Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали свирепоста некогаш ќе заврши?

Дали свирепоста некогаш ќе заврши?

Дали свирепоста некогаш ќе заврши?

МНОГУ луѓе веднаш би се согласиле дека себичноста е главната причина за свирепоста во денешниот свет. Семето што беше посеано пред многу години од таканаречената прво-јас генерација, создаде општество во кое повеќето луѓе си гледаат само за себе. Мнозина ќе направат сѐ само да го добијат тоа што го сакаат, и затоа честопати постапуваат многу свирепо. Ова не го прават само поединци, туку и цели народи.

Изгледа дека животот на другите луѓе повеќе не се цени. Некои дури уживаат да бидат свирепи. За нив тоа е забавно, слично на криминалците што признаваат дека им наштетуваат на другите само затоа што тоа им е возбудливо. А што да се каже за милионите луѓе кои уживаат да гледаат филмови со насилство и свирепост, и со тоа ѝ помагаат на филмската индустрија да профитира од такви теми? Бидејќи се постојано изложени на брутални сцени, било преку забавата или преку средствата за јавно информирање, мнозина станале бесчувствителни.

Свирепоста честопати им нанесува психолошка штета на жртвите и така се започнува еден магичен круг од кој нема излез. Во врска со насилството предизвикано од свирепост, Ноеми Диаз Марокин, која предава на Мексиканскиот државен автономен универзитет, вели: „Насилството се учи, тоа е дел од нашата култура... Ние учиме како да постапуваме насилно бидејќи во нашата околина тоа е дозволено и прифатено“. Според тоа, оние што биле жртви на малтретирање најверојатно и самите ќе малтретираат други, можеби дури и на ист начин како што тие биле малтретирани.

Во други случаи, свирепо можат да постапуваат и оние што прекумерно пијат алкохол и користат дрога. Не треба да ги заборавиме ниту оние што не се задоволни затоа што нивната влада не се грижи за потребите на народот. Некои од нив, решени да го привлечат вниманието на јавноста кон своите гледишта, постапуваат свирепо и го поттикнуваат тероризмот, при што најчесто страдаат невини луѓе.

Затоа можеби се прашуваш: „Дали луѓето самите научиле да постапуваат свирепо? Кој стои зад ваквата ситуација?“

Кој стои зад свирепоста?

Библијата ни кажува дека Сатана Ѓаволот има силно влијание врз денешниот свет, и го нарекува „богот на овој свет“ (2. Коринќаните 4:4). Тој е најсебичната и најсвирепата личност во вселената. Исус добро го опишал како „човекоубиец“ и „татко на лагата“ (Јован 8:44).

Луѓето се под моќното влијание на Сатана од моментот кога Адам и Ева станале непослушни на Бог (1. Мојсеева 3:1-7, 16-19). Околу 15 века откако првиот човечки пар му го свртел грбот на Јехова, бунтовните ангели се материјализирале, имале односи со некои од жените на Земјата и создале хибридна раса наречена нефили. Какви биле овие нефили? Одговорот ни го дава нивното име. Тоа значи „соборувачи“, или „оние што ги соборуваат другите“. Очигледно, тие биле насилни и внеле во светот толку свирепост и неморал што Бог морал да донесе потоп за да стави крај на тоа што се случувало (1. Мојсеева 6:4, 5, 17, фуснота). Иако нефилите биле уништени во потопот, нивните татковци повторно се вратиле во духовниот свет како невидливи демони (1. Петрово 3:19, 20).

Колку се свирепи бунтовните ангели може јасно да се види од случајот со момчето што било опседнато со демон во времето на Исус. Демонот постојано предизвикувал кај детето грчеви и го фрлал во оган и во вода за да го убие (Марко 9:17-22). Очигледно, овие ‚зли духовни сили‘ имаат исто толку немилосрдна личност како нивниот свиреп главен заповедник, Сатана Ѓаволот (Ефешаните 6:12).

Денес, демонското влијание и понатаму ги поттикнува луѓето да бидат свирепи, како што било проречено во Библијата: „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња. Зашто, луѓето ќе бидат себељубиви,.. вообразени, надуени,.. неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог, и на изглед ќе бидат богобојазливи, но нема да живеат богобојазливо“ (2. Тимотеј 3:1-5).

Од библиските пророштва се гледа дека нашево време е особено тешко бидејќи Сатана и неговите демонски орди биле истерани од небото откако било воспоставено Божјето Царство преку Исус Христос во 1914 год. Библијата објавува: „Тешко вам, земјо и море, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време!“ (Откровение 12:5-9, 12).

Дали ова значи дека состојбата не може да се поправи? Диаз Марокин, која беше цитирана претходно, рекла дека „луѓето се способни постепено да се одвикнат“ од непожелното однесување. Меѓутоа, бидејќи денес Сатанското влијание е раширено насекаде низ светот, мала е веројатноста некој човек да се одвикне од насилството освен ако не дозволи една поинаква, поголема сила да влијае врз неговиот начин на размислување и постапување. Која е оваа сила?

Можно е да се промениме — како?

За среќа, Божјиот свет дух е најмоќната сила што постои, и може да го надвладее секое демонско влијание. Тој им помага на луѓето да се сакаат едни со други и да го прават она што е за нивно добро. Ако сакаме да бидеме исполнети со Божјиот дух и да го радуваме Јехова, мора да внимаваме да не се однесуваме на начин што дури само наликува на свирепост. За таа цел, треба да ја менуваме својата личност во склад со Божјата волја. А која е неговата волја? Да се трудиме во секоја ситуација да постапуваме онака како што сака Бог. Тоа значи и да гледаме на другите како што гледа тој (Ефешаните 5:1, 2; Колошаните 3:7-10).

Ако добро испитаме како постапува Бог, ќе се увериме дека Јехова никогаш не бил незаинтересиран за другите. Тој никогаш не бил неправеден кон некој човек, па дури ни кон животно a (5. Мојсеева 22:10; Псалм 36:7; Изреки 12:10). Нему му се одвратни свирепоста и оние што се свирепи (Изреки 3:31, 32). Јехова бара од христијаните да изградат една нова личност која ќе им помага да ги сметаат другите за поголеми од себе и да ги почитуваат (Филипјаните 2:2-4). Во таа нова личност се вклучени особините „најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост“. Не треба да се заборави и љубовта, ‚зашто таа совршено нѐ поврзува‘ (Колошаните 3:12-14). Зарем не се сложуваш дека светот би бил многу поинаков кога би преовладувале ваквите особини?

Меѓутоа, можеби се прашуваш дали навистина е можно трајно да ја промениме својата личност. Па, да разгледаме нешто што навистина се случило. Мартин b често ѝ викал на својата жена пред децата и ја претепувал. Во една прилика, ситуацијата станала толку опасна што децата морале да побегнат кај соседите за да побараат помош. По неколку години, семејството почнало да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Мартин дознал каква личност треба да биде и како треба да се однесува со другите. Дали успеал да се промени? Жена му одговара: „Порано, кога ќе се разлутеше, маж ми како да не беше истиот човек. Поради тоа, нашиот живот долго време беше вистински хаос. Нема зборови со кои би му се заблагодарила на Јехова што му помогна на Мартин да се смени. Сега тој е добар татко и прекрасен сопруг“.

Ова е само еден таков пример. Низ целиот свет, милиони луѓе што ја проучувале Библијата со Јеховините сведоци засекогаш расчистиле со свирепоста. Да, можно е да се промениме.

Наскоро ќе исчезне сета свирепост

Во блиска иднина, Божјето Царство — влада што сега постои на небото на чело со сочувствителниот Владетел, Христос Исус — ќе ја преземе сета власт над Земјата. Оваа влада веќе ги тргнала од небото Сатаната, изворот на сета свирепост, и неговите демони. Наскоро, Божјето Царство ќе ги задоволи потребите на своите мирољубиви поданици на планетата (Псалм 37:10, 11; Исаија 11:2-5). Тоа е единственото решение за проблемите во светот. Но, што ако и ти станеш една од жртвите на свирепост додека го чекаш ова Царство?

Ако на свирепоста вратиш со иста мерка, нема да имаш многу корист. Тоа само ќе ги влоши работите. Библијата нѐ повикува да имаме доверба во Јехова, кој во свое време ќе ‚му даде секому според неговите патишта, според плодовите на неговите дела‘ (Еремија 17:10). (Види ја рамката „Како да реагираш на свирепоста“.) Навистина, можеби страдаш затоа што си бил жртва на свирепо злосторство (Проповедник 9:11). Но знај дека Бог може да ги отстрани последиците на секоја свирепост, па дури тоа да е и смртта. Тој ветува дека сите оние што се во неговото сеќавање, а кои го изгубиле животот на свиреп начин, ќе бидат вратени во живот (Јован 5:28, 29).

Иако и понатаму постои можноста да доживееме нешто свирепо, ќе ни биде многу полесно ако сме блиски со Бог и ако цврсто веруваме во неговите ветувања. Размисли за Сара, која без помошта од сопруг ги одгледала своите два сина и се погрижила да добијат добро образование. Кога остарела, синовите ја оставиле сама, без да ѝ помогнат материјално или да се погрижат за неа кога била болна. Меѓутоа Сара, која сега е Јеховин сведок, вели: „Иако сум тажна, Јехова никогаш не ме остави. Чувствувам како ми помага преку духовните браќа и сестри, кои постојано се грижат за мене. Цврсто верувам дека наскоро тој ќе ги реши не само моите туку и проблемите на сите што имаат доверба во неговата моќ и што му се послушни“.

Кои се овие духовни браќа и сестри што ги спомнува Сара? Тоа се нејзините соверници, Јеховините сведоци. Тие сочинуваат едно светско братство кое се состои од сочувствителни луѓе што се уверени дека многу скоро ќе ѝ дојде крајот на свирепоста (1. Петрово 2:17). Ќе му дојде крајот на оној што е најодговорен за свирепоста, Сатана Ѓаволот, а и на секој друг што постапува како него. Оваа „ера на бруталност“, како што ја нарекол еден писател, ќе биде само минато. Зошто не поразговараш со некој Јеховин сведок за да дознаеш нешто повеќе за оваа надеж?

[Фусноти]

a За подетални информации во врска со Божјите особини и личност, види во книгата Приближи му се на Јехова, издадена од Јеховините сведоци.

b Некои имиња се сменети.

[Рамка на страница 6]

Како да реагираш на свирепоста

Божјата реч дава корисни совети за тоа како да реагираме на свирепоста. Размисли како може да ти користат следниве мудри зборови:

„Не вели: ‚Ќе вратам со зло!‘ Надевај се на Јехова, и тој ќе те спаси“ (Изреки 20:22).

„Ако видиш дека некаде во земјата го угнетуваат сиромавиот и дека насилно се скратува правдата и праведноста, немој да се чудиш, зашто... оној што е повисок од високите го набљудува тоа“ (Проповедник 5:8).

„Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5).

„Според тоа, сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12).

„Никому не враќајте зло за зло. Правете го она што сите луѓе го сметаат за добро. Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, сакани, туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: ‚Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова‘“ (Римјаните 12:17-19).

„И Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки... Кога го навредуваа, не враќаше со навреди. Кога страдаше, не се закануваше, туку му се препушти на оној што праведно суди“ (1. Петрово 2:21-23).

[Слики на страница 7]

Јехова научил мнозина да не бидат повеќе свирепи