Дали си згрешил против светиот дух?
Дали си згрешил против светиот дух?
„Постои грев кој води во смрт“ (1. ЈОВАНОВО 5:16).
1, 2. Од каде знаеме дека е можно да се згреши против Божјиот свет дух?
„МЕ ИЗМАЧУВАШЕ мислата дека сум згрешила против светиот дух.“ Ова го напишала една жена од Германија, иако му служела на Бог. Може ли еден христијанин навистина да згреши против Божјиот свет дух, односно силата со која се служи Бог?
2 Да, можно е да се згреши против Јеховиниот свет дух. „Секој грев и хула ќе им се прости на луѓето“, рекол Исус Христос, „но хулата против духот нема да им се прости“ (Матеј 12:31). Апостол Павле ни ја дал следнава опомена: „Ако намерно грешиме, откако добро ја запознавме вистината, повеќе не ни преостанува жртва за гревови, туку страшно очекување на судот“ (Евреите 10:26, 27). А апостол Јован напишал: „Постои грев кој води во смрт“ (1. Јованово 5:16). Но, дали оној што извршил тежок грев треба да одреди дали направил „грев кој води во смрт“?
Кој се кае, ќе му се прости
3. Што покажува тоа што ни е многу жал за некој грев што сме го направиле?
3 Јехова е врховниот Судија на оние што направиле грев. Секој од нас мора да му поднесе сметка, и тој секогаш постапува праведно (1. Мојсеева 18:25; Римјаните 14:12). Јехова е тој што одредува дали сме направиле грев што не може да се прости, и само тој може да ни го одземе својот свет дух (Псалм 51:11). Меѓутоа, ако ни е многу жал за некој грев што сме го направиле, сосема веројатно вистински се каеме. Но, што значи тоа некој искрено да се кае?
4. а) Што значи да се покаеш? б) Што е толку утешно во зборовите од Псалм 103:10-14?
4 Да се покаеме значи да го промениме својот став кон гревот што сме го направиле или сме сакале да го направиме. Тоа значи дека ни е жал и дека не сакаме никогаш повеќе да ни се повтори. Ако сме направиле тежок грев но сме сториле сѐ што е потребно за да покажеме дека вистински се каеме, може да нѐ утешат зборовите на псалмистот: „[Јехова] не постапува со нас според нашите гревови и не ни го враќа она што го заслужуваме за нашите престапи. Зашто, како што се небесата повисоки од земјата така и неговата милост ги надвишува оние што се бојат од него. Колку што е исток далеку од запад толку ги оддалечува од нас нашите престапи. Како што е таткото милосрден кон своите синови така Јехова е милосрден кон оние што се бојат од него. Зашто, тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:10-14).
5, 6. Изнеси ја суштината на 1. Јованово 3:19-22, и објасни што значат тие зборови што ги кажал апостол Јован.
5 Утешно е и она што го рекол апостол Јован: „По тоа ќе знаеме дека потекнуваме од вистината, и ќе го увериме своето срце дека тој нѐ сака, ако тоа нѐ осудува за што и да било, бидејќи Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ. Сакани, ако нашето срце не нѐ осудува, имаме слобода на говорот пред Бог, и што и да бараме, добиваме од него, бидејќи ги држиме неговите заповеди и го правиме она што е прифатливо во негови очи“ (1. Јованово 3:19-22).
6 Ние „знаеме дека потекнуваме од вистината“ затоа што покажуваме братска љубов и немаме обичај да правиме грев (Псалм 119:11). Ако од некоја причина се осудуваме, треба да помислиме на тоа дека „Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ“. Јехова покажува милост кон нас затоа што знае дека имаме „нелицемерна братска љубов“, дека водиме борба против гревот и дека се трудиме да ја вршиме неговата волја (1. Петрово 1:22). Нашето срце ‚нема да нѐ осудува‘ ако имаме доверба во Јехова, ако покажуваме братска љубов и ако не сме згрешиле намерно. Ќе имаме „слобода на говорот пред Бог“ да му се молиме, и тој ќе ни одговори затоа што ги држиме неговите заповеди.
Некои што згрешиле против светиот дух
7. Што одредува дали некој грев може да се прости или не?
7 Кои гревови не се простуваат? За да одговориме на ова прашање, да разгледаме неколку библиски примери. Тоа треба да нѐ утеши ако сме се покајале, но сѐ уште ни е многу тешко поради нашите сериозни гревови. Ќе видиме дека, за да се одреди дали некој грев може да се прости или не, не е најбитно каков грев направило едно лице туку кој бил неговиот мотив, какво му било срцето и колку намерно го направил гревот.
8. На кој начин некои еврејски верски водачи од првиот век згрешиле против светиот дух?
8 Еврејските верски водачи од првиот век, кои злобно му се противеле на Исус Христос, грешеле против светиот дух. Тие виделе како Божјиот дух дејствува врз Исус додека правел чуда со кои му се оддавала чест на Јехова. Сепак, тие непријатели на Христос му ја припишувале таквата моќ на Сатана Ѓаволот. Според Исус, оние што на таков начин хулеле на Божјиот свет дух правеле грев што немало да биде простен ниту во сегашниов „поредок ниту во оној што треба да дојде“ (Матеј 12:22-32).
9. Што е хулење, и што рекол Исус за хулењето?
9 Да се хули значи да се клевети и да се зборува навредливо за некого. Бидејќи Изворот на светиот дух е Бог, да се зборува против неговиот дух е исто како да се зборува против Јехова. На оној што непокајнички зборува така нема да му се прости. Настанот што водел до тоа Исус да каже нешто за таквиот грев покажува дека зборувал за оние што намерно се противат на дејствувањето на Божјиот свет дух. Бидејќи фарисеите виделе како Јеховиниот дух дејствува преку Исус но таа моќ му ја препишале на Ѓаволот, направиле грев со тоа што хулеле на духот. Затоа, Исус рекол: „Секој што ќе похули на светиот дух, нему нема да му биде простено довека, туку е виновен за вечен грев“ (Марко 3:20-29).
10. Зошто Исус го нарекол Јуда „синот на пропаста“?
10 Размисли и за Јуда Искариот. Тој постапил нечесно бидејќи украл од кутијата за пари што требало да ја чува (Јован 12:5, 6). Подоцна отишол кај еврејските владетели и се договорил да го предаде Исус за 30 сребреници. Точно е дека Јуда имал грижа на совеста откако го извршил предавството, но не се покајал за гревот што намерно го направил. Според тоа, Јуда не е достоен за воскресение, па затоа Исус го нарекол „синот на пропаста“ (Јован 17:12; Матеј 26:14-16).
Некои што не згрешиле против светиот дух
11-13. Каков грев направил Давид со Витсавеа, и како може да нѐ утеши начинот на кој Бог постапил со нив?
11 Понекогаш, некои христијани што го признале својот сериозен грев и добиле помош од собраниските старешини, можеби сѐ уште ги измачува мислата дека во минатото го прекршиле Божјиот закон (Јаков 5:14). Ако нѐ измачуваат такви мисли и нас, сигурно ќе биде добро да разгледаме што вели Светото писмо за оние на кои им биле простени гревовите што ги направиле.
12 Цар Давид направил тежок грев со Витсавеа, жената на Урија. Кога погледнал од својот покрив и ја видел оваа убава жена како се капе, Давид наредил да му ја доведат во палатата и легнал со неа. Подоцна, кога дознал дека таа е бремена, се обидел да го стави во ситуација нејзиниот сопруг, Урија, да легне со неа за да се скрие прељубата. Кога таквиот план не му успеал, царот наместил Урија да биде убиен во една битка. Потоа, Витсавеа му станала жена на Давид и му родила дете, кое умрело (2. Самоилова 11:1-27).
13 Јехова ја зел во свои раце ситуацијата со Давид и Витсавеа. Тој му простил на Давид, очигледно земајќи предвид некои фактори, како на пример, тоа што Давид се покајал и тоа што со него имал склучено сојуз за Царство (2. Самоилова 7:11-16; 12:7-14). Најверојатно Витсавеа се покајала, бидејќи подоцна имала чест да му стане мајка на цар Соломон и предок на Исус Христос (Матеј 1:1, 6, 16). Ако сме направиле грев, добро е да имаме на ум дека Јехова гледа дека се каеме.
14. Како ни покажува случајот со цар Манасија до кој степен простува Јехова?
14 Колку простува Јехова се гледа и од случајот на Манасија, кој бил цар на Јуда. Тој го правел она што е лошо во Јеховини очи. Му подигнал жртвеници на Ваал, ѝ се клањал на „сета небесна војска“, па дури и им направил жртвеници на лажните богови во двата двора на храмот. Ги поминувал своите синови низ оган, го ширел спиритизмот меѓу народот и ги навел жителите на Јуда и Ерусалим на ‚уште полоши работи отколку народите кои Јехова ги истребил од пред синовите на Израел‘. Луѓето не ги послушале опомените што им ги пренесувале Божјите пророци. По извесно време, царот на Асирија го одвел Манасија во ропство. Додека бил заробен, Манасија се покајал и понизно му се молел на Бог, кој му простил и му го вратил царството во Ерусалим. Оттогаш Манасија ги охрабрувал луѓето да го обожаваат вистинскиот Бог (2. Летописи 33:2-17).
15. Која случка од животот на апостол Петар покажува дека Јехова „великодушно“ простува?
15 Со векови подоцна, апостол Петар тешко згрешил со тоа што се одрекол од Исус (Марко 14:30, 66-72). Меѓутоа, Јехова „великодушно“ му простил на Петар (Исаија 55:7). Зошто? Затоа што Петар искрено се каел (Лука 22:62). По 50 дена, на Педесетница, било јасно дека Бог му простил затоа што Петар имал чест да даде смело сведоштво за Исус (Дела 2:14-36). Има ли некаква причина да мислиме дека Бог помалку ќе им прости на христијаните денес што вистински се каат? „Ако гледаш на престапите, о Јах, о Јехова, кој ќе опстане?“, пеел псалмистот, „зашто, во тебе е вистинското простување“ (Псалм 130:3, 4).
Да се отстрани стравот во врска со гревот
16. Што треба да направиме за да ни прости Бог?
16 Овие примери треба да ни помогнат да не се оптоваруваме со мислата дека сме згрешиле против светиот дух. Тие покажуваат дека Јехова им простува на грешниците што се каат. Најважно е горливо да му се молиме на Бог. Ако сме направиле грев, можеме да бараме да ни биде простен на темел на Исусовата откупна жртва, Јеховината милост, нашата наследена несовршеност и тоа што верно сме служеле во минатото. Знаеме дека Јехова покажува незаслужена доброта и затоа можеме да го молиме да ни прости, уверени дека тој навистина ќе ни прости (Ефешаните 1:7).
17. Што треба да направиме ако сме згрешиле и ни е потребна духовна помош?
17 Што ако сме направиле грев, но не можеме да се молиме затоа што сме духовно болни поради гревот? Во врска со ова, ученикот Јаков напишал: „[Таквиот] нека ги повика старешините од собранието, па тие нека се молат за него и нека го намачкаат со масло во името на Јехова. И молитвата упатена со вера ќе го оздрави болниот, и Јехова ќе го подигне. И ако направил гревови, ќе му биде простено“ (Јаков 5:14, 15).
18. Зошто не мора да значи дека направил непростлив грев дури и оној што е исклучен од собранието?
18 Дури и ако некој што направил грев сега-засега не се кае и е исклучен од собранието, не значи дека неговиот грев не може да се прости. Во врска со еден исклучен помазаник од Коринт што направил грев, Павле напишал: „На таквиот му е доволно што е укорен од повеќето. Затоа, напротив, спремно простете му и утешете го, за да не го скрши преголемата жалост“ (2. Коринќаните 2:6-8; 1. Коринќаните 5:1-5). Меѓутоа, за да стекнат повторно добар однос со Јехова, оние што згрешиле треба да ја прифатат библиската духовна помош што ја даваат христијанските старешини и да покажат дека вистински се каат. Тие мора ‚да донесуваат плодови кои одговараат на покајанието‘ (Лука 3:8).
19. Што може да ни помогне да останеме „здрави во верата“?
19 Зошто може да мислиме дека сме згрешиле против светиот дух? Некои фактори може да бидат преосетливата совест или лошото здравје. Во таков случај може да ни помогне тоа што ќе се молиме и добро ќе се одмориме. Особено не смееме да дозволиме Сатана да нѐ обесхрабри, па да престанеме да му служиме на Бог. Бидејќи на Јехова не му е мила смртта на злобниот, сигурно не се радува ни кога ќе изгуби некој од своите слуги. Затоа, ако се плашиме дека сме згрешиле против светиот дух, треба да продолжиме да се храниме од Божјата реч, вклучувајќи ги и утешните стихови од псалмите. Треба да продолжиме да одиме на христијанските состаноци и да ја проповедаме добрата вест за Царството. Тоа ќе ни помогне да бидеме „здрави во верата“ и да не се оптоваруваме со мислата дека сме направиле грев што не може да се прости (Тит 2:2).
20. За што треба да размисли некој за да сфати дека не згрешил против светиот дух?
20 Секој што се плаши дека згрешил против светиот дух би можел да се праша: ‚Дали хулев на светиот дух? Откако се покајав за гревот што го направив, дали престанав да се каам? Дали имам вера дека Бог простува? Дали сум отпадник што ја отфрлил духовната светлина?‘ Сосема веројатно таквиот ќе сфати дека не хулел на Божјиот свет дух ниту, пак, дека станал отпадник. Тој се кае и има цврста вера дека Јехова простува. Ако е така, не згрешил против Јеховиниот свет дух.
21. Кои прашања ќе ги разгледаме во следната статија?
21 Чувствуваме големо олеснување ако сме се увериле дека не сме згрешиле против светиот дух! Меѓутоа, со ова се поврзани и прашањата што ќе ги разгледаме во следната статија. На пример, можеби се прашуваме: ‚Дали навистина ме води Божјиот свет дух? Дали во мојот живот се гледаат неговите плодови?‘
Како ќе одговориш?
• Од каде знаеме дека е можно да се згреши против светиот дух?
• Што значи тоа некој да се кае?
• Кој згрешил против светиот дух кога Исус бил на Земјата?
• Како можеме да престанеме да се оптоваруваме со мислата дека сме направиле грев што не може да се прости?
[Прашања]
[Слика на страница 17]
Оние што рекле дека Исус правел чуда со моќта на Сатана, згрешиле против Божјиот свет дух
[Слика на страница 18]
Иако се одрекол од Исус, Петар не направил непростлив грев