Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Никому не враќајте зло за зло“

„Никому не враќајте зло за зло“

„Никому не враќајте зло за зло“

„Никому не враќајте зло за зло. Правете го она што сите луѓе го сметаат за добро“ (РИМЈАНИТЕ 12:17).

1. Кои постапки не се ништо невообичаено?

 КОГА едно дете ќе го турне своето другарче, обично првата реакција е и тоа да врати со туркање. За жал, не им е својствено само на децата да враќаат мило за драго. И многу возрасни го прават истото. Кога некој ќе ги навреди, сакаат да вратат со иста мера. Иако повеќето возрасни нема дословно да го турнат другиот, истиот ефект ќе го постигнат на некој понезабележлив начин. Можеби ќе почнат да го озборуваат оној што ги навредил или ќе најдат начин да го спречат да успее во нешто. Сеедно која тактика ќе ја употребат, намерата е иста — да му вратат со иста мера, да се одмаздат.

2. а) Зошто вистинските христијани не се одмаздуваат? б) Кои прашања и кое поглавје од Библијата ќе го разгледаме?

2 Иако желбата за одмазда е длабоко вкоренета во луѓето, вистинските христијани не ѝ подлегнуваат. Наместо тоа, го следат советот што го дал апостол Павле: „Никому не враќајте зло за зло“ (Римјаните 12:17). Што ќе нѐ мотивира да живееме според ова високо мерило? Особено кому не треба да му вратиме со зло? Зошто е добро да не се одмаздуваме? За да одговориме на овие прашања, ќе го разгледаме контекстот на зборовите што ги кажал Павле и ќе видиме како 12. поглавје од Римјаните ни покажува дека е праведно да не се одмаздуваме и дека на тој начин покажуваме љубов и скромност. Да ги разгледаме една по една овие три работи.

„Затоа, браќа, сесрдно ве молам“

3, 4. а) За што почнува да зборува Павле во Римјаните, 12. поглавје, и што значи тоа што го употребува зборот „затоа“? б) Како требало да влијае Божјата сомилост врз христијаните во Рим?

3 Почнувајќи од 12. поглавје, Павле разработува четири сродни работи што влијаат врз животот на еден христијанин. Го опишува нашиот однос со Јехова, со соверниците, со оние што не ни се соверници и со властите. Павле покажува дека има една темелна причина зошто не треба да им подлегнеме на грешните склоности, вклучувајќи ја и желбата за одмазда, кога вели: „Затоа, браќа, сесрдно ве молам, поради Божјата сомилост“ (Римјаните 12:1). Забележи го зборот „затоа“, кој значи „со оглед на она што го реков претходно“. Павле, на некој начин, вели: ‚Со оглед на сето она што ви го објаснив пред малку, ве молам да го правите она што ќе ви го кажам сега‘. Што им објаснил Павле на тие христијани во Рим?

4 Во првите 11 поглавја од своето писмо, Павле зборувал за прекрасната можност што ја имале и Евреите и не-Евреите да станат владетели со Христос во Божјето Царство, надеж што не ја прифатил дословниот Израел (Римјаните 11:13-36). Таа голема чест била овозможена само „поради Божјата сомилост“. Како треба да реагираат христијаните на оваа голема незаслужена доброта што ја покажал Бог? Нивните срца треба да бидат исполнети со толку длабока благодарност, што ќе бидат поттикнати да го прават она што Павле го вели понатаму: „Да ги дадете своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог, да му служите на Бог, користејќи го својот разум“ (Римјаните 12:1). Но, како можеле тие христијани да се дадат себеси како „жртва“ на Бог?

5. а) Како може некој да се даде себеси како „жртва“ на Бог? б) Кое начело треба да влијае врз животот на еден христијанин?

5 Потоа, Павле објаснува: „Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет, туку преобразете се така што ќе го обновите својот ум, за да утврдите која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“ (Римјаните 12:2). Наместо да дозволат духот на светот да го обликува нивното размислување, тие требало да го обноват својот ум во склад со Христовиот начин на размислување (1. Коринќаните 2:16; Филипјаните 2:5). Ова начело треба да влијае врз секојдневниот живот на вистинските христијани, вклучувајќи нѐ и нас денес.

6. Врз основа на она што го рекол Павле во Римјаните 12:1, 2, што нѐ мотивира да не се одмаздуваме?

6 Од каква помош е за нас она што го рекол Павле во Римјаните 12:1, 2? Исто како тие помазани христијани во Рим, и ние сме многу благодарни за постојаните и многубројни изрази на сомилост од Божја страна во минатото и секој ден од нашиот живот. Затоа, од срце исполнето со благодарност, мотивирани сме да му служиме на Бог со сите свои сили, средства и способности. Таа искрена желба нѐ мотивира и да даваме сѐ од себе за да размислуваме како Христос, а не како светот. А кога го имаме умот на Христос, тоа влијае врз нашиот однос со другите — како со соверниците така и со оние што не ни се соверници (Галатите 5:25). На пример, ако размислуваме како Христос, ќе ѝ одолееме на желбата да се одмаздиме (1. Петрово 2:21-23).

„Вашата љубов нека не биде лицемерна“

7. За каква љубов се зборува во 12. поглавје од Римјаните?

7 Ние не враќаме зло за зло, но не само затоа што тоа е праведно туку и од љубов кон другите. Забележи како апостол Павле понатаму зборува за љубовта како мотив. Во писмото до Римјаните, Павле неколкупати го користи зборот „љубов“ (грчки агапи) кога зборува за Божјата љубов и за љубовта на Христос (Римјаните 5:5, 8; 8:35, 39). Меѓутоа, во 12. поглавје, Павле го употребува зборот агапи на поинаков начин — кога зборува за љубовта кон другите луѓе. Откако вели дека постојат различни дарови на духот и дека некои соверници добиле такви дарови, Павле спомнува една особина што треба да ја имаат сите христијани. Тој вели: „Вашата љубов нека не биде лицемерна“ (Римјаните 12:4-9). Покажувањето љубов кон другите е главно обележје на вистинските христијани (Марко 12:28-31). Павле нѐ опоменува дека, како христијани, треба да покажуваме искрена љубов.

8. Како можеме да покажеме нелицемерна љубов?

8 Понатаму, Павле кажува како да се покажува нелицемерна љубов: „Мразете го злото, држете се за доброто“ (Римјаните 12:9). ‚Мрази‘ и ‚се држи‘ се силни зборови. Мора да ги мразиме не само последиците од злото туку и самото зло (Псалм 97:10). Глаголот ‚се држи‘ е превод на еден грчки глагол што дословно значи ‚се лепи‘. Христијанинот што искрено сака е толку цврсто прилепен, односно приврзан за добротата, што таа особина станува нераздвоен дел од неговата личност.

9. Кој совет постојано ни го дава Павле?

9 Павле постојано нагласува еден посебен начин на кој се покажува љубов. Тој вели: „Благословувајте ги прогонителите — благословувајте, а не колнете“. „Никому не враќајте зло за зло“. „Не одмаздувајте се, сакани“. „Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро“ (Римјаните 12:14, 17-19, 21). Зборовите на Павле не оставаат никакво сомневање во врска со тоа како треба да постапуваме со оние што не ни се соверници, па дури и со оние што ни се противат.

„Благословувајте ги прогонителите“

10. Како можеме да ги благословуваме нашите прогонители?

10 Како да го примениме Павловиот поттик: „Благословувајте ги прогонителите“? (Римјаните 12:14). Исус им рекол на своите следбеници: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат“ (Матеј 5:44; Лука 6:27, 28). Значи, еден начин на кој ги благословуваме оние што нѐ прогонуваат е да се молиме за нив, преколнувајќи го Бог да им ги отвори очите и да ја видат вистината сите што ни се противат од незнаење (2. Коринќаните 4:4). Навистина, звучи чудно да го молиме Бог да благослови некого што нѐ прогонува. Меѓутоа, колку послично е нашето размислување со Христовото, толку повеќе ќе можеме да покажуваме љубов кон нашите непријатели (Лука 23:34). Што можеме да постигнеме ако покажуваме таква љубов?

11. а) Што можеме да научиме од примерот на Стефан? б) Како што се гледа од животот на Павле, до каква промена може да дојде кај некои прогонители?

11 Стефан бил човек што се молел за своите прогонители, и неговата молитва не била залудна. Кратко по Педесетница 33 год. од н.е., Стефан го уапсиле противниците на христијанското собрание, го одвлекле надвор од Ерусалим и го каменувале. Пред да умре, тој извикнал: „Јехова, не сметај им го ова за грев!“ (Дела 7:58—8:1). Еден од луѓето за кои се молел Стефан тој ден бил Савле, кој бил очевидец на тој настан и го одобрил убиството на Стефан. Подоцна, воскреснатиот Исус му се појавил на Савле. Поранешниот прогонител станал следбеник на Христос, а потоа станал дури и апостол Павле, кој го напишал писмото до Римјаните (Дела 26:12-18). Во склад со молитвата на Стефан, Јехова очигледно му простил на Павле за гревот што ги прогонувал христијаните (1. Тимотеј 1:12-16). Не е ништо чудно што Павле ги опоменал христијаните: „Благословувајте ги прогонителите“! Од искуство знаел дека е можно некои од нив еден ден да почнат да му служат на Бог. И во денешно време, некои прогонители станале верници затоа што Јеховините слуги постапиле мирољубиво.

„Бидете во мир со сите луѓе“

12. Во каква врска е советот од Римјаните 12:9 со советот од Римјаните 12:17?

12 Понатаму, Павле кажува како треба да постапуваме со нашите соверници и со оние што не ни се соверници: „Никому не враќајте зло за зло“. Овие зборови се логична последица од она што го рекол претходно, имено: „Мразете го злото“. Всушност, како може некој да рече дека навистина го мрази она што е зло ако го користи злото за да им се одмазди на другите? Тоа би било спротивно на љубовта што ‚не е лицемерна‘. Потоа, Павле вели: „Правете го она што сите луѓе го сметаат за добро“ (Римјаните 12:9, 17). Како да ги примениме овие зборови?

13. Како да го правиме „она што сите луѓе го сметаат за добро“?

13 Претходно, во своето писмо до Коринќаните, Павле пишувал за прогонството што го доживеале апостолите. Тој рекол: „Станавме глетка што ја гледа светот, и ангелите и луѓето... Кога нѐ навредуваат, благословуваме. Кога нѐ прогонуваат, стрпливо поднесуваме. Кога нѐ клеветат, одговараме љубезно“ (1. Коринќаните 4:9-13). Слично на тоа, и денес луѓето во овој свет гледаат што прават и какви се вистинските христијани. Кога оние околу нас ќе видат какви добри дела правиме дури и кога трпиме неправди, можеби ќе почнат попозитивно да гледаат на нашата христијанска порака (1. Петрово 2:12).

14. Колку далеку треба да одиме за да го зачуваме мирот?

14 Но, до каде треба да одиме со нашите напори да шириме мирољубиви односи? Треба да одиме колку што е можно подалеку. Павле им вели на своите христијански браќа: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18). „Ако е можно“ и „колку што зависи од вас“ се изрази што покажуваат дека нема секогаш да биде лесно да се одржи мирот со другите. На пример, нема да прекршиме некоја Божја заповед само за да задржиме мирољубиви односи со некој човек (Матеј 10:34-36; Евреите 12:14). Сепак, спремни сме да направиме сѐ што е разумно — без да ги компромитираме праведните начела — за да бидеме во мир „со сите луѓе“.

„Не одмаздувајте се“

15. Која причина да се откажеме од одмазда ја наоѓаме во Римјаните 12:19?

15 Павле ни дава уште една убедлива причина зошто не треба да се одмаздуваме — бидејќи така покажуваме скромност. Тој вели: „Не одмаздувајте се, сакани, туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: ‚Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова‘“ (Римјаните 12:19). Христијанинот што се обидува да се одмазди е вообразен. Тој си ја зема на себе улогата што му припаѓа на Бог (Матеј 7:1). Освен тоа, ако ги земе работите во свои раце, покажува дека нема доволно вера во Јеховиното уверување: „Јас ќе вратам“. За разлика од тоа, вистинските христијани имаат доверба дека Јехова ќе „се погрижи да добијат правда неговите избрани“ (Лука 18:7, 8; 2. Солуњаните 1:6-8). Тие скромно му препуштаат на Бог да се одмазди за неправдата (Еремија 30:23, 24; Римјаните 1:18).

16, 17. а) Што значи тоа ‚да се натрупа жив жар‘ врз нечија глава? б) Дали лично си забележал како добротата го омекнала срцето на некој што не ти е соверник? Ако да, кажи еден пример.

16 Ако му се одмаздуваме на непријателот, уште повеќе ќе му го стврднеме срцето, но ако бидеме љубезни со него, можеби ќе му го омекнеме. Зошто? Забележи што им рекол Павле на христијаните во Рим: „Ако твојот непријател е гладен, нахрани го, ако е жеден, напој го, зашто, правејќи така, му натрупуваш жив жар врз главата“ (Римјаните 12:20; Изреки 25:21, 22). Што значи ова?

17 ,Да се натрупа жив жар врз нечија глава‘ е стилска фигура што доаѓа од постапката на топење метали што се применувала во библиски времиња. Рудата се ставала во печка, и се редел еден слој жар не само под рудата туку и врз неа. Усвитениот жар натрупан одозгора ја зголемувал топлината за да може тврдиот метал да се стопи и да се одвои од нечистотиите во рудата. Слично, ако му правиме добро на некој противник, може да го „стопиме“ неговиот тврд карактер и на површина да излезат неговите поубави особини (2. Царевите 6:14-23). Всушност, првото нешто што ги привлекло кон вистинската религија голем број од членовите на христијанското собрание биле добрите дела што ги направиле за нив Јеховините слуги.

Зошто не се одмаздуваме

18. Зошто е праведно да не се одмаздуваме, и како покажуваме љубов и скромност со тоа што не се одмаздуваме?

18 Во ова кратко разгледување на 12. поглавје од писмото до Римјаните видовме неколку важни причини зошто ние ‚никому не враќаме зло за зло‘. Прво, праведно е да не се одмаздуваме. Бидејќи Бог е милостив кон нас, праведно и разумно е да му го посветиме својот живот нему и спремно да ги слушаме неговите заповеди — вклучувајќи ја и заповедта да ги сакаме нашите непријатели. Второ, со тоа што не враќаме зло за зло, ние покажуваме љубов. Ако не се одмаздуваме и ако шириме мирољубиви односи, покажуваме љубов и надеж дека ќе им помогнеме дури и на некои жестоки противници да почнат да му служат на Јехова. Трето, скромно е да не враќаме со зло. Би било вообразено да се одмаздуваме, бидејќи Јехова вели: „Одмаздата е моја“. Божјата реч исто така нѐ опоменува: „Со вообразеноста доаѓа и срамот, а мудроста е кај скромните“ (Изреки 11:2). Ќе покажеме дека сме скромни ако постапиме мудро и одмаздата за неправдата му ја препуштиме на Бог.

19. Што ќе разгледаме во следната статија?

19 На крајот, Павле ја резимира својата дискусија за тоа како треба да постапуваме со другите. Тој ги опоменува христијаните: „Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро“ (Римјаните 12:21). Со кои злобни сили се соочуваме денес? Како можеме да ги надвладееме и да ги победиме? Одговорот на овие и на други слични прашања ќе го најдеме во следната статија.

Можеш ли да објасниш?

• Кој совет постојано ни се дава во 12. поглавје од Римјаните?

• Што ќе нѐ мотивира да не се одмаздуваме?

• Кои благослови ќе ги имаме ние и другите ако не ‚враќаме зло за зло‘?

[Прашања]

[Рамка на страница 22]

Во Римјаните 12. поглавје е опишан односот на еден христијанин со:

• Јехова

• соверниците

• оние што не му се соверници

[Слика на страница 23]

Во писмото до Римјаните, Павле им дава практични совети на христијаните

[Слика на страница 25]

Што можеме да научиме од примерот на ученикот Стефан?