Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Треба ли христијаните да избегнуваат пијалаци и храна што содржат кофеин?

Библијата не им забранува на христијаните да користат кафе, чај, чоколадо, мате и безалкохолни пијалаци што содржат кофеин. Меѓутоа, Светото писмо содржи начела што можат да ни помогнат да донесуваме мудри одлуки. Најпрво, да видиме зошто некои луѓе избегнуваат пијалаци и храна што содржат кофеин.

Една од главните причини е што кофеинот може да се смета за супстанција која го менува расположението, бидејќи влијае стимулирачки врз умот. Тој може и да создаде зависност. Еден прирачник за фармацевти вели: „Кога во текот на подолг период земаме големи количини кофеин, тој нема да има толку силно дејство врз нашиот организам како порано и ќе станеме психолошки зависни од него. Ако нагло престанеме да користиме кофеин, може да се појават психолошки знаци на одвикнување како главоболки, раздразливост, нервоза, вознемиреност и вртоглавица“. Освен тоа, била разгледана можноста симптомите на одвикнување од кофеин да бидат наведени заедно со симптомите на одвикнување од дрога во Дијагностичкиот и статистички прирачник за душевни растројства (Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders). Според тоа, разбирливо е што некои христијани се прашуваат дали е исправно да се користи кофеин бидејќи не сакаат да бидат зависни од ништо и сакаат да покажат самосовладување (Галатите 5:23).

Некои сметаат дека кофеинот може да влијае врз здравјето на еден возрасен човек или на нероденото дете. Христијаните треба да го ‚сакаат Бог со сета душа‘, па затоа не прават ништо што ќе им го скрати животот. А бидејќи им е заповедано да го сакаат и својот ближен, тие не прават ништо што би му наштетило на детето во мајчината утроба (Лука 10:25-27).

Дали ваквата загриженост е навистина оправдана? Има спротивставени гледишта околу тоа дали појавата на некои болести е поврзана со користењето кофеин. Некои истражувачи дури сметаат дека кофеинот е корисен за здравјето. Во 2006 год., списанието Time извести: „Првичните истражувања укажаа [дека кофеинот] може да доведе до рак на мочниот меур, висок крвен притисок и други заболувања. Поновите истражувања не само што ги побија повеќето од овие тврдења туку открија и дека кофеинот може да биде многу корисен. Изгледа дека кофеинот помага да не дојде до оштетување на црниот дроб, Паркинсонова болест, дијабетес, Алцхајмерова болест, камен во жолчката, депресија и можеби дури штити од некои облици на рак“. Едно друго списание вели: „Клучот — разбирливо — е во умереноста“.

Секој христијанин треба да донесе лична одлука врз основа на информациите за кофеинот што постојат сега и на темел на библиските начела што се вклучени. На пример, една христијанка можеби нема да сака да користи кофеин за време на бременоста ако заклучи дека тоа би можело да влијае врз нејзиното неродено дете. Ако еден христијанин забележи дека станува раздразлив или не се чувствува добро кога не користи редовно кофеин, можеби ќе му се препорача да се воздржи од кофеин, барем привремено (2. Петрово 1:5, 6). Другите христијани треба да ја почитуваат таквата одлука и да не го наметнуваат своето гледиште.

Без оглед на тоа каква одлука ќе донесеш во врска со пијалаците и храната што содржат кофеин, имај ја на ум опомената што ја дал Павле: „Било да јадете, било да пиете, било да правите што и да е друго, правете сѐ за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31).