Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Што мислел Павле кога, во 1. Тимотеј 5:9, рекол дека една вдовица морала да биде „верна на мажот“ за да може да добие помош од христијанското собрание?

На изворниот грчки јазик, текстот што во Превод Нов свет е преведен како „верна на мажот“, буквално гласи „има само еден маж“. Бидејќи апостол Павле зборувал за вдовица, очигледно е дека изразот „има само еден маж“ се однесува на нејзината ситуација пред да стане вдовица. Дали оригиналниот текст значи дека вдовицата морало да биде омажена само еднаш, како што може да се заклучи од некои библиски преводи? Или, пак, можеби Павле сакал да каже нешто друго? *

Некои сметаат дека Павле зборувал за вдовици кои биле мажени само еднаш. Точно е дека во многу култури и општества, вдовицата што ќе останела немажена била сметана за особено доблесна. Меѓутоа, таквото гледиште е во спротивност со она што Павле го напишал во другите писма. На пример, кога им пишал на коринтските христијани, тој јасно кажал дека иако сметал дека една вдовица би била посреќна ако остане сама, „слободна е да се мажи за кого сака, но само во Господарот“ (1. Коринќаните 7:39, 40; Римјаните 7:2, 3). Освен тоа, во своето писмо до Тимотеј, Павле рекол: „Сакам помладите вдовици да се мажат“ (1. Тимотеј 5:14). Според тоа, не било срамота ако една вдовица одлучела повторно да се омажи.

Тогаш, како треба да ги разбереме Павловите зборови до Тимотеј? Изразот „имала само еден маж“ се појавува само во овој стих. Интересно, овој израз на изворниот јазик е сличен со оној што Павле го употребил неколку пати во своите писма, имено, „има само една жена“ (1. Тимотеј 3:2, 12; Тит 1:6). Истиот израз Павле го користел кога ги набројувал условите за христијански надгледници и слуги помошници. Во тој контекст, изјавата главно значи дека, за да ги исполни условите за да добие одговорности во христијанското собрание, еден маж, ако е оженет, мора да ѝ биде верен и лојален на својата сопруга и да биде беспрекорен во морален поглед. Од тука, доаѓаме до заклучок дека изразот во 1. Тимотеј 5:9 изгледа го има истото значење. За да има право да добие помош од собранието, една вдовица морало да биде оддадена и лојална сопруга која му била верна на својот маж додека бил жив и да биде беспрекорна во морален поглед. Сите други барања што ги навел Павле во текстот понатаму укажуваат токму на таква личност (1. Тимотеј 5:10).

[Фуснота]

^ пас. 3 Полиандријата, обичајот една жена да има повеќе мажи во исто време, не била прифатена во грчко-римскиот свет во времето на апостолот. Според тоа, мала е веројатноста Павле да му пишувал на Тимотеј затоа што станувало збор за таков случај, или, пак, за да укори некого што го правел тоа.