Зошто да одиме на христијанските состаноци?
Зошто да одиме на христијанските состаноци?
НЕНАДЕЈНО, по 20 години брак, Кристин ја напуштил мажот. Останала со осум деца, седум синови и една ќерка, за кои морала сама да се грижи. Најмалото дете имало 7, а најстарото 18 години. „Сите важни одлуки морав да ги донесувам сама“, вели таа. „Таа одговорност ме ставаше под огромен притисок и копнеев некој да ми помогне и исправно да ме насочи“. Каде ја нашла потребната помош?
„Христијанските состаноци беа чамец за спасување за мене и за моето семејство“, вели Кристин. „На состаноците беа нашите пријатели кои ни помагаа, а Божјата реч нѐ насочуваше. Тоа што редовно одевме на состаноците ни помогна во секој важен аспект од нашиот семеен живот“.
Во овие „особено тешки времиња“, сите ние имаме најразлични проблеми (2. Тимотеј 3:1). Можеби и ти се сложуваш со Кристин дека состаноците на Јеховините сведоци се како духовен чамец за спасување, и сфаќаш дека се многу важни за исправно да му служиш на Јехова. Петте собраниски состаноци секоја седмица најверојатно ја разгоруваат твојата љубов кон Бог, ти ја зајакнуваат надежта за иднината и, со помош на советите од Библијата, те упатуваат како да се соочиш со проблемите.
Но, на некои им е тешко редовно да доаѓаат на состаноците. На крајот од денот се толку исцрпени што и самата помисла дека треба да се облечат за состанок и да патуваат до таму може да ги расколеба. На други, пак, работата не им дозволува редовно да доаѓаат на состаноците. За да присуствуваат на сите состаноци, ќе мора да се помират со тоа дека ќе примаат помала плата или мора да ризикуваат да ја изгубат работата. А трети пропуштаат состаноци затоа што мислат дека повеќе ќе се освежат ако се рекреираат отколку ако се дружат со собранието.
Со оглед на сето ова, добро е секој од нас да се праша: Од кои важни причини сакам да присуствувам на христијанските состаноци? Како можат тие состаноци да ме освежат? За да го најдеме одговорот на овие прашања, да ја разгледаме подетално срдечната покана од Исус што е запишана во Матеј 11:28-30. Тој рекол: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души! Зашто, мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“.
„Дојдете кај мене“
Исус рекол: „Дојдете кај мене“. Еден начин да ја прифатиме оваа Матеј 18:20).
покана е редовно да доаѓаме на состаноците. Имаме добри причини да бидеме присутни бидејќи, во една друга прилика, Исус кажал: „Каде што двајца или тројца се собрани во мое име, таму сум и јас меѓу нив“ (Во првиот век, Исус лично повикал најразлични луѓе да го следат. На тој начин им дал можност да се дружат со него. Некои веднаш ја искористиле таа можност (Матеј 4:18-22). Други дозволиле материјалните работи да ги спречат да ја прифатат оваа покана (Марко 10:21, 22; Лука 9:57-62). На оние што станале негови следбеници сигурно им било пријатно кога Исус им рекол: „Вие не ме избравте мене, туку јас ве избрав вас“ (Јован 15:16).
По својата смрт и воскресение, Христос повеќе не бил физички присутен меѓу своите ученици. Но бил уште со нив во таа смисла што ги водел во делото што им го оставил да го вршат и внимавал дали ги држат неговите совети. На пример, околу 70 години по неговото воскресение, Исус им дал совет и пофалил седум собранија во Мала Азија. Од неговите зборови се гледа дека добро ги познавал и јаките и слабите страни на поединците во тие собранија (Откровение 2:1 — 3:22).
Исус сѐ уште е многу заинтересиран за секој свој ученик. Тој ветува: „Еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Матеј 28:20). Сега живееме во времето на крајот, и затоа неопходно е да го послушаме Исус и да го следиме. Меѓу другото, тоа значи редовно да доаѓаме на состаноците. Исус сака да го слушаме и да бидеме „поучени од него“, а на нашите состаноци редовно се разработува Библијата и се одржуваат говори врз основа на неа (Ефешаните 4:20, 21). Дали ја прифаќаш поканата на Исус: „Дојдете кај мене“?
„Вие што сте изморени и оптоварени“
Една многу важна причина да доаѓаме на христијанските состаноци е тоа што таму ќе собереме сили (Евреите 10:24, 25). Многумина од нас сигурно се „изморени и оптоварени“ од најразлични причини. Можеби си оптоварен со лични проблеми, на пример здравствени. Но, на христијанските состаноци секогаш ќе се најде некој што ќе те освежи, а и ти ќе освежиш некого (Римјаните 1:11, 12). На пример, ќе чуеш нешто што духовно ќе те изгради, ќе те потсети на надежта што ти ја дала Библијата, а ќе видиш и дека многу други исто така се борат со тешкотии. Сето ова може да ти помогне да продолжиш напред и урамнотежено да гледаш на своите проблеми.
Една христијанка на која животот ѝ го отежнува една хронична болест, вели: „Поради мојата болест, одвреме-навреме морам да лежам во болница. Не ми е многу лесно да одам на состанок откако извесно време сум била во болница, но сфаќам дека таму треба да бидам. Срдечноста и љубовта на браќата и сестрите ми ја враќаат радоста, а поуките и упатствата што ги даваат Јехова и Исус му даваат смисла на мојот живот“.
„Мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“
Забележи дека во стиховите што ги анализираме, Исус рекол: „Учете од мене“. Кога учиме од Исус стануваме негови ученици, а го земаме неговиот јарем кога му се заветуваме на Бог и кога се крштаваме (Матеј 28:19, 20). Ако сакаме да останеме ученици на Исус, неопходно е редовно да учествуваме на состаноците. Зошто? Затоа што токму на христијанските состаноци учиме за Исус, за неговите поуки и за начинот на кој ги правел работите.
Што е ‚товарот‘ кој Христос сака да го носиме? Тоа е истиот ‚товар‘ што и самиот го носи, имено: честа да ја врши Божјата волја (Јован 4:34; 15:8). Не е лесно да бидеме послушни на Божјите заповеди, но тоа не ни е премногу тежок товар за носење. Може да ни се чини дека е тежок ако го носиме сами, без никаква помош. Но, ако се молиме за Божјиот дух и ако се храниме од духовната храна што е сервирана на состаноците, ќе добиеме од Бог „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Коринќаните 4:7). Ако се подготвуваме за состаноците и ако учествуваме на нив, нашата љубов кон Јехова ќе станува сѐ посилна. А кога сме мотивирани од љубов, Божјите заповеди „не се тешки“ (1. Јованово 5:3).
Проблемите на луѓето, општо земено, се вртат околу заработувањето, здравјето и околу личните работи. Но, за да ги решиме овие проблеми, ние не се потпираме на мудрувањата од луѓето. Нам ни помагаат собраниските состаноци, зашто таму Јехова ни го дава она што ни е потребно и ни помага да се справуваме со проблемите и да ‚не сме загрижени‘ (Матеј 6:25-33). Христијанските состаноци навистина покажуваат колку нѐ сака Бог.
„Јас сум благ и со понизно срце“
Исус имал обичај да оди во синагога, каде што се зборувало за Божјата реч. Еднаш кога бил во синагога, Исус го зел свитокот на Исаија и прочитал: „Јеховиниот дух е врз мене, зашто Бог ме помаза да им објавам добра вест на сиромасите, ме испрати да проповедам ослободување на заробените и враќање на видот на слепите, да ги пуштам на слобода здробените, да ја проповедам Јеховината година на милоста“ (Лука 4:16, 18, 19). Замисли си колку би бил среќен да си слушнел лично како Исус ги применил тие зборови на себе, кога рекол: „Денес се исполнија овие зборови од Писмото, кои штотуку ги чувте“ (Лука 4:21).
Исус, благиот ‚врховен пастир‘, сѐ уште надгледува што се прави за неговите следбеници да бидат духовно згрижени (1. Петрово 5:1-4). Под негово водство, „верниот и разборит роб“ именувал мажи како пастири во собранијата на Јеховините сведоци низ целиот свет (Матеј 24:45-47; Тит 1:5-9). Тие мажи го ‚пасат Божјето собрание‘ со благост и даваат добар пример со тоа што редовно присуствуваат на состаноците. Можеш да покажеш дека ги цениш овие ‚луѓе што се како дарови‘ со тоа што ќе одиш на состаноците, каде што можеш да ги изградиш и другите со тоа што си меѓу нив и што учествуваш во програмата (Дела 15:30-33; 20:28; Ефешаните 4:8, 11, 12).
„Ќе најдете поткрепа за своите души“
Што треба да сториш за вистински да се освежиш кога си на христијански состанок? Едно нешто е да го послушаш советот на Исус: „Внимавајте како слушате“ (Лука 8:18). Луѓето што имале голема желба да учат, внимателно го слушале Исус. Тие го замолиле да им ги објасни своите споредби, и како награда работите им биле подлабоко објаснети (Матеј 13:10-16).
И ти можеш да бидеш како овие духовно гладни луѓе ако внимателно ги слушаш говорите што се одржуваат на нашите состаноци (Матеј 5:3, 6). За да успееш да останеш сконцентриран, труди се да согледаш како логично е поврзано она што го зборува говорникот. На пример, во мислите прашувај се: ‚Како ова што го слушам важи за мене? Како би ми користело за да помогнам некому? Како би можел да му го објаснам некому?‘ Освен тоа, најди ги во Библијата стиховите што ги користи говорникот за да ги поврзе со неа главните мисли. Колку повеќе внимание ќе обрнеш на тоа како слушаш толку повеќе ќе те освежат состаноците.
По состанокот, разговарај со другите за програмата. Зборувај за материјалот и за начинот на кој може да се примени. Ако водиш изградувачки разговори, состаноците многу ќе те освежат.
Без сомнение имаме добри причини да се состануваме заедно. Откако разгледавме во кој поглед можат да ни помогнат состаноците, зошто не се запрашаш: ‚Како реагирам јас на Исусовата покана: „Дојдете кај мене“?‘
[Слики на страница 11]
Дали правиш нешто друго кога треба да одиш на состанок?