Прашања од читателите
Прашања од читателите
Бидејќи жетвата официјално почнувала кога сите мажи од Израел присуствувале на Празникот на бесквасните лебови, кој ги жнеел првините од јачменот што требало да се однесат во светилиштето?
Во Мојсеевиот закон, на Израелците им било речено: „Трипати во годината нека дојде секое машко пред Јехова, твојот Бог, на местото што ќе го избере тој: на Празникот на бесквасните лебови, на Празникот на седмиците и на Празникот на сениците“ (5. Мојсеева 16:16). Од времето на цар Соломон, местото што го избрал Бог за таа цел бил храмот во Ерусалим.
Првиот од тие три празници се одржувал во почетокот на пролетта. Бил наречен Празник на бесквасните лебови и почнувал на 15 нисан, еден ден откако ќе се прославела Пасхата, а траел седум дена, сѐ до 21 нисан. На вториот ден од празникот, 16 нисан, почнувала првата жетва во годината, сметано според светиот календар. Тој ден, првосвештеникот требало да земе „сноп од првините“ од жетвата на јачменот и да го заниша пред Јехова во светилиштето (3. Мојсеева 23:5-12). Бидејќи од сите машки се барало да бидат присутни на Празникот на бесквасните лебови, кој го жнеел овој дар што требало да се принесе?
Заповедта да му се принесуваат на Јехова првините од жетвата додека траел Празникот на бесквасните лебови му била дадена на сиот народ. Не се барало од секој поединец да почне да жнее и да ги донесе своите првини во храмот. Наместо тоа, ова требало да го направат само поединечни Израелци избрани за таа цел. Значи, снопот што се принесувал на Празникот на бесквасните лебови можело да го ожнее само една група Израелци што биле испратени да жнеат во некое од блиските полиња со јачмен. Коментирајќи за ова, Encyclopaedia Judaica вели: „Ако јачменот бил зрел, се собирал од околината на Ерусалим, инаку можел да се донесе од кој и да е крај на Израел. Го жнееле тројца мажи, секој со своја коса и кошница“. Потоа, снопот јачмен му се носел на првосвештеникот, кој му го принесувал на Јехова.
Барањето да се принесуваат првините од жетвата им дало на Израелците одлична можност да покажат дека му се благодарни на Бог за тоа што ги благословувал нивните полиња и жетвата (5. Мојсеева 8:6-10). Што е уште поважно, ваквото церемонијално принесување било „сенка на идните благослови“ (Евреите 10:1). Значајно е тоа што Исус Христос бил воскреснат на 16 нисан 33 год. од н.е., на денот кога на Јехова му се принесувале првините од жетвата. Во врска со Исус, апостол Павле напишал: „Христос воскреснал од мртвите, тој е првина од оние што умреле... Но секој по својот ред: Христос како првина, а потоа, за време на неговата присутност, оние што се Христови“ (1. Коринќаните 15:20-23). Снопот од првините што првосвештеникот го занишувал пред Јехова го претставувал воскреснатиот Исус Христос — првиот што бил подигнат од мртвите за да живее вечно. Така, Исус го отворил патот за ослободување на човештвото од гревот и смртта.
[Извор на слика на страница 26]
© 2003 BiblePlaces.com