Препуштени на свет во кој сѐ е релативно
Препуштени на свет во кој сѐ е релативно
ПОЗНАТАТА легенда за Диоген, филозоф кој живеел во Атина во 4 век пр.н.е., вели дека тој одел со фенер среде бел ден решен да пронајде чесен човек — но залудно.
Не знаеме дали таа легенда е вистинита или не. Но, како и да е, да живееше денес, на Диоген сигурно ќе му беше уште потешко да најде чесни луѓе. По сѐ изгледа, мнозина сметаат дека не е пожелно луѓето да живеат според утврдени морални мерила. Сѐ почесто, медиумите ја потресуваат јавноста со скандали поврзани со кршење на моралните вредности, и тоа речиси на секое поле — од приватниот живот, преку политиката, па сѐ до естрадата, спортот, бизнисот итн. Многу од мерилата што луѓето ги ценеле во минатото повеќе не се на цена. Веќе утврдените мерила повторно се ставаат под лупа, и честопати се отфрлаат. Други мерила се почитуваат со збор, но не се применуваат во пракса.
„Помина времето кога имаше општоприфатени морални мерила“, изјавува социологот на религија Алан Волф. Тој исто така вели: „Денес, повеќе отколку кога и да е порано, луѓето чувствуваат дека не можат да се раководат според утврдените традиционални и општествени норми и во нив да бараат водство во поглед на моралот“. Во врска со изминатите 100 години, во списанието Los Angeles Times имаше коментар за забелешката на филозофот Џонатан Гловер дека падот на религиозните и на општоприфатените морални закони е главната причина што светот запаѓа во сѐ поголемо насилство.
И покрај таквата збрка околу општоприфатените вредности, некои луѓе сѐ уште трагаат по морални норми. Пред неколку години, поранешниот генерален директор на УНЕСКО, Федерико Мајор, изјавил дека „денес, како никогаш порано, светот првенствено е загрижен за она што се случува со етиката“. Но фактот дека светот не може да усвои добри морални норми не значи дека нема здрави мерила што можеме, и треба да ги прифатиме.
Според тоа, можат ли сите луѓе да се договорат кои морални мерила треба да ги прифатат? Очигледно не. Значи, ако нема некои општоприфатени мерила за тоа што е исправно, а што погрешно, како би можел некој да ги процени мерилата? Затоа денес е популарен ставот дека моралните мерила се прашање на личен избор. Сепак, јасно е дека, општо земено, овој став не ги подобрил моралните вредности во светот.
Британскиот историчар Пол Џонсон тврди дека оваа филозофија според која ‚сѐ е релативно‘ придонесе да се „поткопа... силното чувство за лична одговорност и за должноста да се придржуваме кон утврдени и објективно исправни морални норми“ кои преовладувале пред почетокот на 20-от век.
Тогаш, можно ли е да се најдат „објективно исправни морални норми“ и да се живее според „општоприфатени морални закони“? Постои ли некој авторитет што може да ни одреди вечни, непроменливи мерила кои ќе ни обезбедат поголема стабилност во животот и ќе ни дадат надеж за подобра иднина? Одговор на овие прашања ќе добиеме во следната статија.