Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали имаме бесмртна душа?

Дали имаме бесмртна душа?

Дали имаме бесмртна душа?

Дали сме само од крв и месо? Има ли во нас нешто повеќе освен хемиските елементи од кои се состои нашето тело? Вистина ли е дека денес сме тука, а утре нѐ нема? Или некој невидлив дел од нас продолжува да живее и по смртта?

ИАКО светските религии создале низа противречни верувања за задгробниот живот, во една работа повеќето од нив се сложуваат: нешто во човекот е бесмртно и продолжува да живее и по смртта. Многу луѓе сметаат дека тоа „нешто“ е душата. Во што веруваш ти? Дали сме делумно тело, а делумно душа? Што е душата? Дали луѓето имаат бесмртна душа? Многу е важно да го знаеме точниот одговор за ова!

„Човекот стана жива душа“

Дали душата е дел од човекот што се одвојува од телото при смртта и продолжува да живее? Според речникот Holman Illustrated Bible Dictionary, „душата честопати се поистоветува со самиот човек“. На пример, во 1. Мојсеева 2:7 пишува: „Јехова Бог го направи човекот од земниот прав и му дувна во носниците здив на животот, и човекот стана жива душа“. Значи, првиот човек, Адам, бил душа.

И други стихови во Библијата го поткрепуваат ваквото разбирање, имено дека зборот „душа“ го означува самиот човек. На пример, во Библијата стои дека душата работи (3. Мојсеева 23:30). За душата се вели дека е нестрплива, раздразлива, нема сон, обземена е од страв и потиштена (Судиите 16:16; Јов 19:2; Псалм 119:28; Дела 2:43; 1. Солуњаните 5:14). Стихот во Римјаните 13:1 го користи изразот душа за човекот: „Секој човек [буквално: „душа“, фуснота] нека им биде подложен на властите што се над него“. А во 1. Петрово 3:20 читаме: „Во Ноевите денови... само неколкумина, односно осум души, се спасија, поминувајќи преку водата“. Ништо во овие стихови не укажува на тоа дека душата е нешто нематеријално кое продолжува да живее и по смртта.

Што е со животните и со растенијата? Дали тие се души? Интересно е како Библијата го опишува создавањето на животните. „Водите нека изобилуваат со мноштво живи души“, заповедал Бог. Во наредниот ден на создавањето, Бог рекол: „Земјата нека пушти од себе живи души според нивните видови, домашни животни, други животни што се движат и диви земни животни според нивните видови“ (1. Мојсеева 1:20, 24). Според тоа, сите живи суштества, и луѓето и животните, се души. За растенијата во Библијата не се вели дека се души.

Зборот „душа“ се користи во уште една смисла. Во Јов 33:22 читаме: „Душата негова се приближува кон јамата и неговиот живот се приближува до убијците“. Овде, изразите „душа“ и „живот“ се користат како синоними, и едниот израз го разјаснува значењето на другиот. Според тоа, зборот „душа“ може да се однесува и на животот што некој го има како жива душа, односно како човек. Затоа, за непријателите на Мојсеј, кои сакале да го убијат, во Библијата се вели дека ‚ја прогонувале [неговата] душа‘ (2. Мојсеева 4:19). А за Исус Христос, Библијата вели: ‚Синот човечки дојде да го даде својот живот [буквално: „душа“, фуснота] како откупнина за мнозина‘ (Матеј 20:28).

Објаснувањето што Библијата го дава за зборот „душа“ е едноставно и доследно. Тој збор може да се однесува на човек или на животно, или, пак, на животот што едно суштество го има како жива душа. Како што ќе видиме, таквото сфаќање се поклопува со библискиот одговор на прашањето: Што се случува со душата при смртта?

‚Душата што греши ќе умре‘

Библијата кажува: „Онаа душа што греши, таа и ќе умре“ (Езекиел 18:4). Разочараниот пророк Илија „почна да се моли да умре [буквално: „да му умре душата“, фуснота]“ (1. Царевите 19:4). Слично на тоа, и Јона „се молеше да му умре душата“ (Јона 4:8). Значи, кога умира човекот умира и душата, и таа не е бесмртна. Бидејќи самиот човек е душа, кога ќе се каже дека некој умрел е исто како да се каже дека му умрела душата.

Но, што е со оние стихови од Библијата во кои се вели дека душата излегува, или го напушта телото, и се враќа во него? Во врска со она што и се случило на Рахела кога родила син, Библијата вели: „Кога душата ја напушташе, бидејќи умираше, го нарече Венони... Но таткото му даде име Венијамин“ (1. Мојсеева 35:18Превод на МПЦ). А за воскресението на синот на една вдовица, во 1. Царевите 17:22 стои: „Господ го чу [во молитва] гласот на Илија, му ја врати душата на момчето во него, и тоа оживе“ (3. Царства 17:22Превод на МПЦ). Дали овие стихови од Библијата покажуваат дека душата е некаков невидлив, нематеријален дел што може да излегува или да влегува во телото?

Не заборавај дека едно од значењата на зборот „душа“ е „живот“. Затоа, изразот „душата ја напушташе“ Рахела значи дека ја напуштал животот. Всушност, изразот „душата ја напушташе“ некои Библии го преведуваат со изразот „животот во неа гаснеше“ (Превод нов свет) и „издивна“ (Jerusalem Bible). Исто и во случајот кога му била вратена душата на синот на вдовицата, всушност, нему му бил вратен животот (1. Царевите 17:23).

Што е човекот

Библијата јасно ни кажува што е човекот. Тој нема душа, туку самиот е душа. А бидејќи човекот не се состои делумно од крв и месо а делумно од некоја нематеријална душа, откако ќе умре, единствен начин повторно да оживее е да биде воскреснат, односно повторно вратен во живот. Библијата ветува: „Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат — оние што правеле добро, за воскресение за живот, а оние што правеле зло, за воскресение за осуда“ (Јован 5:28, 29). Ова сигурно ветување дека ќе има воскресение, а не учењето дека постои бесмртна душа, е единствената надеж за мртвите.

Многу е важно точно да дознаеме што е воскресението и што ќе значи тоа за човештвото. Исто така, неопходно е добро да ги познаваме Бог и Христос, бидејќи во молитва Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). На Јеховините сведоци во твоето место ќе им биде мило да ти помогнат да ја проучуваш Библијата и да си го зголемиш знаењето за Бог, за неговиот Син и за она што Бог го ветил. Те покануваме да стапиш во контакт со Сведоците или да им пишеш на издавачите на ова списание.

[Слики на страница 4]

Сите тие се души

[Извор на слика]

Коза: CNPC—Centro Nacional de Pesquisa de Caprinos (Sobral, CE, Бразил)