Савле со старите пријатели и со некогашните непријатели
Савле со старите пријатели и со некогашните непријатели
САВЛЕ, кој подоцна станал познат како апостол Павле, веројатно бил загрижен кога за прв пат се вратил во Ерусалим откако се преобратил во христијанството. * Три години пред тоа, тој го напуштил градот, и сѐ уште им се заканувал на Исусовите ученици. Имал налог да ги уапси сите христијани што ќе ги сретне во Дамаск (Дела 9:1, 2; Галатите 1:18).
Кога станал христијанин, Савле храбро зборувал за својата вера во воскреснатиот Месија. Поради тоа, Евреите во Дамаск сакале да го убијат (Дела 9:19-25). Затоа, не можел многу да очекува неговите стари пријатели, кои биле Евреи, срдечно да го пречекаат во Ерусалим. Но, на Савле му било поважно да ги најде Христовите следбеници во Ерусалим. А и тоа не било лесно.
‚Кога стигнал во Ерусалим, се обидел да им се придружи на учениците, но сите се плашеле од него, зашто не верувале дека е ученик‘ (Дела 9:26). Тоа е разбирливо. Последниот глас што го слушнале за него бил дека тој е безмилосен прогонител. Неговото тврдење дека станал христијанин можело да биде трик за да се вовлече во собранието. Затоа, христијаните во Ерусалим сакале да се држат понастрана од него.
Меѓутоа, еден од нив му помогнал на Савле. Во Библијата пишува дека Варнава го одвел поранешниот прогонител „кај апостолите“, веројатно кај Петар (Кифа) и Јаков, братот на Господарот. При тоа ги информирал дека Савле се преобратил и дека проповедал во Дамаск (Дела 9:27; Галатите 1:18, 19). Не е познато зошто Варнава имал доверба во Савле. Можеби некој ги запознал, па Варнава потоа внимателно го набљудувал Савле, и затоа можел да гарантира за неговата искреност. Можеби Варнава познавал некои христијани од Дамаск од кои дознал дека Савле од корен се променил. Како и да е, Варнава им помогнал на сохристијаните да не се сомневаат толку многу во Савле. Затоа, Савле останал 15 дена кај апостол Петар.
Петнаесет дена кај Петар
Како што им нагласил на Галатите, Савле добил налог директно од Исус, па затоа не било потребно некој човек да му даде овластување (Галатите 1:11, 12). Но Савле, без сомнение, сфатил дека е важно добро да се запознае со службата на Исус. Престојот кај Петар му дал на Савле доволно можности за тоа (Лука 24:12; 1. Коринќаните 15:3-8). Савле имал многу прашања за Петар и Јаков, а тие имале многу прашања за Савле во врска со визијата и во врска со налогот што го добил.
Како се спасил од старите пријатели?
Стефан е наречен првиот христијански маченик. Оние што порано се препирале со Стефан биле од „синагогата наречена Синагога на ослободените“, а се препирале и „некои од Киринијците и од Александријците и од оние од Киликија и од Азија“. Сега Савле ‚расправал со Евреите кои зборувале грчки‘, односно со елинистите, при што храбро им сведочел. Како реагирале тие? Сакале да го убијат! (Дела 6:9; 9:28, 29).
Нормално е тоа што Савле сакал на своите стари пријатели да им објасни зошто направил толку голема промена во животот, како и да ги поучи за Месијата. Но, овие еврејски елинисти го замразиле Савле затоа што за нив тој бил предавник.
Дали Савле сфатил во колку голема опасност се нашол? Во Библијата читаме дека, додека се молел во храмот, тој паднал во транс и го видел Исус, кој му рекол: „Поитај и бргу излези од Ерусалим, зашто нема да го прифатат твоето сведоштво за мене“. Савле му одговорил: „Господару, тие самите знаат дека ги фрлав в затвор и ги тепав по синагогите оние што веруваа во тебе. И додека се пролеваше крвта на твојот сведок Стефан, стоев таму и го одобрував тоа“ (Дела 22:17-20).
Некои сметаат дека одговорот на Савле покажува дека тој бил свесен за опасноста. Други, пак, мислат дека тој, всушност, сакал да го каже следново: ‚Јас бев прогонител како нив, и тие го знаат тоа. Сигурно ќе го сфатат сериозно моето преобраќање. Можеби ќе успеам да им помогнам да ја разберат вистината‘. Сепак, Исус знаел дека тие Евреи немало да го послушаат сведоштвото на еден „отпадник“. Затоа му рекол на Савле: „Оди, зашто те праќам кај народи кои се далеку!“ (Дела 22:21, 22).
Кога сохристијаните станале свесни за опасноста, брзо го однеле Савле до пристаништето во Цезареја и го испратиле во Тарс, неговиот роден град, оддалечен 500 километри (Дела 9:30). Тоа се случило неколку години пред Савле да се врати во Ерусалим.
Таквото брзо заминување на Савле можеби го заштитило христијанското собрание. Присуството на тој поранешен прогонител можело да ги доведе во опасност. Откако Савле заминал, ‚за собранието низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија настапило време на мир во кое се изградувало. И одело во стравот од Јехова и во утехата на светиот дух, и постојано растело‘ (Дела 9:31).
Поука за претпазливост
Исто како во првиот век, и денес може да се појават ситуации кои ни налагаат да бидеме претпазливи. Немаме причина да бидеме претерано сомничави кон непознатите. Но, понекогаш, безобѕирни лица се обидуваат да го искористат Јеховиниот народ за да добијат нешто за себе, а понекогаш и за да му наштетат на собранието. Затоа, треба да сме проникливи за да не станеме жртва на триковите на некои измамници (Изреки 3:27; 2. Тимотеј 3:13).
Начинот на кој Савле реагирал при проповедањето во Ерусалим е уште еден пример за тоа како христијаните можат да бидат претпазливи. Проповедањето во некои подрачја или на некои луѓе, вклучувајќи и некои стари пријатели, може да биде опасно за нас — и тоа во физички, духовен, па дури и во морален поглед. Затоа е добро да бидеме претпазливи, што значи да внимаваме кога и каде проповедаме (Изреки 22:3; Матеј 10:16).
Можеме да бидеме уверени дека добрата вест за Божјето Царство ќе биде проповедана пред да дојде крајот на овој злобен свет. Во врска со тоа, Савле ни дал одличен пример, бидејќи ‚смело говорел во името на Господарот‘ дури и со старите пријатели и со поранешните непријатели (Дела 9:28).
[Фуснота]
^ пас. 2 Денес Савле е повеќе познат како апостол Павле. Но, во повеќето библиски стихови што се наведени во оваа статија, за него се користи неговото еврејско име — Савле (Дела 13:9).
[Слика на страница 16]
Откако дошол во Ерусалим, Савле храбро им сведочел на Евреите кои зборувале грчки