Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова ја цени твојата послушност

Јехова ја цени твојата послушност

Јехова ја цени твојата послушност

„Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето“ (ИЗРЕКИ 27:11).

1. Каков дух е раширен во денешниов свет?

ВО СВЕТОТ денес е раширен еден дух на независност и непослушност. Апостол Павле ја објаснува причината за тоа кога им пишува писмо на христијаните во Ефес: „Некогаш живеевте онака како што живее овој свет, по волјата на владетелот кој владее со воздухот, духот кој сега дејствува во непослушните синови“ (Ефешаните 2:1, 2). Да, би можело да се рече дека Сатана Ѓаволот, „владетелот кој владее со воздухот“, го има заразено целиот свет со духот на непослушност. Тоа го правел во првиот век, а го прави дури и уште повеќе откако е исфрлен од небото во времето кога започнала Првата светска војна (Откровение 12:9).

2, 3. Зошто треба да го слушаме Јехова?

2 Меѓутоа, како христијани, знаеме дека Јехова Бог заслужува да му бидеме послушни од сѐ срце затоа што нѐ создал, нѐ одржува во живот, затоа што е севишен и нѐ избавува (Псалм 148:5, 6; Дела 4:24; Колошаните 1:13; Откровение 4:11). Израелците во времето на Мојсеј знаеле дека Јехова им го дал животот и дека ги избавувал. Затоа, Мојсеј им рекол: „Вие совесно постапувајте според она што ви го заповеда Јехова, вашиот Бог“ (5. Мојсеева 5:32). Да, Јехова заслужувал да го слушаат. Сепак, брзо му станувале непослушни на својот Бог.

3 Колку е важно да му бидеме послушни на Оној што ја создал вселената? Еднаш, Бог му рекол на пророкот Самоил да му каже на цар Саул: „Послушноста е подобра од жртвите“ (1. Самоилова 15:22, 23). Зошто?

Зошто послушноста „е подобра од жртвите“

4. Во која смисла можеме да му дадеме нешто на Јехова?

4 Бидејќи Јехова создал сѐ, тој веќе поседува сѐ што имаме материјално. Затоа, има ли нешто што можеме да му дадеме? Да, можеме да му дадеме нешто многу скапоцено. Што? Одговорот ќе го добиеме од следниов совет: „Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној што ми се подбива“ (Изреки 27:11). Ние можеме да му ја дадеме на Бог нашата послушност. Иако секој од нас има поинакви околности и потекло, со тоа што ќе му бидеме послушни на Бог можеме да дадеме одговор на злобното тврдење на Сатана Ѓаволот дека луѓето нема да му останат верни на Бог кога ќе имаат неволји. Тоа е голема чест!

5. Како се чувствува Творецот кога некој е непослушен? Кажи еден пример.

5 Бог е заинтересиран за тоа какви одлуки донесуваме. Ако не го слушаме, тоа го погодува. Како? Па, го боли кога гледа дека некој постапува немудро (Псалм 78:40, 41). Да речеме дека еден дијабетичар не се држи за диетата што му е препорачана за негово добро и продолжува да јаде храна што му штети на здравјето. Како ќе се чувствува неговиот грижлив лекар? Можеме да бидеме уверени дека Јехова чувствува болка кога луѓето не го слушаат, бидејќи знае какви ќе бидат последиците ако ги игнорираат неговите совети за живот.

6. Што ќе ни помогне да му бидеме послушни на Бог?

6 Што ќе му помогне секому од нас да биде послушен? Добро е секој од нас да го моли Бог за „послушно срце“, како што се молел цар Соломон. Тој барал такво срце за да може „да разликува добро од зло“ кога ќе им суди на Израелците (1. Царевите 3:9). Потребно ни е „послушно срце“ за да разликуваме добро од зло во овој свет кој е обземен од духот на непослушноста. Бог ни ја дал својата Реч, публикациите за проучување на Библијата, христијанските состаноци и грижливите собраниски старешини за да можеме да имаме „послушно срце“. Дали добро ги користиме овие работи што со љубов ни ги дава?

7. Зошто Јехова повеќе ја нагласува послушноста отколку жртвите?

7 Во врска со ова, сети се дека во минатото Јехова му открил на својот древен народ дека послушноста е многу поважна од животинските жртви (Изреки 21:3, 27; Осија 6:6; Матеј 12:7). Зошто било така, ако се земе предвид дека токму Јехова му заповедал на својот народ да принесува жртви? Па, какви се мотивите на оној што ја принесува жртвата? Дали го прави тоа за да му угоди на Бог? Или само следи некаков ритуал? Ако лицето навистина сака да му угоди на Бог, ќе води сметка да ги слуша сите Божји заповеди. На Бог не му се потребни животински жртви, но нашата послушност е нешто вредно што можеме да му го дадеме.

Предупредувачки пример

8. Зошто Бог го отфрлил Саул како цар?

8 Библискиот извештај за цар Саул истакнува колку е важно да бидеме послушни. Во почетокот Саул бил понизен и скромен владетел, „мал во свои очи“. Но, со текот на времето, гордоста и погрешниот став почнале да ги водат неговите одлуки (1. Самоилова 10:21, 22; 15:17). Еднаш, Саул требало да се бори со Филистејците. Самоил му рекол да го почека за да му принесе жртви на Јехова и да му каже што да прави понатаму. Но, Самоил не дошол толку бргу колку што го очекувале, и луѓето почнале да си одат. Кога го видел тоа, Саул ‚ја принел жртвата паленица‘. Ова не му се допаднало на Јехова. Кога Самоил конечно пристигнал, царот си наоѓал изговори за својата непослушност велејќи дека, затоа што Самоил доцнел, ‚бил принуден‘ самиот да ја принесе жртвата паленица за да го смилостиви Јехова. На цар Саул му било поважно да ја принесе таа жртва отколку да го послуша упатството што му било дадено — да почека Самоил да ја принесе таа жртва. Самоил му рекол: „Си постапил безумно! Не си ја држел заповедта од Јехова, својот Бог, која ти ја даде“. Затоа што Саул му бил непослушен на Јехова, го изгубил царството (1. Самоилова 10:8; 13:5-13).

9. Во кои работи Саул повеќепати не го послушал Бог?

9 Дали царот научил нешто од тоа што се случило? Не! Во една друга ситуација, Јехова му заповедал на Саул да ги уништи Амаличаните, кои претходно ги нападнале Израелците без никаква причина. Саул не требало да ги поштеди дури ниту нивните домашни животни. Тој не го послушал Бог во сѐ, туку само ‚ги убил Амаличаните од Авила до Сур‘. Кога дошол Самоил, царот се радувал на победата и рекол: „Да си благословен од Јехова! Ја извршив Јеховината реч“. Сепак, спротивно на јасните упатства што им биле дадени, Саул и неговите војници го поштедиле царот Агаг и „најдобрата крупна и ситна стока и згоената стока и овните и сѐ што беше добро“. Цар Саул се оправдувал за својата непослушност со зборовите: „Народот ја поштеди најдобрата ситна и крупна стока за да му ја жртвува на Јехова, твојот Бог“ (1. Самоилова 15:1-15).

10. Што не сфатил Саул?

10 На тоа, Самоил му рекол на Саул: „Зар му се жртвите паленици и другите жртви исто толку мили на Јехова колку што му е мила послушноста на Јеховиниот глас? Знај, послушноста е подобра од жртвите и покорноста е подобра од овнешкиот лој“ (1. Самоилова 15:22). Бидејќи Јехова рекол дека тие животни треба да се убијат, не би ги прифатил ако му биле принесени како жртва.

Биди послушен во сѐ

11, 12. а) Како се чувствува Јехова кога гледа дека се трудиме да ја вршиме неговата волја? б) Како може некој да се лаже себеси дека ја извршува Божјата волја, додека во исто време е непослушен?

11 Јехова многу се радува кога гледа како неговите верни слуги остануваат цврсти и покрај прогонството, го објавуваат Царството и покрај рамнодушноста на луѓето, и одат на христијанските состаноци иако мора да работат за да се прехранат! Кога сме му послушни на Бог во толку важни аспекти на нашиот духовен живот, го радуваме неговото срце! Нашите напори да му служиме на Јехова му се скапоцени кога ги вложуваме од љубов. Дури и ако луѓето не го забележуваат нашиот труд, Бог ги забележува жртвите што ги правиме од сѐ срце и не ги заборава (Матеј 6:4).

12 Меѓутоа, за да го радуваме Бог потполно, мора да му бидеме послушни во сѐ. Никогаш не смееме да се залажуваме со мислата дека можеме да ги занемариме Божјите барања на некои полиња сѐ додека му служиме на други полиња од животот. На пример, некој можеби се лаже дека, ако површно му служи на Бог, може да помине неказнет ако изврши неморал или ако прави други сериозни гревови. Тоа би било голема грешка! (Галатите 6:7, 8).

13. Како може да биде ставена на испит нашата послушност на Јехова кога никој не нѐ гледа?

13 Според тоа, можеме да се запрашаме: ‚Дали го слушам Јехова во сѐ што правам секој ден, дури и во навидум лични работи?‘ Исус рекол: „Кој е верен во најмалото, верен е и во многу, а кој е неправеден во најмалото, неправеден е и во многу“ (Лука 16:10). Дали одиме „со чисто срце“, дури и „во својот дом“, каде што не нѐ гледаат другите? (Псалм 101:2). Да, додека сме дома, нашата чистота може да биде ставена на испит. Во многу земји каде што е вообичаено во секој дом да има компјутер, безобразни слики можат да се видат само со неколку кликнувања на глувчето. Пред неколку години не можеа да се видат такви слики ако не се појдеше на места каде што има неморална забава. Дали послушно ќе обрнеме внимание на зборовите на Исус: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“? Да, дали не сакаме дури ни да погледнеме неморални слики? (Матеј 5:28; Јов 31:1, 9, 10; Псалм 119:37; Изреки 6:24, 25; Ефешаните 5:3-5). И што е со телевизиските програми во кои се прикажува насилство? Дали сме исти како нашиот Бог, кој „го мрази оној што го сака насилството“? (Псалм 11:5). А што е со прекумерното пиење кога никој не те гледа? Библијата го осудува пијанството, но исто така ги опоменува христијаните да не се оддаваат на „многу вино“ (Тит 2:3; Лука 21:34, 35; 1. Тимотеј 3:3).

14. Како може да се види дали сме му послушни на Бог кога станува збор за парите?

14 Друго подрачје на кое треба да бидеме будни е кога станува збор за парите. На пример, дали ќе се впуштиме во некој потфат за брзо збогатување кој граничи со измама? Дали сме на искушение да се служиме со нелегални средства за да не платиме данок? Или, пак, совесно ќе ја послушаме заповедта ‚да му го дадеме секому она што му припаѓа, на оној кој бара данок — данок‘? (Римјаните 13:7).

Послушност што произлегува од љубов

15. Зошто ги слушаш Јеховините заповеди?

15 За наше добро е да бидеме послушни на Божјите закони. На пример, ако не пушиме, ако живееме морално и ако ја цениме крвта како нешто свето, може да избегнеме некои болести. Освен тоа, ако живееме во склад со библиската вистина и на други полиња од животот, тоа може да се одрази добро на нашата финансиска состојба, во односите со другите луѓе или дома (Исаија 48:17). Овие добри работи што произлегуваат од послушноста со право може да се сметаат за благослов што покажува колку се практични Божјите закони. Сепак, главна причина зошто го слушаме Јехова е тоа што го сакаме. Ние не му служиме на Бог од себични причини (Јов 1:9-11; 2:4, 5). Бог ни дал слобода да избереме да слушаме кого сакаме. Ние избираме да го слушаме Јехова затоа што сакаме да го радуваме и затоа што настојуваме да го правиме она што е исправно (Римјаните 6:16, 17; 1. Јованово 5:3).

16, 17. а) На кој начин Исус покажал послушност на Бог од искрена љубов? б) Како можеме да се угледаме на Исус?

16 Исус ни дал совршен пример со тоа што го слушал Јехова затоа што искрено го сакал (Јован 8:28, 29). Додека бил на Земјата, Исус ‚се научил на послушност од она што го претрпел‘ (Евреите 5:8, 9). Како? Исус ‚се понизил и станал послушен сѐ до смртта, и тоа смрт на маченички столб‘ (Филипјаните 2:7, 8). Иако веќе бил послушен на небото, неговата послушност била испитана и на Земјата. Можеме да бидеме уверени дека Исус во секој поглед одговара да служи како Првосвештеник за своите духовни браќа, како и за другите луѓе што имаат вера (Евреите 4:15; 1. Јованово 2:1, 2).

17 А ние? Можеме да се угледаме на Исус во тоа што најважно ќе ни биде да постапуваме во склад со Божјата волја (1. Петрово 2:21). Секој од нас ќе биде радосен кога љубовта кон Бог нѐ мотивира да го правиме она што го заповеда Јехова, дури и тогаш кога сме ставени под притисок или кога сме на искушение да го направиме спротивното (Римјаните 7:18-20). Тоа значи да бидеме спремни да ги слушаме упатствата што ни ги даваат оние што предводат во службата за Бог, иако се несовршени (Евреите 13:17). Јехова многу цени кога ги слушаме неговите заповеди во лични работи.

18, 19. Што вклучува нашата послушност на Бог од сѐ срце?

18 Денес, можеби ќе треба да покажеме дека сме му послушни на Јехова со тоа што ќе трпиме прогонство за да останеме верни (Дела 5:29). Исто така, нашата послушност на Јеховината заповед да проповедаме и да поучуваме бара да истраеме до крајот на овој свет (Матеј 24:13, 14; 28:19, 20). Потребна ни е истрајност за да продолжиме да одиме на состаноци и на конгреси заедно со нашите браќа, иако можеби ја чувствуваме тежината на притисоците што доаѓаат од овој свет. Нашиот грижлив Бог сосема добро знае колкави напори вложуваме за да му бидеме послушни во тие работи. Меѓутоа, за да бидеме сосема послушни, мора да се бориме со нашето грешно тело и да бегаме од она што е лошо, а да го сакаме она што е добро (Римјаните 12:9).

19 Кога му служиме на Јехова од љубов и со ценење во срцето, тој ‚нѐ наградува затоа што ревносно го бараме‘ (Евреите 11:6). Потребно и пожелно е да принесуваме соодветни жртви, но Јехова најмногу се радува кога сме му послушни во сѐ од љубов (Изреки 3:1, 2).

Како би одговорил?

• Зошто може да се каже дека имаме што да му дадеме на Јехова?

• Какви грешки направил Саул?

• Како ќе покажеш дека веруваш дека послушноста е подобра од жртвите?

• Зошто си му послушен на Јехова?

[Прашања]

[Слика на страница 26]

Како ќе се чувствува еден грижлив лекар ако пациентот не ги слуша неговите совети?

[Слика на страница 28]

Зошто цар Саул паднал во Јеховината немилост?

[Слики на страница 30]

Дали ги слушаш Божјите заповеди кога си сам дома?