Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библиското образование ја гради верата

Библиското образование ја гради верата

Библиското образование ја гради верата

„НИ БЕШЕ непроценлива чест што изминативе пет месеци можевме да се посветиме на мислите на нашиот Творец и да учиме да гледаме на работите онака како што гледа тој!“, рече еден претставник на 122. клас од мисионерската школа Гилеад на денот на промоцијата. Долго ќе се сеќаваат на 10 март 2007 год. 56-те членови на класот, кои требаше наскоро да започнат со својата мисионерска служба во 26-те земји во кои беа доделени.

Откако им изрази срдечно добредојде на 6.205 слушатели, Теодор Џерес, член на Водечкото тело, рече: „Сигурни сме дека оваа програма по повод дипломирањето духовно ќе ве зајакне и дека ќе ви ја изгради верата“. Тој едно по друго најави четворица говорници, кои потоа на темел на Библијата ги охрабрија дипломците и им дадоа совети како да бидат успешни во својата мисионерска доделба.

Поттик да ја изградат верата на другите

Леон Вивер, член на Одборот на подружницата на Соединетите Држави, зборуваше на тема: „Продолжи да го правиш она што е добро“. Тој ги потсети дипломците дека секој од нив во просек веќе 13 години служи полновремено, со што помогнал да се шири библиското образование кое ја изградува верата. Тој рече: „Тоа е едно прекрасно дело, затоа што им го спасува животот на луѓето, а што е уште поважно, затоа што го велича нашиот небесен Татко, Јехова“. Брат Вивер потоа ги поттикна дипломците да продолжат да ‚сеат во духот‘ и ‚да не се откажат од правење добро‘ (Галатите 6:8, 9).

Дејвид Сплејн, член на Водечкото тело, ги потсети дипломците на некои практични работи во темата „Труди се да имаш добар почеток“. За успешно да ја започнат службата на нивните доделби, Брат Сплејн ги поттикна новите мисионери на следниве работи: „Задржете позитивен став. Не донесувајте пребрзи заклучоци. Имајте пријателска насмевка на лицето. Не бидете критизерски настроени. Бидете понизни и почитувајте ги браќата таму“. Потоа додаде: „Уште кога ќе слезете од авионот, храбро зачекорете напред решени да дадете сѐ од себе, и Јехова нека ги благослови вашите прекрасни нозе додека на луѓето им носат ‚добра вест за нешто подобро‘“ (Исаија 52:7).

„Наследство кое е вон секаков сомнеж“ беше темата на која зборуваше инструкторот на Гилеад, Лоренс Боуен. Брат Боуен ги потсети дипломците дека мисионерската школа Гилеад е основана во текот на Втората светска војна, со потполна доверба дека ќе се исполни сѐ што Јехова прорекол во својата Реч (Евреите 11:1; Откровение 17:8). Оттогаш наваму, Гилеад им дава на студентите можност да си ја зајакнат верата. Јаката вера, пак, ги поттикнува да продолжат напред и ревносно да ја објавуваат вистината.

Марк Нојмар, уште еден инструктор на Гилеад, зборуваше на интересната тема: „Ме потсетуваш на некого“. Го посочи примерот на пророкот Елисеј, кој покажал вера и храброст на својата доделба. На темел на зборовите од 1. Царевите 19:21, Брат Нојмар рече: „Елисеј бил спремен да прави промени во животот, да ги стави личните интереси во втор план и да се застапува за Јеховината намера“. Ги пофали дипломците што го покажуваат истиот дух и ги поттикна да продолжат да го покажуваат и на нивните нови доделби.

Верата води до слобода на говорот

Иако во текот на школскиот семестар си ја изградуваа верата, идните мисионери ги користеа викендите за да им ја проповедаат добрата вест на другите луѓе. Притоа доживеаја убави искуства, кои ги раскажаа и ги одглумија во програмската точка што ја водеше еден друг инструктор на Гилеад, Валас Ливеранс. Темата на неговата точка, со наслов: „Ние веруваме и затоа зборуваме“ се однесуваше на зборовите на апостол Павле што се наоѓаат во 2. Коринќаните 4:13.

По оваа точка од програмата, Даниел Барнс и Чарлс Вуди, членови на бетелската фамилија, интервјуираа некои што порано служеле или сѐ уште служат како мисионери. Тие нагласија дека Јехова се грижи и ги благословува оние што верно му служат (Изреки 10:22; 1. Петрово 5:7). Еден од овие мисионери рече: „Мојата сопруга и јас бевме потполно сигурни дека Јехова покажа колку се грижи за нас преку она што го научивме на Гилеад. Тоа навистина ни ја изгради верата. Верата е важна бидејќи сите Божји слуги, вклучувајќи ги и мисионерите, ќе имаат испити, проблеми и грижи“.

Продолжи со она што го научи за да градиш вера и кај другите

Самјуел Херд, член на Водечкото тело, на убав начин го означи крајот на програмата кога им се обрати на слушателите со темата: „Изградувај ги своите браќа“. Која беше целта на она што го научија студентите? „Целта беше да ве поучи како да го користите јазикот за да го фалите Јехова, да ги поучувате другите за неговите вистини на новите места каде што ќе бидете испратени и меѓусебно да се изградувате во верата“, рече брат Херд. Но, тој ги потсети дипломците дека јазикот може да поттикнува и на работи што не служат за изградување (Изреки 18:21; Јаков 3:8-10). Тој ги поттикна дипломците да се угледаат на примерот на Исус и да го користат јазикот онака како што го користел тој. Во една прилика, откако го слушале Исус, неговите ученици одговориле: „Зарем не ни гореше срцето... додека ни ги толкуваше Писмата?“ (Лука 24:32). Брат Херд додаде: „Ако вашите зборови се позитивни, ќе ги допрат до срце вашите браќа и сестри таму каде што ќе бидете“.

Студентите потоа ги добија своите дипломи. Тогаш класот прочита писмо на благодарност. Во него пишуваше: „Чувствуваме голема одговорност да го користиме она што го научивме за верно да ја извршиме нашата задача како мисионери. Спремни сме да се распрснеме до краевите од Земјата, и се молиме нашиот труд да доведе до силен извик на фалба за нашиот Голем Учител, Јехова Бог“. Слушателите одговорија на тоа со срдечен аплауз. Програмата по повод дипломирањето ја зајакна и верата на сите присутни.

[Истакната мисла на страница 17]

„Ако вашите зборови се позитивни, ќе ги допрат до срце вашите браќа и сестри таму каде што ќе бидете“

[Рамка на страница 15]

ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ

Број на застапени земји: 9

Број на земји во кои се испратени: 26

Број на студенти: 56

Просечна старост: 33,4

Просек на години во вистината: 16,8

Просек на години во полновремена служба: 13

[Слика на страница 16]

122. клас што дипломираше на Школата Гилеад

Во списокот долу, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.

1) Хаувит Р.; Смит П.; Мартинес А.; Поцобон С.; Китамура Ј.; Лод С. 2) Фидлер И.; Бисли К.; Матковиќ Ш.; Бел Д.; Липинкот В. 3) Сајтс В.; Андерсен А.; Тоувс Л.; Фусано Џ.; Родригес К.; Ју Џ. 4) Собомихин М.; Томас Л.; Гасон С.; Доба В.; Берто А.; Вин С.; Доброволски М. 5) Ју Џ.; Доба Ж.; Миксер Х.; Њутон М.; Родригес Ф.; Миксер Н. 6) Лод М.; Липинкот К.; Мартинес Р.; Хоб А.; Скамп Р.; Поцобон Л.; Тоувс Ш. 7) Хаувит С.; Китамура У.; Њутон Д.; Хоб Џ.; Сајтс Џ.; Томас Д. 8) Собомихин Л.; Матковиќ Џ.; Фусано Б.; Вин Џ.; Скамп Џ.; Андерсен Д.; Доброволски Ј. 9) Фидлер П.; Бел Ј.; Бисли Б.; Смит Б.; Берто Ф.; Гасон М.