Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Надвладеј го злото со добро“

„Надвладеј го злото со добро“

„Надвладеј го злото со добро“

„Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро“ (РИМЈАНИТЕ 12:21).

1. Зошто можеме да бидеме сигурни дека можеме да го победиме злото?

 ДАЛИ е можно да не потклекнеме пред оние што жестоко му се противат на обожавањето на вистинскиот Бог? Можно ли е да ги победиме силите што се обидуваат да нѐ вратат назад во безбожниот свет? Одговорот на обете прашања е потврден! Зошто можеме да го кажеме тоа? Поради она што го вели апостол Павле во своето писмо до Римјаните. Тој пишува: „Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро!“ (Римјаните 12:21). Ако имаме доверба во Јехова и ако сме цврсто решени да не дозволиме светот да нѐ надвладее, неговото зло нема да нѐ победи. Освен тоа, изразот „надвладеј го злото со добро“ покажува дека можеме да го победиме злото ако ја продолжиме нашата духовна борба против него. Само оние што ќе ја намалат својата будност и ќе престанат да се борат, ќе бидат поразени од овој злобен свет и од неговиот злобен владетел, Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19).

2. Зошто ќе разгледаме некои настани од животот на Неемија?

2 Околу 500 години пред времето кога живеел Павле, еден Божји слуга што живеел во Ерусалим покажал дека се точни зборовите на Павле во врска со борбата против злото. Тој побожен човек, Неемија, не само што издржал и покрај тоа што му се противеле безбожните луѓе туку и го надвладеал злото со добро. Со какви тешкотии се соочил? Што му помогнало да успее? Како можеме да се угледаме на неговиот пример? За да одговориме на овие прашања, да разгледаме некои настани од животот на Неемија. a

3. Во каква средина живеел Неемија, и каков потфат направил?

3 Неемија служел на дворот на персискиот цар Артаксеркс. Иако живеел меѓу неверници, не ‚се обликувал‘ според светот каков што бил во негово време (Римјаните 12:2). Кога се појавила потреба во Јуда, го жртвувал својот удобен живот, тргнал на тежок пат за Ерусалим и почнал со огромната задача повторно да ги изгради ѕидовите на градот (Римјаните 12:1). Иако бил управител на Ерусалим, Неемија секојдневно работел заедно со своите сонародници, Израелците, „од рани зори до првите ѕвезди“. Затоа, само за два месеца била завршена целата работа! (Неемија 4:21; 6:15). Тоа бил зачудувачки потфат, бидејќи за време на изградбата Израелците се соочиле со различни облици на противење. Кои му биле противници на Неемија, и што сакале да постигнат?

4. Што сакале да постигнат противниците на Неемија?

4 Главни противници му биле Санавалат, Товиј и Гисем, влијателни луѓе што живееле во близината на Јуда. Бидејќи му биле непријатели на Божјиот народ, ‚им станало многу одвратно тоа што дошол Неемија да се погрижи за доброто на Израеловите синови‘ (Неемија 2:10, 19). Непријателите на Неемија биле решени да го спречат во градбата, па дури и правеле злобни сплетки. Дали Неемија ‚ќе дозволи да биде надвладеан од злото‘?

‚Разгневен и многу разлутен‘

5, 6. а) Како реагирале непријателите на Неемија кога виделе дека Израелците градат? б) Зошто Неемија не се уплашил од противниците?

5 Неемија храбро го поттикнал народот: „Ајде да го обновиме ерусалимскиот ѕид“. Тие одговориле: „Да градиме!“ Неемија вели: „И така ги зајакнаа своите раце за доброто дело“, но противниците ‚почнале да им се потсмеваат и да им зборуваат со презир: „Што правите? Зар се буните против царот?“‘ Неемија не се исплашил од нивните навреди и лажни обвиненија. Тој им рекол на оние што му се противеле: „Небесниот Бог е Тој што ќе ни даде успех, а ние, неговите слуги, ќе станеме и ќе градиме“ (Неемија 2:17-20). Неемија бил решен да продолжи со „доброто дело“.

6 Еден од противниците, Санавалат, ‚се разгневил и многу се разлутил‘ и почнал уште повеќе да навредува. „Што прават тие бедни Евреи?“, се потсмевал. „Ќе ги оживеат ли изгорените камења од купиштата прав?“ И Товиј почнал да се потсмева и рекол: „Лисица да се залета во камениот ѕид што го градат, ќе го урне“ (Неемија 4:1-3). Како реагирал Неемија на ова?

7. Како реагирал Неемија на обвинувањата на оние што му се противеле?

7 Неемија едноставно ги игнорирал потсмевањата. Ја послушал Божјата заповед и не се обидувал да се одмаздува (3. Мојсеева 19:18). Наместо тоа, ги оставил работите во Јеховини раце и се молел: „Чуј, Боже наш, како нѐ презираат! Нивното потсмевање сврти го на нивна глава“ (Неемија 4:4). Неемија имал доверба во Јеховиното уверување: „Мои се одмаздата и казната“ (5. Мојсеева 32:35). Освен тоа, Неемија и народот ‚продолжиле да го градат ѕидот‘. Тие не дозволиле нешто да им го одвлече вниманието. Всушност, ‚целиот ѕид бил довршен до половина, а народот и понатаму имал волја за работа‘ (Неемија 4:6). Непријателите на обожавањето на вистинскиот Бог не успеале да ја запрат работата на изградбата! Како можеме да се угледаме на Неемија?

8. а) Како можеме да се угледаме на Неемија кога противниците лажно нѐ обвинуваат? б) Раскажи некое искуство што си го доживеал или што си го чул, од кое се гледа дека е мудро да не се одмаздуваме.

8 Денес, луѓето што ни се противат на училиште, на работа, па дури и дома можеби ни се потсмеваат и нѐ обвинуваат. Меѓутоа, честопати е најдобро при таквите лажни обвиненија да се примени библиското начело: „Има... време за молчење“ (Проповедник 3:1, 7). Затоа, како Неемија, не се одмаздуваме со остри зборови (Римјаните 12:17). Му се молиме на Бог, со доверба во неговите зборови со кои нѐ уверува: „Јас ќе вратам“ (Римјаните 12:19; 1. Петрово 2:19, 20). На тој начин, не дозволуваме нашите противници да нѐ одвлечат од делото што треба да се изврши денес — да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство и да правиме ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20). Секогаш кога проповедаме и не дозволуваме да нѐ спречи противењето, покажуваме иста вера како Неемија.

‚Ќе ве испоубиеме‘

9. На кој начин се противеле непријателите на Неемија, и како реагирал Неемија?

9 Кога противниците на обожавањето на вистинскиот Бог во времето на Неемија чуле дека „напредува поправањето на ерусалимските ѕидови“, зеле мечеви „да се борат против Ерусалим“. Изгледало дека за Евреите нема надеж. На север биле Самарјаните, на исток Амонците, на југ Арабјаните и на запад жителите на Азот. Ерусалим бил опколен, и се чинело дека градителите се во стапица! Што ќе направат? „Ние му се молевме на својот Бог“, вели Неемија. Непријателите се заканиле: „Ќе ги испоубиеме и ќе ја запреме работата“. Неемија одговорил со тоа што им дал на градителите задача да го бранат градот „со мечеви, копја и лакови“. Точно, од човечка гледна точка, малата група Евреи немала никаква шанса во однос на бројните непријателски сили, но Неемија ги поттикнал: „Не плашете се... Мислете на Јехова, великиот Бог кој влева страв!“ (Неемија 4:7-9, 11, 13, 14).

10. а) Што довело до ненадеен пресврт на настаните меѓу непријателите на Неемија? б) Какви мерки презел Неемија?

10 Дошло до неочекуван пресврт на настаните. Непријателите го запреле нападот. Зошто? „Вистинскиот Бог ја спречи нивната намера“, кажува Неемија. Меѓутоа, Неемија сфатил дека непријателите и понатаму претставуваат опасност. Затоа, мудро ја променил тактиката на градба што ја користеле градителите. Оттогаш, „со едната рака работеа, а со другата држеа копје“. Неемија исто така поставил човек кој, во случај на непријателски напад, ќе ‚дува во рог‘ за да ги предупреди градителите. Пред сѐ, Неемија го уверувал народот: „Нашиот Бог ќе се бори за нас“ (Неемија 4:15-20). Охрабрени и подготвени да го дочекаат нападот, градителите продолжиле со работа. Што можеме да научиме од овој извештај?

11. Што им помага на вистинските христијани да го поднесат злото во земјите каде што е забрането да се проповеда веста за Царството, и како го надвладуваат злото со добро?

11 Понекогаш, вистинските христијани се соочуваат со жестоко противење. Всушност, во некои земји злобните противници на обожавањето на вистинскиот Бог претставуваат огромна непријателска сила. Од човечка гледна точка, нашите соверници во тие земји немаат никакви шанси. Сепак, тие Сведоци се уверени дека ‚Бог ќе се бори за нив‘. Всушност, оние што се прогонувани поради нивните верувања честопати искусиле како Јехова одговара на нивните молитви и ‚ја спречува намерата‘ на силните непријатели. Дури и во земји каде што е забрането да се проповеда добрата вест за Царството, христијаните наоѓаат начини да продолжат да проповедаат. Исто како што градителите во Ерусалим ја промениле тактиката на градба, така и Јеховините сведоци денес мудро ги менуваат методите на проповедање кога се нападнати. Се разбира, не користат дословно оружје (2. Коринќаните 10:4). Дури и заканата од физичко насилство не ги спречува да проповедаат (1. Петрово 4:16). Напротив, тие храбри браќа и сестри ‚го надвладуваат злото со добро‘.

„Дојди да се најдеме“

12, 13. а) Каква тактика примениле противниците на Неемија? б) Зошто Неемија го одбил предлогот да се најде со своите противници?

12 Откако непријателите на Неемија сфатиле дека нема да успеат со отворени напади, почнале да применуваат полукави облици на противење. Всушност, се обиделе со три итрини. Кои?

13 Прво, непријателите на Еремија се обиделе да го измамат. Му рекле: „Дојди да се најдеме во селата во долината кај Оно“. Оно се наоѓа помеѓу Ерусалим и Самарија. Затоа, непријателите му предложиле на Неемија да се најде со нив на полпат за да поразговараат за нивните несогласувања. Неемија можел да си помисли: ‚Ова ми звучи разумно. Подобро е да разговараме отколку да се бориме‘. Но, Неемија не се согласил со предлогот. Тој објаснил зошто: „Тие ми смислуваа зло“. Ја прочитал нивната итрина и не се измамил. Четири пати им рекол на оние што му се противеле: „Не можам да дојдам. Работата ќе запре ако ја оставам и дојдам кај вас“. Обидите на непријателите да го натераат Неемија да попушти пропаднале. Нему му било најважно да се гради (Неемија 6:1-4).

14. Што им одговорил Неемија на оние што лажно го обвинувале?

14 Второ, непријателите на Неемија рашириле лажни гласини, обвинувајќи го дека ‚готви бунт‘ против царот Артаксеркс. Уште еднаш на Неемија му рекле: „Дојди... да се посоветуваме“. И овој пат Неемија не се согласил, бидејќи ги сфатил намерите на непријателите. Тој објаснил: „Сите тие се обидоа да нѐ заплашат со зборовите: ‚Ќе им капнат рацете од работата, па нема да ја довршат‘“. Меѓутоа, овојпат Неемија ги отфрлил обвиненијата на своите непријатели, велејќи: „Не е така како што велиш ти, туку ти го измислуваш тоа во срцето“. Освен тоа, Неемија побарал помош од Јехова, молејќи го: „Зајакни ги моите раце“. Тој имал доверба дека, со Јеховина помош, ќе успее да ја осуети злобната завера и ќе продолжи со градбата (Неемија 6:5-9).

15. Што му препорачал на Неемија еден лажен пророк, и зошто Неемија не го прифатил предлогот?

15 Трето, непријателите на Неемија употребиле еден предавник, Израелецот Семаја, за да го натераат Неемија да го прекрши Божјиот закон. Семаја му рекол на Неемија: „Да се најдеме во домот на вистинскиот Бог, внатре во храмот, и да ја затвориме вратата на храмот, зашто ќе дојдат да те убијат“. Семаја рекол дека Неемија е во опасност да биде убиен, но дека ќе си го спаси животот ако се скрие во храмот. Меѓутоа, Неемија не бил свештеник. Би направил грев ако се скриел во Божјиот дом. Дали ќе го прекрши Божјиот закон за да се спаси? Неемија одговорил: „Како може некој како мене да влезе во храмот и да остане жив? Јас не влегувам!“ Зошто Неемија не паднал во замката што му била поставена? Затоа што знаел дека, иако Семаја му бил сонародник, „не го испратил Бог“. Всушност, еден вистински пророк не би го советувал да го прекрши Божјиот закон. И овој пат Неемија не дозволил да биде надвладеан од злобните противници. Кратко потоа можел да рече: „Најпосле ѕидот беше довршен на дваесет и петтиот ден од елул, за педесет и два дена“ (Неемија 6:10-15; 4. Мојсеева 1:51; 18:7).

16. а) Како треба да постапуваме со лажните пријатели, со оние што лажно нѐ обвинуваат и со лажните браќа? б) Како ќе покажеш дека не сакаш да ги прекршиш своите верувања дома, на училиште или на работа?

16 Како Неемија, можеби и ние ќе имаме противници во облик на лажни пријатели, лажни обвинители и лажни браќа. Некои можеби ќе нѐ викаат да се најдеме на полпат, така да се каже. Можеби ќе се обидат да нѐ убедат дека, ако му служиме на Јехова со нешто помала ревност, во исто време ќе можеме да постигнеме и извесни световни цели. Меѓутоа, бидејќи на прво место во животот ни е Божјето Царство, не сакаме да подлегнеме на таквите убедувања (Матеј 6:33; Лука 9:57-62). Противниците шират и лажни обвиненија против нас. Во некои земји нѐ обвинуваат дека сме опасни за државата, исто како што Неемија бил обвинет дека се бунтува против царот. Некои обвиненија се успешно побиени на судовите. Но, без разлика каков ќе биде исходот во одредена ситуација, со доверба молиме Јехова да ги води работите според својата волја (Филипјаните 1:7). Може да ни се противат и оние што наводно му служат на Јехова. Исто како што еден Евреин, кој му бил сонародник на Неемија, се обидел да го убеди да го прекрши Божјиот закон за да си го спаси животот, така и оние што некогаш биле Сведоци а сега се отпадници може да се обидат да влијаат врз нас за да подлегнеме на овој или на оној начин. Меѓутоа, одбиваме да ги слушаме отпадниците затоа што знаеме дека животот нема да си го спасиме со тоа што ќе ги прекршуваме Божјите закони, туку со тоа што ќе ги слушаме Божјите закони! (1. Јованово 4:1). Да, со Јеховина помош ќе го надвладееме и ќе го победиме секое зло.

Ја објавуваме добрата вест и покрај тоа што се соочуваме со зло

17, 18. а) Што настојуваат да направат Сатана и оние што се на негова страна? б) Што си решен да правиш ти, и зошто?

17 Во врска со Христовите помазани браќа, Божјата реч вели: „Тие го победија [Сатана]... со речта на своето сведочење“ (Откровение 12:11). Значи, победата над Сатана, кој е изворот на злото, е директно поврзана со проповедањето на пораката за Царството. Не е чудо што Сатана неуморно ги напаѓа и помазаниот остаток и ‚големото мноштво‘ со тоа што поттикнува противење! (Откровение 7:9; 12:17).

18 Како што видовме, луѓето може да ни се противат со вербални напади, да се закануваат со физичко насилство, или да ни се спротивставуваат на некои полукави начини. Како и да е, целта на Сатана секогаш е иста — да го запре делото на проповедање. Меѓутоа, ќе доживее голем неуспех затоа што, исто како Неемија во минатото, Божјите слуги се решени ‚да го надвладеат злото со добро‘. Тоа ќе го прават на тој начин што ќе продолжат да ја проповедаат добрата вест сѐ додека Јехова не рече дека работата е завршена! (Марко 13:10; Римјаните 8:31; Филипјаните 1:27, 28).

[Фуснота]

a Во Неемија 1:1-4; 2:1-6, 9-20; 4:1-23 и 6:1-15 можеш да прочиташ како дошло до овие настани.

Се сеќаваш ли?

• На какво противење наишле Божјите слуги во минатото, а наидуваат и христијаните денес?

• Која била главната цел на непријателите на Неемија, и која е целта на Божјите непријатели денес?

• На кој начин денес ние го надвладуваме злото со добро?

[Прашања]

[Рамка/слика на страница 29]

Што учиме од книгата Неемија

Божјите слуги се соочуваат со

• потсмевање

• закани

• измама

Измамата доаѓа од страна на

• лажни пријатели

• лица што лажно нѐ обвинуваат

• лажни браќа

Божјите слуги го надвладуваат злото со тоа што

• ја извршуваат задачата што им ја дал Бог

[Слика на страница 27]

Неемија и оние што работеле заедно со него повторно го изградиле ѕидот на Ерусалим и покрај жестокото противење

[Слика на страница 31]

Вистинските христијани бестрашно ја проповедаат добрата вест