Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кога очекувањата остануваат неисполнети

Кога очекувањата остануваат неисполнети

Кога очекувањата остануваат неисполнети

ВО СЕКОЈ брак може да дојде до разочарување, дури и ако пред тоа се чинело дека некој пар одлично си одговара. Како е можно двајца кои, изгледале како родени еден за друг пред да го кажат судбоносното „да“, потоа да излезат толку различни?

Библијата вели дека оние што стапуваат во брак ќе имаат „телесни неволји“ (1. Коринќаните 7:28). Честопати, овие тешкотии донекаде се должат на тоа што сме несовршени (Римјаните 3:23). Освен тоа, можеби едниот или и двајцата брачни другари не ги применуваат библиските начела во својот живот (Исаија 48:17, 18). Но, понекогаш, или едниот или другиот влегува во брак со нереални очекувања. Кога ќе се случи ова, доаѓа до недоразбирања кои, пак, може да доведат до сериозни проблеми.

Нереални очекувања

Ако си сопруг или сопруга, кога си стапил во брак веројатно си имал некакви очекувања, исто како и повеќето луѓе. Размисли на кратко како си го замислуваше животот. Дали твојот брак можеби не е баш таков каков што си го замислуваше? Ако е така, немој да заклучиш дека проблемите не можат да се решат. Библиските начела можат да ти помогнат да ги исправиш работите a (2. Тимотеј 3:16). Но, пред тоа, ќе биде добро да преиспиташ некои од очекувањата што можеби си ги имал во врска бракот.

На пример, некои си замислувале дека во бракот ќе им цветаат ружи и дека брачниот живот ќе им биде како оној од прикаските. Можеби си очекувал дека поголемиот дел од времето ќе го минувате заедно или дека секое несогласување ќе го решите на мирен, зрел начин. Мнозина си мислеле дека во бракот повеќе нема да треба да ги совладуваат своите сексуални потреби. Иако овие очекувања се вообичаени, сепак не се реални, и затоа еден ден сигурно ќе водат до разочарување (1. Мојсеева 3:16).

Едно друго нереално очекување е дека бракот е клуч за среќата. Се разбира, може да биде многу убаво да го делиш животот со некого што го сакаш (Изреки 18:22; 31:10; Проповедник 4:9). Но, треба ли на бракот да гледаш како на чудотворен лек за сите твои проблеми? Оние што мислат така обично многу се разочаруваат!

Неизговорени очекувања

Се разбира, сите очекувања не се нереални. Напротив, некои од нив се желби кои се сосема оправдани. Но, и тука одредени очекувања може да создадат проблеми. „Има случаи кога едниот сопружник му се лути на другиот затоа што очекувал да му исполни некоја желба за која партнерот воопшто и не бил свесен дека постои“, вели еден брачен советник. За подобро да разбереш како може да дојде до ова, замисли си го следново.

Марија се мажи за Давид, кој живее стотици километри од нејзиниот роден град. Пред да се венчаат, нејзе ѝ е јасно дека преселбата нема да ѝ биде лесна — особено затоа што таа по природа е повлечена. Но, уверена е дека Давид ќе ѝ помогне да се навикне на новата средина. На пример, таа очекува тој да биде крај неа и да ѝ помогне да се запознае со неговите пријатели. Но, работите не течат баш така. Давид се внесува во разговор со многуте свои пријатели и заборава на Марија, која е нова и никого не познава. Таа се чувствува запоставена, па дури и напуштена. ‚Како може да биде толку бесчувствителен? — се прашува.

Дали очекувањата на Марија се нереални? Не би се рекло. Таа само сака маж ѝ да ѝ помогне да се вклопи во новата средина. А бидејќи по природа е срамежлива, не ѝ е баш пријатно во присуство на толку многу луѓе што првпат ги гледа. Но, Марија му нема кажано на Давид како се чувствува, и тој воопшто не е свесен низ што минува таа. Што ќе се случи ако работите продолжат да течат така? Марија веројатно ќе станува сѐ поогорчена, и со текот на времето може да почне да мисли дека на маж ѝ воопшто не му е гајле за нејзините чувства.

Веројатно и ти си разочаран или незадоволен кога ти се чини дека твојот брачен другар не им обрнува внимание на твоите потреби. Ако е така, што можеш да сториш?

Зборувај отворено

Неисполнетите очекувања може навистина да бидат болни (Изреки 13:12). Но, и во таква ситуација може да се стори нешто. „Можеш да го убедиш другиот ако си мудар и ако зборуваш разумно“, вели една библиска изрека (Изреки 16:23, Contemporary English Version). Затоа, ако сметаш дека она што го очекуваш од твојот сопружник е разумно, а тој сепак не го прави за тебе, разговарај со него за таа работа.

Потруди се да му кажеш што те мачи и тоа со соодветни зборови, во соодветно време, и на соодветно место (Изреки 25:11). Зборувај смирено и со почит. Не заборавај дека целта не ти е да го обвиниш, туку едноставно да му кажеш што очекуваш и како се чувствуваш (Изреки 15:1).

Зошто воопшто би го правел сето ова? Зарем еден обѕирен сопружник не треба самиот да сфати што ти е потребно? Па, можеби твојот брачен другар ги гледа работите од поинаква гледна точка. Сепак, сигурно би му било мило да ги земе предвид твоите потреби ако си спремен да му ги објасниш. Тоа што мораш да кажеш што сакаш или што ти е потребно не значи дека бракот ви е лош или дека твојот сопружник е бесчувствителен.

Затоа, не двоуми се отворено да зборуваш со него. На пример, во погоре спомнатата ситуација Марија можела да му рече на Давид: „Морам да признаам дека малку ми е тешко одеднаш да бидам во друштво на толку многу луѓе. Додека не се опуштам, ќе можеш ли да ми помогнеш да се запознаам со сите?“

„Брз на слушање“

Да ја разгледаме истата ситуација од друг агол. Замисли си сега дека твојот сопружник е тој што доаѓа да зборува со тебе бидејќи е вознемирен затоа што смета дека не правиш нешто што е нормално да го очекува од тебе. Ако се случи ова, сослушај го! Обиди се да не се браниш. Наместо тоа, ‚биди брз на слушање, бавен на зборување и бавен на гнев‘ (Јаков 1:19; Изреки 18:13). Апостол Павле ги поттикнал христијаните: „Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24).

Ќе можеш да го сториш ова ако се ставиш во положбата на својот сопружник. Библијата вели: „Така и вие, мажи, живејте со своите жени во склад со она што сте го научиле“, или како што вели преводот на Џ. Б. Филипс: „Вие мажи треба да ги разбирате жените со кои живеете“ (1. Петрово 3:7). Се разбира, и жените треба да постапуваат исто со своите мажи.

Не заборавај, колку и да си одговарате, вие двајца немате потполно исто гледиште за секоја можна работа. (Види ја рамката „Ист пејзаж, различни гледишта“.) Всушност, убаво што е така, зашто е добро да се гледаат работите и од гледна точка на некој друг. Секој од вас влегол во брак со одредени очекувања, во зависност од тоа во какво семејство или средина израснал. Како резултат на ова, иако можеби многу се сакате, сепак немате исти очекувања.

На пример, на христијанските брачни парови им е добро познато библиското начело за поглаварство (Ефешаните 5:22, 23). Но, како точно ќе го примените ова начело во вашето семејство, и како жената ќе покаже подложност? Дали и двајцата сте водени од ова библиско начело и дали давате сѐ од себе за да го примените?

Можеби имате поинакво мислење и за други работи поврзани со секојдневниот живот. Кој ќе врши одредени работи низ дома? Кога и колку време ќе поминувате со роднините? На кој начин ќе покажете дека го ставате Царството на прво место во животот? (Матеј 6:33). Во поглед на финансиите, лесно е да се западне во долгови, па затоа се исплаќа да се биде штедлив. Но, што точно значи да си штедлив? За овие и за други слични работи мора да се разговара отворено и со почит, и ова многу ќе ви користи.

Отворениот разговор може да ви помогне да имате многу помирен брак, дури и ако некои очекувања сѐ уште не ви се оствариле. На тој начин, полесно ќе ви биде да го послушате советот на апостол Павле: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“ (Колошаните 3:13).

[Фуснота]

a Многу корисни совети за брачните двојки се дадени во книгата Тајната на семејната среќа, издадена од Јеховините сведоци.

[Рамка/слика на страница 10]

ИСТ ПЕЈЗАЖ, РАЗЛИЧНИ ГЛЕДИШТА

‚Замисли група туристи кои набљудуваат живописен пејзаж. Иако сите во групата ја гледаат истата слика, секој од нив ја гледа поинаку. Зошто? Затоа што секој поединец ја набљудува од своја гледна точка. Дури ни двајца не можат да стојат истовремено на едно исто место. Освен тоа, сите не го насочуваат вниманието на еден ист дел од сликата. Секој се концентрира на различен аспект кој особено го интересира. Слично е и во бракот. Дури и кога во голема мера си одговараат еден со друг, двајцата партнери не делат сосема исто гледиште за работите... Комуникацијата вклучува напор да се вклопат овие разлики во еден складен однос. Затоа е потребно да се одвои време за разговор‘ (Стражарска кула од 1 август 1993, 4. страница).

[Рамка на страница 11]

ШТО МОЖЕШ ДА СТОРИШ СЕГА

• Преиспитај си ги очекувањата. Дали се реални? Дали очекуваш од твојот брачен другар повеќе од она што е разумно? (Филипјаните 2:4; 4:5).

• Обиди се да исправиш некои свои нереални очекувања. На пример, наместо да си велиш „Меѓу нас никогаш нема да има несогласување“, одлучи да се трудиш на мирен начин да ги решаваш недоразбирањата што ќе се појават (Ефешаните 4:32).

• Разговарајте за она што го очекувате еден од друг. За да научите да покажувате љубов и почит еден кон друг, мора да зборувате отворено за работите (Ефешаните 5:33).

[Слика на страница 9]

Биди „брз на слушање“ кога нешто го мачи твојот сопружник