Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Поделени со јазикот, но обединети со љубовта“

„Поделени со јазикот, но обединети со љубовта“

„Поделени со јазикот, но обединети со љубовта“

Избавување. Слобода. Спас. Низ вековите, луѓето копнееле да најдат излез од тешкотиите и грижите. Како да се избориме со проблемите во животот? Ќе им дојде ли некогаш крајот? Ако да, како?

ЗА ОВА се зборуваше во серијата тридневни обласни конгреси што ги организираа Јеховините сведоци, а започнаа во мај 2006 год. Темата беше: „Избавувањето е многу близу!“

На девет од овие конгреси присуствуваа илјадници делегати од повеќе земји. Тие се одржаа во текот на јули и август 2006 год., во Прага, главниот град на Република Чешка; во Братислава, главниот град на Словачка; во Хожув и Познањ, Полска; a и во пет германски градови — Дортмунд, Франкфурт, Хамбург, Лајпциг и Минхен. Вкупниот број на присутни ја надмина бројката од 313.000 лица.

Каква беше атмосферата на овие конгреси? Што известија медиумите за конгресите? И како се чувствуваа оние што присуствуваа на конгресите откако заврши програмата?

Подготовки

И гостите и тамошните Сведоци со нетрпение ги очекуваа конгресите, затоа што знаеја дека ќе им бидат незаборавен духовен настан. Огромна задача беше да се најдат соодветни места за сместување за делегатите. На пример, за конгресот во Хожув, Сведоците од Полска им ги понудија своите домови на скоро 13.000 гости од Источна Европа. На тој конгрес дојдоа делегати од Белорусија, Грузија, Ерменија, Естонија, Казахстан, Киргистан, Летонија, Литванија, Молдавија, Русија, Соединетите Држави, Таџикистан, Туркменистан, Узбекистан и Украина.

Многу од делегатите мораа со месеци однапред да почнат со подготовките за своето патување. Татјана, полновремен проповедник во Камчатка, руски полуостров што се наоѓа североисточно од Јапонија, почнала да штеди за патувањето цела година однапред. Таа морала да патува околу 10.500 километри. Прво летала 5 часа со авион, потоа скоро три дена патувала со воз, и на крајот поминала 30 часа во автобус за да стигне до Хожув.

Илјадници се пријавиле доброволно да помогнат во работата пред да се одржи конгресот, за стадионите и просторот околу нив да бидат погодни места на кои ќе се обожава Бог (5. Мојсеева 23:14). На пример, Сведоците во Лајпциг многу добро го исчистиле стадионот и ветиле дека истото ќе го направат и по конгресот. Затоа, службените лица на стадионот поништиле еден дел од договорот за изнајмување, според кој се барало да се плати прилично голема сума за да се покријат трошоците за чистење.

Покани

Собранијата низ целиот свет нашироко ја известија јавноста за конгресите „Избавувањето е многу близу!“ И оние што дојдоа за да присуствуваат на специјалните конгреси учествуваа во кампањата со голема одушевеност. Тие продолжија да ја информираат јавноста за конгресот до доцна вечерта пред да почне конгресот. Дали нивната ревност вроди со добар плод?

Еден Сведок од Полска, кој се вика Богдан, се запознал со еден постар човек кој сакал да присуствува на конгресот, но рекол дека неговата мала пензија не му дозволува да патува 120 километри до Хожув. Испаднало дека во автобусот што го изнајмило локалното собрание ќе има едно празно место. Богдан раскажува: „Му кажавме на човекот дека може бесплатно да оди со нас ако дојде на местото за поаѓање во 5.30 наутро“. Човекот ја прифатил поканата и присуствувал на конгресот. Подоцна им напишал на браќата: „Откако присуствував на овој конгрес, решен сум да бидам подобар човек“.

Во Прага, еден човек кој престојувал во еден од хотелите што ги користеле делегатите од Британија, една вечер им кажал на оние што присуствувале на конгресот дека дента и тој бил на програмата. Што го поттикнало да биде таму? Човекот рекол дека, откако добил покана од десет различни објавители по улиците на градот, не можел а да не појде! Конгресот му оставил голем впечаток и сакал да дознае нешто повеќе (1. Тимотеј 2:3, 4).

Програма со цврста духовна храна

На програмата се дискутираше како да излеземе на крај со најразлични проблеми. Со директни совети од Библијата беше објаснето на кој начин можеме да ги пребродиме тие проблеми или да истраеме додека ги имаме.

Поединци што ги мачи староста, лошото здравје, на кои им умрел некој близок или имаат други лични проблеми беа охрабрени од Библијата да можат попозитивно да гледаат на животот (Псалм 72:12-14). Брачните двојки и родителите слушнаа библиски совети за тоа како можат да имаат среќен брак и како успешно да ги воспитуваат своите деца (Проповедник 4:12; Ефешаните 5:22, 25; Колошаните 3:21). Младите христијани, кои се изложени на нездравото влијание од врсниците на училиште а на здравиот совет од Божјата реч дома и во собранието, добија практични совети за тоа како да се справат со притисокот од другарите и како да ‚бегаат од желбите на младоста‘ (2. Тимотеј 2:22).

Вистинско меѓународно братство

На нивните собири, Јеховините сведоци секогаш добиваат корисни совети од Библијата (2. Тимотеј 3:16). Но, овие конгреси беа посебно убави затоа што беа од меѓународен карактер. На сите нив беше изнесена истата духовна програма на повеќе јазици. Секој ден држеше говор и некој од членовите на Водечкото тело на Јеховините сведоци, а многу интересни беа извештаите од различни земји. Овие говори и извештаи се преведуваа за да можат да ги разберат сите јазични групи што присуствуваа.

Делегатите со нетрпение чекаа да се запознаат со браќа и сестри од други земји. „Разликите во јазиците не беа голем проблем“, рече еден делегат. „Напротив, тоа само ја подобри атмосферата на настанот. Гостите потекнуваа од неколку различни култури, но сите беа обединети со истата вера.“ Присутните на конгресот во Минхен вака го изразија тоа: „Поделени со јазикот, но обединети со љубовта“. Без разлика од која земја се или кој јазик го зборуваат, присутните чувствуваа дека се меѓу вистински пријатели — свои духовни браќа и сестри (Захарија 8:23).

Изрази на благодарност

Временските прилики во текот на конгресите во Полска беа испит за ставот и истрајноста на делегатите. Не само што врнеше поголемиот дел од времето туку беше и доста студено — околу 14 степени целзиусови. Еден брат од Соединетите Држави забележал: „Тоа беше најлошото време и најниските температури што сум ги доживеал на конгрес, а од програмата разбирав малку. Но, извонредната меѓународна атмосфера, прекрасниот дух и посебното гостопримство го надоместија сето тоа. Овој конгрес беше незаборавен!“

За присутните на конгресот што зборуваа полски незаборавно беше и известувањето дека излезе Увид во Светото писмо (Insight on the Scriptures) на полски јазик — прекрасна награда за нивната истрајност на студот и дождот. Излегувањето на новата публикација Живеј со Јеховиниот ден во мислите исто така беше причина за радост на сите конгреси на тема „Избавувањето е многу близу!“

Многумина од присутните ќе се сеќаваат на конгресот и од други причини. Кристина, една сестра од Чешка која доброволно се пријавила да придружува група делегати од странство со автобус, се сеќава: „Кога се поздравувавме, една сестра ме тргна настрана, ме прегрна и ми рече: ‚Колку беше убаво да се почувствува таква грижа! Ни ја носеше храната до нашите седишта, и дури ни носеше вода за пиење. Многу сум благодарна за твојата самопожртвувана љубов‘“. Се работеше за една подготовка да се обезбеди храна за делегатите од странство. „Немавме никакво претходно искуство во тоа“, објасни еден брат. „Беше потребно секој ден да се разнесат речиси 6.500 ручеци. Многу беше радосно да се види дека многумина, вклучувајќи и деца, се пријавија да помагаат.“

Една сестра, која допатува од Украина на конгресот во Хожув, рече: „Нѐ трогна љубовта, грижата и дарежливоста што ни ги покажаа нашите соверници. Немаме зборови со кои би ја изразиле нашата благодарност“. А осумгодишната Аника од Финска до подружницата на Јеховините сведоци во Полска напиша: „Конгресот беше уште поубав отколку што си замислував. Прекрасно е што ѝ припаѓаме на Јеховината организација, затоа што имаме пријатели низ целиот свет!“ (Псалм 133:1).

Коментари однадвор

Пред да почнат конгресите, беше организирано некои од делегатите да разгледаат одредени знаменитости. Во баварското рурално подрачје, посетителите застануваа кај Салите на Царството, а тамошните Сведоци ги дочекуваа. На една жена која не била Сведок, но била туристички водич на една од групите, ѝ оставила многу силен впечаток љубовта што ја забележала меѓу браќата. „Кога со автобусот се враќавме во хотелот“, кажува еден делегат, „таа рече дека сме многу поинакви од сите други групи на кои им била водич. Бевме убаво облечени и сите соработувавме со оние што предводеа со групата. Немаше пцуење и немаше збрка. Таа се чудеше како непознати луѓе можат веднаш да станат толку добри пријатели.“

Еден брат што работеше во Службата за контакти со медиумите на конгресот во Прага, раскажува: „Утрото во неделата, кај нас дојде полицаецот кој беше одговорен за полицајците што беа доделени на конгресот. Ни рече дека сѐ е толку мирно и дека воопшто нема работа. Спомна и дека некои од жителите од подрачјето околу стадионот се распрашувале за каква програма станува збор. Кога тој ги спомнувал Јеховините сведоци, обично не им било мило, на што полицаецот им велел: ‚Кога луѓето би се однесувале барем половината од она како се однесуваат Јеховините сведоци, полицијата не ќе мораше да постои‘“.

Многумина веќе се избавени!

Божјата реч, Библијата, служи како мост меѓу културите, затоа што шири меѓу христијаните мир и единство (Римјаните 14:19; Ефешаните 4:22-24; Филипјаните 4:7). Специјалните конгреси „Избавувањето е многу близу!“ го докажаа тоа. Јеховините сведоци веќе се избавени од многу неволји што го измачуваат овој свет. Нетрпеливоста, агресијата и расизмот, што се само неколку од злата на денешното општество, кај нив речиси не постојат, и тие со нетрпение го чекаат времето кога целиот свет ќе биде ослободен од таквите проблеми.

Оние што присуствуваа на овие конгреси од прва рака го почувствуваа единството што постои меѓу Сведоците од различни земји и култури. Тоа беше многу очигледно на крајот од конгресите. Сите аплаудираа, си ги прегрнуваа новите пријатели и се сликаа за последен пат (1. Коринќаните 1:10; 1. Петрово 2:17). Среќни и убедени дека избавувањето од сите неволји и грижи е близу, делегатите се вратија во своите домови и во своите собранија со обновена решеност многу цврсто да се држат за Божјата ‚реч на животот‘ (Филипјаните 2:15, 16).

[Фуснота]

a Шест други конгресни места низ Полска и еден во Словачка беа електронски поврзани со посебните точки од програмата што беа за меѓународните конгреси.

[Рамка/слика на страница 10]

Дваесет и шест јазици зборуваат како еден

На сите девет конгреси, програмата беше изнесена на локалниот јазик. За време на конгресите во Германија, предавањата беа одржани и на 18 други јазици. Во Дортмунд беа одржани предавања на арапски, персиски, португалски, руски и шпански јазик; во Лајпциг на кинески, полски и турски; во Минхен на грчки, италијански и германски знаковен јазик; во Франкфурт на англиски, српски/хрватски и француски; во Хамбург на дански, тамилски, холандски и шведски. На конгресот во Прага сите предавања беа на англиски, руски и чешки. Во Братислава програмата беше на англиски, словачки, унгарски словачки знаковен јазик. Во Хожув беше на полски, руски, украински и полски знаковен јазик, а во Познањ на полски и фински.

Сѐ на сѐ, тоа беа дваесет и шест јазици! Присутните на конгресите навистина беа поделени со јазикот, но обединети со нивната љубов.

[Слика на страница 9]

Делегатите од Хрватска во Франкфурт беа одушевени што го добија „Преводот нов свет“ на својот мајчин јазик