Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поле ‚зрело за жетва‘

Поле ‚зрело за жетва‘

Поле ‚зрело за жетва‘

На крајниот север од Јужна Америка се наоѓа полуостровот Гоахира. На него лежат северна Колумбија и северозападна Венецуела. Врелото сонце и ретките дождови се проклетството на овој полупустински предел, каде што температурата може да достигне и до 43 Целзиусови степени. Но, ваквите временски услови не ги спречуваат неговите жители вредно да работат и успешно да се занимаваат со земјоделие. Постојаното ветре што дувка откај океанот и североисточните пасати го прават животот поподнослив, па и туристите може да си поминат убаво крај прекрасните пејзажи и убавите плажи.

ДОБРЕДОЈДОВТЕ во земјата на Вају Индијанците. Во неа има околу 305.000 Вају Индијанци, од кои 135.000 живеат во Колумбија. Нивното племе живее на овие простори долго пред шпанската колонизација.

Вају Индијанците главно живеат од сточарство и земјоделие. Се занимаваат и со риболов, а тргуваат и со соседните земји. Жените се вешти ткајачки на ткаенини во живи бои, и нивните изработки многу им се допаѓаат на туристите.

Вају Индијанците се познати како искрени и гостољубиви луѓе. Но, и тие живеат во овие „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Еден од најголемите проблеми е сиромаштијата, која, пак, си носи и други проблеми како, на пример, неписменост, неисхранетост на деца, недостиг на здравствена нега и, во некои области, деликвенција.

Веќе со децении, различни христијански религии испраќале свои мисионери да живеат со Вају Индијанците. Како резултат на тоа, повеќето учителски школи и интернати се под контрола на некоја од црквите. Многу Индијанци ги прифатиле таканаречените христијански обичаи, како што се обожавањето на религиозни предмети и слики и крштавањето на бебиња. Но, не ги оставиле ни своите традиционални верувања и обичаи кои водат потекло од нивната митологија и суеверие.

Општо земено, Вају Индијанците се богобојазливи луѓе и сакаат да ги чујат библиските вистини што им ги кажуваат Јеховините сведоци. Во почетокот на 1980-тите, само седум Вају Индијанци на Гоахира биле Јеховини сведоци, а тројца од нив живееле во главниот град, Риохача. Освен Сведоците, уште 20 други објавители што не се од овој полуостров ја проповедаа добрата вест за Царството на шпански јазик.

Порака на нивниот мајчин јазик

Повеќето Вају Индијанци што живеат во Риохача зборуваат на својот мајчин јазик, вајунаики, а освен него малку го зборуваат и шпанскиот. Отпрвин имаше слаби резултати од проповедањето на пораката на Царството. Изгледа дека луѓето ги избегнуваа арихунас, како што ги нарекуваат оние што не се Вају Индијанци. Кога кај нив ќе дојдеа Сведоците, повеќето зборуваа на својот мајчин јазик, а не шпански. На Сведоците им преостануваше само да продолжат на следната врата.

Но, при крајот на 1994 год., подружницата на Јеховините сведоци во Колумбија испрати група специјални пионери, или полновремени проповедници, да служат во собранието во Риохача. Пионерите замолија еден Вају Индијанец што беше Сведок да ги научи да го зборуваат нивниот јазик. Откако научиле како да понудат литература со едноставни зборови, отишле кај луѓето и веднаш забележале огромна разлика во начинот на кој реагирале тие. Иако овие проповедници едвај го знаеле јазикот вајунаики, домаќините биле пријатно изненадени и биле многу поспремни да ги сослушаат, понекогаш продолжувајќи го разговорот на шпански јазик, иако го зборувале лошо!

‚Зрело за жетва‘

Апостол Павле го споредил проповедањето со обработување поле, што на Вају Индијанците, од кои повеќето се земјоделци, им е лесно да го разберат (1. Коринќаните 3:5-9). Симболично кажано, тие Индијанци се како едно поле ‚зрело за жетва‘ (Јован 4:35).

Нил, Индијанец што живее во Мануаре, имал вродена маана. За својата состојба го обвинувал Бог и бил депримиран до тој степен што размислувал да се самоубие. Еден Сведок, кој службено патувал во различни градови низ земјата и ја користел секоја можност што ќе му се укажела да проповеда од куќа до куќа, разговарал со Нил за Јеховиното Царство. Нил имал само 14 години. Бидејќи видел дека сака да научи повеќе, Сведокот започнал да ја проучува Библијата со него. Кога Нил увидел колку е добар Јехова и сфатил дека тој не е виновен за неговата болест, бил многу среќен. Уште повеќе бил трогнат кога прочитал дека Бог ветил дека Земјата ќе биде рај, и дека повеќе нема да постојат болестите! (Исаија 33:24; Матеј 6:9, 10).

Во исто време дошло до расправии меѓу неговата и некоја друга фамилија. За да се заштитат, роднините на Нил почнале да извршуваат некои племенски ритуали. Нил раскажува: „Отпрво ми беше страв да им кажам на моите роднини дека почнав да верувам во нешто друго, а особено на семејните поглавари, кои сите многу ги почитуваат“. Кога чуле дека нема да верува во ништо што не се темели на Библијата и дека нема да учествува во спиритистичките обичаи, неговите родители се разгневиле. Се преселил во Риохача и се поврзал со тамошното собрание. Подоцна се крстил. Во 1993 год. бил именуван за слуга помошник, а по три години почнал да служи како општ пионер. Во 1997 год. бил именуван за собраниски старешина. Во 2000 год. ја зголемил својата служба и станал специјален пионер.

Да ја земеме за пример и Тереза, Вају Индијанка која почнала да ја проучува Библијата со Сведоците. Даниел, со кого живеела невенчано, ја исмевал и физички ги малтретирал неа и нивните три деца. Иако подоцна се согласил и тој да ја проучува Библијата заедно со Тереза, често одел на пијанки со другарите, кои понекогаш траеле и по четири-пет дена. Семејството му било доведено на работ на егзистенција. Но, Тереза и понатаму продолжила да проучува и да оди на христијанските состаноци. Тоа му помогнало на Даниел да сфати колку е важно да ја проучува Библијата. По некое време, едно од нивните дечиња случајно паднало во котел со врела вода и умрело од тешките изгореници. Освен огромната болка по детето што го изгубила, Тереза морала да го поднесува и притисокот под кој ја ставиле пријателите и соседите, кои ја терале да ги прави погребните обичаи што не се во склад со Библијата.

Низ овој тежок период, на Тереза и на Даниел им помагале и ги тешеле членовите на блиските собранија. По погребот, објавителите од локалното собрание на Вају-јазикот продолжиле да ги посетуваат и да ги тешат. Кога видел колку вистинска христијанска љубов имаат овие браќа, Даниел сериозно се заинтересирал да дознае повеќе за Бог. Престанал да пие и да ја малтретира Тереза. Се венчале, и нашол работа која не му била лесна, но со која можел да го прехрани семејството. Сите заедно продолжиле да учат за Бог и се крстиле во 2003 година. Сега двајцата ја проучуваат Библијата со неколку други луѓе. Бидејќи Тереза им оставила на своите роднини извонреден впечаток како Сведок, нивната врата е секогаш отворена за Сведоците. Еден внук на Даниел е некрстен објавител, а две негови внуки ја проучуваат Библијата и доаѓаат на состаноците. Золвата на Тереза, која исто така изгубила син во една несреќна случка, како и нејзиното семејство, исто така проучуваат.

Духовна храна на јазикот вајунаики

Во 1998 год., на вајунаики излезе брошурата Радувај се на животот засекогаш на земјата! a Како една скапоцена алатка, таа многу им помогна на Вају Индијанците да дознаат повеќе за Бог. Во 2003 год. неколку браќа беа обучени да преведуваат публикации на Јеховините сведоци на јазикот вајунаики. Благодарение на трудот на една група преведувачи во Риохача, сега има повеќе брошури на овој јазик, што секако придонесе уште повеќе луѓе што зборуваат вајунаики да станат ученици на Исус.

Од 2001 год. и некои делови од програмата на Обласниот конгрес се преведуваат на вајунаики. Тоа што ја слушаат програмата на својот јазик ги освежува и ги поттикнува оние што ја проучуваат Библијата. Се надеваат дека наскоро ќе може да ги гледаат и библиските драми на својот јазик.

Плодно поле

На околу 100 километри североисточно од Риохача се наоѓа градот Урибија. Собранието со Вају Индијанци во овој град има 16 објавители на Царството, и многу од нив се трудат да одат да проповедаат во околните места каде што живеат Индијанци. Еден од старешините во собранието го раскажа следново: „Влеговме во еден заграден ранч на кој имаше десетина куќички со низок покрив и малечки прозорчиња. Пред секоја куќичка имаше направено рамен покрив од јотохоло, дрвенестиот внатрешен дел од стеблото на кактус. Тука семејството и гостите можат да се скријат од врелото сонце. Ни беше мило што многу од луѓето што живееја во нив ги заинтересира она што го зборувавме, и се договоривме повторно да дојдеме за да ја проучуваме Библијата со нив. Кога дојдовме по вторпат, сфативме дека многу од нив беа неписмени. Ни кажаа дека постои училиште но веќе никој не оди во него затоа што луѓето немаат пари. Одговорното лице љубезно ни дозволи да користиме една од училниците за да одржуваме часови за описменување и да ја проучуваме Библијата со оние што сакаа. Шест Вају Индијанци научија да читаат и да пишуваат и редовно ја проучуваат Библијата. Трогнати сме што гледаме колку го ценат луѓето она што го правиме, и затоа планираме да почнеме да одржуваме и состаноци на ранчот“.

Неколку Сведоци што не се Индијанци научија да зборуваат вајунаики, и многу помагаат таму. Моментално, на полуостровот Гоахира овој јазик го користат осум собранија и две групи.

Очигледно е дека Јехова го благословува она што се прави во овој дел од светот. Без сомнение, може да се направи уште многу да се проповеда добрата вест на Вају Индијанците. Сигурно ќе има уште подобри резултати кога оние што се свесни за своите духовни потреби ќе станат Исусови ученици. Јехова нека испрати повеќе работници да го обработуваат ова поле кое е ‚зрело за жетва‘ (Матеј 9:37, 38).

[Фуснота]

a Издадена од Јеховините сведоци.

[Карти на страница 16]

ВЕНЕЦУЕЛА

КОЛУМБИЈА

ГОАХИРА

Мануаре

Риохача

Урибија

[Извор на слика на страница 16]

Вају логор долу: Victor Englebert