Понизно да им се подложуваме на грижливите пастири
Понизно да им се подложуваме на грижливите пастири
„Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни“ (ЕВРЕИТЕ 13:17).
1, 2. Кои библиски стихови покажуваат дека Јехова и Исус се грижливи Пастири?
ЈЕХОВА БОГ и неговиот Син, Исус Христос, се грижливи Пастири. Исаија пророкувал: „Гледај, Севишниот Господар Јехова ќе дојде како силен јунак, неговата рака ќе владее за него... Како овчар ќе го пасе своето стадо. Со рака ќе ги собере јагнињата, ќе ги носи во пазувите. Грижливо ќе ги води доилките“ (Исаија 40:10, 11).
2 Ова пророштво за обнова првпат се исполнило кога еден еврејски остаток се вратил во Јуда во 537 год. пр.н.е. (2. Летописи 36:22, 23). Уште еднаш се исполнило кога помазаниот остаток бил избавен од „Големиот Вавилон“ во 1919 год. од страна на Поголемиот Кир, Исус Христос (Откровение 18:2; Исаија 44:28). Тој е Јеховината „рака“ со која владее, собирајќи ги овците и грижливо пасејќи ги. Самиот Исус рекол: „Јас сум добриот пастир, и ги познавам своите овци, и моите овци ме познаваат мене“ (Јован 10:14).
3. Како Јехова покажува нежна грижа за начинот на кој се постапува со неговите овци?
3 Пророштвото од Исаија 40:10, 11 покажува со колкава нежност Јехова се грижи за својот народ (Псалм 23:1-6). За време на својата служба на Земјата, и Исус покажал нежна грижа за своите ученици и за луѓето воопшто (Матеј 11:28-30; Марко 6:34). И Јехова и Исус ја осудиле бездушноста на пастирите, односно на водачите на Израел, кои бесрамно ги запоставувале и ги искористувале своите стада (Езекиел 34:2-10; Матеј 23:3, 4, 15). Јехова ветил: „Јас ќе ги спасам своите овци, па повеќе нема да бидат плен, и ќе судам помеѓу овците. Ќе им подигнам еден пастир, кој ќе ги пасе, својот слуга Давид. Тој ќе ги пасе, тој ќе им биде пастир“ (Езекиел 34:22, 23). Во ова време на крајот, Исус Христос, Поголемиот Давид, е тој „еден пастир“ кого Јехова го поставил над сите Свои слуги на Земјата, како над христијаните помазани со дух така и над ‚другите овци‘ (Јован 10:16).
Небесни дарови за собранието
4, 5. а) Кој скапоцен подарок му го дал Јехова на својот народ на Земјата? б) Каков дар му дал Исус на своето собрание?
4 Со тоа што поставил над своите слуги на Земјата „еден пастир“ — Исус Христос — Јехова му дал скапоцен подарок на христијанското собрание. Овој подарок, овој небесен Водач, бил проречен во Исаија 55:4: „Еве, им го дадов за сведок на народите, за водач и за заповедник на народите“. И помазаните христијани и припадниците на ‚големото мноштво‘ се собрани од сите народи, племиња, народности и јазици (Откровение 5:9, 10; 7:9). Тие сочинуваат едно меѓународно собрание, „едно стадо“ под водството на „еден пастир“, Исус Христос.
5 И Исус му дал скапоцен подарок на своето собрание на Земјата. Тој дал верни потпастири кои, следејќи го примерот на Јехова и на Исус, нежно се грижат за стадото. Апостол Павле зборувал за овој прекрасен дар во своето писмо до христијаните во Ефес. Тој напишал: „Кога се вознесе во висините, одведе заробеници, даде луѓе како дарови... Даде некои да бидат апостоли, некои да бидат пророци, некои да бидат проповедници на добрата вест, некои да бидат пастири и учители, со цел да се насочуваат светите, за да служат и да го изградуваат Христовото тело“ (Ефешаните 4:8, 11, 12).
6. Како се опишани во Откровение 1:16 и 20 помазаните надгледници што служеле во старешинските тела, и што може да се каже за именуваните старешини што се од другите овци?
6 Овие луѓе што ни се дадени како дарови се надгледниците, или старешините, што ги поставиле Јехова и неговиот Син преку светиот дух за да се грижат нежно за овците (Дела 20:28, 29). Во почетокот, сите овие надгледници биле помазани христијани. Во Откровение 1:16 и 20, оние што служеле во старешинствата во собранието од помазаници се симболизирани со „ѕвезди“ или ‚ангели‘ во Христовата десна рака, односно, под негова власт. Меѓутоа, во ова време на крајот, кога бројот на помазани надгледници на Земјата станува сѐ помал, повеќето христијански старешини во собранијата се од другите овци. Бидејќи тие се именувани од претставници на Водечкото тело под водство на светиот дух, и за нив може да се рече дека се во десната рака (или под водството на) Добриот Пастир, Исус Христос (Исаија 61:5, 6). Бидејќи старешините во нашите собранија му се подложуваат на Христос, кој е Глава на собранието, заслужуваат во сѐ да соработуваме со нив (Колошаните 1:18).
Послушност и подложност
7. Што ни советувал Павле, каков став кон христијанските надгледници треба да имаме?
7 Нашите небесни Пастири, Јехова Бог и Исус Христос, очекуваат да им бидеме 1. Петрово 5:5). Под вдахновение, апостол Павле напишал: „Сеќавајте се на оние што ве предводат, кои ви ја зборуваа Божјата реч. Набљудувајќи го исходот од нивниот начин на живот, угледајте се на нивната вера. Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни — зашто тие бдеат над вашите души како оние што ќе положат сметка за тоа — за да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа вам би ви било на штета“ (Евреите 13:7, 17).
послушни и подложни на потпастирите што ги поставиле на одговорни положби во собранието (8. Што нѐ повикува Павле да ‚набљудуваме‘, и како треба да ‚бидеме послушни‘?
8 Забележи дека Павле нѐ повикува внимателно да ‚го набљудуваме‘ исходот од верното однесување на старешините и да го следиме нивниот пример на вера. Освен тоа, тој нѐ советува да бидеме послушни и да се подложуваме на водството на овие именувани мажи. Библичарот Р. Т. Френс објаснува дека во изворниот грчки јазик, зборот што овде е преведен со „бидете послушни“ не е „вообичаениот израз за послушност, туку неговото буквално значење е ‚да се биде убеден‘, што подразбира спремно прифаќање на нивното водство“. Послушни сме им на старешините не само затоа што Божјата реч го бара тоа од нас туку и затоа што сме убедени дека тие искрено се грижат за сите работи што се поврзани со Царството и ни го мислат најдоброто. Сигурно ќе бидеме среќни ако спремно го прифатиме нивното водство.
9. Зошто е неопходно да бидеме и „подложни“, а не само послушни?
9 Но, што ако не сме уверени дека во извесен случај водството што го даваат старешините е најдобро? Тогаш од нас се бара да бидеме подложни. Лесно е да бидеме послушни кога сѐ е јасно и се согласуваме со одлуките што се донесени, но ќе покажеме дека сме навистина подложни само ако се потчиниме дури и кога не разбираме зошто е донесена некоја одлука. Петар, кој подоцна станал апостол, покажал ваква подложност (Лука 5:4, 5).
Четири причини зошто треба спремно да соработуваме
10, 11. Во кој поглед надгледниците им ‚ја зборувале Божјата реч‘ на сохристијаните во првиот век, а како го прават тоа и денес?
10 Во Евреите 13:7, 17, стихови што веќе ги наведовме, апостол Павле ни дава четири причини зошто треба да им бидеме послушни и подложни на христијанските надгледници. Првата причина е тоа што тие ни ‚ја зборуваат Божјата реч‘. Сети се дека овие луѓе што Исус му ги дал на собранието како дарови ‚ги насочуваат светите‘, односно ги исправаат (Ефешаните 4:11, 12). Тој го исправил размислувањето и однесувањето на христијаните во првиот век преку верните потпастири, од кои некои биле вдахновени да им напишат писма на собранијата. Исус ги употребил тие надгледници помазани со дух за да ги водат и да ги изградат првите христијани (1. Коринќаните 16:15-18; 2. Тимотеј 2:2; Тит 1:5).
11 Денес, Исус нѐ води преку „верниот и разборит роб“, кој е претставен со своето Водечко тело и со именуваните старешини (Матеј 24:45). Од почит кон „врховниот пастир“, Исус Христос, послушни сме на советот на Павле: „Почитувајте ги оние што се трудат меѓу вас и предводат во делото на Господарот и ве опоменуваат“ (1. Петрово 5:4; 1. Солуњаните 5:12; 1. Тимотеј 5:17).
12. На кој начин надгледниците ‚бдеат над нашите души‘?
12 Втора причина зошто треба да соработуваме со христијанските надгледници е тоа што ‚тие бдеат над нашите души‘. Ако откријат нешто во нашиот став или во нашето однесување што би можело да ни ја загрози духовноста, веднаш ни го даваат потребниот совет за да се поправиме (Галатите 6:1). Грчкиот збор преведен со ‚бдее‘ буквално значи „да не спие“. Според еден библичар, тоа „значи постојана будност од страна на пастирот“. Освен тоа што остануваат духовно будни, старешините може дури и да не спијат ноќе од грижа за нашето духовно добро. Зар не треба спремно да соработуваме со таквите грижливи потпастири, кои даваат сѐ од себе за да покажуваат нежна грижа како што покажувал и Исус Христос, „големиот пастир на овците“? (Евреите 13:20).
13. Кому и на кои начини се одговорни надгледниците и сите христијани?
13 Третата причина од која спремно соработуваме со надгледниците е тоа што тие бдеат над нас „како оние што ќе положат сметка за тоа“. Надгледниците не забораваат дека тие се потпастири, кои служат под водство на небесните Пастири, Јехова Бог и Исус Христос (Езекиел 34:22-24). Јехова е Сопственикот на овците, кои ‚ги купил со крвта на својот Син‘, и именуваните надгледници се одговорни пред него за тоа како постапуваат со Неговото стадо, а треба да постапуваат со „обѕир“ (Дела 20:28, 29). Според тоа, сите ние сме одговорни пред Јехова за начинот на кој реагираме на неговото водство (Римјаните 14:10-12). Со тоа што сме им послушни на поставените старешини даваме доказ дека сме му подложни и на Христос, кој е Глава на собранието (Колошаните 2:19).
14. Од кои причини може христијанските старешини да служат „со воздишки“, и до што би водело тоа?
14 Павле ја кажал и четвртата причина зошто треба понизно да им се подложуваме на христијанските надгледници. Тој напишал: „За да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа вам би ви било на штета“ (Евреите 13:17). Со своите големи одговорности да поучуваат, да се грижат за стадото, да предводат во проповедничкото дело, да се грижат за своето семејство и да ги решаваат проблемите во собранието, христијанските старешини носат тежок товар (2. Коринќаните 11:28, 29). Ако не соработуваме со нив, само ќе им го зголемиме товарот. Затоа, тие ќе ‚воздивнуваат‘. Ако не соработуваме, Јехова нема да биде задоволен и тоа може да биде на наша штета. Наместо тоа, кога покажуваме должна почит и соработка, старешините можат да ги извршуваат своите одговорности со радост, а тоа придонесува за единство и за радосно учество во делото на проповедање на Царството (Римјаните 15:5, 6).
Како покажуваме подложност
15. Како можеме да покажеме послушност и подложност?
15 Има многу практични начини на кои можеме да соработуваме со именуваните надгледници. За да се излезе во пресрет на новите околности на подрачјето, дали старешините испланирале да се одржуваат состаноци за служба на теренот во денови и во термини што бараат да смениме нешто во нашиот редовен распоред? Да се потрудиме да ги прифатиме новите термини за состаноци. Може да добиеме неочекувани благослови. Дали надгледникот за служба ја посетува нашата група за Собраниско проучување на книга? Да имаме колку што е можно поголемо учество во проповедничкото дело таа седмица. Дали сме добиле задача во Теократската школа за служба? Треба да си поставиме за цел да бидеме присутни и да ја изнесеме задачата. Дали надгледникот за Собраниско проучување на книга известил дека нашата група е на ред да ја чисти Салата на Царството? Да учествуваме во тоа, колку што ни дозволуваат здравјето и силата. На овие и на многу други начини покажуваме подложност на мажите што Јехова и неговиот Син ги поставиле да се грижат за стадото.
16. Ако некој старешина не ги прави работите онака како што му е дадено упатство, зошто тоа не е оправдување за да бидеме бунтовни?
16 Понекогаш, некој старешина можеби не ги прави работите според упатствата што ги дава верниот и разборит роб и неговото Водечко тело. Ако продолжи да постапува така, ќе мора да му поднесе сметка на Јехова, кој е ‚пастир и чувар на нашите души‘ (1. Петрово 2:25). Но, каков и да е пропуст или грешки од страна на некои старешини не е оправдување за да бидеме непослушни. Јехова не ги одобрува непослушноста и бунтовноста (4. Мојсеева 12:1, 2, 9-11).
Јехова ја благословува спремната соработка
17. Каков став треба да имаме кон нашите надгледници?
17 Јехова Бог знае дека мажите што ги поставил за надгледници се несовршени. Сепак, тој ги користи, и преку својот дух се грижи за својот народ на Земјата. И за старешините и за сите нас важи тоа дека „нашата сила, која ја надминува нормалната, потекнува од Бог, а не од нас“ (2. Коринќаните 4:7). Затоа, треба да му бидеме благодарни на Јехова за она што го прави преку нашите верни надгледници, и треба спремно да соработуваме со нив.
18. Што, всушност, правиме кога им се подложуваме на нашите надгледници?
18 Надгледниците даваат сѐ од себе за да живеат во склад со Јеховиниот опис на пастирите што ги поставил над своето стадо во последните денови, кој се наоѓа во Еремија 3:15: „Ќе ви дадам пастири според моето срце, и тие ќе ве пасат со знаење и со разборитост“. Секако дека старешините меѓу нас се за пофалба што ги поучуваат и ги штитат Јеховините овци. И понатаму да бидеме благодарни за нивната напорна работа со тоа што спремно ќе соработуваме со нив и ќе им бидеме послушни и подложни. Така ќе покажеме ценење за нашите небесни Пастири, Јехова Бог и Исус Христос.
За повторување
• На кој начин Јехова и Исус Христос покажале дека се грижливи Пастири?
• Зошто е потребно да бидеме и подложни, а не само послушни?
• На кои начини можеме да покажеме подложност?
[Прашања]
[Слика на страница 27]
Христијанските старешини се подложуваат на Христовото водство
[Слики на страница 29]
Има многу начини на кои можеме да ја покажеме нашата подложност на пастирите што ги поставил Јехова