Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Патот на Павле во Верија

Патот на Павле во Верија

Патот на Павле во Верија

Проповедничкото дело што го извршиле двајцата мисионери било многу успешно, и едно големо мноштво луѓе станале верници. Потоа, против нив се кренала цела толпа луѓе. Затоа била донесена една одлука. За доброто на новото собрание и за безбедноста на мисионерите, и двајцата морале веднаш да заминат, иако било полноќ. Така, некаде во 50 год. од н.е., Павле и Сила избегале од Солун, пристаниште на Егејското Море, и отпатувале во својата следна проповедничка цел — Верија.

ОД ДАЛЕКУ, денешниот посетител, исто како и патникот во минатото, може да ја види Верија на источното подножје на зелената планина Вермион. Верија се наоѓа околу 65 километри југозападно од Солун и оддалечена е околу 40 километри од Егејското Море. Планината Олимп, митското живеалиште на главните богови од древното хеленистичко многубоштво, се наоѓа на југ.

Верија е интересна за оние што ја проучуваат Библијата како место каде што Павле проповедал и преобратил многу луѓе во христијанството (Дела 17:10-15). Да тргнеме по стапките на Павле и да го истражиме минатото на овој град.

Раната историја

Никој не знае сосема сигурно кога била основана Верија. Некаде во седмиот век пр.н.е., древните Македонци ги истерале нејзините први жители, веројатно фригиски племиња. По три века, тогашна Македонија се збогатила со освојувањата на Александар Велики. Биле изградени величествени згради и ѕидови, како и храмови на Зевс, Артемида, Аполо, Атина и други грчки божества.

Во една книга по историја е забележано дека низ вековите, Верија „играла важна улога и во својата околина и во останатиот дел од северна Грција“. Овој град особено се издигнал за време на владеењето на последната македонска династија, Антигониди (306-168 пр.н.е.), кои на крајот завршиле под власта на Рим.

Кога Римјаните го поразиле цар Филип V во 197 год. пр.н.е., „старата структура на светските сили била нарушена и Рим станал одлучувачка сила во источниот Медитеран“, стои во Encyclopædia Britannica. Во 168 год. пр.н.е., во Пидна, на неколку километри јужно од Верија, еден римски генерал постигнал одлучувачка победа над последниот македонски владетел, Персеј. Како што било проречено во Библијата, грчката светска сила била заменета со Рим (Даниел 7:6, 7, 23). По таа битка, Верија била еден од првите македонски градови што му се предале на Рим.

Во првиот век пр.н.е., Македонија станала бојно поле во конфликтот помеѓу Помпеј и Јулиј Цезар. Всушност, Помпеј го стационирал својот штаб и својата војска во близина на Верија.

Напредок под римјаните

Додека траел Пакс романа, т.е. Римскиот мир, посетителите на Верија можеле да видат улици поплочени со камен и украсени со столбови наредени од двете страни. Овој град имал јавни бањи, театри, библиотеки и објекти за гладијаторски игри. Водата за пиење се спроведувала низ цевки, а градот бил опремен и со подземен водовод. Верија станала позната како центар на трговијата во кој доаѓале многу трговци, уметници и атлетичари, а доаѓале и посетители за да ги гледаат спортските натпревари и другите претстави. Странците можеле да најдат храмови во кои можеле да ги извршуваат обредите на својата религија. Навистина, во овој град се сретнувале и се испреплетувале религиозни обреди од целиот римски свет.

Некои од боговите што се обожавале во Верија биле римските императори кои биле прогласувани за богови по нивната смрт. Тоа можеби и не било толку необично за веријците, затоа што пред да се започне со обичајот да се обожава императорот, луѓето го обожавале Александар Велики, кој бил почитуван како бог. Во едно грчко дело стои: „Колку и да биле навикнати да обожаваат како бог некој цар додека бил жив, Елините [Грците] од источната империја со радост правеле култови и од римските императори... На нивните монети императорот бил претставен како божество, со блескава круна на главата. Тие му се молеле исто како да е бог, со химни и песни“. Му граделе жртвеници и храмови, и му принесувале жртви. Дури и императорите почнале да присуствуваат на царските култни прослави, во кои биле вклучени атлетски, уметнички и литературни натпревари.

Зошто Верија била центар на обожавањето пагански богови? Затоа што била седиште на кинонот на Македонија. Тоа било собир на делегати од македонските градови. Овие делегати редовно се собирале во Верија да разговараат за работи поврзани со градот и провинцијата и да ги решаваат под надзор на Римјаните. Една од главните функции на кинонот била да ги надгледува култските прослави на императорот.

Значи, ваква била атмосферата во градот во кој отпатувале Павле и Сила откако избегале од Солун. Во тоа време Верија била под римска власт веќе два века.

Во Верија стигнува добрата вест

Павле почнал да проповеда во градската синагога во Верија. На каква реакција наишол? Извештајот во Божјата реч ни кажува дека Евреите таму ‚биле поблагородни од оние во Солун, зашто многу горливо ја примиле речта и секој ден ги истражувале Писмата за да видат дали е тоа така‘ (Дела 17:10, 11). Бидејќи биле „поблагородни“, не се држеле тврдоглаво за своите традиции. Иако она што го слушале било нешто ново за нив, не биле сомничави ниту се лутеле. Наместо да ја отфрлат пораката на Павле, тие слушале внимателно, непристрасно и без предрасуди.

Како можеле тие Евреи да го препознаат звукот на вистината во она што го кажувал Павле? Го провериле она што го слушале користејќи го најверодостојниот критериум. Внимателно го истражувале Светото писмо. Библичарот Метју Хенри заклучил: „Бидејќи Павле водел разговори со нив на темел на Светото писмо и им читал од Стариот Завет за да им го докаже она што го велел, тие гледале во своите Библии, ги барале местата што им ги посочувал, ги читале и околните стихови, размислувале за нивната смисла и значење, ги споредувале со други библиски стихови, проверувале дали заклучоците на Павле биле логични и вистинити и неговите аргументи уверливи, и врз основа на тоа донесувале заклучоци“.

Тоа не било само површно истражување. Веријците се посветиле на редовно проучување, одвојувајќи време за тоа секој ден, а не само во сабота.

Размисли и за резултатите. Многу Евреи во Верија ја прифатиле пораката и станале верници. И многу Грци, можеби дури и некои еврејски прозелити, исто така поверувале. Но, сето ова не поминало без никакви реакции. Кога Евреите во Солун чуле за тоа, побрзале во Верија „да го подбуцнат и да го растревожат народот“ (Дела 17:4, 12, 13).

Павле морал да замине од Верија, но продолжил да проповеда на друго место. Овојпат се качил на брод за Атина (Дела 17:14, 15). Сепак, можел да се радува што од неговото проповедничко дело во Верија, христијанството пуштило корени во тој град, каде што носи плодови и денес.

Да, во Верија сѐ уште има луѓе што внимателно го истражуваат Писмото ‚за да се уверат‘ во него и што ‚се држат‘ за она што е добро втемелено и вистинито (1. Солуњаните 5:21). Објавителите од две стабилни собранија на Јеховините сведоци во овој град проповедаат исто како што проповедал и Павле, пренесувајќи им ја на другите библиската порака. Тие ги бараат искрените луѓе и разговараат со нив на темел на Писмото, при што имаат желба мотивирачката сила на Библијата да им помогне на сите оние што сакаат да го запознаат Јехова, вистинскиот Бог (Евреите 4:12).

[Карта на страница 13]

(Види во публикацијата)

Дел од второто мисионерско патување на Павле

МИЗИЈА

Троада

Неапол

Филипи

МАКЕДОНИЈА

Амфипол

Солун

Верија

ГРЦИЈА

Атина

Коринт

АХАЈА

АЗИЈА

Ефес

РОДОС

[Слика на страница 13]

Сребрена монета на која Александар Велики е прикажан како грчки бог

[Извор на слика]

Монета: Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.

[Слика на страница 14]

Порта на еврејската населба во Верија

[Слика на страница 15]

Стара синагога во денешна Верија