Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Победа на Европскиот суд за човекови права

Победа на Европскиот суд за човекови права

Победа на Европскиот суд за човекови права

НА 11 ЈАНУАРИ, 2007 год., Европскиот суд за човекови права во Стразбур (Франција) донесе едногласна одлука во корист на Јеховините сведоци во Русија, во нивниот случај против Руската Федерација. Одлуката ја поддржа верската слобода за Јеховините сведоци и нивното право на непристрасно сослушување. Да видиме како дојде до овој судски процес.

Едно собрание на Јеховините сведоци во градот Чељабинск (Русија) го сочинуваат главно глуви лица. Состаноците ги одржуваат во изнајмена просторија во едно средно училиште. Во недела, на 16 април 2000 год., нивниот состанок го прекинала претседателката, односно комесарот, на регионалната Комисија за човекови права, заедно со уште двајца полицајци со висок чин и еден полицаец во цивилна облека. Само од предрасуда, особено од страна на комесарот, состанокот бил прекинат под лажно обвинение дека се одржува противзаконски. На 1 мај 2000 год., била поништена дозволата за изнајмување на просторијата.

Јеховините сведоци поднесоа тужба до обвинителот во Чељабинск, но немаше никаков резултат. Рускиот Устав и Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи ги гарантираат слободата на вероисповед и слободата на собирање. Затоа беше поднесена граѓанска тужба до основниот суд, по што следуваше и жалба до регионалниот суд. Претходно, на 30 јули 1999 год., во еден друг случај, врховниот суд пресуди дека „според рускиот закон за слобода на совеста и за верските заедници, изразот ‚непречено‘ значи дека не е потребно претходно пријавување или посебна дозвола од државната власт за да се одржат верски служби на места што се наменети [за таа цел]“. (Заградите се од текстот.) Сепак, и покрај оваа претходна пресуда, жалбите и тужбите до основните и регионалните судови беа поништени.

На 17 декември 2001 год., случајот беше изнесен пред Европскиот суд за човекови права. Сослушувањето се одржа на 9 септември 2004 год. Следуваат извадоци од конечната пресуда што ја донесе Судот:

„Судот утврди дека на 16 април 2000 год., државните службеници го прекршиле правото на слобода на вероисповед кога го прекинале верскиот собир на подносителите на жалбата“.

„Очигледно е дека недостасувала законска основа да се прекине верскиот собир што се одржувал во просторија што била законски изнајмена за таа цел“.

„[Судот] го зеде предвид фактот дека Врховниот суд на Русија во неколку слични случаи одлучил дека не е потребно да се бара дозвола од властите ниту тие да бидат известени дека се одржува верски собир“.

„Според тоа, на 16 април 2000 год., комесарот и нејзините соработници го прекршиле членот 9 [слобода на вероисповед] од Конвенцијата со тоа што го прекинале верскиот собир на подносителите на жалбата“.

„Судот утврди дека домашните судови не ја исполниле својата должност... непристрасно и праведно да ги сослушаат двете страни. Со тоа... е прекршен членот 6 од Конвенцијата [кој се однесува на правото на непристрасно сослушување]“.

Јеховините сведоци му се благодарни на Бог затоа што им донесе победа на Европскиот суд за човекови права (Псалм 98:1). Каков ќе биде ефектот од одлуката на Судот? Јосиф К. Гриебоски, претседателот на Институтот за религија и државна политика, вели: „Ова е уште една многу важна одлука во врска со правото на слобода на вероисповед низ цела Европа, бидејќи ќе влијае врз верските права во сите држави што се подложни на Европскиот суд за човекови права“.