Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Првата Библија на португалски јазик — приказна за истрајноста

Првата Библија на португалски јазик — приказна за истрајноста

Првата Библија на португалски јазик — приказна за истрајноста

„ОНОЈ што е упорен ќе успее.“ Ова мото се појавува на насловната страница од еден религиозен памфлет од 17. век што го напишал Жоао Фереира ди Алмеида. И навистина, нема подобар начин добро да се опише човекот што го посветил целиот свој живот на тоа да ја преведе и да ја издаде Библијата на португалски јазик.

Алмеида е роден во 1628 год. во Торе ди Таварес, село во северна Португалија. Бидејќи како дете останал сираче, го израснал чичко му, кој живеел во главниот град на Португалија, Лисабон, и бил член на еден религиозен ред таму. Според она што традиционално се верува, Алмеида добил одлично образование кога се подготвувал да стане свештеник, и тоа му помогнало уште како млад човек да биде многу вешт со јазици.

Но, Алмеида најверојатно не би ги користел своите таленти за преведување на Библијата да останел во Португалија. Додека Реформацијата ја преплавила северна и централна Европа со Библии на мајчин јазик, Португалија останала под цврстото влијание на католичката Инквизиција. Ако некој само поседувал Библија на мајчин јазик, можел да биде повикан пред инквизицискиот суд. a

Можеби поттикнат од желбата да побегне од атмосферата која го задушувала, Алмеида на млади години се преселил во Холандија. Кратко потоа, на само 14 години, тргнал на пат за Азија преку Батавија (сега Џакарта), Индонезија, која во тоа време била административен центар на Холандската источно-индиска компанија во југоисточна Азија.

Преведувач на тинејџерски години

На последниот дел од своето патување до Азија, Алмеида доживеал пресвртница во својот живот. Кога пловел меѓу Батавија и Малака (сега Мелака), во западна Малезија, случајно нашол еден протестантски памфлет на шпански јазик со наслов Разликите во христијанскиот свет (Diferencias de la Cristiandad). Освен тоа што во летокот биле нападнати учењата на лажната религија, тој содржел и една изјава која особено му оставила впечаток на младиот Алмеида: „Ако в црква се користи непознат јазик, дури и за да се слави Бог, тоа не е од никаква полза за слушателот кој ништо нема да разбере“ (1. Коринќаните 14:9).

Заклучокот му бил очигледен на Алмеида: За да се разоткријат религиозните заблуди, потребно е секој да може да ја чита Библијата на својот јазик. Кога пристигнал во Малака, ја прифатил холандската реформистичка религија и веднаш почнал да преведува делови од евангелијата од шпански на португалски јазик, и да им ги дели на „оние што имале искрена желба да ја дознаат вистината“. b

Две години подоцна, Алмеида бил подготвен за една поголема задача — преведување на комплетните Христијански грчки списи од латинската Вулгата. Таа задача ја завршил за помалку од една година, што е извонредно достигнување за едно 16-годишно момче! Собрал храброст и му испратил еден примерок од својот превод, со цел да биде издаден, на холандскиот генерален гувернер во Батавија. Изгледа дека Реформистичката црква во Батавија го испратила ракописот во Амстердам, но постариот свештеник кому тој ракопис му бил доверен починал, и трудот на Алмеида исчезнал.

Кога бил замолен да направи копија од својот превод за Реформистичкото собрание во Цејлон (сега Шри Ланка) во 1651 год., Алмеида открил дека оригиналот го снемало од црковните архиви. Но, тоа не го исплашило. Некако успеал да најде копија — можеби една од своите први верзии — и следната година завршил со преработен превод на Евангелијата и на книгата Дела. Конзисториумот c во Батавија го наградил со 30 гулдени. Тоа била „безначајна сума со оглед на огромната задача што ја извршил“, напишал еден од колегите на Алмеида.

И покрај скромното признание што го добил, Алмеида продолжил со својата работа и во 1654 год. завршил со преработката на својот превод на комплетниот Нов Завет. И овој пат, се разгледувала можноста да се издаде преводот, но не било направено ништо поконкретно, со исклучок на неколку примероци напишани рачно што се користеле во неколку цркви.

Осуден од Инквизицијата

Следните десет години, Алмеида бил зафатен како пастор и мисионер во Реформистичката црква. Во 1656 год. бил назначен за свештеник и прво служел во Цејлон, каде што за малку ќе го изгазел слон, а потоа служел во Индија, како еден од првите протестантски мисионери во таа земја.

Алмеида бил протестантски преобратеник што служи за туѓа земја. Затоа, многумина од оние кај кои одел во заедниците што зборувале португалски, го гледале како отпадник и предавник. Бидејќи отворено ја осудувал моралната расипаност на свештенството и ги разоткривал лажните црковни доктрини, честопати навлегувал во жестоки расправии со католичките мисионери. Овие конфликти станале најжестоки во 1661 год., кога еден Инквизициски суд во Гоа (Индија) го осудил Алмеида на смрт поради ерес. Во негово отсуство, била изгорена кукла со неговиот лик. Можеби вознемирен од склоноста на Алмеида да се расправа, холандскиот генерален гувернер кратко потоа го повикал повторно да дојде во Батавија.

Алмеида бил ревносен мисионер, но никогаш не заборавил колку е важно да има Библија на португалски јазик. Напротив, тоа што луѓето малку ја познавале Библијата, што веднаш можело да се забележи и кај свештениците и кај лаиците, го направило уште порешен да стори нешто околу тоа. Во предговорот на еден религиозен трактат од 1668 год., Алмеида ги известува читателите: „Се надевам... дека наскоро ќе ви укажам чест со комплетната Библија на вашиот мајчин јазик, најголемиот подарок и највредното богатство што некој може да ви го даде“.

Алмеида против Одборот за ревидирање

Во 1676 год., на црковниот конзисториум во Батавија, Алмеида му ја изнел финалната верзија од својот Нов Завет за да биде преработен. Уште од почетокот, односите меѓу овој преведувач и коректорите биле напнати. Биографот Ј. Л. Свеленгребел објаснува дека на колегите на Алмеида, кои зборувале холандски, можеби им било тешко да разберат некои нијанси во значењето и во стилот. Имало и спор околу тоа каков јазик да се користи. Дали Библијата да биде напишана на португалскиот јазик што се зборувал меѓу народот или на попрефинет португалски, кои многумина тешко би го разбрале? Згора на тоа, ревноста што ја имал Алмеида поскоро да се заврши работата постојано создавала затегнатост.

Работата течела многу бавно, веројатно поради несогласувањата или поради недоволната заинтересираност на коректорите. По четири години, коректорите сѐ уште се расправале околу првите поглавја од Лука. Разочаран од ова, Алмеида испратил примерок од својот ракопис за да се издаде во Холандија, без да знаат коректорите.

И покрај обидите на конзисториумот да го спречи издавањето, неговиот Нов Завет бил испратен да се печати во Амстердам во 1681 год., а следната година стигнале првите примероци во Батавија. Замисли колку бил разочаран Алмеида кога открил дека коректорите во Холандија внеле промени во преводот! Бидејќи коректорите не го знаеле добро португалскиот јазик, Алмеида забележал дека ставиле „неприродни и противречни решенија во преводот што го замаглувале значењето на текстот, кој бил вдахновен од Светиот Дух“.

Не била задоволна ни холандската влада, и затоа наредила да се уништи целото издание. Но и покрај тоа, Алмеида ги убедил властите да поштедат неколку примероци, под услов поголемите грешки да се поправат рачно. Тие примероци би се користеле додека не се направи преработено издание.

Коректорите во Батавија повторно се собрале за да продолжат со својата работа на Христијанските грчки списи, и почнале со работа на книгите од Хебрејските списи веднаш штом ќе ги завршел Алмеида. Бидејќи се плашел дека преведувачот ќе ја изгуби трпеливоста, конзисториумот одлучил да ги задржи потпишаните страници од финалната копија во црковниот сеф. Излишно е да се спомне дека Алмеида се противел на нивната одлука.

Мачната работа што со децении ја вршел и тешката тропска клима на крајот си го зеле данокот. Во 1689 год., свесен дека здравјето сѐ повеќе му се влошува, Алмеида се повлекол од црковните активности за да се посвети на преведувањето на Хебрејските списи. За жал, умрел во 1691 год., додека работел на последното поглавје од Езекиел.

Второто издание на Новиот Завет, што било завршено кратко пред неговата смрт, било испратено да се печати во 1693 год. Но, изгледа дека неговата работа повторно претрпела промени од страна на некомпетентни коректори. Во својата книга A Biblia em Portugal (Библијата во Португалија), Г. Л. Сантос Фереира наведува: „Коректорите... направиле крупни промени во одлично завршената работа на Алмеида, и го изобличиле и расипале она што успеало да остане убаво, а што пропуштиле да го променат коректорите на првото издание“.

Португалската Библија е завршена

Со смртта на Алмеида исчезнала движечката сила што стоела зад преработката и издавањето на португалската Библија во Батавија. Здружението за ширење на христијанско знаење основано во Лондон, го финансирало третото издание на Новиот Завет на Алмеида во 1711 год., на барање на данските мисионери кои работеле во Транкебар (јужна Индија).

Тоа здружение одлучило да постави печатница во Транкебар. Меѓутоа, на пат за Индија, бродот што ги пренесувал материјалите за печатење и една пратка со Библии на португалски јазик го заплениле француски пирати и на крајот го оставиле во едно пристаниште во Рио де Жанеиро (Бразил). Сантос Фереира пишува: „Од некоја необјаснива причина и под околности за кои многумина сметале дека се чудо, кутиите што ги содржеле материјалите за печатење биле пронајдени неоштетени на дното на бродското складиште и го продолжиле своето патување со истиот брод до Транкебар“. Данските мисионери внимателно ги преработиле и ги издале останатите книги од преводот на Алмеида. Последниот том на Библијата на португалски јазик излегол во 1751 год., речиси 110 години откако Алмеида за првпат започнал да ја преведува Библијата.

Трајно наследство

Уште од својата рана младост, Алмеида сфатил дека е потребна Библија на португалски јазик, за да можат обичните луѓе да ја читаат на својот мајчин јазик и да увидат која е вистината. Целиот свој живот непопустливо се трудел да ја постигне таа цел и покрај противењето од Католичката црква, рамнодушноста на своите современици, бескрајното одолговлекување во ревидирањето поради наводни проблеми во текстот и сѐ полошото здравје. Неговата истрајност била наградена.

Многу од заедниците што зборувале португалски онаму каде што проповедал Алмеида се намалиле и исчезнале, но неговата Библија останала. Во текот на 19 век, Британското и Инострано библиско друштво и Американското библиско друштво поделиле илјадници примероци од преводот на Алмеида во Португалија и во приморските градови на Бразил. Затоа, Библиите што потекнуваат од неговиот првобитен текст до ден-денес најчесто се среќаваат и се читаат во земјите каде што се зборува португалски.

Без сомнение, многумина треба да им бидат благодарни на раните преведувачи на Библијата, како што бил Алмеида. Но, треба да му бидеме уште поблагодарни на Јехова, Богот што воспоставил комуникација со нас, затоа што „сака најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4). Всушност, тој е Оној што ја зачувал својата Реч и ни овозможил да ја имаме за наше добро. Затоа, секогаш да го цениме и марливо да учиме од ова ‚највредно богатство‘ што ни го оставил нашиот небесен Татко.

[Фусноти]

a Во втората половина од 16 век, со издавањето на книгата Index of Forbidden Books, Католичката црква наметнала строги ограничувања во врска со користењето на Библии на мајчин јазик. Според The New Encyclopædia Britannica, таквата постапка „речиси ја запрела католичката преведувачка дејност во следните 200 години“.

b Постарите изданија на оваа Библија го нарекуваат Алмеида Падре (Отец), што навело некои да мислат дека претходно служел како католички свештеник. Но, холандските издавачи на Библијата на Алмеида го користеле овој израз по грешка, мислејќи дека е титула што ја користи пастор, односно протестантско свештено лице.

c Управно тело на Реформистичката црква.

[Рамка/слика на страница 21]

БОЖЈЕТО ИМЕ

Вредно е да споменеме дека Алмеида бил многу чесен преведувач, што може да се види од тоа што го користел Божјето име за да го преведе хебрејскиот тетраграм.

[Извор на слика]

Cortesia da Biblioteca da Igreja de Santa Catarina (Igreja dos Paulistas)

[Карта на страница 18]

(Види во публикацијата)

АТЛАНТСКИ ОКЕАН

ПОРТУГАЛИЈА

Лисабон

Торе ди Таварес

[Слика на страница 18]

Батавија во 17 век

[Извор на слика]

Од Oud en Nieuw Oost-Indiën, Franciscus Valentijn, 1724

[Слика на страници 18 и 19]

Насловната страница од првиот Нов Завет на португалски јазик, издаден во 1681 год.

[Извор на слика]

Со љубезна дозвола на Biblioteca Nacional, Португалија