Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Истрајно да го чекаме Јеховиниот ден

Истрајно да го чекаме Јеховиниот ден

Истрајно да го чекаме Јеховиниот ден

„Да ја дополните својата вера со... истрајност“ (2. ПЕТРОВО 1:5, 6).

1, 2. Што е истрајноста, и зошто им е потребна на христијаните?

 ЈЕХОВИНИОТ голем ден е многу близу (Јоил 1:15; Софонија 1:14). Како христијани што се решени да му останат верни на Бог, едвај го чекаме времето кога ќе биде докажано дека Јехова има право да владее над сѐ. Во меѓувреме, се соочуваме со омраза, понижувања, прогонство и смрт заради нашата вера (Матеј 5:10-12; 10:22; Откровение 2:10). За тоа ни треба истрајност — способност да поднесеме неволја. Апостол Петар нѐ поттикнува: „Да ја дополните својата вера со... истрајност“ (2. Петрово 1:5, 6). Потребна ни е истрајност, бидејќи Исус рекол: „Кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13).

2 Освен тоа, нѐ снаоѓаат и болести, жалост и други неволји. Колку би се радувал Сатана ако ја изгубиме нашата вера! (Лука 22:31 32). Со Јеховина помош, можеме да поднесеме различни искушенија (1. Петрово 5:6-11). Да разгледаме неколку искуства од вистинскиот живот што покажуваат дека можеме да го чекаме Јеховиниот ден со истрајност и со несмалена вера.

Болеста не ги запрела

3, 4. Кажи еден пример што покажува дека можеме верно да му служиме на Јехова и покрај болеста.

3 Бог не прави чуда за да нѐ излекува од некоја болест, туку ни дава сила да ја поднесеме болеста (Псалм 41:1-3). „Од кога знам за себе“, рекла Шерон, „јас сум во инвалидска количка. Од раѓање, церебралната парализа ме спречи да му се радувам на детството.“ Кога чула за Јехова и за неговите ветувања за совршено здравје, Шерон се исполнила со надеж. Иако едвај може да зборува и да оди, радосно учествува во христијанската служба. Пред околу 15 години, таа рекла: „Моето здравје ќе биде сѐ послабо, но ме спасува мојата доверба во Бог и моето пријателство со него. Пресреќна сум што сум дел од Јеховиниот народ и што Бог секогаш ми помага!“

4 Апостол Павле ги поттикнал христијаните во Солун ‚да ги тешат потиштените души‘ (1. Солуњаните 5:14). Некои фактори, како што е некое големо разочарување, можат да предизвикаат депресија. Во 1993 год., Шерон напишала: „Се чувствував сосема безвредна... и три години бев во тешка депресија... Утеха и совети ми даваа старешините... Преку Стражарска кула, Јехова нежно ни помогна полесно да ја разбереме тешката депресија. Навистина, тој многу се грижи за својот народ и сфаќа како се чувствуваме“ (1. Петрово 5:6, 7). Шерон сѐ уште верно му служи на Бог додека го чека големиот Јеховин ден.

5. Каков доказ има дека христијаните можат да поднесат прилично голем стрес?

5 Некои христијани се под голем стрес поради она што го доживеале во минатото. Харли бил сведок на жестоки битки во Втората светска војна и имал ноќни кошмари поврзани со војната. Во сон, гласно викал: „Внимавај! Гледај добро!“ Се будел целиот облеан во пот. Меѓутоа, откако го запознал Бог и почнал да живее според неговите мерила, таквите кошмари станале послаби и поретки.

6. Со какви емоционални проблеми се борел еден христијанин?

6 На еден христијанин што имал биполарно растројство му било тешко да проповеда од врата до врата. Меѓутоа, истрајал затоа што сфатил дека службата значи живот за него и за оние што ќе ја прифатат пораката (1. Тимотеј 4:16). Понекогаш не можел да се натера да заѕвони на некоја врата, но тој вели: „По некое време успевав да си ги контролирам емоциите, да појдам на следната врата и повторно да се обидам. Со тоа што продолжив да одам во служба, задржав прилично добро духовно здравје“. Не му било лесно ни да присуствува на состаноците, но овој брат бил уверен дека дружењето со објавителите од собранието многу ќе му користи. Затоа, давал сѐ од себе за да оди на состаноците (Евреите 10:24, 25).

7. Иако некои се плашат да зборуваат во јавност или да присуствуваат на некој состанок, како покажуваат истрајност?

7 Некои христијани имаат фобии — претерано голем страв од некои ситуации или од некои работи. На пример, можеби се плашат да зборуваат во јавност, па дури и да присуствуваат на некој состанок. Замисли си колку им е тешко да коментираат на христијанските состаноци или да одржат говор во Теократската школа за служба! Сепак, тие се истрајни, и многу сме охрабрени од нивното присуство и учество.

8. Што ќе ти помогне кога се справуваш со емоционални проблеми?

8 Потребни се повеќе одмор и спиење за некој да ги издржи емоционалните проблеми. Можеби ќе биде потребна и медицинска помош. Меѓутоа, особено е добро во молитва да се потпира на Бог. „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи“, стои во Псалм 55:22. „Никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“. Затоа, во секоја ситуација „имај доверба во Јехова со сето свое срце“ (Изреки 3:5, 6).

Да се поднесе жалоста

9-11. а) Што може да ни помогне да ја поднесеме болката кога ќе ни умре некој близок? б) Како може да ни помогне примерот на Ана да ја поднесеме жалоста?

9 Кога смртта ќе ги раздели членовите на семејството, големата загуба може да предизвика огромна болка. Авраам ја оплакувал смртта на својата сакана жена, Сара (1. Мојсеева 23:2). Дури и Исус, кој бил совршен човек, ‚почнал да рони солзи‘ кога умрел неговиот пријател Лазар (Јован 11:35). Затоа, сосема е природно да бидеш тажен кога смртта ќе ти одземе некого од најмилите. Меѓутоа, христијаните знаат дека ќе има воскресение (Дела 24:15). Затоа, тие ‚не тагуваат како другите, кои немаат надеж‘ (1. Солуњаните 4:13).

10 Како да ја пребродиме жалоста? Во тоа можеби ќе ни помогне една споредба. Обично не сме тажни долго време ако некој наш пријател отиде на пат, бидејќи очекуваме дека повторно ќе го видиме кога ќе се врати. Ако гледаме слично и на смртта на некој верен христијанин, ќе ни биде полесно иако жалиме, бидејќи знаеме дека ќе воскресне (Проповедник 7:1).

11 Ако потполно се потпираме на „Богот на секоја утеха“, полесно ќе ја поднесеме жалоста (2. Коринќаните 1:3, 4). Исто така, ќе биде добро да размислуваме за она што го направила вдовицата Ана, која живеела во првиот век. Таа останала вдовица откако била во брак само седум години. Но, на возраст од 84 години, сѐ уште му служела на Јехова во храмот (Лука 2:36-38). Таквата побожност сигурно ѝ помогнала да се справи со жалоста и осаменоста. Редовното учество во христијанските активности, вклучувајќи го и делото на проповедање на Царството, може да ни помогне да ја поднесеме жалоста.

Да се издржат различни неволји

12. Кои неволји поврзани со семејниот живот може да ги имаат некои христијани?

12 Некои христијани имаат неволји поради семејни проблеми. На пример, ако едниот брачен другар направил прељуба, тоа може да остави тешки последици врз семејството! Од шок и од болка, изневерениот сопружник можеби не може да спие и неконтролирано плаче. Дури и наједноставните задачи може да предизвикуваат толку голем стрес што лесно се прават грешки или се случуваат незгоди. Недолжниот сопружник можеби не може да јаде, почнува да слабее или има емоционални проблеми. Можеби му е тешко да учествува во христијанските активности. А и децата може да бидат многу погодени!

13, 14. а) Како те охрабрува молитвата што ја кажал Соломон на свеченоста кога се отворал храмот? б) Зошто се молиме за свет дух?

13 Кога имаме такви неволји, Јехова ни ја дава помошта што ни е потребна (Псалм 94:19). Бог ги слуша молитвите на својот народ, како што се гледа од молитвата што ја кажал цар Соломон на свеченоста по повод отворањето на Јеховиниот храм. Соломон го молел Бог: „Секоја молитва, секоја молба за милост со која ти се моли кој и да било човек или сиот твој народ Израел — зашто секој си ја знае болката во своето срце — ширејќи ги во молитва рацете кон овој дом, ти чуј од небото, од своето живеалиште, и прости, постапи според тоа и дај му секому според сите негови патишта, зашто ти го познаваш неговото срце, зашто само ти ги познаваш срцата на сите човечки синови, за да се бојат од тебе во сите денови додека живеат на земјата што им ја даде на нашите прататковци“ (1. Царевите 8:38-40).

14 Особено е добро постојано да се молиме за светиот дух (Матеј 7:7-11). Во плодовите на духот спаѓаат особините како што се радоста и мирот (Галатите 5:22, 23). Колку ни олеснува кога нашиот небесен Татко ќе ни одговори на молитвите — радоста ја потиснува жалоста, а мирот ја заменува вознемиреноста!

15. Кои библиски стихови можат да ни помогнат да бидеме помалку загрижени?

15 Кога мораме да минуваме низ многу тешки моменти во животот што ни предизвикуваат голем стрес, за очекување е до извесна мера да бидеме загрижени. Но, барем дел од таквата грижа може да се намали ако ги имаме на ум овие зборови што ги кажал Исус: „Не бидете загрижени за својот живот, што ќе јадете или што ќе пиете, или за своето тело, што ќе облечете... Затоа, барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“ (Матеј 6:25, 33, 34). Апостол Петар нѐ поттикнува ‚сите свои грижи да ги фрлиме на Бог, зашто тој се грижи за нас‘ (1. Петрово 5:6, 7). На место е да се обидеме да го решиме проблемот. Меѓутоа, откако сме направиле сѐ што сме можеле, не вреди да се секираме туку треба да се молиме. „Префрли му ги на Јехова животните грижи, потпри се на него, и тој ќе ти помогне“, пеел псалмистот (Псалм 37:5).

16, 17. а) Зошто не е можно да бидеме без ниедна грижа? б) Што ќе искусиме ако ги примениме стиховите од Филипјаните 4:6, 7?

16 Павле напишал: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7). Се разбира, не е можно несовршените потомци на Адам воопшто да не бидат загрижени (Римјаните 5:12). Жените на Исав, кои биле Хетејки, ‚им го загорчувале животот‘ на побожните родители на Исав, Исак и Ревека (1. Мојсеева 26:34, 35). Христијаните Тимотеј и Трофим сигурно биле загрижени поради својата болест (1. Тимотеј 5:23; 2. Тимотеј 4:20). Павле го притискала грижа за соверниците (2. Коринќаните 11:28). Но, „тој што ги слуша молитвите“ секогаш е тука за оние што го сакаат (Псалм 65:2).

17 Додека го чекаме Јеховиниот ден, ни помага и нѐ теши „Богот на мирот“ (Филипјаните 4:9). Јехова е „милосрден и љубезен“, тој е ‚добар и спремен да прости‘ и „си спомнува дека сме прав“ (2. Мојсеева 34:6; Псалм 86:5; 103:13, 14). Затоа, да му упатуваме „молитви и молби“, бидејќи само така ќе го имаме „мирот Божји“ — спокојство што е надвор од моќта на човекот да го разбере.

18. Како што стои во Јов 42:5, како е можно да го ‚видиме‘ Бог?

18 Кога ќе добиеме одговор на молитвите, знаеме дека Бог е со нас. Откако Јов издржал многу неволји, му рекол на Јехова: „Досега те знаев од слушање, но сега моето око те гледа“ (Јов 42:5). Со очите на разбирањето, верата и благодарноста, можеме да размислуваме за Божјите постапки со нас и можеме да го ‚видиме‘ како никогаш досега. Таквата блискост ни носи мир во срцето и во мислите!

19. Што ќе се случи ако му ги ‚префрлиме на Јехова сите наши животни грижи‘?

19 Ако му ги ‚префрлиме на Јехова сите наши животни грижи‘, ќе можеме да ги поднесеме неволјите со внатрешен мир што го чува нашето срце и мисли. Длабоко во нашето симболично срце, нема да имаме никаков немир, страв и паника. Мислите нема да ни бидат несредени од збунетост или грижи.

20, 21. а) На кој начин она што му се случило на Стефан ни покажува дека е можно човек да остане спокоен кога е прогонуван? б) Наведи некој пример од поново време за смиреност во неволји.

20 Ученикот Стефан останал спокоен кога имал тежок испит на верата. Пред да го даде последното сведоштво, сите во Судскиот совет ‚виделе дека лицето му е како лице на ангел‘ (Дела 6:15). На лицето му се читало спокојство — му било како на ангел, гласник на Бог. Откако ја разоткрил нивната вина за Исусовата смрт, судиите ‚се разлутиле во своите срца и почнале да чкртаат со забите против него‘. ‚Полн со свет дух, Стефан го вперил погледот кон небото и ја здогледал Божјата слава и Исус како стои од десната страна на Бог‘. Зајакнат од тоа видение, Стефан останал верен до смрт (Дела 7:52-60). Иако ние денес немаме виденија, можеме да го имаме спокојството што го дава Бог кога сме прогонувани.

21 Размисли за чувствата на извесни христијани што настрадале од рацете на нацистите за време на Втората светска војна. Во врска со она што го доживеал на суд, еден од нив рекол: „Ми беше изречена смртната пресуда. Ја чув, и откако си реков ‚биди верен до смрт‘ и уште некои други зборови што ги кажал нашиот Господар, сѐ беше завршено... Но, сега тоа не е важно. Јас чувствувам толку голем мир, толкаво спокојство, што не можете ни да си ги замислите!“ Еден млад христијанин кому требало да му ја отсечат главата им напишал на своите родители: „Помина полноќ. Сѐ уште имам време да се премислам. Но, зар би можел повторно да бидам среќен во овој свет откако ќе се одречам од нашиот Господар? Секако дека не! Сепак, бидете уверени дека го напуштам овој свет среќен и во мир“. Нема никакво сомнение дека Јехова им дава сила на оние што верно му служат.

И ти можеш да истраеш!

22, 23. Во што можеш да бидеш уверен додека истрајно го чекаш Јеховиниот ден?

22 Можеби ти ги немаш неволјите што ги спомнавме. Сепак, богобојазливиот Јов бил во право кога рекол: „Човекот роден од жена има краток век и полн е со немир“ (Јов 14:1). Можеби си родител што дава сѐ од себе за да им даде на своите деца духовно водство. Тие мора да поднесуваат неволји на училиште, но сигурно си многу среќен кога ќе заземат цврст став за Јехова и цврсто се држат за неговите праведни мерила! Веројатно и ти имаш неволји и искушенија на работното место. Меѓутоа, можеш да ги поднесеш овие и други ситуации, бидејќи ‚Јехова секој ден ти го носи товарот‘ (Псалм 68:19).

23 Можеби се сметаш само за еден просечен човек, но имај на ум дека Јехова никогаш нема да го заборави твоето дело и љубовта што ја покажуваш за неговото свето име (Евреите 6:10). Со негова помош ќе можеш да ги поднесеш испитите на верата. Затоа, во твоите молитви и планови вклучи го и вршењето на Божјата волја. Тогаш ќе можеш да бидеш уверен дека Бог ќе те благослови и ќе ти помогне додека истрајно го чекаш Јеховиниот ден.

Како би одговорил?

• Зошто на христијаните им е потребна истрајност?

• Што може да ни помогне да ги поднесеме болеста и жалоста?

• Како ни помагаат молитвите да ги поднесеме неволјите?

• Зошто е можно истрајно да го чекаме Јеховиниот ден?

[Прашања]

[Слика на страница 29]

Ако се потпираме на Јехова, полесно ќе ја поднесеме жалоста

[Слика на страница 31]

Срдечните молитви ни помагаат да ги поднесеме испитите на верата