Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Избрани стихови од книгата Езекиел — прв дел

Избрани стихови од книгата Езекиел — прв дел

Јеховината реч е жива

Избрани стихови од книгата Езекиел — прв дел

ВО 613 год. пр.н.е., пророкот Еремија се наоѓа во Јуда и бестрашно го објавува претстојното уништување на Ерусалим и опустошувањето на земјата Јуда. Вавилонскиот цар Навуходоносор веќе одвел во ропство многу Евреи. Меѓу нив е и младиот Даниел со своите тројца другари, кои служат на халдејскиот двор. Повеќето еврејски изгнаници се наоѓаат покрај реката Хевар, во „халдејската земја“ (Езекиел 1:1-3). Јехова не ги остава без гласник. Го поставува за пророк Езекиел, кој тогаш имал 30 години.

Книгата Езекиел е завршена во 591 год. пр.н.е. и опфаќа период од 22 години. Езекиел внимателно и детално запишува сѐ. Го запишува датумот на пророштвата, наведувајќи ги дури и денот и месецот, а не само годината. Првиот дел од пораката на Езекиел се однесува главно на падот и на уништувањето на Ерусалим. Вториот дел содржи објави против околните народи, а последниот дел се однесува на обновата на обожавањето на Јехова. Во оваа статија се разгледани избрани стихови од Езекиел 1:1—24:27, каде што се опфатени виденија, пророштва и одиграни сцени во врска со она што ќе се случи со Ерусалим.

„ТЕ ПОСТАВИВ ЗА СТРАЖАР“

(Езекиел 1:1—19:14)

Откако му е дадено едно воодушевувачко видение на Јеховиниот престол, Езекиел ја добива својата задача. „Те поставив за стражар на домот на Израел“, му вели Јехова, „слушај ги зборовите од мојата уста и опоменувај ги во мое име“ (Езекиел 3:17). За да ја прорече опсадата на Ерусалим и последиците од неа, Езекиел добива заповед да одглуми две ситуации. Осврнувајќи се на земјата Јуда, преку Езекиел Јехова вели: „Еве, ќе пуштам врз вас меч и ќе ги уништам вашите обредни височинки“ (Езекиел 6:3). На жителите на таа земја, тој им вели: „Ќе ти дојде неволјата“ (Езекиел 7:7).

Во 612 год. пр.н.е., преку едно видение Езекија е пренесен во Ерусалим. Какви одвратни работи гледа дека се случуваат во Божјиот храм! Кога Јехова ќе ги испрати своите небесни сили што ќе ги погубат отпадниците (претставени со „шестмина мажи“) да го излеат Божјиот гнев врз нив, ќе бидат поштедени само оние што се обележани со ‚знак на челото‘ (Езекиел 9:2-6). Но, најнапред врз градот мора да се фрлат „разгорени јаглења“ — Божјата огнена порака дека ќе биде уништен (Езекиел 10:2). Иако на злобните Јехова ‚ќе им ги фрли нивните дела врз нивна глава‘, тој ветува дека повторно ќе ги собере расеаните Израелци (Езекиел 11:17-21).

Потоа, Божјиот дух го враќа Езекиел назад во Халдеја. Се одигрува една сцена со која е претставено како цар Седекија и народот бегаат од Ерусалим. Лажните пророци и пророчици се осудени. Идолопоклониците се отфрлени. Јуда е споредена со бескорисна лоза. Преку една гатанка за орлите и лозата се претставени горките последици од тоа што Ерусалим побарал помош од Египет. Гатанката завршува со ветување дека ‚Јехова ќе посади фиданка на висока планина‘ (Езекиел 17:22). Меѓутоа, во Јуда ‚нема да има владетелски жезол‘ (Езекиел 19:14).

Одговорени библиски прашања:

1:4-28 — Што претставува небесната кочија? Таа кочија го претставува небесниот дел од Јеховината организација, која ја сочинуваат верни духовни суштества. Неа ја движи Јеховиниот свет дух. Возачот на кочијата, кој го претставува Јехова, е неописливо величествен. Неговото спокојство и мир се претставени со едно прекрасно виножито.

1:5-11 — Кои се четирите суштества? Во второто видение за кочијата што го гледа Езекиел, тој открива дека четирите суштества се херувими (Езекиел 10:1-11; 11:22). Во тој опис, за лицето на бикот вели дека е „лице на херувим“ (Езекиел 10:14). Ова е на место, затоа што бикот е симбол на моќ и сила, а херувимите се моќни духовни суштества.

2:6 — Зошто Езекиел честопати се нарекува ‚син човечки‘? Јехова му се обраќа на Езекиел со тие зборови за да го потсети овој пророк дека е суштество од крв и месо, и со тоа ја истакнува големата разлика што постои помеѓу гласникот, кој е човек, и Бог, од кого доаѓа пораката. Со истите зборови во евангелијата е наречен и Исус Христос околу 80 пати, што јасно покажува дека Божјиот син дошол како човек, а не како отелотворен бог.

2:9—3:3 — Зошто свитокот со тажачки и редења му е сладок на Езекиел? Свитокот му бил сладок на Езекиел поради неговиот став кон задачата што ја добил. Езекиел бил благодарен што му служи на Јехова како пророк.

4:1-17 — Дали Езекиел навистина ја одглумил сцената со која сликовито била прикажана претстојната опсада на Ерусалим? Тоа што Езекиел замолил да се смени материјалот со кој ќе запали оган за готвење и тоа што Јехова му одобрил да направи таква замена покажува дека пророкот навистина ја одиграл таа сцена. На левата страна лежел за 390-те години колку што грешело десетплеменското царство — откако било основано во 997 год. пр.н.е. па сѐ до уништувањето на Ерусалим во 607 год. пр.н.е. На десната страна лежел за 40-те години колку што грешела Јуда, кои го опфаќале периодот од моментот кога Еремија бил поставен за пророк, во 647 год. пр.н.е., па сѐ до 607 год. пр.н.е. Во текот на целиот тој период од 430 дена, Езекиел живеел со сосема малку храна и вода, а со тоа пророчки било прикажано дека ќе владее глад додека трае опсадата на Ерусалим.

5:1-3 — Што е значајно во врска со тоа што Езекиел зел малку влакна од делот што требало да го развее на ветрот и ги завиткал во својот скут? Тоа требало да покаже дека еден остаток ќе се врати во Јуда и ќе почне повторно да го обожава вистинскиот Бог откако земјата ќе лежи опустошена 70 години (Езекиел 11:17-20).

17:1-24 — Кои се двата големи орла, како се откршени младите гранки од еден кедар, и која е ‚фиданката‘ што ќе ја посади Јехова? Двата орла ги претставуваат владетелите на Вавилон и на Египет. Првиот орел доаѓа до врвот на кедарот, односно до владетелот од царската лоза на Давид. Овој орел ги откршува младите гранки со тоа што на местото на јудејскиот цар Јоаким го поставува Седекија. И покрај тоа што се има заколнато на верност, Седекија бара помош од другиот орел, владетелот на Египет, но напразно. Тој ќе биде заробен и ќе умре во Вавилон. Исто така, Јехова откршува една „фиданка“, царот на Месијанското царство. Тој е посаден врз една „висока и возвишена планина“, врз небесната планина Сион, каде што ќе стане „величествен кедар“ — извор на вистински благослови за Земјата (Откровение 14:1).

Поуки за нас:

2:6-8; 3:8, 9, 18-21. Не треба да се уплашиме од злобните ниту да престанеме да ја објавуваме Божјата порака, која вклучува и предупредување за нив. Кога наидуваме на рамнодушност или на противење, треба да бидеме цврсти како дијамант. Меѓутоа, треба да внимаваме да не станеме груби, бесчувствителни или безмилосни. Исус бил сочувствителен кон луѓето на кои им проповедал, а и ние треба да им проповедаме на другите мотивирани од сочувство (Матеј 9:36).

3:15. Откако ја добил својата задача, Езекиел престојувал во Тел-Авив, „седум дена, сиот зашеметен“, каде што „ја јадел“ пораката што требало да ја објавува. Зар не треба и ние да одвоиме време внимателно да проучуваме и да размислуваме за да ги разбереме длабоките духовни вистини?

4:1—5:4. Езекиел требало да биде понизен и храбар за да ги одглуми двете пророчки сцени. И ние треба да бидеме понизни и храбри за да ја извршиме секоја задача што ни ја дава Бог.

7:4, 9; 8:18; 9:5, 10. Не треба да ни биде жал за оние што Бог ќе ги казни ниту да сочувствуваме со нив.

7:19. Кога Јехова ќе го изврши својот суд врз овој свет, парите ќе бидат безвредни.

8:5-18. Отпадништвото е смртоносно во духовен поглед. „Отпадникот го упропастува ближниот со својата уста“ (Изреки 11:9). Мудро е дури ни на крајот од умот да не ни падне да слушаме што зборуваат отпадниците.

9:3-6. За да ја преживееме ‚големата неволја‘, многу е битно да го добиеме знакот — да сме крстени слуги на Бог и да ја имаме христијанската личност (Матеј 24:21). Помазаните христијани, претставени со човекот со писарски прибор, предводат во делото со кое им се става знак на луѓето, односно во делото на проповедање на Царството и правење ученици. Ако сакаме да го задржиме знакот што сме го добиле, мора ревносно да им помагаме во тоа дело.

12:26-28. Дури и на оние што се подбивале на пораката што ја пренесувал, Езекиел требало да им рече: „Нема повеќе да се одложува ниту еден [Јеховин] збор“. Мора да правиме сѐ што можеме за да им помогнеме на другите да стекнат доверба во Јехова пред тој да му стави крај на овој свет.

14:12-23. Секој од нас е лично одговорен да прави сѐ што е потребно за да се спаси. Никој друг не може да го направи тоа наместо нас (Римјаните 14:12).

18:1-29. Секој носи лична одговорност за последиците од своите постапки.

„ЌЕ ЈА УНИШТАМ, ЌЕ ЈА УНИШТАМ, ЌЕ ЈА УНИШТАМ“

(Езекиел 20:1—24:27)

Во седмата година од изгнанството, т.е. во 611 год. пр.н.е., старешините на Израел доаѓаат кај Езекиел „да бараат совет од Јехова“. Тие слушаат една долга историја за побуната на Израел и една опомена дека Јехова ќе ‚го извлече својот меч од ножницата‘ против нив (Езекиел 20:1; 21:3). Обраќајќи му се на поглаварот на Израел (Седекија), Јехова вели: „Извади го турбанот и симни ја круната! Ќе дојде до промена. Возвиши го она што е ниско, понижи го возвишениот! Ќе ја уништам, ќе ја уништам, ќе ја уништам круната, и таа нема да биде ничија сѐ додека не дојде оној што според законот има право на неа [Исус Христос], и нему ќе му ја дадам“ (Езекиел 21:26, 27).

Ерусалим е обвинет. Вината на Охола (Израел) и на Охолива (Јуда) е разоткриена. Охола веќе била дадена „во рацете на нејзините љубовници, во рацете на асирските синови“ (Езекиел 23:9). Во многу скоро време и Охолива ќе биде опустошена. Во 609 год. пр.н.е. започнува 18-месечната опсада на Ерусалим. Кога градот конечно ќе биде освоен, Евреите ќе бидат премногу зашеметени за да ја искажат својата жалост. Езекиел не смее да им ја кажува на изгнаниците Божјата порака сѐ додека „бегалецот“ не му јави дека градот е уништен (Езекиел 24:26, 27).

Одговорени библиски прашања:

21:3 — Што е ‚мечот‘ кој Јехова ќе го извлече од ножницата? ‚Мечот‘ што Јехова го користи за да ја изврши својата осуда над Ерусалим и Јуда е вавилонскиот цар Навуходоносор и неговата војска. Исто така, би можел да го вклучува и небесниот дел од Божјата организација, кој се состои од моќни духовни суштества.

24:6-14 — Што претставува ’рѓата на котелот? Додека е под опсада, Ерусалим е спореден со котел. Неговата ’рѓа ја претставува моралната расипаност на градот — нечистотијата, распуштеноста и крвопролевањето за кои е виновен. Толку е голема неговата валканост, што ’рѓата од него не може да се отстрани дури ни кога котелот ќе се стави празен врз усвитени јаглења за да се вжешти.

Поуки за нас:

20:1, 49. Одговорот што го дале старешините на Израел покажува дека се сомневале во она што го рекол Езекиел. Никогаш да не почнеме да се сомневаме во предупредувањата што ни ги дава Бог.

21:18-22. Иако Навуходоносор се занимавал со гатање, Јехова бил тој што предизвикал овој пагански владетел да го нападне Ерусалим. Ова покажува дека дури ни демоните не можат да ги спречат Јеховините сили што ќе ги извршат неговите пресуди да го направат она што го наумил.

22:6-16. Јехова мрази клеветење, распуштеност, злоупотреба на моќта и мито. Треба да бидеме цврсто решени да не ги правиме овие погрешни работи.

23:5-49. Склопувањето политички сојузи ги навело Израел и Јуда да почнат да ги обожаваат лажните богови на нивните сојузници. Да внимаваме да не создаваме световни пријателства што можат да ни ја уништат верата (Јаков 4:4).

Жива и делотворна порака

Колку убави поуки извлекуваме од првите 24 поглавја од библиската книга Езекиел! Начелата што се изнесени во нив покажуваат што ја предизвикува Божјата немилост, како можеме да ја стекнеме неговата милост, и зошто треба да ги опоменуваме злобните. Пророштвото во врска со уништувањето на Ерусалим јасно го прикажува Јехова како Бог што ‚објавува уште пред да се збидне‘ (Исаија 42:9).

Пророштвата како што се оние запишани во Езекиел 17:22-24 и 21:26, 27 укажувале на воспоставувањето на Месијанското Царство на небото. Многу скоро, таа влада ќе предизвика Божјата волја да се врши на Земјата (Матеј 6:9, 10). Со цврста вера и увереност, ги чекаме благословите што ќе ги донесе тоа Царство. Да, „речта Божја е жива и делотворна“ (Евреите 4:12).

[Слика на страница 12]

Што претставува небесната кочија?

[Слика на страница 14]

Со ревносно учество во проповедничкото дело го задржуваме нашиот „знак“