26). Библијата ги поттикнува работниците да бидат чесни и трудољубиви. „Кој крадел, повеќе да не краде, туку да работи марливо, правејќи добро со своите раце“ (Ефешаните 4:28). Овој совет важи дури и кога работодавецот не нѐ гледа. „Слушајте ги своите земни господари во сѐ, не само кога ве гледаат, како такви кои им угодуваат на луѓето, туку со искрено срце, во страв од Јехова“ (Колошаните 3:22). Ако си работодавец, зарем не би го ценел работникот што ќе го послуша овој совет?
Што се однесува до работодавците, Библијата ги потсетува: „Работникот ја заслужува својата плата“ (1. Тимотеј 5:18). Според Законот што Бог им го дал на Израелците, на работодавците им било заповедано навреме и доволно да ги плаќаат своите работници. „Не искористувај го својот ближен и не грабај го туѓото. Платата на наемникот да не остане кај тебе преку ноќта до изутрина“ напишал Мојсеј (3. Мојсеева 19:13). Зарем не би ти било задоволство да работиш за некој што, послушен на упатството од Библијата, редовно и доволно те плаќа?
Најдобриот извор на мудрост
Те изненадува ли тоа што една толку стара книга како Библијата содржи совети што се толку корисни денес? Причината зошто Библијата опстојува додека толку многу други книги станале безначајни е тоа што таа не е реч човечка, туку е „реч Божја“ (1. Солуњаните 2:13).
Одвој си време за подобро да се запознаеш со Божјата реч. Ако го сториш тоа, ќе го засакаш Авторот на Библијата, Јехова Бог. Послушај ги советите што ги дава, и ќе видиш дека тие ќе те чуваат од зло и дека ќе ти помогнат животот да ти биде поубав. На тој начин ќе му се ‚приближиш на Бог, и тој ќе ти се приближи тебе‘ (Јаков 4:8). Ниедна друга книга не може да ти го даде сето ова.
[Фуснота]
^ пас. 20 Повеќе информации во врска со библиските начела што можат да му помогнат на твоето семејство побарај во книгата Тајната на семејната среќа, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 4]
Сметаш ли дека е на место она што го вели Библијата за алкохолот?
[Слика на страница 5]
Се согласуваш ли со советот од Библијата да не се користи тутун?
[Слики на страница 7]
Ако ги послушаме советите од Библијата, ќе имаме посреќно семејство
[Извор на слика на страница 5]
Земја: На темел на фотографија на НАСА