Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Една година во ‚добрата земја‘

Една година во ‚добрата земја‘

Една година во ‚добрата земја‘

ВО 1908 год., додека се вршеле ископувања на местото каде што се наоѓал библискиот град Гезер, сместен на една крајбрежна рамнина западно од Ерусалим, се дошло до едно возбудливо откритие. Била пронајдена една мала плочка од варовник, за која се верува дека потекнува од десеттиот век пр.н.е. Текстот на неа бил испишан со древно хебрејско писмо, и се смета дека претставува поедноставена верзија на една земјоделска година, или циклус, со различните активности што се извршувале во неа. Подоцна, оваа плочка станала позната како Календарот од Гезер.

Плочката е потпишана со името Авија. Многу археолози, иако не и сите, сметаат дека таа е вежба на некој ученик напишана во поетски облик. * Дали би сакал да видиш како се менуваат годишните времиња низ очите на едно дете што живеело во тоа време? Тоа може да ти помогне да се потсетиш на некои библиски настани.

Два месеца берба

Авија, кој го пишувал овој древен календар, најнапред ја спомнува бербата. Иако овој календар започнува со бербата, можеш да сфатиш зошто Израелците сметале дека таа претставувала завршница, односно крај, на поголемиот дел од земјоделската година. Месецот етаним (подоцна наречен тишри) се совпаѓа со септември/октомври од нашиот денешен календар. Тогаш бил завршен поголемиот дел од жетвата, и затоа сите, вклучувајќи го и младиот Авија, биле многу радосни. Замисли си колку бил возбуден додека му помагал на татка си да ја прави сеницата што ќе им биде дом една седмица додека радосно му се заблагодаруваат на Јехова за родот од нивите! (5. Мојсеева 16:13-15).

Некаде во ова време, маслинките биле речиси зрели за да може семејството на Авија да ги бере тресејќи ги гранките на дрвото, работа што можеби била премногу тешка за малиот Авија, но сигурно му било забавно да гледа како другите го прават тоа (5. Мојсеева 24:20). Потоа ги собирале маслинките и ги носеле во најблиското гмечало за да прават масло. Или, пак, можеле да добијат масло со една поедноставна метода — ставале згмечени или напукнати маслинки во вода и ја собирале маснотијата што ќе испливала на површината. Како и да е, оваа скапоцена течност не служела само за храна. Таа се користела како газија за лампите и како мевлем за мачкање модринки и рани, кои едно дете како Авија сигурно многу ги добивало додека си играло.

Два месеца сеење

Во сезоната на раните дождови, Авија сигурно се радувал кога ќе ги почувствувал на себе свежите капки дожд. Татко му веројатно му објаснил колку е важен дождот за почвата (5. Мојсеева 11:14). Почвата, со месеци печена од сонцето, омекнувала и била спремна за орање. Орачите во старо време вешто управувале со дрвено рало, кое веројатно имало метално сечило, а напред го влечело некое животно. Целта била да се направат прави бразди во почвата. Земјата била скапоцена, па затоа израелските земјоделци обработувале дури и мали парцели, вклучувајќи и падини. Но, таму можеби требало да копаат рачно, со мотика.

Штом ќе се изорала омекнатата земја, можело да се посеат пченица и јачмен. Интересно, во Календарот од Гезер се вели дека следат два месеца во кои се сеат овие култури. Сеачот го ставал семето во наборите на својата облека и го сеел широко замавнувајќи со раката.

Два месеца доцна сеидба

‚Добрата земја‘ никогаш не престанувала да раѓа (5. Мојсеева 3:25). Во декември имало најмногу дождови и земјата се раззеленувала. Било време на доцна сеидба на мешунки, како што биле грашокот и сланутокот, како и на друг зеленчук (Амос 7:1, 2). На плочката, Авија го нарекол тоа „пролетна паша“, или според еден друг превод „доцен посев“, кога било време на вкусни јадења зготвени со многу сезонски зеленчук.

Кога почнувало да се стоплува откако ќе завршела студената сезона, цветал бадемот, кој со своите бели и розови цветови бил предвесник на пролетта. Тој процутувал дури и кога само малку ќе се подзатоплело, уште во јануари (Еремија 1:11, 12).

Еден месец сечење на ленот

Потоа Авија го спомнува ленот. Тоа можеби те потсетува на еден настан што се случил со векови пред да се роди Авија, на источната страна од ридовите на Јудеја. Во градот Ерихон, Раав скрила двајца извидувачи ‚под стебленцата лен што ѝ биле спрострени‘ за да се сушат на покривот (Исус Навин 2:6). Ленот играл многу важна улога во животот на Израелците. За да се одвојат ленените влакна, оваа билка најнапред морала да изгние. Тоа се одвивало бавно под дејство на росата, а за да изгние уште побрзо, ленот се ставал во езерце или во поток. Штом ќе се одвоеле, ленените влакна се користеле за да се добие ленено платно, од кое потоа се правеле едра, шатори и облека. Ленот се користел и за добивање на фитил.

Некои не се согласуваат со тоа дека се одгледувал лен во околината на Гезер, каде што немало многу вода. Други тврдат дека ленот се одгледувал подоцна во годината. Затоа, некои сметаат дека во Календарот од Гезер, зборот „лен“ бил синоним за „тревата“ што се користела како сточна храна.

Еден месец жнеење на јачменот

Секоја година, некаде во времето кога наближувала пролетната рамноденица, Авија ги набљудувал младите зелени стракчиња на јачменот, култура што ја спомнува како следна во својот календар. Соодветниот месец на хебрејски јазик е авив, што значи „зелени стракчиња“, и веројатно се однесува на фазата кога класовите се зрели, но сѐ уште се кревки. Јехова заповедал: „Држи го месецот авив и слави ја Пасхата во чест на Јехова“ (5. Мојсеева 16:1). Месецот авив (кој подоцна е наречен нисан) се совпаѓа со делови од денешните март и април. Можеби почетокот на овој месец се одредувал според времето кога зреел јачменот. Дури и денес, Евреите што се караити ја утврдуваат својата нова година според тоа кога зрее јачменот. Како и да е, првините од јачменот морале да се занишаат пред Јехова на 16 авив (3. Мојсеева 23:10, 11).

Јачменот играл важна улога во секојдневниот живот на повеќето Израелци. Бидејќи бил поевтин од пченицата, луѓето многу почесто го користеле за правење леб, особено сиромашните (Езекиел 4:12).

Еден месец жетва и мерење

Кога ќе помислиш на времето на Авија, сигурно можеш да си замислиш како едно рано утро тој забележува дека се растеруваат тешките облаци — настапувал период без дождови. Сега растенијата во добрата земја зависеле од росата (1. Мојсеева 27:28; Захарија 8:12). Земјоделците во Израел знаеле дека за многу култури што се жнееле во најсончевите месеци од годината било потребно сѐ до Педесетница да дува вистинскиот ветар во вистинско време. Студениот, влажен ветар што доаѓал од север можеби бил поволен за житарките што растеле, но не им одговарал на овошките откако ќе расцветале. А жешкиот, сув ветар што дувал од југ придонесувал цветовите да се отворат и да дојде до опрашување (Изреки 25:23; Песна над песните 4:16).

Јехова, Господарот на временските услови, воспоставил еден добро усогласен еколошки систем. Во времето на Авија, Израел навистина бил „земја на пченицата, на јачменот, на виновата лоза, на смоквите и на калинките... земја на маслинките, кои даваат масло, и на медот“ (5. Мојсеева 8:8). Дедо му на Авија веројатно му раскажувал за прекрасното време на изобилство во кое живееле додека владеел цар Соломон — што било јасен доказ дека Јехова го благословувал својот народ (1. Царевите 4:20).

Откако се спомнува жетвата, во календарот се појавува еден збор што некои мислат дека значи „мерење“. Тој можеби се однесува на мерењето на родот што се добил со жетвата за да се подели меѓу сопствениците на нивата и работниците, па дури и за да се плати данок. Меѓутоа, други изучувачи сметаат дека овој хебрејски збор значи „гозба“ и дека се однесува на Празникот на седмиците, кој се паѓал во месецот сиван (мај/јуни) (2. Мојсеева 34:22).

Два месеца кастрење листови

Потоа, Авија напишал дека следеле два месеца лозарство. Можеби и тој помагал во кастрењето на бујните листови од лозите за да може сонцето да ги грее гроздовите? (Исаија 18:5). Потоа настапувал гроздоберот, навистина возбудлив настан за едно дете во тоа време. Колку биле вкусни првите узреани гроздови! Авија веројатно чул за 12-те извидници што Мојсеј ги испратил во Ветената земја. Тие отишле да видат колку е добра земјата кога било време да се соберат првите зрели плодови од грозјето. Тогаш, еден грозд бил толку голем што морало да го носат двајца мажи! (4. Мојсеева 13:20, 23).

Еден месец летно овошје

Последното нешто што го запишал Авија во календарот се однесувало на летното овошје. Во древниот Блиски исток, летото било период од земјоделската година во кој имало овошје во изобилство. По времето на Авија, Јехова го употребил изразот „кошница со летно овошје“ за да покаже сликовито дека ‚му дошол крајот на неговиот народ Израел‘, користејќи игра на хебрејските зборови „летно овошје“ и „крајот“ (Амос 8:2). Ова требало да ги потсети неверните Израелци дека им дошол крајот и дека Јехова ќе им пресуди. Без сомнение, во летното овошје што го спомнал Авија спаѓале и смоквите. Летните смокви можеле да се пресуваат во облик на погачи за да се јадат или за да се користат како облога за чиреви (2. Царевите 20:7).

Календарот од Гезер и ти

Малиот Авија веројатно го гледал од прва рака земјоделскиот живот во неговата земја. За Израелците во тоа време, обработувањето на почвата било вообичаена дејност. Дури и ако не си запознаен од прва рака со земјоделските активности, она што се спомнува во оваа полочка од Гезер може да ти помогне посликовито да си го замислиш она што го читаш во Библијата, а потоа полесно да го разбереш и да се соживееш.

[Фуснота]

^ пас. 3 Не се согласуваат сите во врска со совпаѓањето на списокот од Календарот од Гезер и месеците што се наброени во Библијата. Освен тоа, некои земјоделски дејности можеби се вршеле во друго време на различни места од Ветената земја.

[Рамка/слика на страница 11]

ВЕРОЈАТНО ВАКА ГЛАСЕЛ ТЕКСТОТ НА КАЛЕНДАРОТ ОД ГЕЗЕР:

„Месеци на гроздобер и берба на маслинки;

месеци на сеење;

месеци на пролетна паша;

месец на сечење на ленот;

месец на жетва на јачменот;

месец на жетва на пченицата и мерење;

месеци на кроење; месец на летно овошје.“

[потпис:] Авија *

[Фуснота]

^ пас. 40 Врз основа на Textbook of Syrian Semitic Inscriptions, Volume 1, by John C. L. Gibson, 1971.

[Извор на слика]

Archaeological Museum of Istanbul

[Табела/слики на страница 9]

(Види во публикацијата)

НИСАН (АВИВ)

МАРТ—АПРИЛ

ИЈАР (ЗИВ)

АПРИЛ—МАЈ

СИВАН

МАЈ—ЈУНИ

ТАМУЗ

ЈУНИ—ЈУЛИ

АВ

ЈУЛИ—АВГУСТ

ЕЛУЛ

АВГУСТ—СЕПТЕМВРИ

ТИШРИ (ЕТАНИМ)

СЕПТЕМВРИ—ОКТОМВРИ

ХЕШВАН (ВУЛ)

ОКТОМВРИ—НОЕМВРИ

КИСЛЕВ

НОЕМВРИ—ДЕКЕМВРИ

ТЕВЕТ

ДЕКЕМВРИ—ЈАНУАРИ

ШЕВАТ

ЈАНУАРИ—ФЕВРУАРИ

АДАР

ФЕВРУАРИ—МАРТ

ВЕАДАР

МАРТ

[Извор на слика]

Земјоделец: Garo Nalbandian

[Слика на страница 8]

Ископувањата кај Гезер

[Извор на слика]

© 2003 BiblePlaces.com

[Слики на страница 10]

Бадем

[Слика на страница 10]

Лен

[Извор на слика]

Dr. David Darom

[Слика на страница 10]

Јачмен

[Извор на слика]

U.S. Department of Agriculture