Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јефтај го исполнува ветеното на Јехова

Јефтај го исполнува ветеното на Јехова

Јефтај го исполнува ветеното на Јехова

ЕДЕН војник се враќа дома. Со победата во битката го ослободил својот народ од угнетување. Ќерка му истрчува да го пречека, весело разиграна и чукајќи на дајре. Кога ја здогледува, наместо да се радува, тој си ја раскинува облеката. Зошто? Зар не е и самиот радосен што жив и здрав се вратил дома? Во каква битка победил? Кој е тој човек?

Човекот е Јефтај, еден од судиите во стариот Израел. Но, за да одговориме на другите прашања и да видиме од какво значење е овој извештај за нас, треба да ги разгледаме настаните што довеле до оваа необична средба.

Тешко време во Израел

Јефтај живее во тешко време. Другите Израелци од негово време престанале да го обожаваат вистинскиот Бог и им служат на боговите на Сидон, Моав, Амон и Филистеја. Затоа Јехова се откажува од својот народ и го остава во рацете на Амонците и на Филистејците, кои го угнетуваат 18 години. Во посебно тешка ситуација се жителите на Галад, кој се наоѓа источно од реката Јордан. * Израелците на крајот се освестуваат, се каат и бараат помош од Јехова, почнуваат да му служат нему и ги отстрануваат туѓите богови (Судиите 10:6-16).

Амонците подигаат логор во Галад, а Израелците се собираат за да им се спротивстават. Но, на Израел му е потребен заповедник (Судиите 10:17, 18). Во меѓувреме, Јефтај си има свои проблеми. Неговите алчни полубраќа го истерале за да му го украдат наследството. Затоа Јефтај се преселува во Тов, регион источно од Галад, кој бил лесна цел на нападите на непријателите на Израел. На Јефтај му се придружуваат „безделници“, веројатно луѓе кои нивните поробувачи ги избркале од работа или кои се побуниле против тоа што се робови. Тие ‚со него оделе да ги пљачкаат‘ соседните народи што им се непријатели. Најверојатно поради неговото јунаштво, во Библијата Јефтај е наречен „силен и смел човек“ (Судиите 11:1-3). Тогаш, кој ќе го предводи Израел во битката против Амонците?

Дојди и биди ни заповедник“

Старешините на Галад го убедуваат Јефтај: „Дојди и биди ни заповедник“. Но, грешат ако очекуваат дека тој веднаш ќе ја искористи шансата да се врати во својата земја. „Нели ме мразевте и ме истеравте од домот на татко ми?“, им одговара Јефтај. „Зошто доаѓате кај мене сега, кога сте во неволја?“ Колку неправедно постапиле што прво го одбиле Јефтај а потоа дошле кај него да бараат помош! (Судиите 11:4-7).

Јефтај ќе им биде водач во битката на луѓето во Галад само под еден услов. Тој им вели: ‚Ако Јехова ми го предаде Амон, ќе ви бидам поглавар!‘ Ако победи ќе се докаже дека Бог го поддржува, но Јефтај исто така има намера да се погрижи луѓето да не го отфрлат Божјето владеење штом ќе помине најтешкото (Судиите 11:8-11).

Односите со Амон

Јефтај се обидува да постигне договор со Амонците. Тој испраќа гласници до нивниот цар за да дознае зошто Амонците ги напаѓаат. Нивниот одговор го содржи обвинението: Кога Израелците излегле од Египет, ја освоиле територијата на Амонците и сега тие сакаат таа територија да им се врати (Судиите 11:12, 13).

Бидејќи многу добро ја познавал историјата на Израел, Јефтај вешто ги побива тврдењата на Амонците. Тој им кажува дека Израелците не ги малтретирале ни Амонците, ни Моавците, ни Едомците кога го напуштиле Египет. А кога Израел излегувал од Египет, Амонците не ја ни поседувале земјата за која сега се расправале. Таа им припаѓала на Аморејците, но Бог го предал нивниот цар, Сихон, во рацете на Израелците. Освен тоа, Израелците живеат во тоа подрачје веќе 300 години. Зошто Амонците дури сега си го бараат назад? (Судиите 11:14-22, 26)

Јефтај го насочува вниманието кон едно прашање кое е главната причина за неволјите на Израел: Кој е вистинскиот Бог? Јехова или боговите на земјата која Израел ја зазел? Ако Хемос воопшто има моќ, зарем нема да ја употреби за да му ја врати земјата на својот народ? Тоа е борба помеѓу лажната религија, онаа на Амонците, и обожавањето на Јехова. Логичниот заклучок на Јефтај е: „Денес Јехова, Судијата, нека суди меѓу синовите на Израел и синовите на Амон!‘“ (Судиите 11:23-27).

Царот на Амон не сака да ја послуша непоколебливата порака на Јефтај. Затоа, „Јеховиниот дух [слегува] на Јефтај и тој [поминува] низ Галад и низ подрачјето на Манасија“, при што веројатно собира силни мажи за борба против Амонците (Судиите 11:28, 29).

Заветот на Јефтај

Јефтај горливо бара водство од Бог и му се заветува: „Ако ми ги предадеш в раце синовите на Амон, на Јехова нека му припадне оној што ќе излезе на вратата од мојот дом, кој ќе ми излезе во пресрет кога ќе се вратам како победник откај синовите на Амон. Него ќе го принесам како жртва паленица!“ Како одговор, Бог го благословува Јефтај и му помага да порази 20 амонски градови со „голем колеж“ и така да ги покори непријателите на Израел (Судиите 11:30-33).

На враќање од битката, кој го пречекува ако не неговата мила ќерка, единственото дете што го има! „Кога ја здогледа“, стои во извештајот, „си ја раскина облеката и рече: ‚Леле, ќерко моја! Навистина ме фрли во тага и токму ти си таа на која ѝ нанесов неволја! Зашто, му се заветував на Јехова и не можам да го одречам она што го заветував‘“ (Судиите 11:34, 35).

Дали Јефтај навистина ќе ја жртвува својата ќерка? Не. Сигурно не мислел да стори нешто такво. На Јехова му е одвратно дословното жртвување луѓе, што им било суров обичај на Ханаанците (3. Мојсеева 18:21; 5. Мојсеева 12:31). Божјиот дух дејствувал врз Јефтај кога се заветувал, а Јехова и го благословил неговиот труд. Библијата зборува пофално за верата на Јефтај и за улогата што ја одиграл во Божјата намера (1. Самоилова 12:11; Евреите 11:32-34). Значи да жртвува човек, што е убиство, не му ни паѓало на ум. Тогаш, каква намера имал Јефтај кога му ветил на Јехова дека ќе му жртвува некој од неговиот дом?

Очигледно мислел дека оној што ќе го пречека ќе го даде за да му служи исклучително на Бог. Во Мојсеевиот закон постоела можноста некој човек да му се заветува на Јехова. На пример, кај светилиштето имало жени, кои можеби служеле за да црпат вода (2. Мојсеева 38:8; 1. Самоилова 2:22). Малку се знае каква била таа служба или дали обично траела целиот живот. Јефтај очигледно имал на ум таква посебна служба кога му се заветувал на Бог, и се чини дека неговото ветување значело служба што ќе трае целиот живот.

И ќерката на Јефтај, а подоцна и момчето Самоил, го направиле тоа што се барало од нив за да го исполнат заветот на своите богобојазливи родители (1. Самоилова 1:11). Верна на својот Бог, Јехова, и ќерката на Јефтај била исто толку убедена колку и нејзиниот татко дека неговиот завет треба да се исполни. Жртвата била голема, затоа што тоа значело дека никогаш нема да се омажи. Таа си ја оплакувала својата девственост бидејќи секој Израелец сакал да има деца за да го продолжи семејното име и наследство. А за Јефтај, да го исполни својот завет значело дека повеќе нема да биде заедно со своето мило и единствено дете (Судиите 11:36-39).

Животот на оваа верна девојка не бил без смисла. Со тоа што цело време служела во Јеховиниот дом, можела на еден извонреден начин да му оддаде чест на Бог, а тоа ѝ носело задоволство и било за пофалба. Затоа, ‚секоја година, ќерките на Израел одат да ја пофалат ќерката на Галадецот Јефтај‘ (Судиите 11:40). И секако дека татко ѝ се радувал поради тоа што му служела на Јехова.

Многумина од Божјиот народ денес одлучуваат да го посветат својот живот на полновремена служба како пионери, мисионери, патувачки надгледници или во Бетел. Тоа можеби значи дека не се гледаат со своите семејства онолку често колку што би сакале. Сепак, и едните и другите можат да се радуваат на светата служба што му се принесува на Јехова (Псалм 110:3; Евреите 13:15, 16).

Побуна против водството од Бог

Ако се навратиме на времето на Јефтај, гледаме дека многу Израелци го отфрлиле водството од Јехова. И покрај тоа што Бог им докажал дека го благословува Јефтај, Ефремовците се карале со него. Тие сакале да знаат зошто Јефтај не ги повикал да учествуваат во битката. Дури имале намера да ја изгорат куќата на Јефтај ‚и него‘! (Судиите 12:1)

Јефтај рекол дека ги повикал Ефремовците, но дека тие не одговориле. Во секој случај, Бог бил тој што ја добил битката. Дали тие сега се лутат затоа што Галадците не се договориле со нив кога го избирале Јефтај за заповедник? Всушност, тоа што Ефремовците приговарале значело дека се бунат против Јехова, и немало друг избор освен да се поведе борба помеѓу двете страни. Во битката што следела, Ефремовците биле поразени. Затоа што не можеле исправно да го кажат зборот „Шиболет“, кој се користел за да бидат испитани, лесно биле откриени оние Ефремовци што бегале. Сѐ на сѐ, во битката загинале 42.000 Ефремовци (Судиите 12:2-6).

Ова е навистина тажен дел од Израелската историја! Битките што ги извојувале судиите Готонил, Ехуд, Варак и Гедеон донеле мир. Во оваа прилика не се споменува мирот. Извештајот едноставно заклучува: „Јефтај му судеше на Израел шест години. Потоа умре [тој] и беше погребан во својот град, во Галад“ (Судиите 3:11, 30; 5:31; 8:28; 12:7).

Што учиме од сето ова? И покрај тоа што животот на Јефтај му бил полн со проблеми, тој му бил верен на Бог. Овој смел човек го споменал Јехова кога зборувал со старешините од Галад, со Амонците, со својата ќерка и со Ефремовците и, се разбира, кога се заветувал (Судиите 11:9, 23, 27, 30, 31, 35; 12:3). Бог го наградил Јефтај затоа што му бил оддаден, и го користел него и неговата ќерка за да се шири вистинското обожавање. Во време кога многу други престанале да се придржуваат за мерилата од Бог, Јефтај цврсто се држел за нив. Дали и ти, како Јефтај, секогаш ќе му бидеш послушен на Јехова?

[Фуснота]

^ пас. 5 Амонците биле многу сурови. Не поминале ни 60 години од настанот спомнат во статијата кога, во една прилика, тие се заканиле дека ќе му го извадат десното око на секој од жителите на еден град во Галад кој се спремале да го нападнат. Пророкот Амос кажува дека во друга прилика тие ги распарале бремените жени во Галад (1. Самоилова 11:2; Амос 1:13).