„Верен сведок на небото“
„Верен сведок на небото“
УБАВИНАТА на месечината била инспирација за многу поети и текстописци низ времето. На пример, една песна вдахновена од Бог опишува жена која е „убава како полната месечина“ (Песна над песните 6:10). А еден од писателите на Псалмите поетски ја нарекува месечината „верен сведок на небото“ (Псалм 89:37). Какво значење ни пренесува овој израз за месечината?
Месечината непогрешливо ја минува патеката на своето движење околу Земјата секои 27,3 дена. Затоа, верноста на месечината може да се однесува на нејзината постојаност. Но, псалмистот можеби имал на ум едно многу подлабоко значење. Тој ја нарекол месечината „верен сведок“ во една пророчка песна за Царството за кое Исус ги учел своите следбеници да се молат (Матеј 6:9, 10).
Пред повеќе од 3.000 години, Јехова Бог склучил сојуз за Царство со Давид, цар во древниот Израел (2. Самоилова 7:12-16). Целта на тој сојуз била да се положи правна основа за да може Исус Христос, како наследник на Давид, засекогаш да го добие престолот (Исаија 9:7; Лука 1:32, 33). Мислејќи на престолот на Давидовото потомство, псалмистот пеел: „Ќе стои цврсто довека како месечината, како верен сведок на небото“ (Псалм 89:36, 37).
Месечината, ‚изворот на светлината што управува со ноќта‘, на убав начин нѐ потсетува дека владеењето на Христос ќе биде вечно (1. Мојсеева 1:16). Во врска со неговото Царство, во Даниел 7:14 стои: „Неговата власт е вечна власт, која никогаш нема да помине, и неговото царство нема да пропадне“. Месечината е сведок што нѐ потсетува на тоа Царство и на благословите што ќе ги донесе за човештвото.
[Извор на слика на страница 32]
Месечината: фотографија на НАСА