Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ќе ‚живееш ли според духот‘?

Ќе ‚живееш ли според духот‘?

Ќе ‚живееш ли според духот‘?

„Живејте според духот, па нема да им угодувате на желбите на телото“ (ГАЛАТИТЕ 5:16).

1. Како можеме да престанеме да се оптоваруваме со мислата дека сме згрешиле против светиот дух?

 ПОСТОИ начин како да престанеме да се оптоваруваме со мислата дека сме направиле грев против Јеховиниот свет дух. Треба да го правиме она што го рекол апостол Павле: „Живејте според духот, па нема да им угодувате на желбите на телото“ (Галатите 5:16). Ако дозволиме да нѐ води Божјиот дух, нема да нѐ совладаат грешните телесни желби (Римјаните 8:2-10).

2, 3. Зошто е добро да живееме според духот?

2 Ако ‚живееме според духот‘, оваа сила што ја користи Бог ќе нѐ мотивира да го слушаме Јехова. Во нашата служба, во собранието, дома и на други места ќе ги покажуваме особините што ги има и Бог. Плодовите на духот ќе можат да се видат во нашите постапки со брачниот другар, со нашите деца, со соверниците и со другите луѓе.

3 Тоа што ќе ‚живееме по духот во Божји очи‘ ќе ни помогне да престанеме да правиме гревови (1. Петрово 4:1-6). Ако се препуштиме на влијанието на светиот дух, сигурно нема да направиме грев што не може да се прости. Но, заради кои други работи е добро да живееме според духот?

Остани близок со Бог и со Христос

4, 5. Како влијае врз нашето гледиште за Исус тоа што живееме според духот?

4 Бидејќи живееме според светиот дух, можеме да останеме блиски со Бог и со неговиот Син. Кога пишувал за духовните дарови, Павле им рекол на соверниците во Коринт: „Сакам да знаете [поранешни идолопоклоници] дека никој, кој зборува со Божјиот дух, не вели: ‚Исус е проклет‘. И никој не може да каже: ‚Исус е Господар‘, освен преку светиот дух“ (1. Коринќаните 12:1-3). Секој дух, односно склоност што ги поттикнува луѓето да го проколнуваат Исус, мора да доаѓа од Сатана Ѓаволот. Но, како христијани што живеат според светиот дух, уверени сме дека Јехова го подигнал Исус од мртвите и го поставил повисоко од сите други созданија (Филипјаните 2:5-11). Имаме вера во откупната жртва на Христос и го прифаќаме како Господар што ни го поставил Бог.

5 Некои од оние што тврделе дека се христијани во првиот век од н.е. не го признавале фактот дека Исус дошол во тело (2. Јованово 7-11). Тоа неисправно гледиште навело некои да ги отфрлат вистинските учења за Исус, кој бил Месија (Марко 1:9-11; Јован 1:1, 14). Ако живееме според духот, нема да му подлегнеме на таквото отпадништво. Само ако останеме духовно будни ќе можеме и понатаму да ја чувствуваме на себе Јеховината незаслужена доброта и ‚да живееме според вистината‘ (3. Јованово 3, 4). Затоа, да бидеме решени да отфрлиме сѐ што доаѓа од отпадниците за да можеме да останеме блиски со нашиот небесен Татко.

6. Кои особини ги создава Божјиот дух кај оние што живеат според духот?

6 Павле ги набројал отпадничкото идолопоклонство и сектите меѓу „делата на телото“, како што се блудот и бесрамноста. Но, тој објаснил: „Оние што му припаѓаат на Христос Исус го приковале на столб телото заедно со страстите и желбите на телото. Ако живееме според духот, да му дозволиме на духот да нѐ води“ (Галатите 5:19-21, 24, 25). Кои особини ги создава Божјиот свет дух кај оние што живеат според духот? Апостол Павле напишал: „Плодовите на духот се: љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Галатите 5:22, 23). Да ги разгледаме еден по еден овие плодови на духот.

„Да се сакаме еден со друг“

7. Што е љубовта, и кои се некои нејзини карактеристики?

7 Љубовта, која е еден од плодовите на духот, честопати вклучува голема наклоност и несебична грижа за другите, како и цврста приврзаност кон нив. Светото писмо вели дека „Бог е љубов“ затоа што тој е олицетворение на оваа особина. Големата љубов на Бог и неговиот Син кон човештвото се гледа од откупната жртва на Исус Христос (1. Јованово 4:8; Јован 3:16; 15:13; Римјаните 5:8). Како следбеници на Исус, се препознаваме по љубовта што ја имаме еден кон друг (Јован 13:34, 35). Всушност, дадена ни е заповед „да се сакаме еден со друг“ (1. Јованово 3:23). А Павле вели дека љубовта е долготрпелива и љубезна. Не е завидлива и не се фали, не се однесува непристојно ниту ја бара својата корист. Љубовта не се раздразнува и не го памти злото. Таа ѝ се радува на вистината, а не на неправдата. Љубовта сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева и сѐ трпи. Освен тоа, таа никогаш не престанува (1. Коринќаните 13:4-8).

8. Зошто треба да покажуваме љубов кон нашите соверници?

8 Ако му дозволиме на Божјиот дух да создаде љубов во нас, таа особина ќе постои во нашите односи со Бог и со ближните (Матеј 22:37-39). „Кој не го сака својот брат, останува во смртта“, напишал апостол Јован. „Секој што го мрази својот брат е убиец, а знаете дека во ниту еден убиец не останува вечниот живот“ (1. Јованово 3:14, 15). Еден убиец можел да се засолни во некој од израелските градови-прибежишта само ако не го мразел човекот што го убил (5. Мојсеева 19:4, 11-13). Ако сме водени од светиот дух, ќе покажуваме љубов кон Бог, кон нашите соверници и кон другите луѓе.

„Јеховината радост е ваша тврдина“

9, 10. Што е радоста, и кои се некои причини за да бидеме радосни?

9 Радосни сме кога сме многу среќни. Јехова е „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11; Псалм 104:31). Синот радосно ја врши волјата на својот Татко (Псалм 40:8; Евреите 10:7-9). Исто така, „Јеховината радост е [наша] тврдина“ (Неемија 8:10).

10 Радоста што ни ја дава Бог ни носи длабоко задоволство кога ја вршиме Божјата волја дури и во моменти кога доживуваме тешкотии, голема болка или прогонство. Многу сме среќни затоа што го имаме „знаењето за Бог“! (Изреки 2:1-5). Нашето радосно пријателство со Бог се темели на точно спознание и вера во него и во откупната жртва на Исус (1. Јованово 2:1, 2). Уште една причина за радост е тоа што припаѓаме на единственото вистинско меѓународно братство (Софонија 3:9; Агеј 2:7). Радосни сме затоа што се надеваме на Царството и заради тоа што имаме голема чест да ја објавуваме добрата вест (Матеј 6:9, 10; 24:14). Исто така, радосни сме и што имаме надеж во вечен живот (Јован 17:3). Бидејќи се надеваме на толку убави работи, ние треба да ‚бидеме весели‘ (5. Мојсеева 16:15).

Биди мирољубив и долготрпелив

11, 12. а) Како би го дефинирал мирот? б) Како влијае врз нас Божјиот мир?

11 Мирот, кој е уште еден плод на духот, е состојба кога некој е спокоен, не е вознемирен. Нашиот небесен Татко е Бог на мирот, а Библијата нѐ уверува: „Јехова ќе го благослови својот народ со мир“ (Псалм 29:11; 1. Коринќаните 14:33). Исус им рекол на своите ученици: „Мир ви оставам, мирот свој ви го давам“ (Јован 14:27). Како ќе им помогне тоа на неговите следбеници?

12 Мирот што им го дал Исус на своите ученици ги исполнил нивните срца и мисли и ги растерал нивните стравови. Особено имале мир кога го примиле светиот дух што им бил ветен (Јован 14:26). Под влијание на тој дух и како одговор на нашите молитви, и ние денес го имаме неспоредливиот ‚Божји мир‘, кој ги успокојува нашите срца и мисли (Филипјаните 4:6, 7). Освен тоа, Јеховиниот дух ни помага да бидеме смирени и мирољубиви во односите со соверниците и со другите луѓе (Римјаните 12:18; 1. Солуњаните 5:13).

13, 14. Што е долготрпеливоста, и зошто треба да ја имаме оваа особина?

13 Долготрпеливоста е поврзана со мирољубивоста, бидејќи долготрпеливоста значи стрпливо да ги поднесуваме провокациите или неправдите со надеж дека ситуацијата ќе се подобри. Бог е долготрпелив (Римјаните 9:22-24). И Исус ја покажува оваа особина. Може да ја покаже и кон нас, бидејќи Павле напишал: „Покажано ми е милосрдие мене, најголемиот грешник, за Христос Исус да ја покаже сета своја долготрпеливост и да им даде пример на сите што ќе поверуваат во него за да добијат вечен живот“ (1. Тимотеј 1:16).

14 Долготрпеливоста ни помага да истраеме кога другите ќе кажат или ќе направат нешто безобѕирно или непромислено. Павле ги поттикнал сохристијаните: „Бидете долготрпеливи со сите“ (1. Солуњаните 5:14). Бидејќи сите сме несовршени и правиме грешки, сигурно дека сакаме другите да бидат стрпливи со нас, да бидат долготрпеливи кога ќе им згрешиме нешто. Затоа, да настојуваме да бидеме „долготрпеливи со радост“ (Колошаните 1:9-12).

Биди љубезен и добар

15. Што е љубезност, и кои личности покажале љубезност?

15 Љубезни сме кога зборуваме и се однесуваме пријателски, кротко, со почит и со внимание. Јехова е љубезен, а исто така и неговиот Син (Матеј 5:45; Лука 9:11). И од слугите на Бог и на Христос се очекува да бидат љубезни (Изреки 22:9; Колошаните 3:12). Дури и некои што не го познавале Бог покажале „несекојдневна љубезност“ (Дела 27:3; 28:2). Тоа значи дека и ние сигурно ќе можеме да покажуваме љубезност ако ‚живееме според духот‘.

16. Во кои ситуации треба да бидеме љубезни?

16 Можеме да покажеме љубезност дури и кога имаме право да се налутиме затоа што некој нѐ навредил или постапил безобѕирно кон нас. „Ако се гневите, немојте да грешите“, рекол Павле. „Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина. И не давајте му можност на Ѓаволот да дејствува. А бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост, спремно простувајќи си еден на друг како што и Бог преку Христос спремно ви прости вам“ (Ефешаните 4:26, 27, 32). Особено треба да бидеме љубезни и внимателни кон оние што имаат неволји. Се разбира, еден христијански старешина нема да покаже љубезност ако не даде библиски совет само за да не ги повреди чувствата на оној што е во голема опасност да отстапи од „секаква доброта и праведност и вистина“ (Ефешаните 5:9).

17, 18. Што е доброта, и каква улога треба да игра оваа особина во нашиот живот?

17 Добротата е доблест, морална чистота, добродушност. Бог е добар во апсолутна смисла на зборот (Псалм 25:8; Захарија 9:17). Исус е доблесен и морално чист. Сепак, не сакал да ја прифати титулата „добар“ кога го нарекле „Учителе добар“ (Марко 10:17, 18). Така постапил очигледно затоа што го признал Бог како олицетворение на добротата.

18 Нашата способност да правиме добро е намалена поради гревот што сме го наследиле (Римјаните 5:12). Сепак, можеме да ја покажеме оваа особина ако го молиме Бог ‚да нѐ научи на добрина‘ (Псалм 119:66). Павле им рекол на своите соверници во Рим: „А јас и самиот сум уверен за вас, браќа мои, дека и вие сте полни со доброта, исполнети со сето потребно знаење“ (Римјаните 15:14). Еден христијански надгледник мора да „ја сака добротата“ (Тит 1:7, 8). Ако нѐ води Божјиот дух, ќе станеме познати по добротата, и Јехова ‚ќе се сети на нас по добро‘ (Неемија 5:19; 13:31).

„Нелицемерна вера“

19. Што е верата, во склад со Евреите 11:1?

19 Верата, која исто така е еден од плодовите на духот, „е цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме, доказ за она што е вистинско, иако не се гледа“ (Евреите 11:1). Ако имаме вера, ќе бидеме сигурни дека сѐ што ветува Јехова е добро и сигурно ќе се исполни. Убедливиот доказ за она што е вистинско иако не се гледа е толку цврст што се вели дека верата е исто што и тој доказ. На пример, оние работи што се создадени нѐ уверуваат дека постои Творец. Таква вера ќе покажуваме ако живееме според духот.

20. Што е „гревот, кој лесно може да нѐ намами во замка“, и како ќе успееме да не му подлегнеме на гревот и на делата на телото?

20 Слабата вера е „гревот, кој лесно може да нѐ намами во замка“ (Евреите 12:1). Треба да се потпираме на Божјиот дух за да не подлегнеме на делата на телото, на материјализмот и на лажните учења што можат да ни ја уништат верата (Колошаните 2:8; 1. Тимотеј 6:9, 10; 2. Тимотеј 4:3-5). Божјиот дух создава во денешните слуги на Јехова вера како онаа што ја имале претхристијанските сведоци и други личности за кои пишува во Библијата (Евреите 11:2-40). А нашата „нелицемерна вера“ може многу да им ја зајакне верата на другите (1. Тимотеј 1:5; Евреите 13:7).

Биди благ и покажувај самосовладување

21, 22. Што е благост, и зошто треба да ја имаме оваа особина?

21 Благоста е кротко постапување и однесување. Таа е една од особините што ги има Бог. Ова го знаеме оттаму што Исус, кој бил благ човек, совршено ја одразувал личноста на Јехова (Матеј 11:28-30; Јован 1:18; 5:19). Тогаш, што се бара од нас како Божји слуги?

22 Како христијани, од нас се очекува да бидеме „благи спрема сите луѓе“ (Тит 3:2). Оваа особина ја покажуваме во нашата служба. Оние што се духовни се советувани „во дух на благост“ да го исправат христијанинот што згрешил (Галатите 6:1). Сите можеме да придонесеме за христијанското единство и мир со тоа што ќе покажуваме „понизност и благост“ (Ефешаните 4:1-3). Можеме да покажуваме благост со тоа што постојано ќе живееме според духот и ќе покажуваме самосовладување.

23, 24. Што е самосовладување, и како ни помага?

23 Самосовладувањето ни помага да ги контролираме нашите мисли, зборови и постапки. Јехова ‚се воздржувал‘ во постапките со Вавилонците што го уништиле Ерусалим (Исаија 42:14). Неговиот Син ни оставил пример покажувајќи самосовладување додека страдал. И апостол Петар ги советувал сохристијаните ‚да го дополнат своето знаење со самосовладување‘ (1. Петрово 2:21-23; 2. Петрово 1:5-8).

24 Од христијанските старешини се очекува да се самосовладуваат (Тит 1:7, 8). Всушност, сите што ги води светиот дух можат да покажуваат самосовладување и со тоа да не подлегнат на неморалот, на безобразното зборување или на што и да е друго поради кое може да ја изгубиме Јеховината наклоност. Ако му дозволиме на Божјиот дух да создаде самосовладување во нас, другите ќе можат да го видат тоа од нашиот говор и однесување.

Продолжи да живееш според духот

25, 26. Како ќе влијае врз нашите сегашни односи со луѓето и врз нашата иднина тоа што живееме според духот?

25 Ако живееме според духот, ревносно ќе го објавуваме Царството (Дела 18:24-26). Ќе бидеме пријатни за другите, а особено ќе уживаат во нашето друштво оние што го сакаат Бог. Како личности што се водени од светиот дух, ќе бидеме и извор на духовно охрабрување за нашите сохристијани (Филипјаните 2:1-4). Зар не сакаат да бидат такви сите христијани?

26 Во овој свет со кој владее Сатана, не е лесно да живееме според духот (1. Јованово 5:19). Сепак, милиони луѓе денес успеваат во тоа. Ако имаме доверба во Јехова со сето свое срце, ќе уживаме во животот сега и ќе можеме да живееме вечно одејќи по праведните патишта на Оној што со љубов ни го дава светиот дух (Псалм 128:1; Изреки 3:5, 6).

Како ќе одговориш?

• Како влијае врз нашиот однос со Бог и со неговиот Син тоа што ‚живееме според духот‘?

• Кои особини се плодови на светиот дух?

• На кои начини можеме да ги покажеме плодовите на Божјиот дух?

• Како влијае врз нашиот живот сега и врз нашата иднина тоа што живееме според духот?

[Прашања]

[Слика на страница 23]

Јеховиниот свет дух ни ја зголемува љубовта кон соверниците

[Слика на страница 24]

Покажувај љубезност со своите убави зборови и добри дела