Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Собранието нека се изградува

Собранието нека се изградува

Собранието нека се изградува

„За собранието... настапи време на мир во кое се изградуваше“ (ДЕЛА 9:31).

1. Кои прашања би можеле да си ги поставиме во врска со „Божјето собрание“?

 НА ПЕДЕСЕТНИЦА 33 год. од н.е., Јехова признал една група Христови ученици како еден нов народ, „Израелот Божји“ (Галатите 6:16). Овие христијани помазани со дух станале и она што Библијата го нарекува „Божјето собрание“ (1. Коринќаните 11:22). Но, што значело тоа да се биде Божје собрание? Како требало да биде организирано? Како требало да функционира на Земјата, независно од тоа каде живееле неговите членови? И како влијае собранието врз нашиот живот и врз нашата среќа?

2, 3. Како Исус покажал дека собранието ќе биде организирано?

2 Како што спомнавме во претходната статија, Исус прорекол дека ќе има вакво собрание од помазани следбеници, велејќи му на апостол Петар: „На оваа карпа [Исус Христос] ќе го изградам своето собрание‚ и портите на гробот нема да го надвладеат“ (Матеј 16:18). Освен тоа, додека Исус сѐ уште бил со апостолите, кажал некои работи во врска со функционирањето и организирањето на собранието што наскоро требало да биде основано.

3 Исус покажал и со зборови и со дела дека некои во собранието ќе предводат. Тоа ќе го прават на тој начин што ќе им служат на другите во нивната група. Христос рекол: „Знаете дека оние што се сметаат за владетели, господарат над народите, и големците ги држат под своја власт. А меѓу вас нека не биде така! Туку, кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга, и кој сака да биде прв меѓу вас, нека им биде роб на сите“ (Марко 10:42-44). Јасно, „Божјето собрание“ нема да биде составено само од поединци распрснати на различни места и одвоени еден од друг, што би личело на некое неорганизирано собрание. Напротив, тоа ќе биде организирано, при што неговите членови ќе комуницираат и ќе соработуваат меѓу себе.

4, 5. Од каде знаеме дека собранието требало да добие духовна поука?

4 Оној што требало да стане Глава на тоа ‚Божје собрание‘ покажал дека неговите апостоли и другите што учеле од него ќе имаат посебни одговорности кон останатите во собранието. Какви одговорности? Главна задача требало да им биде да им даваат духовна поука на членовите на собранието. Сети се дека воскреснатиот Исус, во присуство на неколку апостоли, му рекол на Петар: „Симоне, сине Јованов, ме сакаш ли?“ Петар одговорил: „Да, Господару, ти знаеш дека те сакам“. Исус му рекол: „Храни ги моите јагниња... Паси ги моите овчички... Храни ги моите овчички“ (Јован 21:15-17). Каква задача!

5 Од Исусовите зборови можеме да видиме дека оние што се собираат во собранието се споредени со овци во едно трло. Овие овци — мажи, жени и деца што се христијани — требало да бидат духовно нахранети и соодветно згрижени. Освен тоа, бидејќи Исус им дал задача на сите свои следбеници да ги поучуваат другите и да прават ученици, сите нови што ќе станеле негови овци требало да бидат обучени да ја извршуваат оваа задача што им ја дал Бог (Матеј 28:19, 20).

6. Што било направено во штотуку оформеното ‚Божје собрание‘?

6 Штом било формирано „Божјето собрание“, оние што го сочинувале редовно се собирале за да добијат поука и да се храбрат меѓу себе: „Му се посветија на апостолското учење, меѓусебно делеа сѐ што имаа, заедно јадеа и истрајно се молеа“ (Дела 2:42, 46, 47). Друг впечатлив детаљ што ни го открива библискиот извештај е тоа што биле назначени некои обучени мажи за да помагаат во грижата за извесни практични работи. Тие не биле избрани поради нивното високо образование ниту врз основа на нивната стручност. Овие мажи биле „полни со дух и со мудрост“. Еден од нив бил Стефан, и од извештајот дознаваме дека тој бил „човек полн со вера и со свет дух“. Благодарение на тоа што христијаните биле организирани во собрание, ‚Божјата реч сѐ повеќе растела и бројот на учениците во Ерусалим многу се умножувал‘ (Дела 6:1-7).

Мажи што ги користел Бог

7, 8. а) Каква улога имале апостолите и старешините во Ерусалим? б) Што се постигнало кога биле дадени упатства преку собранијата?

7 Се разбира, апостолите предводеле во раното собрание, но не биле единствените што го правеле тоа. Еднаш, Павле и неговите придружници се вратиле во Сириска Антиохија. Во Дела 14:27 пишува: „Кога стигнаа и го собраа собранието, им раскажаа за сѐ што направи Бог преку нив“. Додека сѐ уште биле во тоа собрание, се појавило прашање во врска со тоа дали требало да се обрежуваат верниците што не биле Евреи. За да се реши оваа работа, Павле и Варнава биле испратени „кај апостолите и старешините во Ерусалим“, за кои било јасно дека служеле како водечко тело (Дела 15:1-3).

8 Христијанскиот старешина Јаков, кој му бил полубрат на Исус но не бил и апостол, претседавал кога ‚апостолите и старешините се собрале да го разгледаат тоа‘ (Дела 15:6). Откако се советувале и внимателно ги разгледале работите и побарале помош од светиот дух, донеле одлука што била во склад со Светото писмо. За одлуката писмено ги известиле сите локални собранија (Дела 15:22-32). Оние што ги примиле овие информации ги прифатиле и ги примениле. Со каков резултат? Браќата и сестрите биле изградени и охрабрени. Библијата кажува: „Така собранијата се зацврстуваа во верата и од ден на ден растеа“ (Дела 16:5).

9. Според она што е изнесено во Библијата, каква улога имаат обучените христијански мажи?

9 Но, како требало да функционираат собранијата на редовна основа? Како пример да ги земеме собранијата на островот Крит. Иако многу луѓе што живееле таму биле на лош глас, некои се промениле и станале вистински христијани (Тит 1:10-12; 2:2, 3). Тие живееле во различни градови, и сите биле далеку од водечкото тело во Ерусалим. Меѓутоа, тоа не било некој голем проблем, бидејќи во секое од локалните собранија на Крит, како и на други места, биле доделени духовни ‚старешини‘. Тие мажи ги исполнувале барањата што се запишани во Библијата и затоа биле поставени за старешини, или надгледници, кои можеле ‚да опоменуваат, служејќи се со здравото учење, и да ги укоруваат оние што му противречат на тоа учење‘ (Тит 1:5-9; 1. Тимотеј 3:1-7). И други духовни мажи ги исполнувале условите што се барале за да им помагаат на собранијата како слуги помошници (1. Тимотеј 3:8-10, 12, 13).

10. Според Матеј 18:15-17, како требало да се решаваат сериозните проблеми?

10 Исус покажал дека ќе постои таква организираност. Да се потсетиме на извештајот од Матеј 18:15-17, каде што рекол дека понекогаш може да се појават проблеми помеѓу две лица што му служат на Бог затоа што едниот му згрешил нешто на другиот. Оној на кого му било згрешено требало да му пристапи на другиот и ‚да му укаже на неговиот престап‘ насамо, во четири очи. Ако со тој чекор не се решел проблемот, уште еден или двајца други што биле запознаени со фактите би можеле да бидат повикани да помогнат. Што ако работата и тогаш не се решела? Исус рекол: „Ако не ги послуша нив, кажи му на собранието. А ако не го послуша ниту собранието, нека ти биде како незнабожец и како даночник“. Кога Исус го рекол тоа, Евреите сѐ уште биле „Божјето собрание“, што значи дека првобитно неговите зборови се однесувале на нив. a Меѓутоа, штом било основано христијанското собрание, водството што го давал Исус важело за него. Ова е уште еден доказ дека Божјиот народ требало да биде организиран во собранија што би служеле за изградување и давање водство на секој поединечен христијанин.

11. Каква улога требало да имаат старешините во решавањето проблеми?

11 На место е што старешините, односно надгледниците, требало да го застапуваат локалното собрание во решавањето проблеми или случаи кога некој ќе направел грев. Ова е во склад со барањата за старешините спомнати во Тит 1:9. Се разбира, локалните старешини биле несовршени мажи, како што бил и Тит, кого Павле им го испратил на собранијата ‚за да го исправи она што има некаков недостаток‘ (Тит 1:4, 5). Денес, оние што се препорачани да бидат именувани за старешини мора да ја имаат докажано својата вера и искреност веќе извесно време пред именувањето. Така, и други во собранието ќе имаат основа да покажат доверба во водството и упатствата што се даваат преку нив.

12. Каква одговорност имаат старешините кон собранието?

12 На старешините во собранието во Ефес, Павле им рекол: „Внимавајте на себе и на целото стадо, во кое светиот дух ве постави за надгледници, да го пасете Божјето собрание, кое Бог го купи со крвта на својот Син“ (Дела 20:28). Подеднакво е точно дека собраниските надгледници денес се поставени ‚да го пасат Божјето собрание‘. Тоа треба да го прават со љубов, а не како да господарат со стадото (1. Петрово 5:2, 3). Надгледниците треба да настојуваат да го изградуваат и да му помагаат на „целото стадо“.

Да останеме блиски со собранието

13. Што може понекогаш да се случи во некое собрание, и зошто?

13 Старешините и сите други во собранието се несовршени, па затоа одвреме-навреме доаѓа до недоразбирања или проблеми, како што се случувало и во првиот век, кога сѐ уште биле живи некои од апостолите (Филипјаните 4:2, 3). Некој надгледник или некој друг од собранието можеби рекол нешто што ни се чини дека е грубо, нељубезно или не сосема вистинито. Или, пак, можеби си мислиме дека нешто што се прави е небиблиски, но ни се чини дека, иако локалните старешини знаат за тоа, не ја исправаат работата. Се разбира, можеби проблемот е решен или се решава во склад со Светото писмо и се земаат предвид фактори кои ние не ги знаеме. Но, дури и да е така како што си мислиме ние, размисли за следново: Извесно време постоел сериозен проблем во собранието во Коринт, собрание за кое Јехова бил заинтересиран. Со текот на времето, грешката била поправена, на исправен начин и цврсто (1. Коринќаните 5:1, 5, 9-11). Би можеле да се прашаме: ‚Да живеев во Коринт во тоа време, како ќе реагирав додека траело сето ова?‘

14, 15. Зошто некои престанале да го следат Исус, и што учиме од тоа?

14 Размисли за уште една ситуација што би можела да настане во собранието. Да речеме дека на некого му е тешко да разбере и да прифати некое библиско учење. Можеби истражувал во Библијата и во публикациите што ги добива преку собранието и побарал помош од некој зрел сохристијанин, па дури и од старешините. Сепак, тешко му е да ја сфати или да ја прифати таа работа. Што може да направи? Нешто слично се случило околу една година пред да умре Исус. Тој рекол дека е „лебот на животот“ и дека за да живее некој вечно мора ‚да го јаде телото на Синот човечки и да ја пие неговата крв‘. Тоа шокирало некои од неговите ученици. Наместо да побараат објаснување или едноставно стрпливо да чекаат уверени дека Јехова сѐ ќе доведе на свое место кога ќе дојде време, многу ученици ‚не оделе веќе со Исус‘ (Јован 6:35, 41-66). И во овој случај, што ќе направевме ние да бевме таму?

15 Во денешно време, некои престанале да одат во своето собрание, мислејќи дека ќе продолжат сами да му служат на Бог. Можеби велат дека причината е тоа што биле повредени, сметаат дека не била исправена некоја неправда, или едноставно не можат да прифатат извесно учење. Колку е разумно она што го прават? Иако е точно дека секој христијанин треба да има личен однос со Бог, не можеме да негираме дека тој го користи христијанското собрание на светско ниво, како што правел и во времето на апостолите. Освен тоа, Јехова ги користел и ги благословувал локалните собранија во првиот век, грижејќи се да има обучени старешини и слуги помошници што ќе служат за доброто на собранијата. Истото е случај и денес.

16. За што треба да размисли оној што сака да го напушти собранието?

16 Ако некој христијанин смета дека може да се потпира само на својот однос со Бог, тој го отфрла начинот на кој Бог ги поставил работите — како христијанското собрание на светско ниво така и секое од локалните собранија на Божјиот народ. Тој можеби го обожава Бог независно од останатите или контактира само со уште неколкумина други, но тогаш зошто воопшто би постоеле собраниските старешини и слугите помошници? Значајно е тоа што, кога Павле му напишал писмо на собранието во Колоси и побарал истото писмо да се прочита и во Лаодикија, рекол дека христијаните треба ‚да бидат вкоренети во Христос и да се изградуваат во него‘. Само оние што биле дел од собранието, а не оние што се издвоиле од него, би можеле да го слушнат и да го применат овој совет (Колошаните 2:6, 7; 4:16).

Столб и потпора на вистината

17. Што ни покажува 1. Тимотеј 3:15 во врска со собранието?

17 Во своето прво писмо до христијанскиот старешина Тимотеј, апостол Павле ги изнел условите што треба да ги исполнат старешините и слугите помошници во локалните собранија. Веднаш потоа, Павле го спомнал ‚собранието на живиот Бог‘, велејќи дека тоа е „столб и потпора на вистината“ (1. Тимотеј 3:15). Сигурно дека целото собрание од помазани христијани се покажало како таков столб во првиот век. Исто така, сосема е сигурно дека секој христијанин ја добивал оваа вистина првенствено преку локалното собрание. Таму можел да биде поучен за вистината и да чуе како се брани вистината, и таму можел да биде зајакнат.

18. Зошто собраниските состаноци се од пресудна важност?

18 Слично, христијанското собрание во целиот свет е Божје домаќинство, „столб и потпора на вистината“. Редовното присуство и учество на состаноците во локалното собрание е главен начин на кој се изградуваме, го зајакнуваме нашиот однос со Бог и се учиме да ја вршиме неговата волја. Во писмото што му го напишал на собранието во Коринт, Павле зборувал главно за она што било речено на тие состаноци. Тој напишал дека сака она што се кажува на нивните состаноци да биде јасно и разбирливо за да можат оние што присуствуваат да бидат ‚изградени‘ (1. Коринќаните 14:12, 17-19). Ние денес можеме да бидеме изградени ако го прифатиме фактот дека Јехова Бог се погрижил да имаме локални собранија и дека ги поддржува.

19. Зошто си благодарен за своето собрание?

19 Да, ако сакаме да бидеме изградени како христијани, нашето место е во собранието. Тоа долго време е бедем што нѐ штити од лажните учења, и Бог го користи за да се објавува во целиот свет добрата вест за неговото месијанско Царство. Без сомнение, Бог направил многу преку христијанското собрание (Ефешаните 3:9, 10).

[Фуснота]

a Библичарот Алберт Барнс смета дека Исусовиот совет „кажи му на собранието“ би можел да значи „на оние што се овластени да судат во такви случаи — претставниците на црквата. Во еврејската синагога имало група старешини што служеле како судии, пред кои се изнесувале вакви парници“.

Можеш ли да се сетиш?

• Зошто треба да очекуваме Бог да ги користи собранијата на Земјата?

• Што прават за собранието старешините, иако се несовршени?

• Како те изградува локалното собрание?

[Прашања]

[Слика на страница 26]

Апостолите и старешините во Ерусалим служеле како водечко тело

[Слика на страница 28]

Старешините и слугите помошници добиваат поука за да можат да ги исполнат своите одговорности кон собранието