Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Денешниот свиреп свет

Денешниот свиреп свет

Денешниот свиреп свет

МАРИЈА, 64-годишна жена што живеела сама, била пронајдена мртва во нејзиниот дом, претепана и задавена со метална жица.

Разбеснета толпа претепала тројца полицајци, обвинувајќи ги дека киднапирале двајца малолетници. Врз двајца од полицајците истуриле бензин и ги запалиле, и тие изгореле во огнот. Третиот полицаец успеал да побегне.

Еден анонимен телефонски повик довел до шокантно откритие. Од една градина биле откопани остатоци од четворица мажи што биле на одмор во тоа место. Очите и рацете им биле врзани. Аутопсијата покажала дека биле закопани живи.

Овие ѕверства не се сцени од свирепи и насилни хорор филмови. Тоа се вистински настани што неодамна беа главни вести во една латиноамериканска земја. Но, она што се случува во таа земја сигурно не е исклучок во денешниот свет.

Свирепите злодела станаа нешто вообичаено. Бомбашки напади, терористички напади, убиства, физички напади, огнени престрелки и силувања се само мал дел од списокот на инциденти. На телевизиските вести постојано се прикажуваат сликовити сцени од масакри, па многу луѓе повеќе не се шокирани кога ќе видат или слушнат за такви свирепости.

Со оглед на ова, не е чудо да се прашуваш: „Што се случува со денешниов свет? Зар веќе никому не му е важно како се чувствуваат другите и зар човечкиот живот ништо не вреди?“ Зошто мора да живееме во ваков свет?

Сега размисли за Хари, еден 69-годишен човек кој е болен од рак. Жена му е болна од мултиплекс склероза, но неговите соседи и пријатели спремно им помагаат. „Не знам што би правеле без помошта на овие луѓе“, вели Хари. Во Канада, каде што тој живее, едно истражување покажува дека повеќе од 50 отсто од оние што се грижат за постари луѓе, не се нивни роднини. Без сомнение, и ти познаваш некои обични луѓе што секогаш се љубезни и спремни да помогнат како соседи. Да, луѓето имаат потенцијал да бидат сочувствителни и љубезни наместо да бидат свирепи.

Тогаш, зошто се случуваат толку свирепости? Што ги прави луѓето свирепи? Можат ли да се сменат оние што свирепо се однесуваат со другите? Дали некогаш ќе исчезне свирепоста? Ако да, тогаш како и кога?

[Извор на слика на страница 3]

Воз: CORDON PRESS